Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  октомври 2014

 БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Мислев дека светот се врти околу мене

Мислев дека светот се врти околу мене
  • РОДЕН: 1951

  • ЗЕМЈА: ГЕРМАНИЈА

  • НЕКОГАШ: БИЛ ГОРД И ПРЕТЕРАНО САМОУВЕРЕН

МОЕТО МИНАТО:

Првите неколку години по моето раѓање, моето семејство живееше во близината на Лајпциг (Источна Германија), недалеку од границата со Чешка и Полска. Кога имав шест години, татко ми најде работа во странство и затоа моравме да се преселиме — прво во Бразил, а потоа во Еквадор.

На 14 години ме испратија во интернатско училиште во Германија. Бидејќи моите родители живееја во далечната Јужна Америка, морав сам да се грижам за себе. Така научив да се потпирам само на себе. Воопшто не ми беше важно како моите постапки влијаат врз другите.

Кога имав 17 години, моите родители се вратија во Германија. Во почетокот живеев под нивни кров. Но, бидејќи бев навикнат да бидам независен, не можев да го трпам авторитетот на родителите. Кога наполнив 18 години, заминав оддома за да живеам сам.

Со текот на времето почнав да станувам сѐ понеспокоен затоа што не можев да најдам смисла во животот. Откако испробав неколку стилови на живеење и бев дел од разни движења, дојдов до заклучок дека најдоброто нешто што можам да го направам во мојот живот е да ја истражувам нашата прекрасна планета пред луѓето да ја уништат.

Заминав од Германија, си купив мотор и тргнав за Африка. Но, по кратко време морав да се вратам во Европа заради некои поправки на моторот. Набргу потоа, патот ме одведе до брегот на Португалија. Таму решив да престанам да патувам со мотор и наместо тоа да патувам со брод.

Ѝ се придружив на една група млади луѓе што се подготвуваа да го препловат Атлантскиот Океан. Тогаш ја запознав мојата идна сопруга, Лори. Најпрво отпловивме до Карипските Острови. Потоа кратко останавме во Порторико, па се вративме во Европа. Сакавме да купиме едреник што ќе можеме да го преуредиме во брод за живеење. Но, нашата потрага заврши по само три месеци, кога бев регрутиран од страна на германската армија.

Поминав 15 месеци во германската морнарица. Во текот на тој период, јас и Лори се венчавме и почнавме да се подготвуваме да продолжиме со нашето патување низ  светот. Кратко пред да заминам во војска, го купивме трупот на едно бротче и, додека служев во армијата, малку по малку од него направивме мало бротче за пловење. Планиравме да живееме во него и да продолжиме да ја истражуваме нашата убава планета. Токму во тој период — откако завршив со воената служба, но пред да ја завршиме работата околу бротчето — нѐ посетија Јеховините сведоци и почнавме да ја проучуваме Библијата со нив.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:

Во почетокот не гледав потреба да направам некои големи промени во животот. Бев венчан со жената со којашто живеев и веќе се имав откажано од пушењето (Ефешаните 5:5). Што се однесуваше до нашите планови да го пропатуваме светот, си мислев дека тоа што сакавме да ги набљудуваме Божјите прекрасни созданија е подвиг за кој вреди да се вложи труд.

Сепак, факт беше дека ми беа потребни промени — особено во мојата личност. Бидејќи бев многу горд и претерано самоуверен, бев целосно сконцентриран на моите способности и успеси. Мислев дека светот се врти околу мене.

Еден ден ја прочитав прочуената Проповед на гората што ја одржал Исус (Матеј, поглавја 5-7). Во почетокот се зачудив кога прочитав за кои луѓе Исус рекол дека се среќни. На пример, тој рекол дека се среќни оние што гладуваат и жедуваат (Матеј 5:6). Се прашував како може да биде среќен некој што се наоѓа во таква тешка ситуација. Како што продолжив да проучувам, сфатив дека сите ние имаме духовни потреби, но треба да сме понизни и да станеме свесни за тие потреби за да можат да ни бидат задоволени. Како што рекол Исус: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3).

Откако почнавме да ја проучуваме Библијата во Германија, јас и Лори се преселивме во Франција, а потоа во Италија. Каде и да одевме, ги наоѓавме Јеховините сведоци. Силен впечаток ми оставија нивното единство и нивната искрена љубов. Видов дека Сведоците навистина се едно меѓународно братство (Јован 13:34, 35). Со текот на времето, јас и Лори се крстивме како Јеховини сведоци.

И откако се крстив, продолжив да правам промени во мојата личност. Со Лори решивме да пловиме крај африканскиот брег, да го препловиме Атлантскиот Океан и да отидеме во Соединетите Држави. Кога се најдовме среде океанот, опкружени со илјадници километри водена површина, сфатив колку сум безначаен во споредба со нашиот величествен Творец. Бидејќи имав доволно време (среде океан нема многу што да се прави), почнав длабоко да ја проучувам Библијата. Особено бев одушевен кога читав за животот на Исус додека бил на Земјата. Тој бил совршен човек чии способности далеку надминувале сѐ што јас би можел да си замислам. Сепак, никогаш не го свртувал вниманието кон себе. Тој не живеел за себе туку за својот небесен Татко.

Сфатив дека Божјето Царство ќе треба да го ставам на прво место во животот

Додека размислував за примерот на Исус, сфатив дека Божјето Царство треба да го ставам на прво место во животот, наместо главно да го правам она што ми е убаво, а за Царството да правам колку што ми остануваат време и сили (Матеј 6:33). Кога со Лори конечно стигнавме на американското копно, решивме да се населиме таму и да се посветиме на службата за Бог.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:

Во минатото, кога се потпирав на себеси, често бев несигурен во врска со одлуките што требаше да ги донесам. Но, сега најдов извор на непогрешлива мудрост што ме води во животот (Исаија 48:17, 18). Освен тоа, мојот живот доби вистинска смисла — да му служам на Бог и да им помагам на другите да го запознаат.

Бидејќи ги применуваме библиските совети, јас и Лори многу си го зајакнавме бракот. Друг благослов ни е нашата мила ќерка, која исто така го сака Јехова.

Не ни беше секогаш лесно во животот. Но решени сме, со помошта од Јехова, да не се откажуваме и да продолжиме да имаме доверба во него (Изреки 3:5, 6).