Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  мај 2014

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Кој може да ја предвиди иднината?

Кој може да ја предвиди иднината?

Сите ние размислуваме за иднината. Сакаме да знаеме каков ќе ни биде животот нам и на нашите најблиски. Се прашуваме: ‚Дали моите деца ќе имаат подобро утре? Дали Земјата ќе биде уништена во некоја катастрофа? Можам ли нешто да сменам денес за да ми биде поубаво во иднина?‘ Ваквата љубопитност е дел од човечката природа — сите копнееме по утеха, сигурност, стабилност и ред. Кога би знаел што ќе ти се случи во иднина, би можел да се подготвиш за тоа — како физички така и емоционално.

Тогаш, има ли некој што може да знае што нѐ очекува во иднина? Луѓето што се обидуваат да ја предвидат иднината понекогаш тоа го прават со успех, но многу почесто без успех. Сепак, кажано ни е дека Бог може точно да ги предвиди настаните што ќе се случат. Во неговата Реч пишува: „Јас од почетокот го јавувам завршетокот, од дамнина го јавувам она што уште не било“ (Исаија 46:10). Колку успешно го правел тоа досега?

КОЛКУ СЕ ТОЧНИ БОЖЈИТЕ ПРОРОШТВА

Зошто треба да те интересира тоа колку биле точни пророштвата што ги кажал Бог во минатото? Па, ако некој метеоролог веќе подолг период точно предвидува какво ќе биде времето секој ден, ќе стекнеш доверба во него. Сигурно ќе го сфатиш сериозно и кога ќе каже какво ќе биде времето утре. Слично на тоа, кога би се уверил дека Бог досега секогаш точно ги прорекувал настаните, сигурно би те интересирало што има да каже и за твојата иднина.

Повторно изграден ѕид меѓу урнатините на Ниневија

УНИШТУВАЊЕТО НА ЕДЕН ГОЛЕМ ГРАД:

На пример, воопшто не е мала работа точно да се предвиди дека еден голем град, кој со векови бил многу моќен, за кратко време ќе пропадне. Преку еден свој гласник, Бог прорекол токму такво нешто — уништувањето на Ниневија (Софонија 2:13-15). Што запишале историчарите?  Во седмиот век пр.н.е., веројатно околу 15 години откако Бог го кажал тоа пророштво, Вавилонците и Медијците ја нападнале и ја поразиле Ниневија. Освен тоа, Бог детално претскажал дека Ниневија ќе се претвори „во пустош, во крај безводен како пустина“. Дали ова пророштво се исполнило? Да. Иако градот со неговата околина опфаќал околу 500 квадратни километри, освојувачите не го поштедиле за да служи за нивни цели, како што би се очекувало. Напротив, тие потполно го опустошиле. Зар би можел некој човек толку прецизно да ги предвиди тие настани?

ЌЕ ИЗГОРИ ЧОВЕЧКИ КОСКИ:

Кој би се осмелил да го објави, и тоа 300 години однапред, точното име и потекло на човекот кој ќе изгори човечки коски на жртвеник, како и името на градот во кој ќе се наоѓа жртвеникот? Ако се исполни едно такво необично пророштво, оној што го кажал сигурно би се прославил. Божјиот пророк објавил дека „во Давидовиот дом ќе се роди син по име Јосија“ и дека тој „ќе изгори човечки коски“ на еден жртвеник во градот Ветил (1. Царевите 13:1, 2). Околу три века подоцна, од семејната лоза на Давид се појавил еден цар по име Јосија, што е невообичаено библиско име. Токму како што било проречено, Јосија ‚испратил да ги извадат коските од гробовите и ги изгорел на жртвеникот‘ во Ветил (2. Царевите 23:14-16). Како може некој да прорече такви детали ако не е воден од натчовечки извор?

