Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јуни 2014

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ШТО МИСЛИ БОГ ЗА ПУШЕЊЕТО

Што мисли Бог за пушењето?

Што мисли Бог за пушењето?

Наоко, која беше спомната во претходната статија, раскажува како ја победила својата зависност од пушење. „Успеав да си го променам животот откако дознав какви особини и каква намера има Бог“, вели таа. Она што го дознала Наоко е запишано во Библијата. Иако во Божјата Реч никаде не се спомнува тутун, таа ни открива што мисли Бог за пушењето. * Токму тоа им помогнало на мнозина да престанат да пушат или воопшто да не почнат да пушат (2. Тимотеј 3:16, 17). Да спомнеме три добро познати штетни последици од пушењето и да видиме што вели Библијата за нив.

ПУШЕЊЕТО СОЗДАВА ЗАВИСНОСТ

Тутунот содржи никотин, една од супстанциите што создаваат најголема зависност. Тој има стимулативно и смирувачко дејство, а со пушењето брзо и постојано доаѓа до мозокот. Бидејќи со секој внесен дим се прима по една доза никотин, пушачот што троши просечно по една кутија цигари на ден вдишува околу 200 дози никотин дневно, што е поголемо количество отколку при употребата на која и да е друга дрога. Поради тоа што дозите се примаат толку често, никотинот лесно создава зависност. Пушачот што станал зависник доживува симптоми на одвикнување ако не внесе никотин.

„Робови сте му на оној кого го слушате“ (Римјаните 6:16)

Дали навистина го слушаш Бог ако им робуваш на цигарите?

Библијата ни помага да дојдеме до исправно гледиште за пушењето. Во неа стои: „Не знаете ли дека, ако му се предавате некому во ропство и се обврзувате на послушност, робови сте му на оној кого го слушате?“ (Римјаните 6:16). Според тоа, кога желбата за тутун ќе почне да преовладува со нечие размислување и постапување, за кратко време тој ќе стане роб на една многу штетна навика. Но Бог, чие име е Јехова, не сака да им робуваме ниту на навики што се штетни за нашето тело, ниту на навики што го валкаат нашиот дух, односно нашите мисли и ставови (Псалм 83:18; 2. Коринќаните 7:1). Затоа, кога ќе стекнеме љубов и ценење кон Јехова, ќе сфатиме дека тој го заслужува најдоброто од нас и дека не можеме да му го даваме најдоброто од себе доколку во исто време ѝ робуваме на една смртоносна навика. Ако мислиме на тоа, ќе имаме сила да им речеме ‚не‘ на штетните навики.

Олаф, кој живее во Германија, почнал да пуши на 12-годишна возраст. Но, по 16 години успеал да ја победи својата зависност. Тој вели: „Првата цигара беше како безопасна топка снег. Но, со текот на годините таа топка прерасна во огромна лавина. Еднаш останав без цигари. Ми беше толку тешко што ги собрав сите догорчиња од пепелникот, го изронив тутунот од нив и го свиткав во цигара од парче весник. Сега сфаќам колку ниско паднав во тој момент“. Како успеал да прекине со оваа лоша навика? „Најголем мотив ми беше желбата да го израдувам  Јехова“, вели тој. „Тоа што Јехова нѐ сака и ни дава надеж за иднината ми ја даде потребната сила еднаш засекогаш да расчистам со тој порок.“

ПУШЕЊЕТО Е ШТЕТНО ЗА ТЕЛОТО

„Научно е докажано дека пушењето цигари... е штетно за речиси секој орган од телото и го зголемува ризикот од болести и смрт“, пишува во книгата The Tobacco Atlas. Добро е познато дека пушењето предизвикува непреносливи болести, како што се ракот и срцевите и белодробните заболувања. Но, според Светската здравствена организација (СЗО), пушењето е една од главните причини за смрт и од преносливи болести, како што е туберкулозата.

„Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37)

Дали покажуваш љубов и почит кон Бог ако со штетни навики го валкаш телото што ти го дал тој?

Преку својата Реч, Библијата, Јехова Бог нѐ учи да имаме исправно гледиште за нашиот живот, за нашето тело и за нашите умствени способности. Неговиот Син, Исус, го нагласил тоа кога рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Значи, Бог сака нашиот живот и тело да служат за корисни цели и да цениме што ги имаме. Ако го запознаеме Јехова и дознаеме нешто повеќе за неговите ветувања, ќе го засакаме и ќе почнеме да го цениме сето она што го направил за нас. Тоа ќе ни даде мотив да се чуваме од сѐ што го валка телото.

