Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  декември 2014

„Разбирањето го спречува човекот да се гневи“

„Разбирањето го спречува човекот да се гневи“

Кошаркарскиот тренер во еден колеџ е отпуштен поради својот неконтролиран гнев.

Едно дете се разбеснува бидејќи нешто не е по негово.

Една мајка почнува да се расправа со синот затоа што собата не му е средена.

СИТЕ сме виделе гневни луѓе, а без сомнение и самите сме биле обземени од такви чувства. Иако можеби на гневот гледаме како на негативна емоција што треба да се потиснува, честопати сметаме дека имаме оправдана причина да се налутиме, особено кога ни изгледа дека некој постапил неправедно. Една статија што ја издаде Американското здружение на психолози кажува дека гневот дури е „потполно нормална и честопати здрава човечка емоција“.

Тоа гледиште може да ни изгледа разумно ако земеме предвид што напишал апостол Павле под водство на светиот дух. Свесен дека понекогаш човек може да се налути, тој рекол: „Ако се гневите, немојте да грешите. Сонцето да не зајде, а вие сѐ уште да чувствувате лутина“ (Ефешаните 4:26). Со оглед на сево ова, треба ли да го излеваме гневот или треба да направиме сѐ што можеме за да го контролираме?

ТРЕБА ЛИ ДА СЕ ГНЕВИШ?

Кога Павле го дал советот за гневот, очигледно ги имал на ум зборовите на псалмистот, кој напишал: „Ако се вознемирите, немојте да грешите“ (Псалм 4:4). Што сакал да постигне апостол Павле со овој совет? Тој објаснил: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета злоба“ (Ефешаните 4:31). Павле ги охрабрил христијаните да не го излеваат својот гнев. Интересно, статијата што ја издаде Американското здружение на психолози продолжува: „Истражувањето покажа дека излевањето на гневот само ги зголемува чувствата на гнев и агресивност и воопшто не ти помага... да го решиш проблемот“.

Тогаш, како можеме да го ‚отстраниме‘ гневот и штетните последици што ги носи тој? Мудриот цар Соломон од древниот Израел напишал: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи, и чест му е да премине преку престапот“ (Изреки 19:11). На кој начин „разбирањето“ помага кога чувствуваме дека ни навира бес?

КАКО РАЗБИРАЊЕТО ГО СМИРУВА ГНЕВОТ

Разбирањето е способност да се сфати една ситуација. Да имаш разбирање значи да можеш  да видиш под површината на работите. Како тоа ни помага кога сме навредени или испровоцирани?

Кога ќе видиме некоја неправда, може многу да се налутиме. Меѓутоа, ако се поведеме по нашите емоции и реагираме бурно, може да се повредиме и себеси и некој друг. Исто како што една куќа може да изгори во неконтролиран пожар, така и пламењата на гневот можат да го уништат нашиот добар глас и нашите односи со другите, па дури и со Бог. Затоа, ако почувствуваме дека во нас почнува да врие гнев, тоа е знак дека веднаш треба подлабоко да размислиме за ситуацијата. Кога ќе добиеме поцелосна слика за работите, ќе можеме подобро да си ги контролираме чувствата.

Цар Давид, кој му бил татко на Соломон, за малку избегнал да си навлече вина за крв поради еден човек по име Навал. Во тоа успеал откако една личност му помогнала да ја види целосната слика за ситуацијата. Давид и неговите луѓе ги штителе овците на Навал во Јудејската Пустина. Кога дошло време да се стрижат овците, Давид го замолил Навал да му даде храна. Но, Навал одговорил: „Зар да ги земам својот леб, својата вода и стоката, која ја заклав за оние што ми ги стрижат овците, и тоа да им го дадам на луѓе за кои не знам ни од каде се?“ Каква навреда! Кога Давид ги чул тие зборови, со околу 400 мажи тргнал против Навал и неговото домаќинство (1. Самоилова 25:4-13).

Авигеја, жената на Навал, дознала за непријатната случка и тргнала да го пресретне Давид. Кога се видела со него и со неговите луѓе, паднала на коленици и рекла: „Те молам, допушти твојата робинка да прозборува пред тебе и чуј ги зборовите на својата робинка“. Потоа му објаснила на Давид колку е неразумен нејзиниот сопруг Навал и му рекла дека, ако се одмазди и пролее крв, подоцна сигурно ќе се покае (1. Самоилова 25:24-31).

Кои работи што ги кажала Авигеја му помогнале на Давид да ги види работите подлабоко и да ја смири напнатата ситуација? Како прво, тој сфатил дека Навал по природа бил безумен човек и, како второ, сфатил дека може да си навлече вина за крв ако одмаздата ја преземе во свои раце. Исто како Давид, можеби и тебе нешто те налутило. Што треба да направиш во таков момент? „Диши длабоко и број до десет“, стои во една статија за гневот издадена од клиниката Мајо. Значи, треба да запреш малку и да размислиш која е причината за проблемот и какви ќе бидат последиците ако постапиш онака како што мислиш. Дозволи разбирањето да ти го стивне гневот, па дури и сосема да го угасне (1. Самоилова 25:32-35).

Разбирањето и денес им помага на многу луѓе да си го контролираат гневот. Кога имал 23 години, Себастијан лежел во затвор во Полска. Таму научил како да го контролира својот избувлив темперамент проучувајќи ја Библијата. „Прво, размислувам за проблемот“, вели тој. „Потоа, се обидувам да ги применам библиските совети. Увидов дека Библијата е најдобриот водич во животот.“

Библиските совети можат да ти помогнат да ги совладаш силните емоции

Сецуо ја применил истата метода. Тој вели: „Кога некој ќе ме налутеше на работа, веднаш му се развикував. Сега, кога ја проучувам Библијата, наместо да се развикам се прашувам: ‚Чекај, во кого е грешката? Зар не сум јас тој што прави проблем?‘“ Тоа што Сецуо размислувал на ваков начин, му помогнало да се смири и да ги совлада силните емоции што навирале длабоко во него.

Чувството на гнев може да биде многу силно, но советите од Божјата Реч се уште посилни. Ако ги применуваш мудрите совети од Библијата и ако му се молиш на Бог да ти помогне, и ти ќе стекнеш разбирање со кое ќе го намалиш и контролираш својот гнев.

Нешто повеќе

РАЗБУДЕТЕ СЕ!

Како да прекинете со навредите

Што можете да направите ако сте дозволиле навредите да ви го поткопаат бракот?

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Зошто библиските начела се за наше добро?

Исус објаснил зошто ни треба водство и кои две библиски начела се најважни.