Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  јули 2013

 ТАЈНИ НА СЕМЕЈНАТА СРЕЌА

Како да успее вториот брак

Како да успее вториот брак

ХЕРМАН: * „Мојата прва жена почина од рак. Бевме заедно 34 години. Откако се преженив, Линда мислеше дека секогаш ја споредувам со неа. Што е уште полошо, пријателите честопати зборуваа за убавите особини на мојата покојна сопруга. Тоа уште повеќе ја растажуваше Линда“.

ЛИНДА: „Откако се зедовме со Херман, се чувствував како да живеам во сенката на неговата прва жена. Сите зборуваа за тоа колку мила и добра била таа. Се прашувам дали некогаш и за мене ќе го мислат истото“.

Херман и Линда се среќни што се имаат еден со друг. Линда, чиј прв брак завршил со развод, вели дека Херман е нејзиниот „принц на бел коњ“. Сепак, и двајцата сфатиле дека вториот брак може да донесе предизвици со кои никогаш не се соочиле во првиот брак. *

Ако по вторпат си стапил во брак, можеш ли да имаш среќен брачен живот? Тамара, која се премажила три години по разводот, вели: „Кога првпат стапуваш во брак, имаш некое посебно чувство дека тој брак ќе трае засекогаш. Но, за вториот брак можеби нема да го имаш истото чувство бидејќи си свесен дека твојот прв брак завршил“.

Сепак, многумина успеале да бидат вистински среќни и во вториот брак. И ти можеш да успееш во тоа. Како? Да разгледаме три вообичаени предизвици што се појавуваат во вториот брак и да видиме како можат библиските начела да ти помогнат да се справиш со нив. *

 ПРВ ПРЕДИЗВИК: ПОРАНЕШНИОТ БРАК ГО ЗАСЕНУВА ТВОЈОТ СЕГАШЕН БРАК.

„Не можам тукутака да ги избришам спомените од првиот брак, особено кога ги посетуваме местата на кои веќе сум била на одмор со мојот поранешен сопруг“, вели Елен, која живее во Јужноафриканската Република. „Понекогаш почнувам да го споредувам маж ми со мојот поранешен сопруг.“ Од друга страна, ако твојот сопружник веќе бил во брак, можеби ќе бидеш повреден ако често зборува за својот претходен брак.

Заедничките мигови ќе ве зближат

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Не е реално да очекуваш дека ти или твојот сопружник ќе го заборавите првиот брак, особено ако траел повеќе години. Всушност, некои признаваат дека им се случило да му се обратат на својот брачен другар со името на претходниот сопружник. Што да правите ако дојде до таква или слична ситуација? „Трудете се да најдете разбирање еден за друг“, пишува во Библијата (1. Петрово 3:8, New Century Version).

Немој поради љубомора да забраниш да се спомнува првиот брак. Ако твојот брачен другар има потреба да зборува за својот живот со првиот сопружник, покажи сочувство и разбирање така што ќе го сослушаш. Освен тоа, немој веднаш да си помислиш дека те споредува. „Жена ми Кетлин никогаш не ми забрануваше да зборувам за мојата почината сопруга“, вели Ијан, кој се преженил пред десет години. „Напротив, во тоа гледаше можност подобро да ме запознае.“ Можеби токму таквите разговори ќе ти помогнат уште повеќе да се зближиш со твојот нов сопружник.

Мисли на убавите особини на твојот сегашен брачен другар. Точно е дека можеби ги нема истите способности или особини што ги имал твојот поранешен сопружник. Но, твојот сегашен брачен другар веројатно има некои други убави особини. Затоа, зајакни го својот сегашен брак така што ќе размислуваш и ќе покажуваш ценење за тоа што ти се допаѓа кај твојот сопружник, а не така што ќе го споредуваш со некој друг (Галатите 6:4). Едмонд, кој сега е во втор брак, вели: „Исто како што две пријателства не можат да бидат исти, така и два брака не можат да бидат исти“.

Како можеш да зборуваш за поранешниот брак на начин на кој нема да го повредиш твојот сегашен сопружник? „Еднаш ѝ објаснив на жена ми дека мојот прв брак е како една убава книга што сме ја напишале јас и мојата прва жена“, вели Џаред. „Понекогаш ја отворам таа книга и се потсетувам на убавите работи што сме ги доживеале. Но, не живеам повеќе во неа. Наместо тоа, сега јас и жена ми пишуваме наша книга со која сме многу среќни.“

ПРЕДЛОГ: Прашај го твојот сопружник дали некогаш се чувствува непријатно кога ќе се спомне првиот брак. Утврдете кога би било најдобро да не зборувате за првиот брак.

