Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јануари 2015

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ВЛАДА БЕЗ КОРУПЦИЈА

Божјето Царство — некорумпирана влада

Божјето Царство — некорумпирана влада

„На крајот од денот, владините службеници се само обични граѓани, а сите граѓани се производ на општеството.“ Ова го рекол главниот државен инспектор на Никарагва додека објаснувал зошто смета дека е невозможно да се реши проблемот со корупцијата во владата.

Зар не е точно дека, ако човечкото општество е корумпирано, тогаш и секоја влада која е дел од него ќе биде корумпирана? Тоа би значело дека, за да постои влада без корупција, таа не треба да произлегува од човечкото општество. Библијата зборува токму за една таква влада — Божјето Царство, владата за која Исус ги поучил своите следбеници да се молат (Матеј 6:9, 10).

Божјето Царство е реална влада што владее од небото. Тоа ќе ги замени сите човечки влади (Псалм 2:8, 9; Откровение 16:14; 19:19-21). Една од убавите работи што ќе ги донесе Царството е тоа што ќе ја отстрани владината корупција. Да спомнеме шест обележја на Царството што ни го гарантираат тоа.

1. МОЌ

ПРОБЛЕМ: Човечките влади се финансирани од граѓаните, најчесто преку даноци и разни други давачки. За некои службеници ваквиот прилив на пари е искушение да крадат, а други службеници земаат мито од лица кои бараат да им се намалат даноците или другите давачки кон државата. Така работите почнуваат да се вртат во круг — владата ги покачува даноците за да ги надомести тие загуби, а тоа, пак, води до уште поголема корупција. Во такви услови, најголема штета трпат чесните луѓе.

РЕШЕНИЕ: Божјето Царство ја добива својата моќ од Семоќниот Бог, Јехова * (Откровение  11:15). На тоа Царство не му се потребни пари од даноци за да функционира. Наместо тоа, Божјата „голема моќ“ и несебична дарежливост нѐ уверуваат дека Царството великодушно ќе се погрижи за потребите на сите свои поданици (Исаија 40:26; Псалм 145:16).

2. ВЛАДЕТЕЛ

ПРОБЛЕМ: Обидот да се отстрани корупцијата „мора да почне од врвот“, вели Сузан Роуз-Акерман, која беше цитирана во претходната статија. Довербата во владите опаѓа кога тие се обидуваат да ја искоренат корупцијата меѓу полицајците и цариниците, додека во исто време ја толерираат меѓу високите службеници. Освен тоа, дури и еден владетел со највисоки морални мерила е несовршен. Како што вели Библијата: „Нема праведен човек на земјата, кој прави само добро“ (Проповедник 7:20).

Исус го одбил најголемиот поткуп што некогаш бил понуден

РЕШЕНИЕ: За разлика од несовршените луѓе, Исус Христос — кого Бог го избрал за Владетел на Царството — не може да падне на искушението да постапи неисправно. Тоа го покажал кога го одбил најголемиот поткуп што некогаш бил понуден — „сите царства на светот и нивната слава“. Сето тоа му било ветено во замена за еден чин на обожавање на владетелот на овој свет, Ѓаволот (Матеј 4:8-10; Јован 14:30). Дури и кога бил измачуван до смрт, Исус бил толку цврсто решен да остане верен што одбил да се напие од едно опојно средство кое ќе му ја намалело болката, но во исто време можеби ќе го лишело од целосна контрола над неговите сетила (Матеј 27:34). Според тоа, Исус, кого Бог го воскреснал на небото, докажал дека е потполно способен да владее со Царството (Филипјаните 2:8-11).

3. СТАБИЛНОСТ

ПРОБЛЕМ: Во многу земји редовно се одржуваат избори. Теоретски, тоа му овозможува на народот да не гласа за корумпираните службеници и со тоа да ги тргне од власт. Сепак, реалноста е дека предизборните кампањи и самите избори се проткаени со корупција, дури и во таканаречените развиени земји. Богатите можат да ги финансираат предизборните кампањи или да ги поддржат на некој друг начин и така да влијаат врз тоа кој ќе остане и кој ќе дојде на функција.

Џон Пол Стивенс, судија во Врховниот суд на САД, напишал дека таквото влијание е закана „не само за законското функционирање и квалитетот на Владата туку и за довербата на граѓаните во неа“. Не е ништо чудно што многу луѓе во светот сметаат дека политичките партии се најкорумпираните од сите институции.

РЕШЕНИЕ: Бидејќи е стабилна и трајна влада, Божјето Царство отстранува секаква можност за појава на предизборни или изборни нерегуларности (Даниел 7:13, 14). Владетелот е избран од Бог и затоа нема никаква потреба Царството да ја потврди својата власт преку избори ниту, пак,  некој ќе може да го собори од власта. Ваквата стабилност на Царството ни гарантира дека сѐ што прави тоа е за доброто на послушните луѓе.

