Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јануари 2014

Воскресението — надеж за мртвите

Воскресението — надеж за мртвите

Дали веруваш во ветувањето од Библијата дека ќе има воскресение? * Идејата повторно да бидеш заедно со твоите сакани што починале сигурно ти изгледа привлечно. Но, дали е реално да веруваш дека тоа навистина ќе се случи? Пред да одговориш на ова прашање, да разгледаме што мислеле апостолите на Исус Христос во врска со тоа.

Апостолите биле уверени дека ќе има воскресение на мртвите. Зошто? Од најмалку две причини. Прво, нивната надеж главно се темелела на следниов факт: Самиот Исус бил воскреснат од мртвите. Апостолите и ‚браќата, кои заедно биле повеќе од петстотини‘ со свои очи го виделе воскреснатиот Исус (1. Коринќаните 15:6). Освен тоа, воскресението на Исус било општоприфатено меѓу луѓето во тоа време, како што покажуваат сите четири евангелија (Матеј 27:62 — 28:20; Марко 16:1-8; Лука 24:1-53; Јован 20:1 — 21:25).

Второ, самите апостоли биле сведоци на најмалку три случаи кога Исус воскреснал некого — најпрво во Наин, потоа во Капернаум и на крај во Витанија (Лука 7:11-17; 8:49-56; Јован 11:1-44). Последното од овие три воскресенија, за кое веќе зборувавме во една од претходните статии, се случило во семејство со кое Исус бил особено близок. Да видиме нешто повеќе за тоа.

„ЈАС СУМ ВОСКРЕСЕНИЕТО“

„Твојот брат ќе стане.“ Исус ѝ ги кажал овие зборови на Марта, чиј брат Лазар веќе четири дена бил мртов. На почеток, Марта не разбрала што сакал да ѝ каже Исус. Таа му одговорила: „Знам дека ќе стане“. Но, мислела на воскресението што требало да се случи во иднина. Замисли си колку била вчудовидена кога Исус, откако кажал: „Јас сум воскресението и животот“, го воскреснал нејзиниот брат (Јован 11:23-25).

Каде бил Лазар во текот на тие четири дена додека бил мртов? Лазар не спомнал дека продолжил да живее на некое друго место. Тој немал бесмртна душа која отишла на небото кај Бог. Со тоа што го воскреснал, Исус не го вратил Лазар од небото назад на Земјата. Тогаш, каде бил Лазар тие четири дена? Тој бил во гробот (Проповедник 9:5, 10).

Ако се сеќаваш, Исус ја споредил смртта со спиење од кое луѓето ќе се разбудат кога  ќе бидат воскреснати. Во Јован 11:11-14 пишува: „,Нашиот пријател Лазар заспа, но јас одам да го разбудам‘. Тогаш учениците му рекоа: ‚Господару, ако спие, ќе оздрави‘. Но Исус зборуваше за неговата смрт, а тие си мислеа дека зборува за спиењето, за сонот. Тогаш Исус отворено им рече: ‚Лазар умре‘“. Кога го воскреснал, Исус му го вратил животот на Лазар и тој можел повторно да биде со своите најблиски. Колку прекрасен подарок Исус му дал на тоа семејство!

Со тоа што воскреснал неколку луѓе додека бил на Земјата, Исус ни покажал што ќе прави како Цар на Божјето Царство. * Кога ќе владее со Земјата, ќе им го врати животот на луѓето што умреле. Токму затоа рекол: „Јас сум воскресението“. Замисли си колку радосен ќе бидеш кога повторно ќе ги видиш твоите блиски што починале! А сигурно и оние што ќе воскреснат ќе бидат среќни што повторно се меѓу живите! (Лука 8:56).

Замисли си колку радосен ќе бидеш кога повторно ќе ги видиш твоите блиски што починале

ПОКАЖИ ВЕРА ЗА ДА ДОБИЕШ ВЕЧЕН ЖИВОТ

Исус ѝ рекол на Марта: „Кој верува во мене, и да умре, ќе оживее. И секој што живее и верува во мене, никогаш нема да умре“ (Јован 11:25, 26). Луѓето кои Исус ќе ги воскресне за време на своето илјадагодишно владеење ќе имаат можност да живеат вечно, сѐ додека покажуваат вистинска вера во него.

„Кој верува во мене, и да умре, ќе оживее“ (Јован 11:25)

Откако ги кажал овие значајни зборови во врска со воскресението, Исус ѝ поставил едно важно прашање на Марта: „Веруваш ли во тоа?“ Таа му одговорила: „Да, Господару, јас верувам дека ти си Христос, Синот Божји“ (Јован 11:26, 27). Дали и ти сакаш да стекнеш таква вера во надежта за воскресение? Ако да, дознај каква намера има Бог со човештвото (Јован 17:3; 1. Тимотеј 2:4). Тоа ќе ти помогне да ја изградиш својата вера. Би можел да ги прашаш Јеховините сведоци што вели Библијата за Божјата намера со луѓето. Тие со радост ќе ти кажат нешто повеќе за прекрасната надеж за воскресение.

^ пас. 2 Види ја статијата „Смртта не е крај на сѐ!“ на страница 6 од ова списание.

^ пас. 9 Нешто повеќе за библиското ветување за воскресение можеш да прочиташ во поглавје 7 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.