Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јуни 2014

Тројца трагачи по вистината во 16 век — до какви сознанија дошле?

Тројца трагачи по вистината во 16 век — до какви сознанија дошле?

„ШТО е вистина?“ Понтиј Пилат, римски управител на Јудеја во првиот век, му го поставил ова прашање на Исус, кој бил изведен на суд пред него (Јован 18:38). Се разбира, Пилат не бил искрено заинтересиран за вистината. Во најмала рака, тој бил скептичен или циничен. Очигледно, Пилат сметал дека вистина е она што секој сам ќе си избере да го верува или она во што бил поучен да верува и дека нема начин да се утврди што точно е вистина. И денес многу луѓе го мислат истото.

Верниците во Европа во 16 век се соочиле со дилема во врска со вистината. Од мали нозе биле поучувани на разни црковни учења како, на пример, дека папата има врховна моќ. Но реформацијата, која во тоа време се ширела низ Европа, донела нови идеи. Дилемата била: ‚Во што да веруваат? Како да утврдат која е вистината?‘

Тројца луѓе од тој период, иако имало и многу други, биле решени да ја пронајдат вистината. * Што направиле за да утврдат што е вистина, а што лага? До какви сознанија дошле? Да видиме.

‚БИБЛИЈАТА СЕКОГАШ НЕКА БИДЕ НАЈВИСОК АВТОРИТЕТ‘

Волфганг Капито бил млад човек со цврсти верски убедувања. Студирал медицина, право и теологија. Во 1512 год. станал свештеник на една парохија, а потоа капелан на надбискупот од Мајнц.

Во почетокот, Капито се обидел да ја задуши ревноста на реформаторите што проповедале учења спротивни на католичката догма. Меѓутоа, наскоро дури и самиот тој почнал да се залага за реформи. Што направил? Соочен со различни учења, Капито сметал дека „најдоброто мерило според кое треба да се процени [она што го проповедале тој и неговиот истомисленик] е Библијата, бидејќи само таа е сигурна“, напишал историчарот Џејмс М. Кителсон. Така Капито дошол до заклучок дека обичајот да се обожаваат светци, како и црковното учење за транссупстанција (според кое лебот и виното кои се користат за причест се претвораат во телото и крвта на Исус), немаат темел во Библијата. (Погледни ја рамката „ Види ‚дали е тоа така‘“.) Откако ја напуштил својата угледна положба кај надбискупот во 1523 год., Капито се преселил во градот Стразбур, кој во тоа време бил центар на религиозната реформа.

Домот на Капито во Стразбур станал место каде што се собирале луѓето што не се согласувале со она што се правело во црквата. Таму без сомнение разговарале за многу верски прашања и библиски учења. Иако некои реформатори сѐ уште го ширеле учењето за тројство, делата на Капито покажуваат „молчаливост  во поглед на учењето за тројството“, стои во книгата Темелна реформација (The Radical Reformation). Зошто? Капито бил импресиониран од начинот на кој шпанскиот теолог Мигел Сервето користел библиски стихови за да го побие тројството. *

Оној што го отфрлал тројството ризикувал да биде убиен, па затоа Капито бил претпазлив и не ги кажувал отворено своите мислења. Меѓутоа, од неговите ракописи се гледа дека тој лично се сомневал во таа доктрина уште пред да се сретне со Сервето. Еден католички свештеник подоцна напишал дека Капито и неговите истомисленици „разговарале само меѓу себе за најдлабоките мистерии на религијата, и го отфрлиле учењето за Света Троица“. По еден век, Капито бил вброен меѓу најистакнатите писатели што пишувале против тројството.

Волфганг Капито верувал дека главен пропуст на црквата бил тоа што ‚го занемарувала Светото писмо‘

Капито верувал дека Библијата е изворот на вистината. „Библијата и законот на Христос секогаш нека бидат највисок авторитет“, рекол тој. Според историчарот Кителсон, Капито „упорно тврдел дека главниот пропуст на теолозите бил тоа што го занемарувале Светото писмо“.

Исто толку силна желба да ја дознае вистината од Божјата Реч имал и Мартин Селариј (познат и како Мартин Борхаус), млад човек кој во 1526 год. отседнал во домот на Капито.

„ЗНАЕЊЕТО ЗА ВИСТИНСКИОТ БОГ“

Насловната страница на книгата За Божјите дела од Мартин Селариј, во која направил споредба меѓу црковните учења и Библијата

Селариј бил роден во 1499 год. и бил добар студент по теологија и филозофија. Тој прифатил да работи како професор во Витенберг (Германија). Бидејќи Витенберг бил колевка на реформацијата, Селариј наскоро се запознал со Мартин Лутер и со други луѓе што сакале да извршат реформи на црковните учења. Како можел Селариј да направи разлика меѓу човечките учења и библиската вистина?

Според книгата Учењата на реформацијата (Teaching the Reformation), Селариј верувал дека вистината ќе се знае само „ако внимателно се чита Светото писмо, ако често се прават споредби меѓу стиховите во него и ако се кажуваат покајнички молитви“. Што открил Селариј додека ја проучувал Библијата?

Во јули 1527 год., Селариј ги објавил своите сознанија во книгата со наслов За Божјите дела (On the Works of God). Тој напишал дека црковните сакраменти, како што е транссупстанцијата, се само симболични. Според професор Робин Барнс, во книгата на Селариј „било изнесено и толкување на библиските пророштва според кои требало да дојде време на неволји и страдање низ целиот свет, а потоа да настапи општа обнова и радост“ (2. Петрово 3:10-13).

