Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  мај 2011

Мирољубив народ го брани своето добро име

Мирољубив народ го брани своето добро име

ПОРАКА ДО ГРАЃАНИТЕ НА РУСИЈА: Преку оваа статија, десетици милиони луѓе во повеќе од 230 земји ќе дознаат за неоснованото ограничување на верската слобода во Русија. Списанието Стражарска кула е најпреведувано и најдистрибуирано списание во целиот свет. Оваа статија ќе излезе на 188 јазици. Ќе се отпечатат преку 40 милиони примероци. Властите сакаат да го скријат од меѓународната заедница она што им се случува на Јеховините сведоци во Русија. Но, ќе се исполнат зборовите што ги кажал Исус: „Нема ништо скриено, кое нема да биде откриено, ниту тајно, кое нема да се дознае“ (ЛУКА 12:2).

ВО ДЕКЕМВРИ 2009 и јануари 2010 год., два од највисоките судови во Русија ја прогласија религијата на Јеховините сведоци за екстремистичка. Историјата како да се повторува. Кога Русија беше дел од Советскиот Сојуз, илјадници Сведоци беа лажно обвинети дека се непријатели на државата. Некои од нив беа протерани, затворени и однесени во работни логори. По падот на режимот, Јеховините сведоци беа ослободени од обвинението. Новата влада официјално им го врати доброто име. * Денес, некои луѓе повторно сакаат да го срушат угледот на Сведоците.

Во почетокот на 2009 год., властите почнаа да ја ограничуваат верската слобода на Јеховините сведоци. Само во февруари, обвинителите покренаа повеќе од 500 истраги во целата земја. Што сакаа да постигнат? Да утврдат дали Сведоците го кршат законот. Во месеците потоа, припадници на полицијата извршија упади со кои ги прекинуваа верските состаноци што во мир се одржуваа во Салите на Царството и во приватни домови. Тие ја конфискуваа литературата и личните поседи. Властите ги протераа и им забранија повторно да влезат во земјата на адвокатите кои беа странски државјани, а ги застапуваа Сведоците.

На 5 октомври 2009 год., цариниците на границата близу Санкт Петербург не дозволија да се внесе пратка  со библиска литература. Таа беше отпечатена во Германија и наменета за голем број собранија во Русија. Специјална единица на руски цариници за спречување на шверц на забранета стока, изврши проверка на пратката. Зошто? Во налогот беше наведено дека пратката „можеби содржи материјал кој поттикнува на верска омраза“.

За кратко време, овој бран на напади ја достигна својата кулминација. Највисоките судови на Руската Федерација и на Република Алтај (која е во составот на Русија) донесоа одлука со која одредени публикации на Сведоците, меѓу кои и списанието што сега го читаш, се прогласени за екстремистички. Јеховините сведоци поднесоа жалба, а меѓународната заедница ја изрази својата загриженост — но судот не сакаше да ја промени одлуката! Во Русија сѐ уште е на сила забраната за внесување и дистрибуирање на тие библиски публикации.

Како реагираа Сведоците на овие обиди да бидат оцрнети и да се забрани нивната активност? И какви последици по верската слобода на сите граѓани на Русија може да има оваа судска одлука?

Реакција на заканата

Владимир Литвин (81) бил протеран во Краснојарск кога имал 14 години. Изутрината во петокот кога почна акцијата, тој водеше една група Јеховини сведоци кои го делеа посебниот трактат

Во петок, на 26 февруари 2010 год., Јеховините сведоци во Русија, кои ги има околу 160.000, почнаа да го делат специјалниот трактат Може ли да се случи повторно? Прашање за граѓаните на Русија. Трактот беше отпечатен во 12 милиони примероци. На пример во сибирскиот град Усолје-Сибирско, утрото во 5.30 на улиците се собраа стотици Сведоци. Во групата имаше и неколкумина што во 1951 год. биле протерани во Сибир поради својата вера. И покрај тоа што температурата изнесуваше -40°C, тие поделија 20.000 примероци од трактатот.

