Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јули 2014

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЗОШТО НА ДОБРИ ЛУЃЕ ИМ СЕ СЛУЧУВААТ ЛОШИ РАБОТИ?

На добри луѓе им се случуваат лоши работи — зошто?

На добри луѓе им се случуваат лоши работи — зошто?

Со оглед на тоа што Јехова Бог * е Творецот на сѐ што постои и е семоќен, многу луѓе доаѓаат до заклучок дека тој е одговорен за сѐ што се случува во светот, вклучувајќи ги и сите лоши работи. Меѓутоа, прочитај што пишува во Библијата за вистинскиот Бог:

  •  „Јехова е праведен на сите свои патишта“ (Псалм 145:17).

  •  „Сите [Божји] патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив“ (5. Мојсеева 32:4).

  •  „Јехова е полн со сочувство и милосрден“ (Јаков 5:11).

Бог не ги предизвикува лошите работи. А дали наведува други личности да извршуваат зли дела? Во никој случај. Во Светото писмо пишува: „Никој, кога ќе се најде во искушение, нека не вели: „Бог ме искушува“. Зошто? Затоа што „Бог не може да се искуша со зло, а и тој никого не искушува со зло“ (Јаков 1:13). Бог не искушува никого со тоа што би го навел да прави нешто лошо. Освен тоа, тој не ги предизвикува лошите работи ниту, пак, наведува некого да прави нешто лошо. Тогаш кој — или што — е причината за лошите работи?

НА ПОГРЕШНО МЕСТО ВО ПОГРЕШНО ВРЕМЕ

Во врска со една причина зошто луѓето страдаат, Библијата вели: „Времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого“ (Проповедник 9:11). Кога ќе се случи некој неочекуван настан или несреќа, дали некој ќе настрада или не главно зависи од тоа на кое место се нашол во тој момент. Пред скоро 2.000 години, Исус Христос спомнал една несреќа во која загинале 18 души кога врз нив се урнала една кула (Лука 13:1-5). Тие не загинале затоа што направиле нешто лошо во животот туку едноставно затоа што се нашле под кулата токму во моментот кога таа паднала. Во поново време, во јануари 2010 год. Хаити беше погоден од силен земјотрес. Владата на оваа земја извести дека имало преку 300.000 жртви. Сите тие луѓе го изгубиле животот без разлика на тоа кои биле. Исто така, секој човек и во секое време може да биде погоден од некоја болест.

Зошто Бог дозволува на добри луѓе да им се случуваат лоши работи?

Можеби некој ќе рече: ‚Зар Бог не може да ги спречи таквите несреќи? Зар не може да ги заштити добрите луѓе од несреќи?‘ За да го направи тоа, Бог треба однапред да знае кога и каде ќе се случи нешто лошо. Се разбира, Бог е способен да ја предвиди иднината. Но, на место е да се прашаме: Дали Бог неограничено ја користи оваа своја способност? (Исаија 42:9).

Библијата вели: „Бог е на небесата: сѐ што ќе посака — извршува“ (Псалм 115:3, Радосна Вест). Јехова го прави само она што смета дека треба да се направи — а не сето она што  е способен да го направи. Истото важи и за работите што одлучува да ги предвиди. На пример, откако злото се раширило во древните градови Содом и Гомор, Бог му рекол на Авраам: „Решив да слезам за да видам дали навистина го прават тоа поради кое доаѓа поплаката до мене, а ако не е така, да знам“ (1. Мојсеева 18:20, 21). Извесно време Јехова избрал да не знае до кој степен стигнало злото во тие два града. Значи, Бог може да одлучи да не дознае сѐ однапред (1. Мојсеева 22:12). Тоа воопшто не значи дека тој е несовршен или дека има слабости. Бидејќи „делото му е совршено“, Бог ја користи својата способност да ги предвиди работите само кога тоа е потребно за да се исполни неговата намера; тој никогаш не ги присилува луѓето на нешто * (5. Мојсеева 32:4). Значи, што може да заклучиме? Едноставно кажано, Бог го користи своето предзнаење селективно и промислено.

Зошто Бог не ги штити добрите луѓе од криминал?

ДАЛИ СЕ ВИНОВНИ ЛУЃЕТО?

Дел од вината за тоа што се случуваат лоши работи носат и самите луѓе. Библијата опишува кои работи може да ги водат луѓето до лоши постапки. „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев, а гревот, кога е направен, донесува смрт“ (Јаков 1:14, 15). Кога луѓето постапуваат во склад со своите неисправни желби, имаат лоши последици (Римјаните 7:21-23). Како што покажува историјата, луѓето извршиле ужасни злосторства и предизвикале неописливи страдања. Освен тоа, злобните луѓе може да влијаат и врз другите и да ги расипат (Изреки 1:10-16).