ВТОР ПРЕДИЗВИК: ДРУЖЕЊЕ СО ПРИЈАТЕЛИТЕ КОИ НЕ ГО ПОЗНАВААТ ТВОЈОТ НОВ СОПРУЖНИК.

„Некое време откако се зедовме, жена ми имаше чувство дека некои од моите пријатели ја гледаат под лупа“, вели Хавиер, кој се преженил шест години откако се развел. Лео се нашол во една поинаква ситуација. Тој вели: „Некои во мое присуство ѝ рекоа на жена ми дека многу го сакале и многу им недостига нејзиниот прв сопруг!“

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Обиди се да се ставиш на местото на твоите пријатели. „Мислам дека понекогаш на пријателите им е многу болно и непријатно да се дружат само со едниот од брачната двојка што ја познавале“, вели Ијан. Затоа биди разумен и благ спрема сите (Тит 3:2). Дај им време на пријателите и на роднините да се навикнат на новата ситуација. Бидејќи сега си во нов брак, ќе се променат односите со старите, а ќе стекнувате и нови пријатели. Хавиер вели дека, како што минува времето, тој и жена му повторно се зближиле со некои од старите пријатели. „Но, се трудиме да склопиме и нови пријателства, и тоа многу ни ги олеснува работите“, вели тој.

Кога се дружите со твоите стари пријатели, земи ги предвид чувствата на твојот  брачен партнер. На пример, ако се започне разговор за твојот прв брак, биди тактичен и прониклив за твојот брачен другар да не се чувствува запоставено. Една библиска изрека гласи: „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е лек“ (Изреки 12:18).

ПРЕДЛОГ: Проценете кои непријатни ситуации би можеле да настанат кога ќе бидете во друштво на други луѓе. Однапред разговарајте како би можеле на најдобар начин да се справите со прашањата и коментарите поврзани со претходниот брак.

ТРЕТ ПРЕДИЗВИК: НЕ ТИ Е ЛЕСНО ДА МУ ВЕРУВАШ НА НОВИОТ СОПРУЖНИК ЗАТОА ШТО ВО ПРВИОТ БРАК СИ БИЛ ИЗНЕВЕРЕН.

„Ме фаќаше ужас при самата помисла дека би можел повторно да бидам изневерен“, вели Ендру, кого првата жена го оставила. Подоцна тој се оженил со Рајли. „Често се прашував дали ќе бидам толку добар како првиот сопруг на Рајли. Дури и си мислев дека не сум доволно добар за неа и дека ќе ме остави заради некој друг.“

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ: Кажи му на твојот брачен другар што те загрижува. „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор“, пишува во Библијата (Изреки 15:22). Отворените разговори им помогнале на Ендру и Рајли да изградат доверба еден во друг. „Ѝ реков на Рајли дека никогаш не би се решил на развод како на лесен начин да избегам од проблемите. И таа ме увери дека не би го направила тоа. Со текот на времето стекнав потполна доверба во неа“, вели Ендру.

Ако твојот сопружник бил изневерен во претходниот брак, направи сѐ што е потребно за да ја придобиеш неговата доверба. На пример, Мајкл и Сабина, чии први бракови завршиле со развод, се договориле да си кажат ако имаат некаков контакт со поранешните сопружници. „Ваквиот договор и на двајцата ни влева чувство на сигурност“, вели Сабина (Ефешаните 4:25).

ПРЕДЛОГ: Ограничи го контактирањето со лица од спротивниот пол, сеедно дали лично, по телефон или на Интернет.

На многу луѓе им успеал вториот брак. Истото може да биде случај и со тебе. Всушност, во споредба со времето кога си бил во првиот брак, сега веројатно подобро се познаваш себеси. „Веќе 13 години јас и Рајли имаме многу убав брак. За тоа време изградивме многу близок однос, кој не сакаме да го изгубиме по никоја цена“, вели Ендру.

^ пас. 3 Имињата се сменети.

^ пас. 5 Се разбира, една работа е нечиј брак да заврши со развод, а сосема друга работа е сопружникот да почине. Без разлика каков бил случајот со тебе, оваа статија ќе ти помогне да бидеш среќен во вториот брак.

^ пас. 7 Нешто повеќе можеш да прочиташ во Разбудете се! од април 2012 год., издадено од Јеховините сведоци. Ова списание носи наслов „Две семејства сплотени во едно“.

ПРАШАЈ СЕ...

  • Кои убави особини многу ги ценам кај мојот сопружник?

  • Ако се започне разговор за мојот прв брак, што да сторам за да го успокојам и да му го зачувам достоинството на мојот сегашен сопружник?

Нешто повеќе

ТВОЕТО СЕМЕЈСТВО МОЖЕ ДА БИДЕ СРЕЌНО

Бидете верни еден на друг

Дали верноста во бракот вклучува повеќе отколку само да не се направи прељуба?