Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  ноември 2013

 ТАЈНИ НА СЕМЕЈНАТА СРЕЌА

Разговарај со твојот тинејџер без да се расправате

Разговарај со твојот тинејџер без да се расправате

„Кога ќерка ми имаше 14 години, почна да ми возвраќа со груби зборови. Кога ќе ја викнев да ручаме, таа ќе ми одговореше: ‚Ќе јадам кога мене ќе ми се јаде‘. Кога ќе ја прашав дали сработила нешто што ѝ реков, таа ќе ми одвратеше: ‚Остави ме на мира!‘ Честопати се расправавме на сет глас“ (МАКИ, ЈАПОНИЈА). *

Ако твоето дете е тинејџер, недоразбирањата меѓу вас можат да те стават на голем тест како родител и да ја испитаат твојата стрпливост. * „Кога ќерка ми се однесува со мене без почит, почнувам да вријам од бес“, вели Марија од Бразил, која има 14-годишна ќерка. „И двете сме толку лути што едвај успеваме да се надвикаме.“ И на Кармела од Италија не ѝ е ништо полесно. „Расправиите со син ми секогаш се на висок тон и завршуваат на ист начин — со тоа што тој се затвора во својата соба.“

Зошто со некои тинејџери е толку тешко да се најде заеднички јазик? Дали поради влијанието на нивните врсници? Можеби. Библијата вели дека луѓето со кои се дружиме можат да имаат или добро или лошо влијание врз нас (Изреки 13:20; 1. Коринќаните 15:33). Освен тоа, голем дел од денешната забава за млади ги прикажува бунтовноста и непочитувањето како норма на однесување.

Но, треба да се земат предвид и други работи. Да видиме кои се тие и како влијаат врз твојот тинејџер.

ТИНЕЈЏЕРИТЕ УЧАТ ДА МИСЛАТ СО СВОЈА ГЛАВА

Апостол Павле напишал: „Кога бев дете, зборував како дете, размислував како дете, расудував како дете. А кога станав маж, го отфрлив детинското“ (1. Коринќаните 13:11). Како што покажуваат и зборовите на Павле,  децата и возрасните размислуваат поинаку. Во кој поглед?

Децата обично гледаат сѐ црно-бело. За разлика од нив, возрасните честопати размислуваат поапстрактно и одат подлабоко кога доаѓаат до заклучоци или кога донесуваат одлуки. На пример, возрасните најчесто ги земаат предвид и етичките прашања што стојат зад некоја работа и размислуваат како нивните постапки ќе влијаат врз другите. Тие се навикнале да размислуваат на таков начин. Но, тинејџерите допрва треба да го научат тој процес.

Библијата ги поттикнува младите да ја развиваат својата „способност за расудување“ (Изреки 1:4). Всушност, Библијата ги поттикнува сите христијани да го ‚користат својот разум‘ (Римјаните 12:1, 2; Евреите 5:14). Сепак, оваа способност што ја развива твоето дете може да го наведе да се расправа со тебе, дури и за навидум безначајни работи. Или, пак, можеби ќе изнесе некое гледиште кое не е исправно (Изреки 14:12). Во тој случај, како да разговараш со него без да се расправаш?

ПРЕДЛОГ: Имај на ум дека твојот тинејџер можеби само сака да види како е да изнесе некое свое гледиште, иако не е цврсто убеден во тоа. За да откриеш што навистина мисли, најпрво пофали го затоа што размислува со своја глава. („Сфаќам што сакаш да кажеш, иако не се согласувам со сѐ што рече.“) Потоа, помогни му да го преиспита своето размислување. („Што мислиш, дали она што го кажа важи за секоја ситуација?“) Може да се изненадиш кога ќе видиш како твојот тинејџер го менува своето мислење.

Но, внимавај! Немој да мислиш дека секогаш ти мора да го имаш последниот збор. Иако можеби ќе ти се чини дека зборуваш напразно, најверојатно твојот тинејџер ќе запамти од разговорот повеќе од она што си го очекувал или од она што тој ќе го признае. Не е ништо чудно ако по неколку дена забележиш дека го прифатил твоето гледиште, па дури и го изнесува како свое.

„Понекогаш со син ми ќе почневме да се расправаме за ситници, на пример, да биде малку поштедлив или да не ја задева сестра му. Дури отпосле сфатив дека во повеќето ситуации тој само сакал да го прашам зошто нешто направил или да покажам разбирање кон него така што ќе речам: ‚Аха, значи така стојат работите‘ или ‚Значи, така мислиш‘. Сега ми е јасно дека до многу караници немаше да дојде само да речев такво нешто“ (Кенџи, Јапонија).

ТИНЕЈЏЕРИТЕ ФОРМИРААТ СВОИ ЛИЧНИ УБЕДУВАЊА

Мудрите родители бараат начини да им олеснат на тинејџерите да си го кажат своето мислење

Додека го воспитуваш детето, треба да го подготвиш за денот кога ќе замине од дома и ќе живее самостојно како зрела и одговорна личност (1. Мојсеева 2:24). Во тој процес детето гради свој идентитет — стекнува особини, ставови и мерила според кои ќе живее. Кога ќе се најде под притисок да постапи неисправно, тинејџерот што веќе се оформил како личност нема да мисли само на последиците. Тој исто така ќе се праша: ‚Каква личност сум јас? Кои се моите вредности? Што би направила личност со вредности како моите во ваква ситуација?‘ (2. Петрово 3:11).

