Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  ноември 2012

 Тајни на семејната среќа

Кога си во долгови до гуша

Кога си во долгови до гуша

Јанис: * „Бизнисот ми пропадна за време на грчката економска криза. Поради тоа не можевме да ја плаќаме хипотеката и да излеземе од минусот на кредитната картичка. Не можев да спијам од стресот што го чувствував“.

Катерина: „Направивме токму онаква куќа каква што отсекогаш сакавме, и затоа не можев да се помирам со мислата дека ќе ја изгубиме. Јанис и јас често се каравме околу тоа како да излеземе на крај со долговите“.

ДОЛГОВИТЕ може да го стават под притисок, па дури и да го уништат семејството. На пример, истражувачот Џефри Дју открил дека брачните двојки што се задолжени поминуваат помалку време заедно, почесто се караат и се помалку среќни. Во споредба со другите работи за кои се расправаат луѓето, караниците во врска со долговите и парите траат подолго, во нив има повеќе викање и тепање, и најчесто преминуваат во караници и за нешто друго. Затоа, не сме изненадени од фактот што една од најчестите причини за развод во Соединетите Држави се несогласувањата околу парите.

Големите долгови предизвикуваат и здравствени проблеми, како на пример несоница, главоболка, проблеми со желудникот, срцев удар и депресија. Една жена по име Марта вели: „Маж ми, Луис, падна во толку тешка депресија поради долговите што спиеше речиси по цел ден. Човекот на кој секогаш можев да се потпрам сега беше беспомошен“. За некои луѓе стресот станува неподнослив. На пример, во еден извештај на Би-Би-Си беше кажано дека една жена во југоисточна Индија извршила самоубиство откако не можела да го отплати долгот од 662 евра. Тие пари ги позајмила за да ги подмири здравствените трошоци на своите деца.

 Што ако твоето семејство е под стрес затоа што имате долгови? Да разгледаме некои од вообичаените проблеми на брачните двојки што се во долгови, и да видиме кои библиски начела можат да им помогнат.

ПРОБЛЕМ 1: Се обвинуваме еден со друг.

„Ја обвинував жена ми што трошеше без потреба“, вели Лукаш, „а таа ми приговараше дека ќе имавме доволно пари ако имав стабилна работа.“ Што може да направат брачните партнери за долговите да не ги оддалечат еден од друг?

Клуч за успехот: Здружете се во борбата против долговите.

Нема да ги поправиш работите ако сета нервоза му ја истураш на твојот сопружник, дури и ако ти воопшто не си виновен за долгот. Во таков случај, повеќе од кога и да е порано треба да го примените библискиот совет од Ефешаните 4:31, каде што пишува: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета злоба“.

Борете се против долгот, а не еден против друг. Еден човек по име Стефанос кажува како тој и неговата жена се бореле против долговите. Тој вели: „На долговите гледавме како на заеднички непријател“. Таквата соработка е во склад со зборовите од Изреки 13:10, каде што стои: „Вообразеноста само предизвикува караници, а мудри се оние што меѓусебно се советуваат“. Наместо секој од вас да се труди сам да најде решение, отворено зборувајте за финансиските проблеми и потоа заедно преземете нешто.

Во ова може да ги вклучите и децата. Едгардо од Аргентина кажува што направило неговото семејство: „Син ми сакаше нов точак, но му објаснивме дека немаме доволно пари да му купиме. Неместо тоа, му го дадовме точакот од дедо му, и син ми ужива да го вози. Сфатив колку е важно сите да бидеме вклучени во борбата со долговите“.

ПРЕДЛОГ: Одвојте си време отворено и смирено да разговарате за долговите. Признајте си ги грешките што можеби сте ги направиле. Но, наместо да се задржувате на минатото, пробајте да се договорите како ќе ги трошите парите во иднина (Псалм 37:21; Лука 12:15).

ПРОБЛЕМ 2: Изгледа невозможно да излеземе од долговите.

„Заглавив во голем долг поради бизнисот, но ситуацијата уште повеќе се влоши кога Аргентина беше погодена од економската криза“, раскажува Енрике. „Тогаш, жена ми требаше да оди на операција. Се чувствував како да сум заплеткан во пајажина, мислев дека никогаш нема да се ослободам од долгот.“ Роберто од Бразил ја изгубил сета заштеда во една деловна зделка и имал долгови кон 12 банки. Тој вели: „Се срамев да им погледнам в лице на моите пријатели. Се чувствував како тотален губитник“.

Што можеш да сториш ако се чувствуваш немоќен, виновен или се срамиш поради долговите?

Клуч за успехот: Внимавајте како ги трошите парите.

 *

1. Проценете со колкав буџет располагате. Водете евиденција за сите пари кои ќе ги добиете и ќе ги потрошите како семејство во текот на две седмици — или во текот на еден месец ако тоа е попрактично. На тоа додајте ги и трошоците како што се даноците, осигурувањето или купувањето облека, кои можеби се јавуваат многу поретко, и запишете ја просечната сума што ја трошите за нив секој месец.

2. Зголемете го приходот. Можете да работите во дополнителни смени на истото работно место, да најдете сезонска работа, да давате часови или да заработите некој денар од своето хоби. Предупредување: Внимавајте да не дозволите работата да ви го украде времето за она што е поважно, како што се духовните активности.

Најдете практични начини како семејство за да излезете од долговите

3. Намалете ги трошоците. Купете нешто само ако ви треба, а не само затоа што е на попуст (Изреки 21:5). „Добро е да почекаш пред да купиш нешто“, вели Енрике, „бидејќи така полесно ќе видиш дали станува збор  за потреба или за желба.“ Еве уште неколку предлози.

