Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  декември 2014

Тимгад — еден затрупан град ги открива своите тајни

Тимгад — еден затрупан град ги открива своите тајни

ХРАБРИОТ истражувач не можел да си поверува на сопствените очи. Пред него, од песокот на Алжирската Пустина, ѕиркала римска триумфална порта! Кога Шкотланѓанецот Џејмс Брус дошол до ова откритие во 1765 год., воопшто не помислувал дека стои над урнатините на најголемата римска населба што некогаш била изградена во Северна Африка — древниот град Тамугади, денес наречен Тимгад.

Еден век подоцна, во 1881 год., група француски археолози почнале да ги откопуваат добро зачуваните остатоци од Тимгад. Тие дошле до заклучок дека, иако Тимгад се наоѓал среде пустелија, неговите жители имале многу удобен, па дури и луксузен живот. Но, што ги навело Римјаните да изградат толку богата колонија на едно такво место? И што можеме да научиме од овој древен град и од неговите жители?

СКРИЕНА ПОЛИТИЧКА ЦЕЛ

Кога во првиот век пр.н.е. Римјаните ја прошириле својата власт во Северна Африка, наишле на силен отпор од страна на некои номадски племиња. Што направиле Римјаните за да постигнат мир со локалното население? Најпрво, војниците од Третиот Августовски Легион изградиле голем број утврдени логори и стражарници во пространиот планински предел на територијата на денешен северен Алжир. Подоцна го изградиле градот Тимгад, но со една сосема поинаква цел.

Официјално, Римјаните го изградиле Тимгад за пензионираните ветерани. Но, вистинската причина била да го ослабнат отпорот на локалните племиња. Нивниот план успеал. Удобниот живот во Тимгад наскоро почнал да го привлекува локалното население, кое доаѓало во градот за да ги продава своите производи. Со надеж дека ќе бидат прифатени за жители на Тимгад, каде што можеле да живеат само римски државјани, мнозина од локалните жители доброволно прифаќале да служат 25 години во римската легија. Така ќе можеле да добијат римско граѓанство за себе и за своите синови.

Но, некои Африканци не биле задоволни само со тоа да имаат римско државјанство туку сакале да дојдат до поугледни положби во Тимгад или во некој од другите градови што биле римски колонии. Лукавиот план на Римјаните да се измешаат со локалното население бил толку успешен што по само половина век од изградбата, Тимгад бил населен претежно со Северноафриканци.

КАКО РИМ ГИ ОСВОИЛ СРЦАТА НА ЛУЃЕТО

Пазар со елегантни колонади и со тезги

Како успеале Римјаните за толку кратко време да ги освојат симпатиите на домашното население?  Тие се залагале за еднаквост меѓу граѓаните — принцип кој го застапувал римскиот државник Цицерон. Земјиштето било подеднакво поделено меѓу римските ветерани и жителите со африканско потекло. Градот бил внимателно проектиран, со четириаголни блокови долги по 20 метри, кои ги раздвојувале тесни улички. На граѓаните сигурно многу им се допаѓало тоа што градот бил поделен на еднакви и правилно распоредени блокови.

Како и во многу други римски градови, во пазарните денови жителите се собирале на форумот за да ги чујат најновите вести или за да играат игри. Во некој сув, жежок ден, луѓето од околните сушни планини без сомнение си замислувале како се шетаат под сенката на колонадите или како уживаат во некоја од многуте бесплатни јавни бањи, слушајќи го жуборот на водата. Можеби си замислувале и како разговараат со пријателите додека седат покрај убавите и освежувачки фонтани. Сето ова мора да им се чинело убаво како сон.

Надгробен споменик со тријада од богови на горниот дел

Театарот под ведро небо исто така играл клучна улога во освојувањето на срцето на народот. Со капацитет од преку 3.500 седишта, во него можеле да се соберат бучните мноштва од Тимгад и соседните градови. На сцената, актерите одигрувале римски претстави кои често содржеле насилство и неморал.

И римската религија одиграла своја улога. Подовите и ѕидовите на бањите биле богато украсени со разнобојни мозаици на кои биле прикажани сцени од паганската митологија. Бидејќи капењето претставувало важен дел од секојдневниот живот, жителите постепено се запознале со римските богови и со римската религија. Обидот да се асимилираат Африканците во римската култура бил толку успешен што погребните споменици честопати биле украсени со тријади и од локалните и од римските божества.

УБАВИОТ ГРАД ПАЃА ВО ЗАБОРАВ

Откако императорот Трајан го основал градот во 100 год. од н.е., Римјаните го рашириле производството на жито, маслиново масло и вино низ цела Северна Африка. Наскоро, овој регион станал извор на храна за Рим затоа што го снабдувал целото царство со тие основни прехрамбени продукти. Како и другите колонии, Тимгад цветал под власта на Рим. Со текот на времето, населението на Тимгад толку се зголемило што градот се проширил на огромно подрачје надвор од градските ѕидини.

Градското население и земјопоседниците се богателе од трговијата со Рим, но локалните земјоделци немале голема заработувачка. Во третиот век од н.е., општествените неправди и високите даноци биле повод за бунт меѓу обичните земјоделци. Некои од нив, кои ја прифатиле католичката вера, им се придружиле на донатистите — група таканаречени христијани кои се побуниле против корупцијата во Католичката црква. (Види ја рамката „ Донатистите — дали навистина биле ‚чиста црква‘?“)

После векови верски судири, граѓански војни и напади од страна на варварските племиња, римската цивилизација го изгубила своето влијание врз Северна Африка. До шестиот век  од н.е., Тимгад бил запален и срамнет со земја од страна на локални арапски племиња, а потоа потонал во заборав повеќе од 1.000 години.

„ТОА ТИ Е ЖИВОТ“!

Латински натпис кај форумот, кој гласи: „Да ловиш, да се капеш, да играш, да се смееш — тоа ти е живот!“

На археолозите што ги ископале остатоците на Тимгад им бил интересен еден латински натпис кој го пронашле кај форумот. Тој гласи: „Да ловиш, да се капеш, да играш, да се смееш — тоа ти е живот!“ Еден француски историчар рекол дека од овие зборови „зрачи филозофија на која можеби ѝ недостасува амбиција, но некои сигурно би ја сметале за тајна на мудроста“.

И навистина, извесно време Римјаните живееле на токму таков начин. Апостол Павле, кој живеел во првиот век, спомнал луѓе чија животна филозофија била „да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“. Иако обожавале разни богови, Римјаните живееле само за моменталните телесни задоволства и не размислувале многу за смислата на животот. Павле ги предупредил сохристијаните да се чуваат од таквите луѓе кога рекол: „Не залажувајте се! Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Коринќаните 15:32, 33).

Иако жителите на Тимгад живееле пред околу 1.500 години, гледиштето на луѓето кон животот не се променило многу. Денес многу луѓе живеат само за сегашноста. За нив, гледиштето кон животот што го имале Римјаните изгледа сосема разумно, без оглед на последиците. Сепак, Библијата јасно кажува еден реален факт: „Се менува лицето на овој свет“. Затоа нѐ поттикнува ‚да не го користиме светот во потполност‘ (1. Коринќаните 7:31).

Урнатините на Тимгад потврдуваат дека тајната на среќниот и смисловен живот не се крие во натписот кој долго време бил закопан во песокот на Северна Африка. Напротив, тајната лежи во следниве зборови од Библијата: „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17).