Николај Јасински (73) со жар учествуваше во акцијата. Тој праша: „Навистина ли повторно ќе нѐ угнетуваат и ќе ни го одземат правото да го обожаваме Јехова?“

За да ја информираат јавноста за оваа тридневна акција во Русија, Јеховините сведоци одржаа прес-конференција во главниот град Москва. Меѓу поканетите беше и Лев Левинсон, експерт од Институтот за човекови права. Тој зборуваше за бесмисленото малтретирање и прогонство на Јеховините сведоци за време на нацистичка Германија и Советскиот Сојуз, како и за нивното подоцнежно ослободување од сите обвиненија. Потоа рече: „На сите религии кои беа прогонувани за време на советскиот режим им беа вратени нивните права по наредба на претседателот Елцин. Исто така, требаше да им се врати сѐ што им беше одземено. Јеховините сведоци немаа  некаков имот за време на Советскиот Сојуз, но им беше вратено нивното добро име“.

Нивниот углед денес повторно е загрозен. „Во истата држава која го изрази своето жалење,“ рече г. Левинсон, „овие луѓе повторно доживуваат прогонство без никаква причина“.

Акцијата ја постигнува својата цел

Дали акцијата со трактатот ја постигна својата цел? Г. Левинсон рече: „Додека патував за да стигнам на прес-конференцијата, видов луѓе во метрото кои го читаа летокот што денес Јеховините сведоци им го даваат на сите луѓе во Русија... Тие го читаа, и тоа со внимание“. * Да спомнеме неколку примери.

Една постара жена во еден регион во централна Русија, во кој претежно живеат муслимани, го зела трактот и прашала за што се работи. Кога ѝ кажале дека во него се зборува за човековите права и слободи во Русија, таа рекла: „Конечно некој му обрнува внимание на овој проблем! Во овој поглед, Русија се врати назад во времето на Советскиот Сојуз. Ви благодарам. Браво!“

Една жена од Чељабинск, на која ѝ бил понуден трактатот, рекла: „Веќе го прочитав и целосно ве поддржувам. Не сум сретнала друга религија која на ваков организиран начин ги брани своите верувања. Ми се допаѓа како се облекувате и тоа што секогаш сте тактични. Се гледа дека сте цврсто убедени во она што го верувате. Мислам дека Бог е со вас“.

Во Санкт Петербург, еден човек кој рекол дека веќе го има трактатот, бил запрашан дали му се допаднало она што го прочитал. „Секако“, изјавил тој. „Додека го читав, ми се наежи кожата и очите ми се  наполнија со солзи. Баба ми беше прогонувана [во времето на Советскиот Сојуз] и ми раскажуваше за луѓето кои биле в затвор со неа. Имало многумина криминалци, но имало и такви кои без трошка вина биле затворени поради својата вера. Мислам дека сите треба да дознаат што се случувало. Убаво од вас што го правите ова.“

Што ќе донесе иднината за Русија?

Степан Левитски (85) и неговата жена, Елена. Тој одлежал десет години затвор само затоа што кај себе имал примерок од списанието Стражарска кула

Јеховините сведоци во Русија се благодарни за слободата што ја имаа во изминативе две децении. Сепак, тие добро знаат дека лесно може да ја изгубат таа слобода. Времето ќе покаже дали со овој последен бран на клевети против нив, во Русија повторно ќе настапи мрачна ера на угнетување.

Што и да се случи, Јеховините сведоци се цврсто решени да продолжат да им ја пренесуваат на другите библиската порака за мир и надеж. Во трактатот, нивната решеност е изразена со зборовите: „Угнетувањето нема никогаш да ја постигне својата цел. Нема да престанеме тактично и со почит да зборуваме за Јехова Бог и за неговата Реч, Библијата (1. Петрово 3:15). Не престанавме кога доживувавме ужасни работи во времето на нацистичка Германија, не престанавме ни во најмрачните денови од прогонството во нашата земја, а нема да престанеме ни сега (Дела 4:18-20)“.

^ пас. 13 Јеховините сведоци во Москва почнаа да го делат трактатот неколку часа пред одржувањето на прес-конференцијата.