Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  ноември 2014

 РАЗГОВОР НА БИБЛИСКИ ТЕМИ

Кога почнало да владее Божјето Царство? (втор дел)

Кога почнало да владее Божјето Царство? (втор дел)

Следи типичен разговор на еден Јеховин сведок со некој станар. Да речеме дека Кристијан, кој е Јеховин сведок, повторно отишол кај еден човек по име Јован.

СОНОТ НА НАВУХОДОНОСОР — КРАТКО ПОВТОРУВАЊЕ

Кристијан: Мило ми е што пак се гледаме, Јован. Баш убаво што можеме секоја недела да разговараме на некоја библиска тема. * Што има ново кај тебе?

Јован: Сѐ е по старо. Ти како си?

Кристијан: Одлично, фала. Јован, минатиот пат разговаравме за тоа зошто Јеховините сведоци велат дека Божјето Царство почнало да владее во 1914 год. * Видовме дека главниот доказ се наоѓа во пророштвото запишано во четвртото поглавје од библиската книга Даниел. Се сеќаваш ли што беше запишано таму?

Јован: Да, сонот за едно големо дрво што го сонил цар Навуходоносор.

Кристијан: Точно. Навуходоносор сонил едно огромно дрво високо до небото. Тој чул како еден Божји гласник издал наредба дрвото да биде исечено, но пенушката и корењата да останат. По период од „седум времиња“, дрвото требало повторно да порасне. * Кажавме и дека тоа пророштво има две исполнувања. Дали се сеќаваш кое беше првото од нив?

Јован: Мислам тоа што цар Навуходоносор го изгубил разумот, и тоа траело седум години, така?

Кристијан: Токму така. Навуходоносор привремено го изгубил разумот, и затоа неговото владеење било прекинато. Но, во поголемото исполнување на ова пророштво, во извесна смисла Божјето владеење требало да биде прекинато во период од седум времиња. Како што видовме минатиот пат, седумте времиња започнале кога Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е. Оттогаш, на Земјата повеќе немало цареви што владееле со Божјиот народ како претставници на Јехова Бог. Но, откако ќе завршеле седумте времиња, Бог требало да постави нов Владетел над својот народ, кој ќе владеел од небото. Со други зборови, крајот на седумте времиња требало да го означи почетокот на владеењето на Божјето небесно Царство. Минатиот пат видовме кога започнале седумте времиња. Сега останува да одредиме колку долго траеле за да дознаеме кога почнало да владее Божјето Царство. Дали сето ова ти е јасно?

Јован: Да, ама добро што го повтори.

Кристијан: Супер. Сега да одиме малку подлабоко и да видиме колку долго траеле седумте времиња. Јас се потсетив на главните мисли од оваа тема пред да дојдам, па ќе пробам да ги објаснам најдобро што можам.

 ЗАВРШУВААТ СЕДУМТЕ ВРЕМИЊА — ПОЧНУВААТ ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ

Кристијан: Во првото исполнување на пророштвото, кое се однесува на Навуходоносор, седумте времиња очигледно биле седум дословни години. Но, во поголемото исполнување, кое се однесува на Божјето Царство, седумте времиња мора да се многу подолг период од седум дословни години.

Јован: Зошто?

Кристијан: Како прво, нели рековме дека седумте времиња почнале во 607 год. пр.н.е., кога бил уништен Ерусалим. Ако на оваа година додадеме седум дословни години, ќе дојдеме до 600 год. пр.н.е. Но, таа година не се случило ништо значајно во врска со Божјето Царство. Освен тоа, минатиот пат видовме дека Исус, кој живеел неколку века по 607 год. пр.н.е., покажал дека седумте времиња сѐ уште не биле завршени во негово време.

Јован: А, да. Сега се сетив на тоа.

Кристијан: Според тоа, седумте времиња не може да бидат дословни години туку мора да означуваат подолг временски период.

Јован: А колкав период?

Кристијан: Библиската книга Откровение, која е тесно поврзана со книгата Даниел, ни помага да пресметаме колку долго траеле седумте времиња. Од неа дознаваме дека еден период од три и пол времиња трае 1.260 дена. * Седум времиња се двапати по три и пол времиња, што е вкупно 2.520 дена. Дали ова ти е јасно?