Особено значајни се кратките белешки на Селариј во врска со природата на Исус Христос. Иако не пишувал директно против тројството, Селариј правел разлика меѓу „Небесниот Татко“ и „неговиот Син Исус Христос“, и напишал дека Исус бил еден од многуте богови и синови на семоќниот Бог (Јован 10:34, 35).

Во својата книга Биографија против тројството (Antitrinitarian Biography 1850), Роберт Валас напишал дека делата на Селариј не го следеле учењето за Света Троица што било раширено во 16 век. * Врз основа на тоа, неколку изучувачи дошле до заклучок дека Селариј го отфрлил тројството. За него е  речено дека бил една Божја алатка „за ширење знаење за вистинскиот Бог и за Христос“.

НАДЕЖ ЗА ОБНОВА

Некаде во 1527 год., во Витенберг отишол да живее и Јохан Кампанус, кој се смета за еден од најголемите изучувачи во тоа време. Иако се наоѓал во центарот на верските реформи, Кампанус бил незадоволен од учењата на Мартин Лутер. Зошто?

Кампанус не ја прифаќал ниту идејата за транссупстанција ниту идејата за консупстанција. * Според авторот Андре Сегени, Кампанус верувал дека „лебот како материја останува секогаш леб, но како сакрамент го симболизира телото на Христос“. Во 1529 год., во Марбург се одржал еден состанок на кој се дискутирало токму по овие прашања. Меѓутоа, на Кампанус не му било дозволено да го изнесе она што го дознал од Светото писмо. Оттогаш, другите реформатори од Витенберг почнале да го избегнуваат.

Во својата книга Обнова, Јохан Кампанус го оспорил тројството

Она што особено ги вознемирувало реформаторите биле верувањата на Кампанус во врска со Таткото, Синот и светиот дух. Во својата книга Обнова (Restitution), која ја напишал во 1532 год., Кампанус тврдел дека Исус и неговиот Татко се две различни личности. Тој објаснил дека Таткото и Синот „се едно“ само во истата смисла во која мажот и жената се „едно тело“ — обединети, но сепак две различни личности (Јован 10:30; Матеј 19:5). Кампанус напишал дека во Светото писмо се користи истата споредба за да се покаже дека Таткото е над Синот: „Глава на жената е мажот, а глава на Христос е Бог“ (1. Коринќаните 11:3).

А што е со светиот дух? И овојпат Кампанус ја користел Библијата и напишал: „Не може да се наведе ниту еден библиски стих кој потврдува дека Светиот Дух е третата личност... Божјиот дух е сила што дејствува, во таа смисла што Бог подготвува и извршува сѐ преку неговата духовна сила и активност“ (1. Мојсеева 1:2).

Лутер го нарекол Кампанус богохулник и непријател на Божјиот Син. Еден друг реформатор барал Кампанус да биде погубен. Сепак, Кампанус не дозволил ништо да го запре. Според книгата Темелна реформација, „Кампанус бил уверен дека падот на Црквата се должел на тоа што исчезнало првобитното апостолско и библиско разбирање за она што е Бог, а што е човек“.

Кампанус никогаш немал намера да оформи нова религија. Тој рекол дека напразно ја барал вистината „меѓу сектите и сите еретици“. Затоа се надевал дека Католичката црква, преку една обнова, повторно ќе ги воведе вистинитите христијански учења. Меѓутоа, со текот на времето католичките власти го уапсиле Кампанус и тој поминал в затвор можеби повеќе од 20 години. Историчарите сметаат дека умрел некаде во 1575 год.

„СЀ ИСПИТУВАЈТЕ ЗА ДА СЕ УВЕРИТЕ ВО ТОА“

Со внимателно проучување на Библијата, Капито, Селариј, Кампанус и други како нив  успеале да препознаат што е вистина, а што лага. Иако сите заклучоци до кои дошле овие трагачи по вистината не биле потполно во склад со Библијата, тие понизно го истражувале Светото писмо и ја ценеле вистината што ја пронашле.

Апостол Павле им го дал следниов совет на своите сохристијани: „Сѐ испитувајте за да се уверите во тоа, држете се за она што е добро“ (1. Солуњаните 5:21). Како помош во твојата потрага по вистината, Јеховините сведоци издадоа една книга со соодветен наслов — Што навистина учи Библијата? На 16. страница од ова списание можеш да видиш како да нарачаш бесплатен примерок од оваа книга. Исто така, можеш да ја симнеш од нашата интернет-страница jw.org/mk.

^ пас. 4 Види во Стражарска кула од 15 јануари 2012, страници 7-8, пасуси 14-17.

^ пас. 8 Види ја статијата „Мигел Сервето — сам во потрага по вистината“ во Разбудете се! од мај 2006, издадено од Јеховините сведоци.

^ пас. 17 Во врска со зборот „бог“ што го користел Селариј кога се осврнувал на Христос, во таа книга пишува: „Отпечатено е deus, а не Deus, бидејќи голема буква се користела само кога се спомнувал Врховниот Бог“.

^ пас. 20 Консупстанција е учење на Лутер според кое за време на Господаровата вечера лебот и виното „постојат истовремено“ со телото и крвта на Исус, а не се претвораат во нив.