Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  април 2014

Можеш да му одолееш на искушението!

Можеш да му одолееш на искушението!

„Не планирав да гледам порнографија но, кога се вклучив на Интернет, одеднаш се појави некаква реклама. Пред да бидам свесен што правам, кликнав и ја отворив“ (КОДИ). *

„Една симпатична колешка од работа почна да флертува со мене. Еден ден ми предложи да одиме во хотел ‚за малку забава‘. Добро знаев што значеше тоа“ (ДИЛАН).

„МОЖАМ да одолеам на сѐ, освен на искушението.“ Оваа изрека многу убаво опишува како некои луѓе гледаат на искушенијата — длабоко во себе со задоволство би им се препуштиле. Сепак, има и такви што на искушенијата гледаат како на упорен непријател и сѐ би сториле за да го поразат. Што мислиш ти? Кога ќе се најдеш на искушение, дали треба да му се препуштиш или да му се спротивставиш?

Се разбира, сите искушенија не водат до сериозни проблеми. На пример, тоа што ќе изедеш едно колаче повеќе сигурно нема да ти го уништи животот. Но, ако им попуштиш на други замки, особено на оние што водат до неморал, може да имаш трагични последици. Библијата предупредува: „Кој прави прељуба... безумен е. Кој го прави тоа, си ја води душата во пропаст“ (Изреки 6:32, 33).

Како треба да реагираш ако неочекувано се најдеш на искушение да направиш неморал? Библијата го дава одговорот: „Божја волја е да бидете свети — да се воздржувате од блуд, секој од вас да знае како да завладее со своето тело во светост и чест“ (1. Солуњаните 4:3, 4). Како можеш да стекнеш цврста решеност да се самосовладуваш? Да наведеме три чекори што можат да ти помогнат во тоа.

Чекор 1: Внимавај што гледаш

Ако гледаш неморални слики и сцени, неисправните желби само ќе се засилат. Исус потврдил дека има силна врска помеѓу она што го гледаме и она што го посакуваме. Тој го дал следново предупредување: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“. Потоа ги кажал следниве впечатливи зборови: „Ако твоето десно око те наведува на грев, извади го и фрли го од себе“ (Матеј 5:28, 29). Што сакал  да каже Исус со тоа? За да му одолееме на некое искушение, мора да постапиме решително и да не гледаме ништо што би можело да ни предизвика неморални желби.

Ако здогледаш еротски слики, тргни го погледот

Да наведеме еден пример: Замисли си дека погледнуваш во силната светлина што се јавува при заварување на некој метал. Дали долго ќе гледаш? Се разбира дека не! Сигурно ќе ја свртиш главата или ќе ги покриеш очите за да ги заштитиш. Слично на тоа, кога ќе здогледаш некоја еротска сцена — во списание, на екран или во живо — веднаш сврти го погледот. Не дозволувај да си го заразиш умот со такви штетни слики. Хуан, кој порано бил зависник од порнографија, вели: „Кога ќе здогледам некоја привлечна девојка, честопати ми доаѓа да ја погледнам повторно. Затоа сосила го тргам погледот и си велам: ‚Моли му се на Јехова! Мора да му се помолиш веднаш!‘ Откако ќе се помолам, желбата брзо исчезнува“ (Матеј 6:9, 13; 1. Коринќаните 10:13).

Верниот Јов рекол: „Склучив сојуз со своите очи, па како би можел тогаш да гледам по девица?“ (Јов 31:1). Зошто не заземеш таков цврст став и ти?

Предлог: Ако случајно здогледаш нешто што би можело да ти разбуди еротски фантазии, веднаш сврти го погледот на друга страна. Постапи како библискиот писател, кој се молел: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“ (Псалм 119:37).

Чекор 2: Внимавај на што мислиш

Бидејќи сме несоврешени, сите ние мораме одвреме-навреме да се бориме со погрешни желби. Во Библијата пишува: „Секого го искушува неговата желба, така што го привлекува и го мами. Потоа желбата, кога ќе зачне, раѓа грев“ (Јаков 1:14, 15). Што можеш да направиш за да не се фатиш во таква замка?

Кога ќе ти се појават неморални мисли, веднаш помоли се

Кога ќе ти се појават погрешни желби, не заборавај дека од тебе зависи како ќе се справиш со нив. Бори се против тие желби. Исфрли ги од умот. Не фантазирај за неморални работи. Трој, кој бил зависник од порнографија на Интернет, вели: „Водев борба да ги  истерам од главата погрешните мисли така што ги заменував со други, позитивни мисли. Тоа воопшто не ми беше лесно. Многупати не ми успеваше. Но, на крајот научив да си ги контролирам мислите“. Елса, која како тинејџер се борела со желбата да направи нешто неморално, раскажува: „Тоа што постојано бев зафатена и му се молев на Јехова ми помогна да ги држам под контрола погрешните мисли“.

Предлог: Кога ќе ти се појават неморални мисли, веднаш почни да се молиш. Бори се со нив на тој начин што ќе го исполниш својот ум со „сѐ што е вистинито, сѐ што е благородно, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е допадливо, сѐ што е пофално, сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба“ (Филипјаните 4:8).

Чекор 3: Внимавај што правиш

Кога ќе се спојат желбата, искушението и приликата, лесно може да постапиш погрешно (Изреки 7:6-23). Што да направиш за да не ти се случи тоа?

„На Интернет се приклучувам само кога има некој дома“

Во Библијата е запишан следниов мудар совет: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“ (Изреки 22:3). Затоа, внимавај што правиш. Предвиди во кои ситуации би можел да се најдеш на искушение и избегнувај ги (Изреки 7:25). Филипе, кој ја победил зависноста од порнографија, вели: „Компјутерот го ставив на место каде што сите можат да го гледаат, а на Интернет се приклучувам само кога има некој дома. Освен тоа, инсталирав програма за филтрирање на содржините“. Трој, кој беше спомнат погоре, вели нешто слично: „Не гледам филмови што содржат провокативни сцени и избегнувам луѓе што вулгарно зборуваат за секс. Не сакам да се доведам во ситуација пак да згрешам“.

Предлог: Биди свесен за своите слаби точки и навреме избегнувај ги ситуациите што би можеле да те доведат во искушение (Матеј 6:13).

НЕ СЕ ОТКАЖУВАЈ!

Што да направиш ако, и покрај сите напори, понекогаш попуштиш пред искушението? Не губи волја и не се предавај. Библијата вели: „Ако праведникот падне и седум пати, пак ќе стане“ (Изреки 24:16). Нашиот небесен Татко нѐ охрабрува да ‚станеме‘. Ќе ја прифатиш ли неговата рака? Моли се постојано и не се откажувај. Зајакни си ја верата така што ќе ја проучуваш Божјата Реч, Библијата. Биди решен редовно да ги посетуваш христијанските состаноци. Црпи сили од Божјето ветување: „Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам“ (Исаија 41:10).

Коди, кој го спомнавме во почетокот, вели: „Воопшто не ми беше лесно да расчистам со порнографијата. Имав многу неуспешни обиди но, со помошта од Бог, успеав да се изборам“. А Дилан вели: „Лесно можев да имам секс со мојата колешка. Но, задржав цврст став и ја одбив нејзината понуда. Сега сум среќен што имам чиста совест. Што е уште поважно, знам дека Јехова се гордее со мене“.

Ако одлучно им се спротивставиш на искушенијата, можеш да бидеш уверен дека Бог ќе се гордее и со тебе! (Изреки 27:11).

^ пас. 2 Имињата во оваа статија се сменети.