Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  ноември 2010

 Тајни на семејната среќа

Разговарај со своите деца за сексот

Разговарај со своите деца за сексот

Алиша, * која е тинејџерка, вели: „Понекогаш ме интересира нешто во врска со сексот, но мислам дека, ако ги прашам татко ми и мајка ми, веднаш ќе помислат дека правам нешто лошо“.

Инес, мајка ѝ на Алиша, вели: „Баш би сакала да седнам со ќерка ми и да поразговараме за сексот, ама таа е многу окупирана со свои работи. Тешко ми е да го погодам вистинскиот момент кога е слободна“.

ДЕНЕС, на секој чекор се алудира на секс — на телевизијата, во филмовите и на рекламните паноа. Изгледа дека ова е табу-тема само во разговорите помеѓу родителите и децата. „Би сакал родителите да знаат колку ни е незгодно и непријатно да зборуваме со нив за сексот“, вели Мајкл, тинејџер од Канада. „Полесно е да зборуваш за тоа со некој другар.“

Честопати и на родителите им е непријатно да ја начнат таа тема. Во една своја книга, здравствениот експерт Дебра В. Хафнер, која пишува трудови на оваа тема, вели: „Многу родители ми имаат кажано дека му купиле на своето дете книга во врска со сексот или пубертетот, му ја оставиле в соба и никогаш повеќе не зборнале на таа тема“ (Што откако ќе ја начнеш темата за секс — Beyond the Big Talk). Хафнер вели дека пораката што на тој начин им се испраќа на децата е многу јасна: „Сакаме да знаете сѐ за вашето тело и за сексот, ама не сакаме да зборуваме со вас за тоа“.

Ако си родител, треба да имаш поинаков став. Всушност, многу е важно ти лично да зборуваш со твоите деца за сексот. Ќе наведеме три причини.

  1. Во светот е сменета претставата за тоа што е секс. „Повеќе ја нема едноставната дефиниција за тоа што е секс — полов однос помеѓу маж и жена што се во брак“, вели 20-годишниот Џејмс. „Сега има орален секс, анален секс, секс на Интернет — дури и секс преку пораки.“

  2. Твоите деца веројатно уште од мали ќе чујат секакви погрешни информации. „Ќе чујат за секс штом ќе тргнат на училиште“, вели една мајка по име Шила, „и нема да го стекнат гледиштето што вие би сакале да го имаат.“

  3. Твоите деца имаат прашања за сексот, но најверојатно нема први да почнат да разговараат со тебе на таа тема. „Искрено речено, немам поим како да почнам да зборувам со моите родители за сексот“, вели 15-годишната Ана од Бразил.

 Сепак, во одговорностите што Бог ти ги дал како родител спаѓа и тоа да разговараш со твоите деца за сексот (Ефешаните 6:4). Точно, можеби ќе ви биде незгодно и тебе и ним. Но, од друга страна, многу млади се согласуваат со 14-годишната Даниела, која вели: „Сакаме да дознаеме за сексот од нашите родители, а не од некој наставник или од некоја телевизиска емисија“. Тогаш, како можеш да разговараш со твоите деца на оваа важна но, мора да се признае, незгодна тема? *

Според нивната возраст

Децата почнуваат да слушаат за секс веќе од многу рана возраст — освен ако не се потполно изолирани од останатиот свет. Уште повеќе вознемирува фактот што во овие ‚последни денови‘ злите луѓе напредуваат „од лошо на полошо“ (2. Тимотеј 3:1, 13). За жал, многу деца се сексуално искористувани од перверзни возрасни лица.

Затоа, важно е да почнеш да ги поучуваш децата уште додека се мали. „Ако чекаш да навлезат во тинејџерски години“, вели Рената, мајка од Германија, „можеби нема да сакаат отворено да зборуваат затоа што во пубертетот обично стануваат позатворени.“ Тајната на успехот е да им се кажат на децата оние работи што одговараат на нивната возраст.

За деца на претшколска возраст:

Пред сѐ, научи го детето како се викаат половите органи и нагласи му дека никој не треба да му ги допира тие делови од телото. „Почнав да го учам син ми кога имаше три години“, вели една мајка од Мексико, која се вика Хулија. „Многу ме загрижуваше дури и самата помисла дека воспитувачките во градинка, бебиситерите или постарите деца би можеле да го повредат. Требаше да научи да се заштити.“

ПРЕДЛОГ: Научи го детето одлучно да реагира ако некој се обиде да му ги допира половите органи. На пример, би можел да го научиш да рече: „Немој! Ќе те кажам!“ Увери го дека секогаш треба да каже ако некој проба да направи такво нешто — дури и ако тоа лице му ветува подароци или, пак, му се заканува. *

За деца од основно училиште:

Во овој период почни да му кажуваш на своето дете сѐ повеќе работи. „Испитај го теренот пред да зборуваш“, препорачува еден татко по име Петар. „Провери кои работи веќе ги знаат и дали сакаат да дознаат нешто повеќе. Не присилувај ги да зборуваат. Ако редовно им посветуваш време на своите деца, таквите разговори веројатно ќе дојдат сами по себе.“

ПРЕДЛОГ: Наместо еден долг разговор, почесто водете кратки разговори (5. Мојсеева 6:6-9). На тој начин нема да ги преоптовариш децата. Освен тоа, додека растат, ќе го дознаваат она што е соодветно на нивната возраст.

