Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  октомври 2014

 РАЗГОВОР НА БИБЛИСКИ ТЕМИ

Кога почнало да владее Божјето Царство? (Прв дел)

Кога почнало да владее Божјето Царство? (Прв дел)

Следи типичен разговор на еден Јеховин сведок со некој станар. Да речеме дека Кристијан, кој е Јеховин сведок, отишол кај еден човек по име Јован.

‚ТРАГАЈ‘ ПО ЗНАЕЊЕ

Кристијан: Јован, последниот пат кога разговаравме за Библијата, ти ме праша нешто за Божјето Царство. * Сакаше да знаеш зошто Јеховините сведоци веруваат дека Царството почнало да владее во 1914 год.

Јован: Да. Во едно од списанијата што ми ги даде прочитав дека Божјето Царство почнало да владее таа година. Вие велите дека сите ваши верувања ги темелите на Библијата, така?

Кристијан: Да, така е.

Јован: Затоа и се зачудив. Јас ја имам прочитано целата Библија и никаде не видов да се спомнува 1914 год. Освен тоа, на Интернет најдов електронска верзија на Библијата и напишав „1914“ за да пребарам компјутерски. Ама пак ништо — таква година нема.

Кристијан: Добро си направил. Прво, затоа што си ја прочитал целата Библија. Тоа значи дека многу ја цениш таа книга.

Јован: Според мене, нема поважна книга од Библијата.

Кристијан: И јас мислам така. Второ, морам да те пофалам затоа што на твоето прашање одговор си побарал во Библијата. Самата Библија нѐ советува да ‚трагаме‘ по знаење. * Ти го правиш токму тоа.

Јован: Ти благодарам. Интересно ми е да дознавам нови работи. Побарав информации и во книгата што ја проучуваме со тебе и видов дека 1914 год. некако има врска со сонот на еден цар. Ако се сеќавам добро, тој сонувал огромно дрво што било исечено, а потоа пак пораснало.

Кристијан: Точно. Тоа е пророштвото запишано во четвртото поглавје од книгата Даниел. Поврзано е со сонот на вавилонскиот цар Навуходоносор.

Јован: Е да, така се викаше. Да бидам искрен, стопати го прочитав тоа пророштво и пак не можам да сфатам како е поврзано со Божјето Царство или со 1914 год.

Кристијан: Не ме чуди — дури ни пророкот Даниел не го разбрал потполно значењето на она што Бог му рекол да го запише!

Јован: Навистина?

Кристијан: Да. Овде, во Даниел 12:8, тој запишал: „А јас го чув тоа, но не го разбрав“.

Јован: Значи, не е лесно да се разбере.

Кристијан: Всушност, Даниел не можел да ги разбере пророштвата што ги запишал затоа што уште не било дојдено времето што Бог го одредил за тоа. Но, во денешно време, можеме да ги разбереме тие пророштва.

 Јован: Зошто мислиш така?

Кристијан: Па, види што читаме во наредниот библиски стих. Во Даниел 12:9 пишува: „Овие зборови се тајна и запечатени се до времето на крајот“. Тоа значи дека овие пророштва требало да бидат разбрани многу подоцна, во „времето на крајот“. Како што ќе видиме понатаму од книгата што ја проучуваме, сите докази покажуваат дека денес живееме баш во тоа време. *

Јован: Тогаш, можеш ли да ми го објасниш пророштвото на Даниел?

Кристијан: Се разбира.

СОНОТ НА НАВУХОДОНОСОР

Кристијан: За почеток, да спомнеме накратко што сонувал цар Навуходоносор. Потоа ќе објасниме што значи неговиот сон.

Јован: Во ред.

Кристијан: Во сонот, Навуходоносор видел едно огромно дрво високо до небото. Потоа, чул како еден Божји гласник издал наредба дрвото да биде исечено. Меѓутоа, Бог рекол пенушката да остане. По еден период од „седум времиња“, дрвото требало повторно да порасне. * Ова пророштво најпрво се исполнило на самиот Навуходоносор. Иако тој бил моќен цар — како и дрвото што достигало до небото — сепак бил симнат од положбата во период од „седум времиња“. Се сеќаваш ли што се случило со него потоа?

Јован: Не ми текнува.

Кристијан: Нема проблем. Библијата покажува дека Навуходоносор го изгубил разумот, и тоа очигледно траело седум години. За сето тоа време не бил во состојба да владее како цар. Но, на крајот од седумте времиња, на Навуходоносор му се вратил разумот и повторно почнал да владее. *

Јован: Добро, ама каква врска има тоа со Божјето Царство и со 1914 год.?

