Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  септември 2014

Дали Законот што Бог им го дал на Израелците бил праведен?

Дали Законот што Бог им го дал на Израелците бил праведен?

ПРЕД некое време, кривичните судови во една западна земја ги прифатиле лажните докази што биле изнесени против двајца мажи обвинети за убиство и ги осудиле на смрт. Кога грешката била откриена, адвокатите се заангажирале околу случајот и успеале да го ослободат едниот од обвинетите. Но, дури и најдобрите адвокати не можеле да сторат ништо за другиот — тој веќе бил погубен.

Правдата може да биде извртена во кој и да било правен систем. Затоа, Библијата поттикнува: „Оди само по правдата“ (5. Мојсеева 16:20). Кога судиите го следат ова упатство, граѓаните се задоволни. Со Божјиот закон, на древниот Израел му бил обезбеден правен систем што се темелел на непристрасност и правда. Да кажеме нешто повеќе за тој Закон за да видиме дали навистина „сите [Божји] патишта се правда“ (5. Мојсеева 32:4).

„МУДРИ, РАЗБОРИТИ И ИСКУСНИ“ СУДИИ

Судиите служат за доброто на народот само ако се способни, чесни и неподмитливи. Законот што Бог им го дал на Израелците налагал судиите да бидат токму такви. Уште на почетокот од патувањето низ пустината, Мојсеј добил совет да побара за судии „луѓе способни, богобојазливи, доверливи, кои мразат неправедна добивка“ (2. Мојсеева 18:21, 22). По 40 години, и самиот Мојсеј нагласил колку е важно на народот да му судат „мудри, разборити и искусни“ судии (5. Мојсеева 1:13-17).

По многу векови, јудејскиот цар Јосафат * им ја дал на судиите следнава заповед: „Внимавајте што правите, зашто не судите во името на некој човек, туку во името на Јехова. Тој е со вас додека судите. Затоа сега бојте се од Јехова. Внимавајте што правите, зашто кај Јехова, нашиот Бог, нема ниту неправда, ниту пристрасност, ниту земање мито“ (2. Летописи 19:6, 7). Со тоа царот ги потсетил судиите дека, ако донесуваат одлуки под влијание на предрасуди или алчност, Бог ќе ги повика на одговорност за штетата што ќе ја предизвикаат.

Кога судиите во Израел се држеле за тие високи мерила, народот се чувствувал заштитен и сигурен. Но, Божјиот закон содржел и упатства што им помагале на судиите да донесуваат праведни одлуки, дури и во најтешките случаи. Кои се некои од тие упатства?

УПАТСТВА ШТО ВОДЕЛЕ ДО ПРАВЕДНИ ОДЛУКИ

Иако оние што биле избрани за судии во Израел требало да бидат мудри и способни, не смееле да донесуваат пресуди потпирајќи се на својата способност или проникливост. Јехова Бог им дал упатства со чија помош можеле да донесуваат исправни одлуки. Да наведеме неколку такви упатства.

Спроведете темелна истрага. Преку Мојсеј, Бог им заповедал на судиите во Израел: „Кога ги сослушувате своите браќа во расправа, судете праведно“ (5. Мојсеева 1:16). Судиите можеле да донесат праведна пресуда само ако ги имале сите факти. Од таа причина, Бог им ја дал следнава заповед на оние што ги решавале судските случаи: „Испитај го тоа, истражи го и темелно распрашај се за тоа“. Судиите најпрво требало да бидат потполно уверени дека  некое обвинение „е вистина“, па дури потоа да ја спроведат казната (5. Мојсеева 13:14; 17:4).

Сослушајте ги сите сведоци. Во секоја истрага биле многу важни изјавите на сведоците. Божјиот закон пропишувал: „Нека не станува еден сведок против некого за каков и да е престап или грев, сеедно каков грев направил тој. Секое тврдење нека биде потврдено со изјавата на двајца или тројца сведоци“ (5. Мојсеева 19:15). На сведоците, Божјиот закон им налагал: „Не шири лажни вести. Не соработувај со злиот, станувајќи сведок што смислува насилство“ (2. Мојсеева 23:1).

