Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јануари 2014

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СМРТТА Е КРАЈ НА СЀ?

Смртта не е крај на сѐ!

Смртта не е крај на сѐ!

Витанија била едно селце оддалечено 3 километри од Ерусалим (Јован 11:18). Неколку седмици пред смртта на Исус, се случило нешто страшно. Лазар, кој му бил близок пријател на Исус, неочекувано се разболел и умрел.

Кога Исус слушнал што се случило, им рекол на своите ученици дека Лазар заспал и дека тој ќе оди да го разбуди (Јован 11:11). Но, учениците не сфатиле што сакал да им каже, па затоа Исус отворено им рекол: „Лазар умре“ (Јован 11:14).

Исус стигнал во Витанија четири дена по погребот и сакал да ја утеши Марта, сестрата на Лазар. Таа му рекла: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“ (Јован 11:17, 21). На тоа Исус возвратил: „Јас сум воскресението и животот. Кој верува во мене, и да умре, ќе оживее“ (Јован 11:25).

„Лазаре, излези!“

За да ја увери Марта дека ова не се само празни зборови, Исус се приближил до гробницата и извикал: „Лазаре, излези!“ (Јован 11:43). И починатиот навистина излегол. Луѓето што биле таму останале вчудовидени.

Пред овој настан, Исус најмалку уште два пати воскреснал некого. Во една прилика ја воскреснал ќеркичката на еден човек по име Јаир. Кратко пред да ја воскресне, Исус рекол дека таа спие (Лука 8:52).

Кога зборувал за Лазар и за ќерката на Јаир, Исус ја споредил смртта со спиење. Оваа споредба е навистина соодветна. Зошто? Затоа што кога некој спие, не е свесен за работите што се случуваат околу него и е ослободен од болката и страдањето (Проповедник 9:5; види ја рамката  „Смртта е како длабок сон“). На првите ученици на Исус им било јасно во каква состојба се мртвите. Во една енциклопедија пишува: „Според следбениците на Исус, за оние што починале како верници смртта била  спиење и гробот место за одмор“ (Encyclopedia of Religion and Ethics). *

Тоа што знаеме дека мртвите спијат во гробот и не се мачат ни дава мир и спокој. Оваа вистина нѐ ослободува од претераниот страв од смртта.

„КОГА ЌЕ УМРЕ ЧОВЕК, ЌЕ ЖИВЕЕ ЛИ ПАК?“

Иако сите сакаме да отспиеме за да се одмориме, никој не сака да заспие засекогаш. Дали има некаква надеж дека оние што заспале во смртен сон повторно ќе оживеат, како што оживеале Лазар и ќерката на Јаир?

Јов, кој му бил верен слуга на Бог, го поставил токму тоа прашање кога се нашол очи в очи со смртта. Тој прашал: „Кога ќе умре човек, ќе живее ли пак?“ (Јов 14:14).

Самиот Јов дал одговор на своето прашање, велејќи му на Бог: „Ќе повикаш, и јас ќе ти се одѕвијам. Ќе копнееш по делото на своите раце“ (Јов 14:15). Јов бил уверен дека Јехова едвај чека да дојде времето кога ќе може да го врати во живот својот верен слуга. Но, дали Јов се надевал на нешто што е невозможно? Се разбира дека не.

Тоа што Исус воскреснал неколку луѓе е цврст доказ дека Бог му дал моќ да ја победи смртта. Всушност, во Библијата за него се вели дека ги има „клучевите од смртта“ (Откровение 1:18). Исто како што заповедал да се тргне каменот од влезот на гробницата каде што бил Лазар, така Исус ќе ги отклучи портите на гробовите каде што почиваат милијарди луѓе.

Во Библијата многупати е запишано ветувањето дека ќе има воскресение. Еден ангел го уверил пророкот Даниел: „Ќе почиваш, но на крајот од деновите ќе станеш за да го добиеш своето наследство“ (Даниел 12:13). На садукеите, еврејски водачи кои не верувале во воскресение, Исус им рекол: „Вие сте во заблуда, бидејќи не ги познавате ниту Писмата ниту Божјата моќ“ (Матеј 22:23, 29). Апостол Павле рекол: „Имам надеж... дека Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“ (Дела 24:15).

КОГА ЌЕ ВОСКРЕСНАТ МРТВИТЕ?

Кога ќе воскреснат праведните и неправедните? Ангелот му кажал на Даниел дека ќе воскресне „на крајот од деновите“. Марта била уверена дека нејзиниот брат, Лазар, ќе „стане при воскресението во последниот ден“ (Јован 11:24).

Во Библијата „последниот ден“ е поврзан со владеењето на Божјето Царство, на чело со Исус Христос. Павле напишал: „Тој [Христос] треба да владее сѐ додека Бог не ги положи сите непријатели под неговите нозе. А како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Коринќаните 15:25, 26). Ова е многу силна причина да се молиме да дојде Божјето Царство и да се врши Божјата волја на Земјата. *

Јов знаел дека Божјата волја е да ги воскресне мртвите. Кога ќе дојде тој ден, смртта навистина ќе биде уништена. Никогаш веќе никој нема да се прашува дали смртта е крај на сѐ.

^ пас. 8 Зборот што првите христијани го користеле за гробишта буквално значи „место за спиење“.

^ пас. 18 За да дознаеш нешто повеќе за Божјето Царство, види во поглавје 8 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.