Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  април 2014

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Каков им бил животот на робовите во Римското Царство?

Плочка со железен обрач

Во Римското Царство имало многу робови. Обично, робови станувале луѓе што биле грабнати или, пак, заробени во воени походи. Заробениците биле продавани и најчесто никогаш повторно не можеле да го видат ниту своето семејство ниту својот дом.

Некои робови напорно работеле на полињата, а други се грижеле за домашните работи. Но, најтешко им било на оние што работеле во рудниците, каде што многумина умирале од изнемоштеност. Имало робови што на вратот морале да носат мал железен обрач со натпис или со плочка на која било испишано дека, доколку избега, оној што ќе го врати кај сопственикот ќе добие награда. Некои од робовите што повеќепати се обиделе да побегнат биле жигосувани на челото со буквата F — првата буква од латинскиот збор fugitivus, што значи ‚бегалец‘.

Во библиската книга Филимон пишува дека апостол Павле го испратил избеганиот роб Онисим да се врати кај својот сопственик. Иако Филимон имал законско право строго да го казни Онисим, Павле го замолил ‚да го прими убаво‘, потсетувајќи го на љубовта и пријателството меѓу нив (Филимон 10, 11, 15-18).

Зошто древна Феникија била позната по пурпурната боја?

Феникија се наоѓала отприлика на територијата на денешен Либан и била позната по тирската пурпурна боја, која го добила името според градот Тир. Цар Соломон, кој владеел со древниот Израел, го украсил Божјиот храм со пурпур што го произвел еден занаетчија од Тир (2. Летописи 2:13, 14).

Во тоа време, тирската пурпурна боја била многу скапа, најмногу поради тоа што требало да се вложи голем труд за да се произведе. Најпрво, рибарите собирале огромни количини морски полжавчиња од видот мурекс. * За да се обои само една облека, биле потребни околу 12.000 полжавчиња! Потоа, од черупките се издвојувало месото за да се извадат жлездите што ја лачеле бојата. Бојаџиите ги мешале жлездите со сол и таа смеса ја оставале да стои три дена на сонце. Потоа, смесата ја ставале во покриено буре и неколку дена ја вареле во морска вода на тивок оган.

Во текот на стотици години, преку трговија и колонизација, Феничаните го држеле пазарот за тирски пурпур и биле негови најголеми производители. Докази за нивното производство на пурпурна боја се пронајдени околу Средоземното Море, како и на запад сѐ до Кадиз (Шпанија).

^ пас. 8 Нивните черупки се долги од 5 до 8 сантиметри.