Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  мај 2014

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КОЈ МОЖЕ ДА ЈА ПРЕДВИДИ ИДНИНАТА?

Понекогаш успех, честопати неуспех

Понекогаш успех, честопати неуспех

Би сакал ли да дознаеш што ти носи иднината? Тоа прашање буди голем интерес. Многумина ја предвидуваат иднината, но со различен успех. Да наведеме неколку примери.

  • НАУЧНИЦИТЕ користат современа опрема и трошат многу пари за да предвидат различни работи — на пример, како ќе се одрази загадувањето врз нашата планета и дали утре ќе врне во некое место.

  • ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ АНАЛИТИЧАРИ предвидуваат во кој правец ќе се развиваат настаните во светот на бизнисот и политиката. За Ворен Бафет, еден од најбогатите луѓе во светот, се вели дека може непогрешливо да предвиди во што да инвестира. Друг аналитичар, Нејт Силвер, така ги толкувал статистичките податоци што успевал да предвиди најразлични работи — од случувањата на политичката сцена во САД до добитниците на филмските награди во Холивуд.

  • НЕКОИ ДРЕВНИ ЗАПИСИ се толкуваат како пророштва. Има луѓе што сметаат дека во денешно време се исполнуваат двосмислените записи на Мишел де Нотрдам (Нострадамус), кој живеел во 16 век. Еден календарски циклус на Маите што заврши на 21 декември 2012 год. беше протолкуван како знак дека на тој датум ќе настане катаклизма.

  • ВЕРСКИТЕ ВОДАЧИ понекогаш предвидуваат трагични светски настани за да ги предупредат луѓето и да соберат следбеници. Харолд Кампинг, пророк на Судниот ден, заедно со неговите следбеници долго време најавувал дека Земјата ќе биде уништена во 2011 год. Излишно е да се каже дека светот сѐ уште постои.

  • ВИДОВИТИТЕ ЛУЃЕ тврдат дека имаат посебни способности да ја предвидат иднината. Едгар Кејси и Џејми Диксон дале некои точни предвидувања во врска со настани што се случиле во 20 век. Но, кажале и многу неточни пророштва. На пример, Диксон прорекла дека во 1958 год. ќе избувне Трета светска војна, а Кејси прорекол дека Њујорк ќе пропадне во океанот во средината на 1970-ите.

Постои ли сигурен начин да дознаеме што ни носи иднината? Тоа прашање е на место. Кога би можел однапред да знаеш што ќе се случи во иднина, животот би ти бил сосема поинаков.