Кристијан: Кратко кажано, ова пророштво има две исполнувања. Првпат се исполнило кога било прекинато владеењето на цар Навуходоносор. Вторпат се исполнило кога било прекинато Божјето владеење. Значи, второто исполнување е поврзано со Божјето Царство.

Јован: А од каде знаеш дека тоа пророштво има две исполнувања?

Кристијан: Една работа е што самото пророштво укажува на тоа. Според Даниел 4:17, пророштвото било дадено „за да знаат живите дека Севишниот владее над човечкото царство дека го дава кому сака“. Дали го забележа изразот „човечкото царство“?

Јован: Да, пишува дека „Севишниот владее над човечкото царство“.

Кристијан: Одлично. Што мислиш, кој е „Севишниот“?

Јован: Па, најверојатно Бог.

Кристијан: Така е. Од тука гледаме дека ова пророштво не се однесува само на Навуходоносор. Тоа го вклучува и „човечкото царство“, односно Божјето владеење над луѓето. Ова уште појасно се гледа од некои стихови пред и по самото пророштво.

Јован: На кои стихови мислиш?

ГЛАВНАТА ТЕМА НА КНИГАТА ДАНИЕЛ

Кристијан: Книгата Даниел има една главна тема на која често се навраќа. Таа повеќепати кажува дека Бог ќе воспостави едно Царство со кое ќе владее неговиот Син, Исус. На пример, ајде да се вратиме две поглавја назад. Ќе сакаш ли да прочиташ во Даниел 2:44?

Јован: Во ред. „Во деновите на тие цареви, небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека.“

 Кристијан: Фала. Што мислиш, можно ли е овој стих да зборува за Божјето Царство?

Јован: Хм, не сум сигурен.

Кристијан: Овде пишува дека Царството „ќе стои довека“. Такво нешто може да се исполни само на Божјето Царство. Не можеме да го кажеме за некоја човечка влада, нели?

Јован: Па, веројатно не.

Кристијан: Еве уште едно пророштво во книгата Даниел што укажува на Божјето Царство. Запишано е во Даниел 7:13, 14. Во врска со царот што ќе дојде на власт, читаме: „Нему му беа предадени власта, честа и царството за да му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт, која никогаш нема да помине, и неговото царство нема да пропадне“. Дали нешто од ова пророштво ти звучеше познато?

Јован: Да, и тука се спомнува царство.

Кристијан: Точно. Само не какво било царство — забележи дека тоа Царство ќе има власт над „народи, племиња и јазици“. Со други зборови, ова Царство ќе владее над целиот свет.

Јован: На тоа не сум обрнал внимание ама да, така е.

Кристијан: Освен тоа, да видиме што друго вели пророштвото: „Неговата власт е вечна власт, која никогаш нема да помине, и неговото царство нема да пропадне“. Ова звучи многу слично на пророштвото што пред малку го прочитавме во Даниел 2:44, нели?

Јован: Да.

Кристијан: Ајде накратко да повториме што заклучивме досега. Пророштвото од Даниел, поглавје 4, било напишано за да можат луѓето да знаат дека „Севишниот владее над човечкото царство“. Самото тоа веќе покажува дека пророштвото не се однесува само на Навуходоносор, туку дека има и пошироко исполнување. А како што видовме, и на други места во книгата Даниел има пророштва што зборуваат за Божјето Царство со кое ќе владее Божјиот син. Што мислиш, можеме ли да кажеме дека пророштвото од Даниел, поглавје 4, е поврзано со Божјето Царство?

Јован: Мислам да. Само пак не гледам како е поврзано со 1914 год.

‚НЕКА ПОМИНАТ СЕДУМ ВРЕМИЊА‘

Кристијан: Да се вратиме пак на цар Навуходоносор. Како што спомнавме, во првото исполнување на пророштвото тој бил претставен со едно дрво. Неговото владеење било прекинато кога дрвото било пресечено, а пенушката оставена седум времиња — односно кога го изгубил разумот за одреден период. Тој период од седум времиња завршил кога на Навуходоносор му се вратил разумот и повторно почнал да владее. Во второто исполнување на ова пророштво, извесно време требало да биде прекинато Божјето владеење — само не затоа што Бог не владеел добро.

Јован: Како тоа?

