Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  септември 2014

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Живот полн со благослови

Живот полн со благослови

Уште од дете ме измачуваа расните предрасуди и стравот од неуспех, а ми пречеше и тоа што бев многу срамежлив. Со надеж дека ќе најдам утеха во Библијата, отидов во блиската католичка црква за да побарам некој што ќе ми помогне да ја разберам таа книга. Бидејќи не добив никаква помош, се посветив на спортот.

Набрзо почнав да се занимавам со гимнастика и бодибилдинг. Со текот на времето отворив вежбалница во Сан Леандро (Калифорнија, САД). Тренирав бодибилдери, меѓу кои беше и еден што ја освои титулата Мистер Америка. Со вежбите постигнав тело со идеална градба, но однатре чувствував празнина.

МОЈАТА ПОТРАГА Е НАГРАДЕНА

Еден пријател од вежбалницата што знаеше дека многу ме интересира Библијата ми предложи да поразговарам со еден негов познајник. Следното утро кај мене дома дојде еден Јеховин сведок. Цели четири часа ми одговараше на прашањата директно од Библијата. Го замолив повторно да дојде истата вечер и разговаравме за Библијата сѐ до полноќ. Бев одушевен од она што го дознав и затоа го прашав дали може следниот ден и јас да појдам со него за да видам како проповеда од врата до врата. Ме восхити тоа што на сите прашања што ќе му ги поставеа луѓето, одговараше читајќи им од Библијата. Одлучив истото да го правам и јас!

Се откажав од бизнисот и почнав да им проповедам на луѓето заедно со овој пионер, како што се нарекуваат полновремените проповедници на Јеховините сведоци. Во мај 1948 год., се крстив на еден конгрес што се одржа во арената Кау Палас, во Сан Франциско (Калифорнија). Подоцна истата година и јас станав пионер.

Во меѓувреме замолив некои од Сведоците да појдат кај мајка ми за да поразговараат и со неа. Таа ја прифати добрата вест и наскоро стана Јеховин сведок. И покрај тоа што најблиските беа против нејзината одлука, таа му остана верна на Бог долги години, сѐ до својата смрт. Никој друг од нашата фамилија не стана Јеховин сведок.

СЕ ЗАПОЗНАВАМ СО МОЈАТА ИДНА СОПРУГА

Во 1950 год. се преселив во Гранд Џанкшон (Колорадо), каде што се запознав со Били. Таа беше родена во 1928 год. и пораснала за време на Големата депресија. Нејзината мајка, Мини, ѝ читала од Библијата секоја вечер на треперливата светлина од газиена ламба. Уште пред да наполни четири години, Били знаела да чита, а знаела и многу библиски приказни напамет. Кон крајот на 1940-тите, мајка ѝ почнала да ја проучува Библијата со Сведоците и дознала дека пеколот не е место на маки, туку симболично место во кое почиваат умрените (Проповедник 9:5, 10). И Мини и нејзиниот сопруг станале Јеховини сведоци.

Откако во 1949 год. го завршила факултетот во Бостон, Били се вратила дома и почнала сериозно да ја проучува Библијата. Наместо да се вработи како наставничка, таа одлучила целиот свој живот да го посвети во службата за Бог. Се крстила во 1950 год. на меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци што се одржал на стадионот  Јенки во Њујорк. По кратко време се запознавме, се венчавме и почнавме заедно да му служиме на Бог во зголемена мера.

Со службата започнавме во Јуџин (Орегон), каде што стекнавме многу доживотни пријатели. Во 1953 год. се преселивме во Грантс Пас (Орегон) за да му помогнеме на тамошното мало собрание. Подоцна истата година бевме поканети на 23. клас на мисионерската школа Гилеад, која се наоѓаше близу Саут Ленсинг, на околу 400 километри северозападно од градот Њујорк.

МИСИОНЕРСКА СЛУЖБА ВО БРАЗИЛ

Во декември 1954 год., пет месеци откако дипломиравме на Гилеад, јас и Били се качивме на еден авион со два пропелера за да стигнеме во Бразил. Еден час откако полетавме, еден од моторите откажа. Сепак, успеавме безбедно да слетаме на Бермудските Острови. По уште едно принудно слетување во Куба и дополнителни 36 часа напорно патување, најпосле стигнавме во подружницата на Јеховините сведоци во Рио де Жанеиро (Бразил).

Првата Сала на Царството во Бауру во 1955 во една изнајмена просторија, и натписот што го напишав

Таму останавме кратко време, а потоа заедно со две други мисионерки отпатувавме за Бауру (Сао Пауло) за да отвориме нов мисионерски дом. Тој град имаше преку 50.000 жители, а ние бевме првите Сведоци.