Младиот Јосиф, за кој читаме во Библијата, имал цврсто изградена личност. На пример, кога жената на Петефри го терала да спие со неа, Јосиф ѝ рекол: „Како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“ (1. Мојсеева 39:9). Иако во тоа време на Израелците сѐ уште не им бил даден закон со кој се забранувала прељубата, на Јосиф му било јасно кое е Божјето гледиште во врска со таа работа. Освен тоа, зборовите „како би можел“ покажуваат дека потполно го усвоил Божјето гледиште — дека тоа станало и негов став (Ефешаните 5:1).

И твојот тинејџер е во фаза кога формира своја личност. Тоа е добро, бидејќи неговите лични убедувања ќе му помогнат да се соочи со притисокот од врсниците и цврсто да се држи за своите ставови (Изреки 1:10-15). Од друга страна, тоа што станува своја личност може да го наведе упорно да се држи за своите ставови и кога разговара со тебе. Што можеш да направиш ако дојде до такво нешто?

ПРЕДЛОГ: Наместо да започнуваш расправија со твојот тинејџер, едноставно кратко повтори го неговиот став. („Чекај малку. Ако добро те разбрав, сакаш да кажеш дека...“) Потоа, постави му некои прашања. („Зошто мислиш така?“ или „Како дојде до тој заклучок?“) Помогни му да си каже што мисли. Слободно нека го изрази своето гледиште. Ако разликите во вашите  мислења се само прашање на вкус а не на исправно или погрешно, покажи му дека го почитуваш неговото гледиште, иако не се согласуваш во целост.

Градењето своја личност и формирањето лични убедувања е нормален и корисен процес. И Библијата вели дека христијаните не треба да бидат како мали деца кои се „фрлани од бранови и... ги носи ваму-таму секој ветар на учењето“ (Ефешаните 4:14). Затоа, дозволи му, па дури и охрабри го своето дете да изгради своја личност и цврсти лични убедувања.

„Кога моите ќерки гледаат дека сум спремна да ги сослушам, полесно е и тие да го сослушаат моето гледиште, дури и ако се разликува од нивното. Се трудам да не ги терам да ги прифатат моите ставови туку сами да дојдат до свои заклучоци“ (Ивана, Република Чешка).

БИДИ ЦВРСТ, НО ФЛЕКСИБИЛЕН

Слично на малите деца, некои тинејџери постојано бараат едно исто за да ги натераат родителите да попуштат. Ако ова често се случува и во вашето семејство, биди претпазлив. Ако попуштиш, можеби привремено ќе го зачуваш мирот. Но, така ќе го научиш твојот тинејџер да се расправа за да го добие она што го сака. Што можеш да направиш? Примени го советот што го дал Исус: „Кога ќе речете: ‚Да‘, тоа нека значи ‚да‘, а кога ќе речете: ‚Не‘, тоа нека значи ‚не‘“ (Матеј 5:37). Ако твојот тинејџер знае дека цврсто си стоиш на зборот, многу ретко ќе доаѓа до такви расправии меѓу вас.

Но, треба да бидеш и разумен. На пример, ако некоја вечер сака да се врати дома малку подоцна, нека ти објасни зошто. Ако му дозволиш, тоа не значи дека си попустлив туку дека го следиш библискиот совет: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5).

ПРЕДЛОГ: Како семејство, разговарајте за тоа во кое време децата треба да се вратат дома, како и за други правила што важат во вашиот дом. Покажи дека си спремен да сослушаш и земи ги предвид сите фактори пред да донесеш одлука. „Тинејџерите треба да видат дека нивните родители се спремни да одобрат некое нивно барање ако со тоа не се прекршуваат библиските начела“, вели Роберто, татко од Бразил.

Се разбира, ниту еден родител не е совршен. Библијата вели: „Сите ние честопати грешиме“ (Јаков 3:2). Ако заклучиш дека барем донекаде и ти си придонел за расправијата, без двоумење извини му се на твојот тинејџер. Со тоа што ќе ги признаеш своите грешки, ќе му оставиш убав пример на понизност и ќе му олесниш другпат и тој да го направи истото.

„Откако малку се смирив по една расправија со син ми, му се извинив што избувнав. Тоа помогна и тој да се смири и да му биде полесно да ме сослуша“ (Кенџи, Јапонија).

^ пас. 3 Имињата во оваа статија се сменети.

^ пас. 4 Иако во оваа статија за тинејџерот зборуваме во машки род, начелата важат и за двата пола.

ПРАШАЈ СЕ...

  • Со што можеби јас придонесувам за расправиите со моето дете?

  • Кои работи од оваа статија можат да ми помогнат подобро да го разберам моето дете?

  • Што можам да направам за да комуницирам со моето дете без да се расправаме?