Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  ноември 2009

  Тајни на семејната среќа

Кога сопружникот има тешка болест

Кога сопружникот има тешка болест

Откако ми открија синдром на хроничен замор, само маж ми оди на работа. Но, никогаш не ми зборува за домашните сметки. Зошто ништо не ми кажува? Сигурно стоиме многу лошо финансиски, па јасно му е дека ќе ме фати паника ако дознаам за тоа (Ненси). *

БРАКОТ може да биде предизвик, но кога едниот сопружник ќе се разболи од некоја хронична болест а другиот е здрав, може да биде уште потешко. * Дали твојот сопружник е болен и ти го негуваш? Ако да, дали те мачи некое од следниве прашања: ‚Што ќе правам ако здравјето на мојот сопружник се влоши уште повеќе? До кога ќе можам да се грижам за него и истовремено да готвам, да чистам и да одам на работа? Зошто се чувствувам виновен што јас сум здрав?‘

Од друга страна, ако ти си болниот сопружник, можеби се прашуваш: ‚Како да имам самопочит кога не можам да си ги исполнувам одговорностите? Дали мојот сопружник е огорчен затоа што сум болен? Дали ѝ дојде крај на нашата среќа?‘

За жал, некои бракови не опстанале под притисокот што го предизвикала некоја тешка болест. Сепак, тоа не значи дека и твојот брак е осуден на пропаст.

Многу бракови опстануваат, па дури и се зајакнуваат и покрај тоа што едниот од сопружниците има тешка болест. Пример за тоа се Јошиаки и Казуко. По една повреда на ’рбетот, Јошиаки не може да направи никакво движење без некој да му помогне. Казуко објаснува: „На маж ми му треба помош во сѐ. Бидејќи јас го негувам, од напорот имам болки во вратот, рамениците и рацете, и се лекувам на ортопедска клиника. Честопати помислувам дека не можам да издржам повеќе“. Меѓутоа, и покрај овие тешкотии, Казуко вели: „Нашата брачна врска стана поцврста“.

Значи, која е тајната за да се биде среќен во такви околности? Како прво, оние што остануваат радосни и задоволни од бракот, гледаат на болеста како на напад не само врз болниот сопружник туку врз двајцата партнери. Впрочем, ако е болен едниот сопружник, тоа ги погодува и двајцата, иако на различни начини. Овој меѓусебно зависен однос помеѓу еден маж и неговата жена  е опишан во 1. Мојсеева 2:24: „Човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“. Затоа, кога едниот брачен другар има долготрајна физичка болест, многу е битно и сопругот и сопругата да соработуваат за да се справат со проблемот.

Освен тоа, истражувањата покажуваат дека брачните двојки што задржуваат добар однос кога се соочени со хронична болест ја прифаќаат својата ситуација и учат успешно да се привикнат на неа. Многу од методите што ги научиле се слични на советите од Библијата, кои никогаш не застаруваат. Да ги разгледаме следниве три предлози.

Бидете обѕирни еден кон друг

„Подобро им е на двајца отколку на еден“, пишува во Проповедник 4:9. Зошто? Затоа што, како што е објаснето во 10. стих, „ако падне едниот, другиот ќе го подигне другарот свој“. Дали ти ,го подигаш својот другар‘ со изрази на ценење?

Можете ли да најдете начини да си помагате еден на друг? Јонг, чија жена е делумно парализирана, вели: „Се трудам во секоја прилика да бидам обѕирен кон жена ми. Кога сум жеден, помислувам дека можеби и таа е жедна. Ако сакам да излезам за да ја разгледувам прекрасната природа, ја прашувам дали и таа сака да дојде со мене. Ја делиме болката и заедно ја поднесуваме ситуацијата“.

Од друга страна, пак, ако тебе те негува твојот сопружник, размисли кои работи би можел да ги правиш сам без да си го влошиш здравјето. Така ќе си ја зголемиш самопочитта и ќе му помогнеш на твојот сопружник да продолжи да се грижи за тебе.

Иако можеби си мислиш дека знаеш како најдобро да покажеш обѕир кон твојот брачен другар, прашај го што би сакал тој да направиш за него. Ненси, спомната на почетокот, еден ден му кажала на маж ѝ како се чувствува затоа што не знае ништо за финансиската состојба на семејството. Сега тој се труди повеќе да зборува со неа на таа тема.

ПРЕДЛОГ: Запиши на ливче на кои начини мислиш дека твојот сопружник може да ти олесни во сегашната ситуација, а истото нека го направи и тој. Потоа сменете си ги ливчињата. Секој од вас нека издвои еден или два предлога што може да ги примени.

