Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  мај 2013

 ТАЈНИ НА СЕМЕЈНАТА СРЕЌА

Предизвиците на семејствата со очув или маќеа

Предизвиците на семејствата со очув или маќеа

МАРГАРЕТ * ОД АВСТРАЛИЈА: „Поранешната жена на маж ми им рекла на своите деца, кои живеат со нас, ништо да не ме слушаат — дури ни кога ќе ги потсетам да си ги измијат забите“. Маргарет смета дека тоа ѝ го подрива бракот.

Семејствата со очув и маќеа си имаат посебни и честопати големи предизвици во односите со оние надвор од семејството. * На пример, една работа се контактите на очувот или маќеата со биолошкиот родител кога станува збор за времето што децата ќе го поминат со него, за воспитувањето и финансирањето на децата итн. И на пријателите и роднините не им е лесно да се навикнат на новите членови на семејството. Да видиме како советите од Библијата можат да помогнат во вакви ситуации.

ПРВ ПРЕДИЗВИК: ОДНОСИТЕ СО ДРУГИОТ РОДИТЕЛ

Џудит од Намибија вели: „Поранешната жена на маж ми им рекла на нејзините деца, кои живеат со нас, дека јас сум му само втора жена на татко им и дека, ако имаме деца, тие нема да им бидат ништо. Нејзините зборови ме повредија затоа што јас ги сакам децата на маж ми како да се мои“.

 Според психолозите, односот со биолошкиот родител на децата може да биде извор на проблеми и да предизвикува раздор во семејството. Што може да се стори?

Постави разумни граници. Ако се обидеш потполно да го исклучиш другиот родител од животот на детето, тоа може многу да страда во себе. * Вистинските родители на едно дете имаат посебно место во неговиот живот (Изреки 23:22, 25). Од друга страна, ако му дозволиш на твојот поранешен сопружник да има преголемо влијание врз твоето семејство, тоа може да го вознемири, па дури и да го налути твојот нов брачен другар. Труди се да одржуваш рамнотежа. Постави разумни граници за да го заштитиш својот брак, но во исто време труди се колку што е можно да соработуваш со другиот родител.

ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ

  • Разговорите со поранешниот сопружник главно нека бидат поврзани со децата, а разговорите за други работи сведи ги на минимум. Добра идеја е тактично да договориш ако е можно вашите телефонски разговори секогаш да бидат во точно определено време во текот на денот. Тоа обично е многу подобро отколку да разговарате во кое било време или доцна навечер.

  • Ако немаш старателство над своите деца, би можел да контактираш со нив по телефон, преку писма или преку СМС и имејл пораки (5. Мојсеева 6:6, 7). Некои контактираат и преку скајп. Можеш да бидеш вклучен во животот на децата и да им помагаш многу повеќе отколку што мислиш.

ЗБОР-ДВА ДО МАЌЕИТЕ

  • Биди ‚сочувствителна‘ кон вистинската мајка на децата со тоа што јасно ќе покажеш дека не се обидуваш да ја замениш (1. Петрово 3:8). Редовно кажувај ѝ како се децата и труди се повеќе да ги фалиш отколку да ги критикуваш (Изреки 16:24). Барај совети од неа и покажи благодарност кога ќе ти ги даде.

  • Ограничи ги изразите на љубов кон децата во присуство на нивната мајка. Беверли од САД вели: „Децата на маж ми сакаа да ме викаат мамо. Се договоривме да биде така кај нас дома, но не и кога сме со нивната вистинска мајка, Џејн, или со нејзиното семејство. Откако почнавме да го правиме ова, Џејн и јас подобро се сложуваме. По некое време дури и почнавме заедно да им помагаме на децата да се спремат за училишните приредби или екскурзии“.

Можеш да имаш поголемо влијание врз своите деца отколку што мислиш

КАКО ДА СЕ НАЈДЕ ЗАЕДНИЧКИ ЈАЗИК

  • Никогаш не зборувај лошо за вистинскиот родител или за очувот или маќеата пред децата. Лесно може да ти се испушти нешто негативно, но тие зборови детето може да ги доживее многу болно. Исто така, никогаш не знаеш како и кога може да биде пренесено она што си го кажал (Проповедник 10:20). Ако детето ти рече дека другиот родител кажал нешто лошо за тебе, првенствено мисли на чувствата на детето. Можеш да речеш нешто како: „Жал ми е што мајка ти го рекла тоа. Таа ми е лута, а  понекогаш, кога луѓето се лути, кажуваат неубави работи“.

  • Обидете се да поставите исти правила на однесување и казнување во двете семејства. Ако ова не е можно, објасни ја разликата без да го омаловажуваш другиот родител. Да наведеме еден пример:

    Маќеата: Тони, те молам закачи си го пешкирот на место.

    Тони: Кај мајка ми ги оставаме пешкирите на подот и таа ги крева.

    Маќеата (луто): Епа со тоа само ве учи да бидете мрзливи!

    Не е ли подобар следниов одговор?

    Маќеата (смирено): Добро. Ама овде сами си ги закачуваме.

  • Немој да им го планираш времето на децата кога се заедно со другиот родител (Матеј 7:12). Ако не можеш да најдеш друг термин за нешто, прво побарај дозвола од другиот родител па после кажи им на децата каков е планот.