За тинејџери:

Сега е време да се погрижиш твоето дете да знае доволно за физичките, емоционалните и моралните аспекти на сексот. „Во моето училиште, момчињата и девојките веќе имаат секс“, вели 15-годишната Ана, која беше цитирана претходно. „Мислам дека јас, како христијанка, треба да знам некои работи на таа тема. Колку и да е непријатно да се зборува за сексот, морам да знам нешто и во врска тоа.“ *

Едно предупредување: Тинејџерите можеби не се чувствуваат слободни да ги прашуваат родителите во врска со сексот затоа што се плашат дека тие ќе си помислат дека прават нешто лошо. Тоа го сфатил еден татко по име Стивен. „Нашиот син почна да избегнува да зборува за секс“, вели Стивен. „Но, подоцна ни рече дека си мислел дека се  сомневаме во него. Јасно му кажавме дека разговараме на таа тема не затоа што се сомневаме во нешто, туку дека само сакаме тој да биде спремен да се спротивстави на лошото влијание од околината.“

ПРЕДЛОГ: Наместо да му поставуваш на своето дете директни прашања за некоја конкретна тема во врска со сексот, прашај го како гледаат на таа работа другите деца на училиште. На пример, би можел да речеш: „Многумина денес сметаат дека оралниот секс не е вистински секс. Дали така мислат и децата на училиште?“ Со вакви индиректни прашања најверојатно ќе го поттикнеш своето дете да се отвори и да си каже што мисли.

Да се скрши мразот

Мора да се признае, можеби една од најнепријатните задачи што ги имаш како родител е да разговараш со твоите деца за сексот. Но, трудот ќе ти се исплати. „Со текот на времето“, вели Дајан, „нема веќе да се чувствувате непријатно и разговорите за сексот може да ве зближат со детето.“ Стивен, кого го цитиравме претходно, се согласува со неа. „Станува полесно да се зборува за незгодни теми, како што е сексот, ако веќе подолго време имате навика отворено да разговарате за која и да било друга тема што ќе се начне во семејството“, вели тој. Потоа додава: „Чувството на непријатност никогаш нема да исчезне потполно, но отворената комуникација е неопходна за едно здраво христијанско семејство“.

^ пас. 3 Имињата во оваа статија се сменети.

^ пас. 11 Во оваа статија ќе зборуваме за тоа дека родителите треба слободно да разговараат со своите деца за сексот. Во некоја од следните статии од оваа рубрика ќе разгледаме како при таквите разговори да им се всадат на децата високи морални мерила.

^ пас. 16 Според 171. страница од книгата Учи од Големиот Учител, издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 19 Ако имаш дете во тинејџерски години, можеш да разговараш со него за сексот на темел на поглавјата 1-5, 28, 29 и 33 од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, издадена од Јеховините сведоци.

ПРАШАЈ СЕ...

Прочитај ги следниве изјави од некои млади од целиот свет, а потоа постави си ги прашањата што се наведени.

„Моите родители ми велат да читам различни статии за сексот и потоа да ги прашам ако нешто не ми е јасно. Но, јас повеќе би сакала тие да зборуваат со мене на таа тема“ (Ана, Бразил).

Што мислиш, зошто не е доволно само да му дадеш на детето да прочита нешто за сексот?

„Знам многу искривени работи за сексот — работи што мислам дека на татко ми не му паѓаат ни на крај памет. Ќе му се стемни ако го прашам за тие работи“ (Кен, Канада).

Што мислиш, зошто твоето дете се плаши да разговара со тебе за она што го интересира?

„Кога конечно собрав храброст да ги прашам татко ми и мајка ми нешто за сексот, ми одговорија како да ме обвинуваат: ‚Зошто поставуваш такви прашања? Што се случило?‘“ (Масами, Јапонија).

Кога детето ќе те праша нешто за сексот, како можеш со твојата реакција или да оставиш место за идна дискусија или, пак, да спречиш секаква идна дискусија?

„Би ми помогнало ако родителите ми кажат дека, кога тие биле на моја возраст, ги поставувале истите прашања, и дека е нормално што и јас прашувам за тие работи“ (Лизет, Франција).

Како можеш да му олесниш на своето дете да зборува со тебе за сексот?

„Кога ми поставуваше прашања за сексот, мајка ми имаше пријатен тон на гласот. Мислам дека тоа е важно за едно дете да нема чувство дека е изведено пред суд“ (Жералд, Франција).

Со каков тон зборуваш со твоето дете за сексот? Треба ли да смениш нешто?

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА

Научи ги своите деца на висок морал

Дали твоите деца ја знаат вистината за сексот? Дознај кои се Божјите мерила и како можеш да ги научиш своите деца на висок морал.