Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  август 2014

 БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Против неправдите и насилството се борев на свој начин

Против неправдите и насилството се борев на свој начин
  • РОДЕН: 1960

  • ЗЕМЈА: ЛИБАН

  • НЕКОГАШ: КУНГ ФУ ЕКСПЕРТ

МОЕТО МИНАТО:

Пораснав во градот Рмеиш, близу границата меѓу Израел и Либан, во време на граѓанска војна. Многу јасно се сеќавам на експлозиите од копнените мини и на невините жртви што останаа без раце или нозе. Животот беше тежок, а криминалот и насилството беа секојдневие.

Моето семејство одеше во источно-католичката Маронитска црква. Татко ми постојано работеше нешто за да може да го прехрани нашето 12-члено семејство, а мајка ми редовно нѐ носеше во црква. Со текот на времето, почнав да забележувам дека црквата, како и општеството во целина, не успеваше да ги заштити слабите.

Како тинејџер, почнав да се интересирам за кунг фу. Откако поминав низ доста тежок тренинг, можев многу вешто да нанесувам удари со рацете и со нозете, како и да ракувам со оружја што се користат во боречки вештини. Си велев: ,Не можам да ја запрам војната, но можам да ги запрам насилните луѓе‘. Секогаш кога ќе видев тепачка, веднаш се вмешував. Имав многу незгоден темперамент. Малку ми требаше за да избувнам. Ми се плашеа луѓе од целиот јужен Либан бидејќи против неправдите и насилството се борев на свој начин.

Во 1980 год. се придружив на еден кунг фу клуб во Бејрут. Секојдневно паѓаа бомби, гранати и ракети, но јас не прекинав да одам на тренинзите. По цели денови само вежбав, јадев и спиев. Живеев како Брус Ли, актер и шампион во кунг фу. Косата ја носев како него, одев како него и извикував како него додека изведував кунг фу. Никогаш не се смеев.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:

Имав цел да станам професионален кунг фу борец во Кина. Една вечер, додека напорно вежбав за да се подготвам за патувањето во Кина, некој тропна на вратата. Тоа беше еден мој пријател заедно со двајца Јеховини сведоци. Додека стоев облечен во црна облека за тренирање, испотен од глава до пети, им реков: „Не знам ништо за  Библијата“. Ни на крај памет не ми беше дека оттогаш мојот живот многу ќе се промени.

Со помош на Библијата, Сведоците ми објаснија зошто луѓето нема никогаш самите да им стават крај на неправдите и насилството. Ми кажаа дека Сатана Ѓаволот е вистинската причина за таквите проблеми (Откровение 12:12). Бев восхитен од мирот и увереноста што зрачеа од Сведоците. Се одушевив кога ми кажаа дека Бог има свое име (Псалм 83:18). Ми го прочитаа и стихот од 1. Тимотеј 4:8, каде што пишува: „Телесното вежбање малку користи, а оддаденоста на Бог е корисна во секој поглед, бидејќи ветува живот — сегашен и иден“. Тие зборови одиграа значајна улога во мојот понатамошен живот.

За жал, го изгубив контактот со Сведоците бидејќи некој од моето семејство им рекол да не доаѓаат повеќе. И покрај тоа, одлучив да престанам да вежбам кунг фу и да почнам да ја проучувам Библијата. Моите браќа беа против тоа, но јас бев решен да ги најдам Јеховините сведоци и да ја проучувам Библијата со нив.

Ги барав Сведоците, но никако не можев да ги најдам. Некаде во тој период, неочекувано почина татко ми и тоа многу ме разжалости, а се случија и други семејни трагедии. Тогаш работев во една градежна фирма. Еден ден, еден колега по име Адил ме праша зошто сум толку тажен. Почна да ми зборува за воскресението што е ветено во Библијата. Тој беше многу добар и љубезен Сведок, и следните девет месеци покажа голема стрпливост додека ме поучуваше за Библијата.

Како што течеше студијата, почнав да сфаќам дека треба да направам големи промени во мојата личност. Тоа не беше лесно. Отсекогаш бев раздразлив и брзо избувнував. Но, со помош на Библијата научив да се контролирам и да не реагирам на секоја провокација. На пример, во Матеј 5:44 е запишан еден совет што го дал Исус: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“. А во Римјаните 12:19 стои: „Не одмаздувајте се... зашто е напишано: ,Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“. Овие и други библиски стихови ми помогнаа полека да стекнам внатрешен мир.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:

Иако членовите на моето семејство во почетокот беа против тоа да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, постепено почнаа да ги почитуваат Сведоците. Всушност, и еден од моите браќа стана Јеховин сведок, а мајка ми зборуваше позитивно пред другите за нашата вера сѐ до својата смрт.

Друг благослов е мојата мила сопруга Анита. Заедно со неа посветуваме голем дел од нашето време за да им ја проповедаме добрата вест на другите луѓе. Од 2000 год., јас и Анита живееме во Ескилстуна (Шведска), каде што ги поучуваме за Библијата луѓето што зборуваат арапски јазик.

И ден-денес срцето ми се кине од болка кога ќе помислам на луѓето што страдаат поради насилството. Но, сега знам која е вистинската причина за насилството и знам дека наскоро Бог ќе му стави крај. Тоа ме исполнува со радост и мир (Псалм 37:29).

Јас и жена ми радосно проповедаме. Уживаме да им кажуваме на другите за Јехова

Нешто повеќе

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Зошто Бог ги допушта злото и страдањата?

Како се појавило злото и зошто Бог го допушта? Ќе им дојде ли некогаш крај на страдањата?