Кристијан: Во библиски времиња, за израелските цареви што владееле во Ерусалим се велело дека седеле на „Јеховиниот престол“. * Тие владееле со народот како претставници на Бог. Кога владееле тие цареви, било исто како да владеел Бог. Меѓутоа, со текот на времето, повеќето од нив му станале непослушни на Бог. Исто така, повеќето нивни поданици се повеле по нивниот лош пример. Поради тоа што Израелците станале непослушни, Бог дозволил да бидат поразени од  страна на Вавилонците во 607 год. пр.н.е. Од тој момент, ниту еден цар не го претставувал Јехова во Ерусалим. Во таа смисла, Божјето владеење било прекинато. Дали ти е јасно ова?

Јован: Мислам да.

Кристијан: Е сега, 607 год. пр.н.е. го означила почетокот на седумте времиња, односно периодот кога Божјето владеење ќе било прекинато. На крајот од тие седум времиња Бог требало да постави нов владетел кој ќе бил негов претставник — но овојпат на небото. Тогаш требало да се исполнат и другите пророштва за кои читаме во книгата Даниел. Сега дојдовме до главното прашање: Кога завршиле седумте времиња? Одговорот на тоа прашање ќе ни помогне да дознаеме кога почнало да владее Божјето Царство.

Јован: Сфаќам што сакаш да кажеш — дека тие седум времиња завршиле во 1914 год.

Кристијан: Одлично.

Јован: Ама како дојде до тој заклучок?

Кристијан: Па, додека ја извршувал својата служба на Земјата, Исус покажал дека седумте времиња сѐ уште не завршиле. * Тоа значи дека мора да станува збор за многу долг период. Седумте времиња започнале стотици години пред да дојде Исус на Земјата и продолжиле уште некое време откако тој се вратил на небото. Сети се и дека значењето на пророштвото на Даниел требало да стане јасно дури во „времето на крајот“. * Интересно, кон крајот на 1800-тите, една група луѓе што искрено ја проучувале Библијата биле поттикнати многу внимателно да ги испитаат овие и други пророштва. Тие дошле до заклучок дека седумте времиња требало да завршат во 1914 год. А некои значајни настани што оттогаш се случуваат во светот потврдуваат дека Божјето Царство навистина почнало да владее на небото во 1914 год. Таа година светот влегол во последните денови, односно во времето на крајот. Види, можеби ти дојдоа многу информации одеднаш...

Јован: Баш така. Ова ќе морам да го разгледам уште еднаш, од почеток.

Кристијан: И мене ми требаше време за да ги поврзам сите овие работи. Ама се надевам дека овој разговор барем ти помогна да се увериш дека Јеховините сведоци ги темелат своите верувања за Царството на Библијата.

Јован: Да, и тоа многу ми се допаѓа кај вас.

Кристијан: Гледам дека и ти сакаш она што го веруваш цврсто да се темели на Библијата. Само, како што рековме, оваа тема бара малку повеќе време. Веројатно имаш уште прашања. На пример, утврдивме дека седумте времиња се поврзани со Божјето Царство и дека започнале во 607 год. пр.н.е. Но, од каде знаеме дека завршиле во 1914 год.? *

Јован: Да, и тоа ме интересира.

Кристијан: Самата Библија ни помага точно да одредиме колку долго траеле седумте времиња. Ако сакаш, за тоа можеме да разговараме следниот пат кога ќе дојдам. *

Јован: Може.

Дали имаш прашање за кое сакаш да дознаеш каков одговор дава Библијата? Дали сакаш да дознаеш нешто повеќе за Јеховините сведоци и нивните верувања? Следниот пат кога ќе сретнеш некој од нив, слободно прашај го сѐ што те интересира. Сигурно со задоволство ќе ти одговори.

^ пас. 5 Јеховините сведоци нудат бесплатен курс преку кој луѓето можат да го дознаат одговорот на многу прашања во врска со Библијата.

^ пас. 21 Нешто повеќе можеш да прочиташ во поглавје 9 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 63 Во своето пророштво за последните денови, Исус рекол: „Ерусалим [кој го претставувал Божјето владеење] ќе биде газен од незнабошците додека не се исполнат одредените времиња на незнабошците“ (Лука 21:24). Тоа значи дека Божјето владеење во времето на Исус сѐ уште било во прекин и така требало да биде сѐ до последните денови.

^ пас. 67 Види го додатокот „1914 — значајна година во библиските пророштва“ во книгата Што навистина учи Библијата?

^ пас. 69 Во следната статија од оваа рубрика ќе бидат разгледани библиски стихови што покажуваат колку долго траеле седумте времиња.