Џајавант, лекар од Индија, пушел цели 38 години. Тој вели: „Во медицинските списанија читав колку е опасно да се пуши. Верував дека е така и на моите пациенти им советував да се откажат од цигарите. Но, јас не успеав во тоа, иако се обидов пет-шест пати“. Што му помогнало сепак да ги остави цигарите? Тој рекол: „Престанав да пушам затоа што почнав да ја проучувам Библијата. Желбата да му угодам на Јехова ми го даде потребниот мотив што побрзо да ја оставам таа навика“.

ПУШЕЊЕТО ИМ ШТЕТИ И НА ДРУГИТЕ

Чадот што го издишуваат пушачите и чадот од запалена цигара содржат отрови. Вдишувањето таков чад може да предизвика рак и други заболувања. Секоја година овој чад убива 600 илјади непушачи, од кои најголем број се жени и деца. Во еден извештај, СЗО предупредува: „Не постои количество на чад од цигари кое може да се внесе во организмот без да му наштети“.

„Сакај го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:39)

Дали навистина ги сакаш своите ближни и своето семејство ако ги изложуваш на штетниот чад од цигарите?

 Исус кажал дека љубовта кон ближниот — кон нашето семејство, пријателите и другите луѓе — доаѓа веднаш по љубовта кон Бог. Тој рекол: „Сакај го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:39). Ако имаме некоја навика што им штети на оние околу нас, не покажуваме доволно љубов кон нив. Вистинската љубов ќе нѐ поттикне да го послушаме библискиот совет: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24).

Армен, кој живее во Ерменија, вели: „Сите од моето семејство ме молеа да не пушам затоа што цигарите им пречеа. Но, јас не сакав да се соочам со фактот дека мојата зависност од цигари им штети“. Што му помогнало да почне да размислува поинаку? Тој вели: „Она што го научив од Библијата, како и љубовта кон Јехова, ми помогна да престанам да пушам и да признаам дека пушењето не ми штетеше само мене туку и на оние околу мене“.

ЗАСЕКОГАШ КРАЈ НА ПУШЕЊЕТО!

Она што Олаф, Џајавант и Армен го научиле од Библијата им помогнало да прекинат со една лоша навика која била штетна и за нив и за другите. Тие не успеале само затоа што знаеле дека пушењето е штетно туку и затоа што го засакале Јехова и имале желба да го прават она што е исправно. Љубовта кон Бог е клучот за успехот. Тоа го потврдуваат и зборовите од 1. Јованово 5:3, каде што пишува: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“. Се разбира, нема секогаш да биде лесно да се следат библиските начела. Но, кога човек е мотивиран од силна љубов кон Бог, нема да му биде тешко да биде послушен.

Денес, низ целиот свет се врши едно образовно дело со кое Јехова Бог им помага на милиони луѓе да се ослободат од зависноста од цигари или воопшто да не станат робови на таа навика (1. Тимотеј 2:3, 4). Преку своето Царство, кое претставува небесна влада на чело со неговиот Син, Исус Христос, тој наскоро ќе го отстрани алчниот трговски систем што фатил милиони луѓе во замката на пушењето. Јехова засекогаш ќе ѝ стави крај на епидемијата на пушењето. Тогаш, послушните луѓе ќе имаат совршено тело и совршен ум (Исаија 33:24; Откровение 19:11, 15).

Ако водиш борба да престанеш со пушењето, не се откажувај. Тоа што ќе го засакаш Јехова и ќе го прифатиш неговото гледиште за пушењето ќе ти помогне да најдеш мотив да успееш. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да ти помогнат да ги дознаеш и да ги примениш библиските начела. Биди уверен дека, ако сакаш Јехова да ти помогне да се откажеш од цигарите, тој ќе ти даде сила да успееш во тоа (Филипјаните 4:13).

^ пас. 3 Во оваа статија, кога се зборува за пушењето се мисли на вдишување чад директно од цигари, пури, лулиња или наргиле. Меѓутоа, начелата што се изнесени важат и за џвакањето тутун, бурмутот, електронските цигари што содржат никотин и слично.