ПРЕДЛОГ: Следи ги следниве чекори кога ќе се сретнеш со поранешниот брачен другар на твојот сегашен сопружник или со брачниот другар на твојот поранешен сопружник:

  1. Погледни го во очи и насмевни се. Не воздивнувај, не превртувај со очите и не прави гримаси.

  2. Обраќај се по име. На пример, речи: „Здраво, Ана“.

  3. Ако сте во група, вклучи го во разговорот.

ВТОР ПРЕДИЗВИК: ОДНОСИТЕ СО ВОЗРАСНИТЕ ДЕЦА

Во една книга која ја разработува оваа проблематика, цитирана е една жена што се жали дека нејзиниот сопруг обично застанува на страната на неговите возрасни деца и не сака да признае дека тие неубаво се однесуваат кон неа. „Веднаш зовривам од бес“, вели таа. Што можеш да направиш за односот со возрасните деца да не се одрази врз твојот брак? (Step Wars).

Покажи сочувство и разбирање. Библијата вели: „Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:24). Потруди се да сфатиш како се чувствува другиот и зошто. Возрасните деца на твојот сопружник можеби се плашат дека родителот нема да ги сака исто како порано. Или можеби мислат дека, ако те прифатат тебе, ќе испадне дека му вртат грб на својот вистински родител и на роднините. Од друга страна, родителите можеби си мислат дека, ако ги критикуваат своите деца, ќе ги оддалечат од себе.

Наместо да очекуваш дека веднаш ќе се спријателите, остави работите да си течат природно. Општо земено, не е мудро по секоја цена да се трудиш некој да те засака (Песна над песните 8:4). Подобро е да имаш реални отколку превисоки очекувања во врска со блискоста со децата на твојот сопружник.

Не кажувај сѐ што мислиш или чувствуваш, дури и кога лошо се постапува со тебе (Изреки 29:11). Ако ти е особено тешко да се контролираш што зборуваш, моли се како Давид, кој бил цар на Израел: „Постави ми, Јехова, стража на устата, чувар на вратата од моите усни!“ (Псалм 141:3).

Ако решите да живеете во куќата во која пораснале децата, веројатно ќе се изненадиш кога ќе видиш дека тие сѐ уште се многу приврзани за неа. Труди се да не правиш големи промени, особено во нивните соби. Ако е можно, преселете се во нов дом.

 ПРЕДЛОГ: Ако возрасните деца на твојот брачен другар постојано се груби или не покажуваат почит кон тебе, кажи му на твојот сопружник како се чувствуваш и внимателно слушај што ќе ти каже тој. Немој да го ставаш под притисок да се расправа со децата. Наместо тоа, најважно е да научите да се разбирате вие двајцата. Откако ќе успеете ‚еднакво да размислувате‘ во врска со ситуацијата, ќе најдете начин да ја подобрите (2. Коринќаните 13:11).

Покажувај љубов кон сите деца во семејството

ТРЕТ ПРЕДИЗВИК: ОДНОСИТЕ СО РОДНИНИТЕ И ПРИЈАТЕЛИТЕ

Мерион од Канада вели: „Моите родители често му даваа подароци на син ми, но не и на децата на маж ми. Се трудевме да им надоместиме со тоа што ние ќе им купевме нешто, но понекогаш немавме доволно пари“.

Најважно нека ти биде твоето ново семејство. Кажи им на роднините и пријателите дека многу си го сакаш новото семејство (1. Тимотеј 5:8). Иако не можеш да очекуваш сите роднини и пријатели веднаш да ги засакаат новите членови на твоето семејство, замоли ги да бидат учтиви и фини. Објасни им колку ќе им биде тешко на децата ако не им обрнат еднакво внимание или не ги третираат исто како твоето дете.

Дозволи им на родителите на твојот поранешен сопружник да бидат вклучени во животот на твоите деца. Сузан од Англија вели: „Се премажив година и пол откако умре маж ми, а на неговите родители им беше тешко да го прифатат мојот нов сопруг. Работите тргнаа на подобро откако почнавме почесто да контактираме со нив, ги поттикнувавме децата да им се јавуваат и им се заблагодарувавме за сѐ што правеа за нас“.

ПРЕДЛОГ: Размисли со кој пријател или роднина имате најзатегнати односи, а потоа разговарај со твојот сопружник како да ги подобрите.

Односите со оние што не се дел од вашето семејство може да бидат предизвик. Но, ако ги применувате советите од Библијата, и за вашето семејство ќе важат зборовите: „Со мудрост се гради дом и со разборитост се утврдува“ (Изреки 24:3).

^ пас. 3 Некои имиња се сменети.

^ пас. 4 Во врска со некои други тешкотии со кои се соочуваш можеш да прочиташ во изданието на Разбудете се! од април 2012, со наслов „Две семејства сплотени во едно“. Ова списание е издадено од Јеховините сведоци.

^ пас. 8 Се разбира, ако поранешниот сопружник е груб или го малтретира детето, можеби ќе треба да поставиш построги граници за да си го заштитиш семејството.

ПРАШАЈ СЕ...

  • Како да си ги подобрам односите со поранешниот сопружник на мојот брачен другар?

  • Како да им помогнеме на роднините и пријателите да не му наштетат на нашето семејство, макар и ненамерно?