Во Библијата, падот на Вавилон е проречен со неверојатна точност

КРАЈОТ НА ЕДНО ЦАРСТВО:

Би било чудо некој да успее точно да го прорече името на човекот — и тоа долго време пред неговото раѓање — што ќе предводи во поразот на една голема светска сила, наведувајќи ја дури и невообичаената стратегија што ќе ја примени. Бог однапред кажал дека еден човек по име Кир ќе порази еден народ. Освен тоа, Кир требало да ги ослободи еврејските заробеници и да помогне во повторната изградба на нивниот свет храм. Исто така, Бог прорекол дека воената стратегија на Кир ќе вклучувала пресушување на реките, а кажал и дека портите ќе биле оставени отворени, што ќе му олеснело да го освои градот (Исаија 44:27 — 45:2). Дали точно  се исполниле сите тие детали од ова пророштво што го кажал Бог? Историчарите се согласуваат дека Кир навистина извојувал една таква победа. Неговата војска применила извонредна инженерска тактика со тоа што го сменила текот на еден од каналите на градот Вавилон. Тоа значи дека ги пресушила реките. Освен тоа, војската влегла во градот преку портите, кои биле оставени отворени. Потоа Кир го ослободил еврејскиот народ и објавил дека му е дозволено повторно да го изгради својот храм во Ерусалим. Тоа било нешто невообичаено, бидејќи Кир не му служел на Богот на Евреите (Езра 1:1-3). Зар некој друг освен Бог би можел да ги претскаже деталите од тие историски настани?

Спомнавме три примери кои покажуваат дека Бог точно прорекол настани што подоцна навистина се случиле. Но, тоа не е сѐ. Еврејскиот водач Исус Навин кажал една вистина што му била добро позната на израелскиот народ: „Вие добро знаете со сето ваше срце и со сета ваша душа дека не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог. Сѐ ви се исполни. Ниту едно ветување не остана неисполнето“ (Исус Навин 23:1, 2, 14). Луѓето што ги слушнале тие зборови не можеле да негираат дека Божјите ветувања и пророштва детално се исполниле. Но, како Бог успева секогаш точно да ги предвиди настаните? Има голема разлика меѓу Бог и луѓето. Важно е да го знаеш тоа бидејќи Бог кажал и некои значајни пророштва за блиската иднина што се однесуваат и на тебе.

БОЖЈИТЕ ПРОРОШТВА НАСПРОТИ ЧОВЕЧКИТЕ ПРЕДВИДУВАЊА

Човечките предвидувања честопати се темелат на научни истражувања, анализа на настаните и фактите што се на располагање, па дури и на изјавите на јасновидци. Откако ќе предвидат некои работи, луѓето обично пасивно чекаат да видат што ќе се случи (Изреки 27:1).

За разлика од нив, Бог знае сѐ. Добро ја познава природата на луѓето и нивните склоности. Затоа, кога ќе одлучи да предвиди нешто, Бог може точно да каже како ќе постапат поединци, па дури и цели народи. Но, Бог може да направи и многу повеќе од тоа. Тој може да ги контролира и да ги менува факторите и тековите на настаните за да се одвиваат како што прорекол. Бог изјавил: „Мојата реч што излегува од мојата уста... нема да се врати кај мене без плод, туку... ќе го изврши она поради кое сум ја испратил“ (Исаија 55:11). Според тоа, некои Божји пророштва во извесна смисла се како објави или известувања. Тој нѐ уверува дека ќе се исполнат сите негови пророштва.

ТВОЈАТА ИДНИНА

Постои ли сигурен извор од кој можеш да дознаеш што ти носи иднината тебе и на твоите најблиски? Ако однапред дознаеш дека ќе има ураган, ќе можеш да направиш нешто за да си го спасиш животот. На сличен начин треба да реагираш и на библиските пророштва. Бог објавил дека наскоро низ целиот свет ќе настапат огромни промени. (Види ја рамката „ Што ни открил Бог за иднината“.) Оваа иднина е сосема поинаква од иднината што ја предвидуваат некои луѓе.

Тоа може да се објасни вака: Настаните во овој свет се одигруваат според едно сценарио. Ти уште сега можеш да видиш каква ќе биде завршницата. Бог вели: „Јас од почетокот го јавувам завршетокот... Јас велам: ‚Мојата намера ќе се оствари и ќе направам сѐ што сакам‘“ (Исаија 46:10). Ти и твоето семејство можете да имате прекрасна иднина. Прашај ги Јеховините сведоци кои пророштва се запишани во Библијата во врска со блиската иднина. Сведоците не се видовити луѓе и не тврдат дека слушаат некакви натприродни гласови ниту, пак, дека имаат некоја посебна моќ да пророкуваат. Тие ја проучуваат Библијата и можат да ти прочитаат од неа какви убави работи подготвил Бог за твојата иднина.