Веднаш штом почнавме да одиме кај луѓето за да разговараме со нив, католичкиот свештеник почна да се противи на нашата проповедничка активност. Одеше по нас и ги опоменуваше станарите да не нѐ слушаат. И покрај тоа, само по неколку недели почнавме да ја проучуваме Библијата со едно големо семејство. Подоцна сите од нив се крстија. За кратко време почнаа да проучуваат и други луѓе.

Семејството што се крсти имаше роднина кој беше претседател на еден угледен друштвен клуб. Се договоривме да ги користиме објектите на клубот за да одржиме конгрес. Свештеникот упорно бараше да се откаже договорот, но претседателот се состана со членовите на клубот и им рече: „Ако го откажете, јас ќе дадам оставка!“ Така, добивме одобрение да го одржиме конгресот.

Следната година, 1956, бевме поканети на обласниот конгрес во Сантос (Сао Пауло). Скоро 40 Сведоци од нашето собрание отпатуваа дотаму со воз. Откако се вративме во Бауру, во поштенското сандаче најдов писмо со задача да служам како патувачки надгледник, односно да ги посетувам собранијата на Јеховините сведоци. Така започна оваа наша служба што траеше речиси 25 години, во кои го пропатувавме поголемиот дел од огромната територија на Бразил.

За само една година, во Бауру имаше група ревносни објавители на Царството

КАКВА БЕШЕ СЛУЖБАТА

Во тоа време беше многу тешко да се патува. И покрај тоа, ја поминавме речиси целата земја — со автобус, воз, кочија, велосипед или пеш. Еден од првите градови што ги посетивме беше Жау (Сао Пауло). Таму свештеникот остро ни се спротивстави.

„Не смеете да им проповедате на ‚моите овци‘!“, рече тој.

„Тие не се ваши овци“, му одговоривме, „туку на Бог.“

Во една друга прилика имавме направено подготовки за да прикажеме еден филм за нашето проповедничко дело со наслов Општеството на новиот свет во акција, но свештеникот собра толпа луѓе за да нѐ нападнат. Веднаш ја известивме полицијата. Кога во салата пристигнаа свештеникот и неговите луѓе, беа пресретнати од жив ѕид од полицајци со пушки вперени кон нив. Големиот број присутни многу уживаа во филмот.

Таква верска омраза и противење имаше речиси секаде каде што служевме во тоа време.  На пример, во Бруски, близу Блуменау (Санта Катарина), запознавме две пионерки што верно служеа и покрај жестокото противење. Но, нивната истрајност и упорност беа богато наградени. Сега, по повеќе од 50 години, во тоа подрачје има над 60 напредни собранија, како и една прекрасна Конгресна сала во блискиот град Итажаи!

Меѓу најубавите спомени од нашата патувачка служба се моментите кога заедно со нашите браќа и сестри работевме на подготовките за големите конгреси. Во 1970-тите имав чест да служам како надгледник на конгресите што се одржуваа на големиот стадион во Морумби. Околу стотина собранија од околината беа замолени да испратат по десет души за да го исчистат стадионот вечерта пред да се одржи конгресот.

Додека фудбалерите си заминуваа од стадионот таа вечер, некои од нив се потсмеваа: „Видете ги жениве, ќе чистат стадион со метли и крпи“. Сепак, до полноќ целиот стадион беше исчистен! Управникот на стадионот рече: „На моите вработени ќе им требаше цела седмица за да го направат она што вие го направивте за само неколку часа!“

СЕ ВРАЌАМЕ ВО СОЕДИНЕТИТЕ ДРЖАВИ

Во 1980 год. умре татко ми и по кратко време се вративме во Соединетите Држави, во Фремонт (Калифорнија), за да се грижиме за мајка ми. Се издржувавме со тоа што чистевме згради навечер. Продолживме да служиме како пионери и да ги посетуваме Португалците што живееја во таа област. Подоцна се преселивме во Долината Сан Хоакин, која се наоѓаше во близина. Таму ги баравме луѓето што зборуваат португалски јазик, населени низ големото подрачје од Сакраменто до Бејкерсфилд. Денес во Калифорнија има околу десет собранија на португалски јазик.

По смртта на мајка ми во 1955 год., се преселивме во Флорида за да се грижиме за татко ѝ на Били сѐ до неговата смрт. Мајка ѝ почина претходно, во 1975 год. Во 2000 год. се преселивме во високиот пустински предел на југозападен Колорадо, каде што служевме како полновремени проповедници и им сведочевме на домородните Американци од резерватите Навахо и Уте. За жал, Били почина во февруари 2014 год.

Среќен сум што пред повеќе од 65 години сретнав еден Јеховин сведок кој одговори на моите многубројни прашања читајќи ми од Библијата! Особено ми е драго што сѐ испитав внимателно за да бидам сигурен дека она што ми го кажа се темели на Библијата. Тоа ми ја отвори вратата кон живот полн со благослови во службата за Бог.