Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  март 2014

 ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Наоѓам сила и кога сум најслаба

Наоѓам сила и кога сум најслаба

Кога човек ќе ме погледне, последното што би го помислил е дека сум силна. Имам само 29 килограми и седам во инвалидска количка. Но, иако моето тело секој ден е сѐ послабо, постојано наоѓам нови сили за да продолжам напред. Да ви раскажам што доведе до тоа да бидам толку слаба, а сепак толку силна.

Кога имав 4 години

Моето семејство живееше во едно село во јужна Франција. Имав многу убаво детство. Покрај нашата дрвена куќичка татко ми ми направи лулашка, а во дворот можев да трчам колку што сакам. Во 1966 год., кај нас дојдоа Јеховини сведоци. Татко ми често разговараше со нив. По само седум месеци, тој одлучи да стане Јеховин сведок, а по кратко време истата одлука ја донесе и мајка ми. Моите родители ми пружија многу љубов додека растев.

Проблемите започнаа кратко откако се вративме во Шпанија, родната земја на моите родители. Почнав да чувствувам остри болки во рацете и во зглобовите. Откако две години одевме од лекар на лекар, дојдовме кај еден познат ревматолог, кој со сериозен тон на гласот рече: „Премногу е доцна“. Мајка ми се расплака. Почнав да слушам некои чудни изрази, како „хронично автоимуно заболување“ и „јувенилен полиартритис“. * Иако ништо не разбирав затоа што имав само десет години, ми беше јасно дека зборовите што одѕвонуваа во таа студена, сива просторија, беа лоша вест.

Докторот предложи да се лекувам во еден санаториум за деца. Кога пристигнав таму, глетката на мрачната зграда ме обесхрабри. Внатре владееше строга дисциплина. Калуѓерките веднаш ми ја потстрижаа косата и ме облекоа во изветвена униформа. „Како ќе издржам овде?“, си помислив додека од очите ми течеа солзи.

ЈА ЧУВСТВУВАМ ЈЕХОВИНАТА ГРИЖА

Татко ми и мајка ми ме поучија да му служам на Јехова Бог. Затоа, одбив да учествувам во католичките прослави во санаториумот. Калуѓерките никако не можеа да сфатат зошто не сакам да учествувам во тие прослави. Го молев Јехова да биде со мене. За кратко време почувствував како ме штити со својата силна рака, исто како да се наоѓам во топлата, цврста прегратка на еден грижлив татко.

На моите родители им беше дозволено да ми доаѓаат на кратки посети во саботите. Тогаш ми носеа библиска литература за да можам да  читам и да си ја одржувам верата. Обично, калуѓерките не им допуштаа на децата да имаат свои книги, но мене ми дозволија да ја задржам литературата заедно со мојата Библија, која ја читав секој ден. Исто така, им кажував на другите девојчиња дека доаѓа време кога ќе можеме да живееме вечно во рајот на Земјата, каде што никој нема да биде болен (Откровение 21:3, 4). Иако понекогаш бев тажна и осамена, се радував што мојата доверба во Јехова сѐ повеќе растеше.

По шест месеци, кои ми се чинеа како цела вечност, лекарите ме пуштија дома. Болеста не се повлече, но се радував што повторно можев да бидам со татко ми и мајка ми. Моите зглобови продолжија да се деформираат, а болката стануваше сѐ посилна. Кога влегов во тинејџерските години, здравјето ми беше многу кревко. И покрај тоа, на 14 години се крстив, решена да правам најмногу што можам за мојот небесен Татко. Но, понекогаш бев многу разочарана од него. Го прашував: „Зошто јас?“ Со солзи му велев: „Те молам, излекувај ме. Зар не гледаш колку страдам?“

Тинејџерските години ми беа многу тешки. Морав да го прифатам фактот дека здравствената состојба нема да ми се подобри. Не можев а да не се споредувам со луѓето околу мене, кои беа здрави и полни со енергија. Се чувствував безвредно и затоа се затворив во себе. Но, семејството и пријателите секогаш ми помагаа. Не можам да ја заборавам Алисија, која беше 20 години постара од мене. Таа ми стана блиска пријателка. Ми помогна да не се преокупирам со мојата болест туку да мислам и на другите луѓе.

ШТО МИ ДАДЕ СМИСЛА ВО ЖИВОТОТ

Кога имав 18 години, здравјето толку ми се влоши што ме исцрпуваше дури и присуството на состаноците. Но, тоа што поголемиот дел од времето бев дома, го искористив за да ја проучувам Библијата подлабоко. Книгата Јов и Псалмите ми помогнаа да сфатам дека во денешно време Јехова Бог првенствено се грижи за нашите духовни потреби. Често се молев и затоа имав „сила, која ја надминува нормалната“, како и мир „кој ја надминува секоја мисла“ (2. Коринќаните 4:7; Филипјаните 4:6, 7).