Направете урамнотежен распоред

„Сѐ си има свое време“, напишал мудриот цар Соломон (Проповедник 3:1). Меѓутоа, можеби ви се чини невозможно да се држите за еден урамнотежен распоред, со оглед на тоа што една хронична болест може да ја наруши рутината на семејството. Што можете да направите за да задржите барем некаква рамнотежа?

Би можеле редовно да си правите „паузи“ со тоа што ќе ги оставате настрана грижите за здравјето. Можете ли сѐ уште да уживате во некои работи што сте ги правеле заедно пред болеста? Ако не, со кои нови активности би можеле да почнете да се занимавате? Би можело да биде нешто едноставно, на пример, да си читате еден на друг, или нешто потешко, на пример, да учите некој нов јазик. Заедничките активности што болеста не ги спречува, ќе ја зајакнат вашата врска во која сте „едно тело“, и ќе бидете посреќни.

За да го урамнотежите својот живот, можете ли да најдете некое заедничко хоби?

Друга работа што ќе ви помогне да задржите рамнотежа е дружењето со другите. Во Изреки 18:1 Библијата вели: „Оној што се изолира, оди по своите себични желби, се спротивставува на секоја мудрост“. Забележуваш ли од овој стих дека, кога некој се изолира, тоа може лошо да влијае врз мислите? Од друга страна, дружењето со другите може да ве расположи и да ви помогне исправно да гледате на работите. Зошто не го направите првиот чекор да поканите некого на гости?

Понекогаш, на сопружниците што го негуваат својот брачен другар може да им биде вистински проблем да бидат урамнотежени. Некои премногу работат, малку по малку се исцрпуваат и така си го загрозуваат сопственото здравје. На крајот доаѓаат  до тој степен што повеќе не можат да се грижат за брачниот другар што толку го сакаат. Затоа, ако го негуваш твојот тешко болен сопружник, не запоставувај ги своите лични потреби. Редовно одвојувај си време да се одмориш и да си ги обновиш силите. * На некои им олеснува кога одвреме-навреме зборуваат за своите грижи со некој доверлив пријател од истиот пол.

ПРЕДЛОГ: Запиши на ливче кои работи ти отежнуваат во грижата за твојот сопружник. Потоа напиши што би можел да направиш за да ги надминеш тие пречки или поуспешно да се справиш со нив. Наместо премногу да ги анализираш, прашај се: ‚Кој е наједноставниот, најочигледен начин да ја подобрам ситуацијата?‘

Труди се да останеш позитивен

Библијата опоменува: „Не вели: ‚Зошто поранешните времиња беа подобри од сегашниве?‘“ (Проповедник 7:10). Затоа, избегнувај да размислуваш „што ќе беше ако беше“. Не заборавај дека во овој свет никогаш не можеме да бидеме апсолутно среќни. Тајната на успехот е да ја прифатиш својата ситуација таква каква што е и да го сториш најдоброто што можеш.

Што може да ви помогне тебе и на твојот сопружник во врска со ова? Заедно разговарајте за убавите работи што ги имате. Радувајте им се дури и на најмалите подобрувања во здравјето. Размислете кои работи едвај чекате да се случат и поставувајте си достижни цели.

Шоџи и Акико го примениле горниов совет со добри резултати. Откако кај Акико била утврдена фибромијалгија, морале да ја напуштат специјалната доделба во полновремената христијанска служба. Дали биле разочарани? Се разбира. Сепак, еве каков совет им дава Шоџи на сите што се во слична ситуација: „Не обесхрабрувај се размислувајќи за она што повеќе не можеш да го правиш. Остани позитивен. Дури и ако двајцата се надевате дека еден ден ќе се вратите на нормалната рутина, сега-засега концентрирајте се на животот таков каков што е. Во мојот случај тоа значи целото внимание да ѝ го посветам на жена ми и да ѝ помагам“. Ваквите практични совети можат да ти помогнат и тебе ако твојот брачен другар има тешка болест.

^ пас. 3 Некои имиња се сменети.

^ пас. 4 Во оваа статија се зборува за ситуации кога сопружникот има некоја хронична физичка болест. Меѓутоа, она што е кажано овде може да им помогне и на брачните двојки кои се соочуваат со физички проблеми кои се последица од некоја несреќа, или со емоционални проблеми, како што е депресијата.

^ пас. 20 Во зависност од околностите, можеби во вашиот случај ќе биде добро барем во одредени термини да побараш помош во негата за брачниот другар од стручно обучени лица или од институции задолжени за тоа.

ПРАШАЈ СЕ...

Што е најпотребно да правиме јас и мојот сопружник сега?

  • Да зборуваме повеќе за болеста

  • Да зборуваме помалку за болеста

  • Помалку да се секираме

  • Да бидеме пообѕирни еден кон друг

  • Да правиме заедно нешто што не е поврзано со болеста

  • Повеќе да се дружиме со другите

  • Да имаме заеднички цели