Барајте од сведоците да ја кажуваат само вистината. Казната за лажење пред судот служела како предупредување за сите што биле вклучени во процесот. Во Библијата пишува: „Судиите нека спроведат темелна истрага, па ако оној сведок е лажен сведок и ако изнел лажно обвинение против својот брат, направете му така како што тој имал намера да му направи на својот брат. Отстрани го злото од својата средина!“ (5. Мојсеева 19:18, 19). Така, ако некој човек лажел на суд за да добие нечие наследство, ќе бил казнет со тоа што ќе требало да плати толку колку што чинело наследството. Ако сведочел лажно за некој да биде осуден на смрт, иако знаел дека е невин, си го ризикувал животот. Ова упатство давало силен мотив да се зборува само вистината.

Судете непристрасно. Штом ќе ги собереле сите расположливи докази, судиите ги разгледувале за да донесат пресуда. Во тој момент било многу важно да се примени следново упатство од Божјиот закон: „Не судете неправедно. Не биди пристрасен кон сиромавиот и не давај му предност на големецот. Суди му по правда на својот ближен“ (3. Мојсеева 19:15). Во сите случаи, судиите требало да донесат одлука на темел на доказите, а не врз основа на  изгледот или општествената положба на лицата што биле вклучени.

Овие упатства, кои пред многу векови биле јасно наведени во Законот што Бог им го дал на Израелците, можат да се применуваат во судските случаи и во денешно време. Ако судиите се водат по нив, нема да доаѓа до неправедни судски процеси и до извртување на правдата.

Правдата нема да се извртува ако се следат упатствата од Божјиот Закон

ЛУЃЕТО ШТО БИЛЕ ПОД ЗАКРИЛАТА НА ВИСТИНСКАТА ПРАВДА

Мојсеј ги прашал Израелците: „Кој друг голем народ има праведни уредби и закони како што е целиот овој закон што го изнесувам денес пред вас?“ (5. Мојсеева 4:8). Навистина, ниеден друг народ не уживал такви благослови. Додека владеел цар Соломон, кој во младоста совесно ги извршувал Јеховините закони, луѓето ‚живееле без страв‘ и ‚јаделе, пиеле и се веселеле‘ (1. Царевите 4:20, 25).

За жал, со текот на времето Израелците му свртиле грб на Бог. Преку пророкот Еремија, Бог рекол: „Гледај, ја отфрлија Јеховината реч, па каква е тогаш нивната мудрост?“ (Еремија 8:9). Како последица од сето тоа, Ерусалим станал ‚град што е виновен за крв‘, исполнет со „гадости“. На крајот бил уништен и останал опустошен цели 70 години (Езекиел 22:2; Еремија 25:11).

Во текот на својата историја, Израел поминувал низ многу тешки периоди. Во еден таков период живеел и пророкот Исаија. Кога ќе помислел на сѐ што доживеал во минатото, тој можел да каже една голема вистина за Јехова Бог и за неговиот Закон: „Кога Твоите пресуди се извршуваат на земјата, тогаш жителите... се учат на правда“ (Исаија 26:9, Превод на МПЦ).

На своја голема радост, Исаија ја имал честа да прорече како ќе владее месијанскиот Цар, Исус Христос: „Нема да суди според она што го гледа, ниту ќе укорува според она што го слуша. По правда ќе им суди на сиромасите, праведно ќе укорува, бранејќи ги кротките на земјата“ (Исаија 11:3, 4). Колку убав ќе им биде животот на сите оние што ќе му служат на месијанскиот Цар кој ќе владее со Божјето Царство! (Матеј 6:10).

^ пас. 6 Името Јосафат значи „Јехова е судија“.