Луѓето извршиле ужасни злосторства и предизвикале неописливи страдања

Треба ли Бог да преземе нешто за да ги спречи луѓето да прават лоши работи? Размисли за тоа како е создаден човекот. Библијата вели дека Бог го создал човекот сличен на себеси. Според тоа, луѓето можат да ги покажуваат истите особини што ги има Бог (1. Мојсеева 1:26). На луѓето им била дадена слободна волја и затоа можат сами да одлучат дали ќе го сакаат Бог и дали ќе му бидат верни така што ќе го прават она што е исправно во негови очи (5. Мојсеева 30:19, 20). Кога Бог би ги присилил луѓето да постапат на одреден начин, тоа би значело дека им ја одзема слободната волја. Во таков случај, луѓето би биле исти како роботи, односно би постапувале онака како што се програмирани! Истото важи и за верувањето во судбина, односно дека сѐ што ќе ни се случи веќе е предодредено. Колку радосни треба да бидеме што Бог ни дал право сами да одлучуваме како ќе постапуваме! Но, тоа не значи дека лошите работи што се последица на човечките грешки и лоши одлуки ќе траат засекогаш.

 ДАЛИ СТРАДАЊЕТО Е РЕЗУЛТАТ НА КАРМА?

Ако на некој хиндус или будист му го поставиш прашањето од насловната страница на ова списание, веројатно ќе го добиеш следниов одговор: „На добри луѓе им се случуваат лоши работи поради законот на кармата. Тие луѓе ги жнеат последиците од она што го правеле во претходните животи“. *

Во врска со учењето за карма, корисно е да се знае што вели Библијата за смртта. Во рајската градина, каде што биле создадени првите луѓе, Творецот му рекол на првиот човек, Адам: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост. А од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17). Ако Адам не му згрешел на Бог, ќе живеел вечно. Смртта дошла како казна за прекршувањето на Божјата заповед. Потоа, кога почнале да се раѓаат деца, ‚смртта се проширила на сите луѓе‘ (Римјаните 5:12). Затоа, може да се каже дека „платата за гревот е смрт“ (Римјаните 6:23). Исто така, Библијата објаснува: „Оној што умрел, ослободен е од својот грев“ (Римјаните 6:7). Со други зборови, луѓето не плаќаат за своите гревови откако ќе умрат.

Според милиони луѓе денес, причината зошто има толку многу страдања лежи во кармата. Овие луѓе обично го прифаќаат своето страдање, како и страдањето на другите, без да се вознемируваат многу околу тоа. Но, останува фактот дека ова учење не дава никаква надеж дека ќе престанат да се случуваат лоши работи. Според него, единственото олеснување за човекот е ако успее да се ослободи од циклусите на повторно раѓање преку исправно поведение и посебно спознание. Се разбира, ваквите верувања се многу поинакви од она што го пишува во Библијата. *

ГЛАВНАТА ПРИЧИНА!

Дали си знаел дека главниот виновник за страдањата е „владетелот на светот“, односно Сатана Ѓаволот? (Јован 14:30)

Главната причина за лошите работи не се луѓето. Сатана Ѓаволот, кој во почетокот бил верен ангел на Бог, ‚не останал постојан во вистината‘ и го втурнал светот во грев (Јован 8:44). Тој подбуцнал побуна во рајската градина (1. Мојсеева 3:1-5). Исус Христос го нарекол „Злобниот“ и „владетелот на светот“ (Матеј 6:13; Јован 14:30). Поголемиот дел од луѓето постапуваат онака како што ги поттикнува Сатана — не обрнуваат внимание на Јеховините мерила и совети (1. Јованово 2:15, 16). „Целиот свет е под власта на Злобниот“, стои во 1. Јованово 5:19. Освен тоа, има и други духовни суштества што станале злобни и му се придружиле на Сатана. Библијата открива дека Сатана, заедно со неговите демони, „го заведува целиот свет“ и создава тешкотии по целата Земја (Откровение 12:9, 12). Според тоа, главниот виновник за злобата е Сатана Ѓаволот.

Јасно е дека Бог не е виновен за лошите работи што им се случуваат на луѓето и дека не ги предизвикува нивните страдања. Напротив, Бог ветил дека ќе ја отстрани сета злоба, а за тоа можеш да прочиташ во следната статија.

^ пас. 3 Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.

^ пас. 11 За да дознаеш зошто Бог и понатаму го дозволува злото, види во поглавје 11 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 16 За да дознаеш нешто повеќе за потеклото на законот на кармата, види на страници 8-12 од брошурата Што ни се случува кога ќе умреме?, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 18 За да дознаеш што вели Библијата за состојбата на мртвите и за тоа каква е надежта за оние што умреле, види во поглавја 6 и 7 од книгата Што навистина учи Библијата?

Нешто повеќе

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Зошто Бог ги допушта злото и страдањата?

Како се појавило злото и зошто Бог го допушта? Ќе им дојде ли некогаш крај на страдањата?