Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  февруари 2014

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

За какво алое станува збор во Библијата?

Алоето се добивало од дрвото агар

Во Библијата пишува дека алоето се користело за парфимирање на облеката и постелата (Псалм 45:8; Изреки 7:17; Песна над песните 4:14). Алоето за кое се зборува во Библијата не се однесува на растението алое вера, туку тоа се добивало од дрвото агар кое припаѓа на фамилијата Aquilaria. Кога ова дрво ќе почнело да гние, испуштало мирисливо масло и смола. Тогаш, дрвото се ситнело во прав и се продавало како „алое“.

Во Библијата шаторите во Израел се споредени со „алое што го посадил Јехова“ (4. Мојсеева 24:5, 6). Оваа споредба можеби е кажана поради обликот на дрвото агар, кое може да порасне околу 30 метри и да создаде широка крошна. Иако ова дрво денес не постои во Израел, во еден библиски речник пишува дека „нема ништо што покажува дека ова или некое друго дрво кое сега не вирее на тоа поднебје, не се одгледувало во тогашната плодна и густо населена Јорданска долина“ (A Dictionary of the Bible).

Какви жртви требало да се принесуваат во храмот во Ерусалим?

Глинен печат од храмот во Ерусалим стар околу 2.000 години

Со Божјиот закон било пропишано жртвите што се принесуваат во храмот да бидат со најдобар квалитет. Бог не ги прифаќал жртвите што имале некаков недостаток (2. Мојсеева 23:19; 3. Мојсеева 22:21-24). Според Филон, еврејски писател од првиот век, во тоа време свештениците детално ги проверувале животните за да бидат сигурни дека немале никаков недостаток.

Според изучувачот Е. П. Сандерс, веројатно храмските службеници „поставиле луѓе кои за жртвување продавале само животни и птици што претходно биле прегледани од свештениците. Ако било така, продавачот сигурно им давал на купувачите некаков вид потврда за да се знае дека животното е без недостаток“.

Во 2011 год., во околината на храмот археолозите пронашле токму таква потврда — глинен печат со големина на монета кој датира од периодот помеѓу првиот век пр.н.е. и 70 год. од н.е. Натписот на глинениот печат кој се состои од два арамејски збора некои археолози го преведоа како „Чисто за Бог“. Се смета дека храмските службеници им прикачувале вакви потврди на производите кои се користеле за обредите во храмот и на животните кои требало да се жртвуваат.