На 22 години морав да се помирам со тоа дека цел живот ќе бидам врзана за инвалидска количка. Се плашев дека луѓето ќе престанат да ме забележуваат и дека ќе гледаат само инвалидска количка на која седи болна жена. Меѓутоа, инвалидската количка ме направи посамостојна, па тоа „проклетство“ ми стана благослов. Мојата пријателка Изабел ми предложи, во текот на еден месец, заедно со неа да посветам 60 часа за да разговарам со луѓето за Библијата.

Отпрвин помислив дека нејзиниот предлог е сосема нереален. Но, го молев Јехова да ми помогне и, благодарение на помошта и поддршката од моето семејство и од пријателите, успеав. Бев толку зафатена што месецот ми помина многу брзо, а по некое време сфатив дека повеќе не се плашам и не се срамам. Толку ми беше убаво што во 1996 год. решив да станам општ пионер, односно секој месец да минувам одреден број часови помагајќи им на луѓето да дознаат повеќе за Бог. Тоа беше една од моите најдобри одлуки бидејќи така се зближив со Бог, па дури почнав да се чувствувам и физички појака. Така имав можност да разговарам за мојата вера со многу луѓе и да им помогнам на некои од нив подобро да го запознаат Бог.

ЈЕХОВА СЕ ГРИЖИ ЗА МЕНЕ

Летото 2001 год., доживеав тешка сообраќајна несреќа, во која ми беа скршени двете нозе. Додека лежев во болница со неиздржливи болки, во себе горливо се молев: „Јехова, те молам, немој да ме оставиш!“ Токму тогаш жената што лежеше на креветот до мене ме праша: „Дали ти си Јеховин сведок?“ Немав сила да ѝ одговорам, па само кимнав со главата. „Знам за вас! Ги читам вашите списанија“, ми рече. Тие зборови многу ме утешија. Иако бев во тешка ситуација, можев да посведочам за Јехова. Тоа беше огромна чест!

Кога ми стана малку подобро, решив да поразговарам за Бог со другите од болницата. Двете нозе ми беа во гипс, но мајка ми ме возеше низ болницата во инвалидска количка. Секој ден посетувавме по неколку пациенти, ги прашувавме како се и им остававме библиска литература. Тоа ме исцрпуваше, но Јехова ми ја даваше потребната сила.

Со моите родители во 2003

 Последниве неколку години болките ми се засилија, а смртта на татко ми само ми ја зголеми маката. И покрај тоа, се трудам да останам позитивна. Како? Секогаш кога е можно, гледам да бидам со пријателите и роднините, и тоа ми помага да не мислам на проблемите. А кога сум сама, читам, ја проучувам Библијата и зборувам за неа со други по телефон.

Честопати ги затворам очите за да ѕирнам со мислите во новиот свет што го ветил Бог

Исто така, научив да уживам во малите работи како, на пример, во нежното ветре и во миризбата на цвеќињата. Таквите работи ми даваат причини да бидам благодарна. Како чудотворен лек дејствува и смислата за хумор. Еден ден, со една пријателка која ми ја туркаше количката одвоивме време да зборуваме со другите за Бог. Кога таа кратко застана за да запише нешто, мојата количка летна по удолницата и удрив во еден паркиран автомобил. И двете се исплашивме, ама кога видовме дека на крајот сѐ беше во ред, слатко се изнасмеавме.

Има многу работи во животот што не можам да ги правам. Ги нарекувам желби што наскоро ќе се остварат. Честопати ги затворам очите за да ѕирнам со мислите во новиот свет што го ветил Бог (2. Петрово 3:13). Си замислувам дека сум здрава, дека се шетам и дека уживам во секој миг од животот. Често помислувам на зборовите што ги кажал цар Давид: „Надевај се на Јехова, биди храбар, и твоето срце нека биде цврсто!“ (Псалм 27:14). Иако моето тело станува сѐ послабо, Јехова ме зајакнува. И понатаму ќе се трудам да наоѓам сила и кога сум најслаба.

^ пас. 6 Јувенилен полиартритис е еден вид хроничен артритис што се јавува кај деца. Имунолошкиот систем ги напаѓа и ги уништува здравите ткива на телото наместо да ги брани. Тој процес создава болка и отоци во зглобовите.