  • Станбено прашање: Ако е можно, преселете се во стан или куќа со помали месечни давачки. Намалете ги режиските трошоци така што ќе штедите струја, вода и греење.

  • Храна: Носете си од дома ручек или ужина, наместо да купувате. Барајте производи со намалена цена и пазарувајте во поевтини маркети. „Заштедувам така што купувам овошје и зеленчук од пазар пред да се затворат тезгите“, вели Жоелма од Бразил.

  • Превоз: Продајте ги возилата што не ви се потребни и одржувајте ги во добра состојба оние што ги имате наместо да ги менувате за понови модели. Користете јавен превоз и секогаш кога е можно одете пеш.

Откако ќе ги намалите трошоците, ќе можете на најдобар начин да ги искористите преостанатите пари.

4. Видете што може да направите во врска со долговите. Најнапред утврдете колкава е каматата за секој долг, колкави се давачките, колкава ќе биде каматата ако задоцните со плаќањето и видете дали веќе сте го поминале рокот за некоја отплата. Внимателно прочитајте што пишува во договорот за кредитот или заемот, затоа што кредиторите може да бидат многу лукави. На пример, една банка од Соединетите Држави наведувала дека каматата за краткорочните кредити што ги давала е во висина од 24 отсто, иако реално изнесувала 400 отсто.

Потоа, одредете по кој редослед ќе ги отплаќате долговите. Една опција е најнапред да го вратите долгот со највисока каматна стапка. Друга опција е најнапред да ги исплатите помалите заеми, бидејќи плаќањето помалку сметки во месецот ќе ве растовари психички. Ако имате заеми со високи камати, би можеле да земете нов кредит со пониска каматна стапка за да ги исплатите старите заеми.

На крај, ако не можете да си ги исполните обврските, обидете се да преговарате со кредиторите за нов начин на отплаќање на долговите. Би можеле да замолите да ви го продолжат рокот на исплата или да ви ја намалат каматата. Некои кредитори можеби ќе ви отпишат дел од долгот ако веднаш исплатите одредена сума во готово. Бидете искрени и учтиви додека ја објаснувате својата финансиска состојба (Колошаните 4:6; Евреите 13:18). Направете писмен договор. Дури и ако не ви биде одобрено првото барање, не откажувајте се (Изреки 6:1-5).

Се разбира, ќе мора да бидете реални во врска со финансиите. Дури и најдобриот план може да пропадне како резултат на фактори над кои немате контрола, бидејќи парата честопати „си прави крилја како на орел и летнува кон небото“ (Изреки 23:4, 5).

ПРЕДЛОГ: Откако сте го направиле првичниот буџет, разговарајте како секој во семејството може да ги намали трошоците или да ги зголеми приходите.   Кога ќе видите како секој од вас прави жртви, уште повеќе ќе се здружите во борбата против долговите.

ПРОБЛЕМ 3: Долговите нѐ преокупираат.

Борбата да се излезе на крај со долговите може да ги потисне поважните работи во животот. Јоргос вели: „Најголемиот проблем беше тоа што целиот живот почна да ни се врти околу долговите. Работите што требаше да ни бидат најважни ги ставивме во втор план“.

Клуч за успехот: Имајте урамнотежено гледиште за парите.

И покрај сѐ што ќе направите, можеби со години ќе треба да ги отплаќате долговите. Во меѓувреме, од вас зависи како ќе гледате на ситуацијата. Наместо да бидете преокупирани со тоа дали имате или немате пари, ќе биде мудро да го послушате библискиот совет: „Ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:8).

Среќата со пари не се купува

Ако сте задоволни со она што го имате, ќе можете „да процените што е најважно“ (Филипјаните 1:10). Во ова спаѓа вашето пријателство со Бог и односите во семејството. Јоргос вели: „Иако сѐ уште целосно не ги имаме вратено долговите, тие повеќе не се во центарот на нашето внимание. Сега нашиот брак е посреќен бидејќи имаме повеќе време за нашите деца, еден за друг и за духовни активности“.

ПРЕДЛОГ: Направете список со работи што не се купуваат со пари, а многу ви значат. Потоа, размислете како да посветите повеќе време и сили за секоја од нив.

Долговите создаваат стрес, и справувањето со нив бара жртви. Сепак, вреди да се вложи труд. Анжеј од Полска вели: „Кога дознав дека жена ми прифатила да ѝ биде жирант за голем кредит на една своја колешка, која потоа исчезна без трага и глас, семејната атмосфера, благо речено, стана напната“. Сепак, кога ќе помисли на сѐ што направиле тој и жена му, Анжеј вели: „Уште повеќе се зближивме, но не поради самиот проблем, туку поради тоа што заеднички се боревме да го решиме“.

^ пас. 3 Некои имиња во оваа статија се сменети.

^ пас. 17 Повеќе предлози можете да најдете во воведните статии „Како да управуваш со парите“ во Разбудете се! од септември 2011, издадено од Јеховините сведоци.

ПРАШАЈ СЕ...

  • Како да му помогнам на моето семејство да излезе од долговите?

  • Што да направиме за долговите да не нѐ преокупираат или да ни ги уништат односите?

 

Нешто повеќе

ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА

Може ли Библијата да ти помогне ако имаш долгови и финансиски проблеми?

Среќата не се купува со пари, но библиските начела можат да ти помогнат исправно да ракуваш со парите.

РАЗБУДЕТЕ СЕ!

Како да трошите разумно

Не чекајте да останете без пари, па тогаш да мислите како да трошите помалку. Научете како да трошите разумно, пред ситуацијата да излезе од контрола.