Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јуни 2014

Што е со мртвите што не чуле за Исус?

Што е со мртвите што не чуле за Исус?

ПРЕД некое време, една статија во корејскиот весник The Chosun Ilbo ја подбуди љубопитноста на мнозина. Нејзиниот наслов гласеше: „Дали ‚прекрасната Шим Чон‘, која никогаш немаше слушнато за Исус, отиде во пеколот?“

Оваа статија предизвика голем интерес затоа што Шим Чон е омилен лик од една корејска народна приказна. Таа си го жртвувала животот за да му помогне на својот слеп татко. Низ годините, народот за неа кажувал многу пофални работи. Всушност, во Кореја, терминот „Шим Чон“ станал синоним за добра ќерка.

На многу луѓе, мислата дека една таква личност е казнета со пекол само затоа што не била крстена христијанка им изгледа неправедна, па дури и одбивна. Всушност, во тоа време никој во нејзиното село немал слушнато за Христос.

Статијата содржела и интервју со еден свештеник. Му било поставено прашањето дали оние што умреле без да чујат за Исус ќе одат во пеколот. Свештеникот одговорил: „Не знаеме, ама мора да има некакво Божје провидение [за тие луѓе]“.

УСЛОВ ЗА СПАСЕНИЕ

Во една католичка енциклопедија пишува: „Крштавањето е неопходно за да се добие спасение. Како што рекол и самиот Христос, ако некој не се роди повторно со вода и со свет дух, не може да влезе во Божјето Царство (Јован 3:5)“. Поради тоа, некои веруваат дека некрстените луѓе по својата смрт одат во пекол или страдаат на некој друг начин.

Меѓутоа, за многу други луѓе ова верување е бесмислено. Милиони умреле без да знаат нешто за Библијата. Дали тие заслужуваат да бидат вечно мачени? Што вели Библијата во врска со тоа?

КАКВА НАДЕЖ ДАВА БИБЛИЈАТА

Библијата јасно покажува дека за Бог се вредни дури и луѓето што не ги знаеле неговите барања додека биле живи. Во Дела 17:30 стои: „Бог не се обѕира на времињата на таквото незнаење“. Тогаш, каква надеж дава Библијата за оние што умреле, а немале можност да го запознаат Бог?

Што значи ветувањето на Исус: „Ќе бидеш со мене во Рајот“?

Одговорот го наоѓаме во разговорот меѓу Исус и злосторникот што умирал крај него. Тој човек му рекол на Исус: „Сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство“. Што му одговорил Исус? „Вистина, ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:39-43).

Дали Исус му ветил дека ќе оди на небото? Не. Тој човек не бил ‚роден повторно‘ со вода и со дух, што било услов да се влезе во небесното Царство (Јован 3:3-6). Наместо тоа, Исус му ветил на злосторникот дека ќе живее повторно, но во Рајот. Бидејќи бил Евреин, тој човек веројатно знаел за рајот на Земјата, односно за еденската градина, која е опишана во првата библиска книга (1. Мојсеева 2:8). Исусовото ветување му дало сигурна надеж дека ќе воскресне во рајот, кој ќе биде повторно воспоставен на Земјата.

Всушност, во Библијата пишува дека ќе има воскресение на „праведните и неправедните“ (Дела 24:15). „Неправедните“ се оние што не живееле според Божјите праведни мерила затоа што не ги знаеле. Исус ќе го воскресне неправедниот злосторник што зборувал со него, како и милиони луѓе, а можеби дури и милијарди, што умреле без да го запознаат Бог. Тогаш, на рајската Земја, ќе научат кои се Божјите мерила и ќе имаат можност да покажат дека вистински го сакаат Бог со тоа што ќе ги слушаат неговите заповеди.

ВОСКРЕСЕНИЕ НА НЕПРАВЕДНИТЕ

Откако ќе воскреснат неправедните, дали ќе им биде судено врз основа на она што го  правеле во минатото? Не. Во Римјаните 6:7 пишува: „Оној што умрел, ослободен е од својот грев“. Неправедните што умреле, платиле за своите гревови со својата смрт. Според тоа, ќе им биде судено на темел на она што ќе го прават откако ќе воскреснат, а не на темел на она што го правеле пред да умрат, кога не го познавале Бог. Какви благослови ќе добијат?

По нивното воскресение, неправедните ќе имаат можност да учат за Божјите закони, кои ќе бидат откриени со отворањето на симболичните свитоци. Тогаш ќе им биде судено „според нивните дела“, односно врз основа на тоа дали ќе постапуваат според Божјите закони (Откровение 20:12, 13). За многу од неправедните тоа нема да биде втора шанса туку прва вистинска прилика да добијат вечен живот на Земјата со тоа што ќе ја дознаат и ќе ја вршат Божјата волја.

Ова библиско учење им помогнало на многу луѓе повторно да стекнат вера во Бог. Тоа било случај и со Јон Суг, која пораснала како католик. Некои членови на нејзиното семејство биле свештеници. Бидејќи сакала да стане калуѓерка, отишла во еден манастир. Меѓутоа, по некое време заминала од манастирот затоа што се разочарала од она што го видела таму. Освен тоа, не можела да го прифати учењето за пекол затоа што сметала дека би било сосема неправедно и сурово некој да ги мачи луѓето во оган.

Во тоа време, една жена која била Јеховин сведок ѝ ги покажала на Јон Суг следниве зборови што се запишани во Библијата: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо, и за нив повеќе нема плата“ (Проповедник 9:5). Сведоците ѝ помогнале да сфати дека нејзините предци не се мачат во пекол. Наместо тоа, тие се во смртен сон и чекаат воскресение.

Јон Суг знаела дека многу луѓе никогаш не ја чуле вистината од Библијата. Затоа, сериозно ги сфатила Исусовите зборови од Матеј 24:14, каде што пишува: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“. Денес Јон Суг ја проповеда добрата вест и им кажува и на други за прекрасната надеж што ја стекнала читајќи ја Библијата.

„БОГ НЕ Е ПРИСТРАСЕН“

„Бог не е пристрасен“, пишува во Библијата, „туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Секој од нас може да очекува таква совршена правда од Бог, кој „ги сака праведноста и правдата“ (Псалм 33:5).