Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  март 2014

Меѓуверски дијалог — дали Бог го одобрува?

Меѓуверски дијалог — дали Бог го одобрува?

„Дали религијата нѐ обединува или нѐ разединува?“ Ова прашање им било поставено на читателите на списанието The Sydney Morning Herald. Од оние што одговориле, околу 90 отсто сметале дека религијата ги разединува луѓето.

ПОБОРНИЦИТЕ за добри меѓуверски односи би одговориле сосема поинаку. „Кажете ми која религија не се залага за сочувство... за зачувување на животната средина... и за покажување гостољубивост“, прашал Ибу Пател, основач на една организација за меѓуверски односи (Interfaith Youth Core).

И навистина — будисти, католици, протестанти, хиндуси, муслимани и верници од многу други религии понекогаш се здружуваат против сиромаштијата, се борат за човековите права, инсистираат да се забрани употребата на нагазни мини или, пак, го свртуваат вниманието на проблемите поврзани со загадувањето на животната средина. Во обид да постигнат заемно разбирање и соработка одржуваат конференции за меѓуверски дијалог. А меѓусебните разлики ги претставуваат во позитивно светло со тоа што кажуваат заеднички молитви, организираат разни прослави, музички настани, церемонии на кои палат свеќи и слично.

Дали соработката меѓу религиите ќе помогне да се смират меѓуверските конфликти? Дали Бог одлучил да воспостави еден поубав свет преку меѓуверски дијалог?

ЕДИНСТВО — ПО КОЈА ЦЕНА?

Една од најголемите меѓуверски организации се гордее со фактот дека нејзините членови доаѓаат од преку 200 вери и дека е активна во 76 земји. Таа тврди дека нејзина цел е „да овозможи долгорочна и непречена секојдневна соработка меѓу религиите“. Меѓутоа, фактите покажуваат дека тоа е полесно да се каже отколку да се направи. На пример, основачите на таа организација велат дека нивната спогодба морало да биде составена со добро избрани зборови за да не се навреди некоја од религиите што ја потпишале. Зошто? Една причина било тоа што не можело да се постигне договор по прашањето дали Бог треба да биде вклучен во спогодбата. Затоа, одлучиле воопшто да не го спомнат Бог.

Ако се исфрли Бог од сликата, каква улога игра верата во него? Освен тоа, по што ќе се разликува една таква меѓуверска организација од некоја хуманитарна организација? Затоа, не е чудно што претходно споменатата меѓуверска организација не тврди дека има религиозен карактер туку дека е „организација што гради мостови“.

ДАЛИ ВЕРАТА ЗНАЧИ САМО ДА СЕ ШИРИ ДОБРОТО?

„Сите главни верски учења во основа пренесуваат една иста порака: да има љубов, сочувство и простување меѓу луѓето“, вели сегашниот далај-лама, кој активно се залага за соработка меѓу религиите. Тој додава: „Најважно  е тие особини да бидат дел од нашиот секојдневен живот“.

Се разбира, доблестите како што се љубовта, сочувството и простувањето се од непроценлива вредност. Златното правило што го кажал Исус гласи: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). Но, дали верата во Бог значи само да се шири доброто?

Во времето на апостол Павле, многу луѓе тврделе дека му служат на Бог. Меѓутоа, овој апостол рекол: „Сведочам за нив дека ревносно се трудат да му угодат на Бог, но не знаат точно што е неговата волја“. Во што бил проблемот? „Поради тоа што не ја познаваат Божјата праведност“, рекол Павле, тие „настојуваат да ја воспостават својата“ (Римјаните 10:2, 3). Нивната ревност, па дури и нивната вера, биле залудни затоа што не знаеле што бара Бог од нив (Матеј 7:21-23).

БИБЛИСКОТО ГЛЕДИШТЕ ЗА МЕЃУВЕРСКИОТ ДИЈАЛОГ

„Среќни се миротворците“, рекол Исус, кој живеел според она што го проповедал (Матеј 5:9). Затоа, тој никогаш не возвраќал со насилство, туку им носел порака на мир на луѓе од најразлични религии (Матеј 26:52). Оние што ја прифатиле неговата порака станале многу блиски затоа што ги поврзувала нераскинливата врска на љубовта (Колошаните 3:14). Но, дали целта на Исус била само да изгради мостови на соработка меѓу луѓето за тие да живеат во мир и слога? Дали им се придружил на другите во нивните верски обичаи?

Верските водачи на сектите на фарисеите и садукеите злобно му се противеле на Исус, па дури и настојувале да го убијат. Како реагирал Исус? Тој им рекол на своите ученици: „Оставете ги. Тие се слепи водачи“ (Матеј 15:14). Исус не сакал да направи отстапки за да формира некакво духовно братство со нив.

По извесно време било основано христијанско собрание во Коринт (Грција). Овој град бил познат по тоа што неговите жители припаѓале на најразлични религии. Како требало да се однесуваат христијаните во една таква средина? Апостол Павле им напишал: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници“. Зошто? Павле одговорил: „Може ли да постои складност меѓу Христос и Велијар [односно Сатана]? Или што имаат заедничко верникот и неверникот?“ Потоа им го дал следниов совет: „Затоа, излезете од нивната средина и одвојте се“ (2. Коринќаните 6:14, 15, 17).

Јасно е дека Библијата не го одобрува меѓуверскиот дијалог. Затоа, можеби се прашуваш: ‚Како може да се постигне вистинско единство?‘

ВИСТИНСКО ЕДИНСТВО

Меѓународната вселенска станица — технолошко чудо кое се движи во орбита околу Земјата — е резултат на здружените напори на околу 15 држави. Зар овој проект ќе беше успешен ако земјите-учеснички не се согласеа кој нацрт да го користат?

Истото е случај и со денешните меѓуверски движења. Иако многу се зборува за соработка и почитување, не е постигнат договор за заеднички нацрт по кој ќе се гради верата. Затоа, прашањата во поглед на моралот и доктрините и понатаму создаваат поделби меѓу луѓето.

Во Библијата се изнесени Божјите мерила, кои служат како еден нацрт според кој можеме да го обликуваме својот живот. Оние што ги прифатиле библиските поуки ги надминале расните и верските предрасуди и научиле да живеат во мир и единство. Во едно пророштво, Бог рекол: „Тогаш ќе го променам јазикот на народите во чист јазик за да го повикуваат сите името на Јехова и да му служат сложно“. Значи, единството меѓу луѓето произлегува од ‚чистиот јазик‘, односно од Божјите мерила за вистинска религија (Софонија 3:9; Исаија 2:2-4).

Јеховините сведоци срдечно те покануваат во нивната Сала на Царството за лично да се увериш дека меѓу нив владее вистински мир и единство (Псалм 133:1).