4. ЗАКОНИ

Божјето Царство е вистинска влада што владее од небото

ПРОБЛЕМ: Можеби ќе помислиш дека работите би се подобриле ако се донесат нови закони. Сепак, експертите заклучиле дека во многу случаи зголемувањето на бројот на закони само ги зголемува можностите за корупција. Освен тоа, трошоците за воведување закони против корупција честопати се многу големи, додека ефектот од нив е многу мал.

РЕШЕНИЕ: Законите на Божјето Царство се многу подобри од законите на човечките влади. На пример, наместо да наведува долг список на дозволени и забранети работи, Исус го кажал Златното правило. Тоа гласи: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). Што е уште поважно, законите на Царството не се однесуваат само на постапките туку и на мотивите на луѓето. „Сакај го својот ближен како себеси“, рекол Исус (Матеј 22:39). Се разбира, бидејќи Бог има способност да ги чита срцата, можеме да бидеме уверени дека тој ќе ги казни оние што нема да се држат дури и за таквите заповеди (1. Самоилова 16:7).

5. МОТИВИ

ПРОБЛЕМ: Зад корупцијата стојат алчноста и личните интереси. Владините службеници и граѓаните често ги покажуваат овие негативни особини. Во врска со зградата што се урнала во Сеул, спомната во претходната статија, владините службеници прифатиле поткуп од изведувачите на градежниот проект кои знаеле дека поевтино ќе поминат ако дадат мито отколку ако користат соодветни градежни материјали и методи на изградба.

За да се отстрани корупцијата, луѓето мора да научат како да ги совладаат вкоренетите мотиви како што се алчноста и себичноста. Меѓутоа, човечките влади немаат ниту желба ниту способност да спроведат една таква образовна програма.

 РЕШЕНИЕ: Божјето Царство ја сече корупцијата во корен со тоа што ги поучува луѓето како да ги надминат погрешните мотиви што водат до неа. * На тој начин тие успеваат ‚да се обновуваат во силата што го задвижува умот‘ (Ефешаните 4:23). Така учат да ги заменат алчноста и себичноста со скромност и искрена заинтересираност за другите (Филипјаните 2:4; 1. Тимотеј 6:6).

6. ПОДАНИЦИ

ПРОБЛЕМ: Дури и да се најдат во најдобрата средина за живеење и да добијат најдобри морални поуки, некои луѓе пак ќе сакаат да бидат нечесни и корумпирани. Експертите тврдат дека токму тоа е причината зошто човечките влади не можат да ја отстранат корупцијата. Единствено на што можат да се надеваат е дека корупцијата нема да добие огромни размери и нема да предизвика катастрофални последици.

РЕШЕНИЕ: Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата наведува дека, за да се изборат со корупцијата, владите треба да се залагаат за „интегритет, чесност и одговорност“. Иако тоа е пофално, Божјето Царство не само што се залага за овие особини туку и ги бара од своите поданици. Во Библијата пишува дека оние што се „алчни“ или „лажливци“ нема да го наследат Божјето Царство (1. Коринќаните 6:9-11; Откровение 21:8).

Луѓето можат да научат да се држат за овие високи морални мерила, како што се гледа од примерот на христијаните од првиот век. На пример, кога еден ученик по име Симон се обидел да купи свет дух од апостолите, тие не сакале да примат поткуп и му рекле: „Покај се поради таа своја злоба!“ Кога Симон сфатил колку е сериозна неговата погрешна желба, ги замолил апостолите да се молат за него да ја совлада (Дела 8:18-24).

КАКО ДА СТАНЕШ ПОДАНИК НА БОЖЈЕТО ЦАРСТВО

Без оглед на тоа од која националност си, имаш можност да станеш поданик на Божјето Царство (Дела 10:34, 35). Како? Тоа можеш да го дознаеш преку образовната програма на Царството, која се спроведува низ целиот свет. На Јеховините сведоци ќе им биде драго да ти покажат како можеш да ја проучуваш Библијата со нив. Овој бесплатен библиски курс би можел да трае и само десет минути седмично. Меѓу другото, така ќе можеш да научиш нешто повеќе за „добрата вест за Божјето царство“ и за тоа како Царството ќе ја отстрани владината корупција (Лука 4:43). Во врска со тоа, зборувај со некој Јеховин сведок во твоето место или посети ја нашата интернет-страница www.jw.org/mk.

Би сакал ли бесплатно да ја проучуваш Библијата?

^ пас. 8 Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.

^ пас. 22 На пример, види ја статијата „Можно ли е да се биде чесен во еден корумпиран свет?“, која излезе во Стражарска кула од 1 октомври 2012.