Јован: Јасно ми е. Само не сфаќам како покажува дека Божјето Царство почнало да владее во 1914 год.

Кристијан: Да ги поврземе работите. Во библиските пророштва, понекогаш еден ден претставува една година. * Ако секој ден го сметаме како година, седумте времиња ќе изнесуваат 2.520 години. Ако од 607 год. пр.н.е. почнеме да броиме 2.520 години, ќе дојдеме до 1914 год. од н.е. * Така ја добиваме 1914 год. како годината кога завршуваат седумте времиња, односно кога Исус почнал да владее како Цар на Божјето Царство. Впечатливо е тоа што од 1914 год. наваму, во светот почнале да се случуваат значајни настани — токму онака како што Библијата прорекла дека ќе биде во последните денови.

Јован: Кои настани?

Кристијан: Да видиме што пишува во Матеј 24:7. Овде Исус кажал што ќе се случува кога тој ќе почне да владее на небото: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство, и ќе има глад и земјотреси на разни места“. Значи, за тој период Исус прорекол глад и земјотреси. Во текот на изминатиов век, светот се соочи со многу такви неволји, зарем не?

Јован: Така е.

Кристијан: Меѓу другото, во овој стих Исус прорекол дека ќе има и војни за време на неговата присутност како Цар на Божјето Царство. А во библиската книга Откровение, за времето на крајот е проречено дека ќе се случуваат не само локални војни, туку и големи војни во кои ќе бидат вклучени земји од целиот свет. * Се сеќаваш ли кога избувнала Првата светска војна?

Јован: Во 1914 год. Тоа е истата година за која ти ми рече дека Исус почнал да владее! Никогаш не сум ги поврзал овие две работи.

Кристијан: Ако ги склопиме сите делчиња — пророштвото за седумте времиња и некои други библиски пророштва за времето на крајот —  ја добиваме целата слика. Јеховините сведоци се уверени дека Исус почнал да владее како Цар на Божјето Царство во 1914 год. и дека последните денови почнале да течат истата таа година. *

Јован: Ќе ми треба малку време да ми легнат работите.

Кристијан: Сигурно. Како што ти кажав минатиот пат, и мене ми требаше време за да добијам јасна слика. Но, се надевам дека овој разговор барем ти помогна да видиш дека, иако 1914 год. не е конкретно наведена во Библијата, она што Јеховините сведоци го веруваат во врска со таа година има основа во Библијата.

Јован: Секогаш велам дека кај вас многу ми се допаѓа тоа што сите верувања можете да ги потврдите со Библијата. Она што ќе го кажете никогаш не е само лично мислење. Ама, да ти кажам искрено, се прашувам зошто мора да биде толку комплицирано. Зошто Бог едноставно не напишал во Библијата дека 1914 ќе биде годината кога Исус ќе почне да владее на небото?

Кристијан: Тоа е одлично прашање, Јован. Всушност, во Библијата има и многу други работи што не се конкретно наведени. Тогаш, зошто Бог сакал Библијата да биде напишана така што ќе треба да вложиме труд за да ја разбереме? За тоа би можеле да разговараме другпат.

Јован: Договорено.

Дали имаш прашање за кое сакаш да дознаеш каков одговор дава Библијата? Дали сакаш да дознаеш нешто повеќе за Јеховините сведоци и нивните верувања? Следниот пат кога ќе сретнеш некој од нив, слободно прашај го сѐ што те интересира. Сигурно со задоволство ќе ти одговори.

^ пас. 5 Јеховините сведоци нудат бесплатен курс преку кој луѓето можат да го дознаат одговорот на многу прашања во врска со Библијата.

^ пас. 7 Види ја статијата „Разговор на библиски теми — Кога почнало да владее Божјето Царство? — прв дел“, која излезе во Стражарска кула од 1 октомври 2014.

^ пас. 23 Види ја рамката „Дрвото од сонот на Навуходоносор“.

^ пас. 29 Види во поглавје 9 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.