Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  февруари 2014

 БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Ветувањето за рај на Земјата ми го смени животот!

Ветувањето за рај на Земјата ми го смени животот!
  • РОДЕН: 1974

  • ЗЕМЈА: ЛЕТОНИЈА

  • НЕКОГАШ: ПРОФЕСИОНАЛЕН МОТОЦИКЛИСТ

МОЕТО МИНАТО:

Роден сум во Рига, главниот град на Летонија. Јас и сестра ми пораснавме со мајка ми. Иако мајка ми е католик, во црква одевме само за празниците. Отсекогаш верував дека постои некоја виша сила, но како млад повеќе ме интересираа други работи.

Додека уште бев дете, мајка ми забележа дека многу сакав да ги расклопувам работите и повторно да ги склопувам. Бидејќи имавме многу предмети што можеа да се расклопат, таа се плашеше да ме остави сам дома. Затоа, ми купи играчка — сет за градење со метални делчиња кои уживав да ги склопувам и расклопувам. Освен тоа, многу сакав мотори. Мајка ми ме пријави да учествувам во една трка со мотори, која се викаше „Златен мопед“. На почеток, се тркав со мопеди, а подоцна со вистински мотори.

Бидејќи многу брзо учев, за кратко време станав доста успешен во овој ризичен спорт. Трипати го освоив Државниот супербајк шампионат на Летонија и двапати победив на Балтичкиот супербајк шампионат.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:

Кога бев во зенитот на кариерата, мојата девојка Евија, која подоцна ми стана жена, стапи во контакт со Јеховините сведоци. Таа најде нивна литература во која имаше купон за библиски курс. Го пополни и го испрати. Набрзо, ја посетија две жени кои беа Сведоци и Евија почна да ја проучува Библијата со нив. Тоа воопшто не ми пречеше, но од друга страна, не бев ни заинтересиран за религија.

Еднаш, Сведоците ме поканија да бидам присутен и јас додека Евија ја проучува Библијата. Многу ми се допадна тоа што го слушнав. Голем впечаток ми остави библиското ветување за рај на Земјата.  На пример, Сведоците ми ги прочитаа зборовите од Псалм 37:10, 11, каде што стои: „Уште малку, и злиот ќе го снема. Ќе го побараш на местото негово, а него ќе го нема. А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“. Тоа ветување навистина ме допре до срце!

Како што минуваше времето, сѐ повеќе се интересирав за духовните работи. Ми стануваше сѐ појасно колку многу религиозни лаги постојат. Од друга страна, пак, бев изненаден од тоа колку се јасни и логични учењата од Библијата.

Додека проучував, дознав колку многу Јехова Бог го цени животот (Псалм 36:9). Ова имаше силно влијание врз мене. Не сакав повеќе да си го ризикувам животот во трките. Наместо тоа, сакав да останам жив за да му служам на Јехова. Угледот, славата и возбудата што ги носат мото-трките повеќе не ми беа важни.

Од Библијата дознав дека сум одговорен за животот кој ми го дал Бог

Во 1996 год., присуствував на еден меѓународен конгрес на Јеховините сведоци во Талин, Естонија, во близина на стадионот на кој порано често се тркав. Иако на конгресот имаше луѓе од различни земји, меѓу нив владееше топла и срдечна атмосфера. Кога една жена која беше Сведок си ја изгуби чантата, си помислив дека никогаш нема да ја најде. Не помина долго време, кога една друга жена која беше Сведок ѝ ја врати чантата со сите работи внатре. Не можев да поверувам! Со свои очи видов дека Сведоците навистина живеат во склад со мерилата запишани во Библијата. Јас и Евија продолживме да ја проучуваме Библијата, и во 1997 год. станавме Јеховини сведоци.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:

Некои мои пријатели загинаа во трките. Од Библијата дознав дека сум одговорен за животот кој ми го дал Бог. Оваа вистина, всушност, ми го спаси животот.

Јас и Евија имавме чест четири години да служиме во подружницата на Јеховините сведоци во Рига. Сега сме радосни што можеме да ја воспитуваме и да ѝ помагаме на нашата ќеркичка Алис да го засака Јехова. Исто така, се радувам што можам еднаш седмично да ги поправам автомобилите и други предмети на Јеховините сведоци кои ја преведуваат библиската литература во нашата земја. Среќен сум што можам на таков начин да ги користам вештините што ги стекнав како дете.

Многу ја ценам честа заедно со моето семејство да проповедам за единствениот вистински Бог, кој го запознав преку проучувањето на Библијата. Ветувањето за рај на Земјата навистина ми го смени животот!