Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  август 2009

 Поучете ги своите деца

Раав слушала што се раскажува

Раав слушала што се раскажува

ДА СЕ ВРАТИМЕ 3.500 години наназад. Настанот се случил во градот Ерихон, во земјата Ханаан. Во тој град живеела една девојка, која се викала Раав. Се родила откако Мојсеј ги извел Израелците од ропството во Египет, а потоа го преминале Црвеното Море по суво тло! Во тоа време немало радио, телевизија ниту Интернет, но Раав дознала за тоа чудо — иако се случило далеку од местото каде што живеела. Знаеш ли како дознала за тоа?— *

Без сомнение, патниците раскажувале за овие чуда. И додека растела, Раав се сеќавала што направил Јехова за својот народ. Низ годините слушала и други неверојатни работи за Израелците. Откако поминале 40 години во пустината, влегле во Ханаан, а Бог им помагал да го поразат секого што им се противел. Сега Раав дознала дека Израелците подигнале логор од другата страна на реката Јордан, веднаш спроти Ерихон!

Една вечер, двајца непознати луѓе дошле кај Раав затоа што знаеле дека живее на место каде што можат да отседнат посетители. Таа ги примила внатре. Истата ноќ, царот на Ерихон дознал дека во градот дошле израелски извидувачи и дека отишле во куќата каде што живеела Раав. Затоа, тој испратил гласници кај Раав, кои ѝ рекле да ги изведе луѓето што дошле кај неа. Знаеш ли што дознала кратко пред тоа, и што направила?—

Па, пред да пристигнат гласниците на царот, Раав дознала дека луѓето што дошле кај неа се израелски извидувачи. Затоа, ги скрила на покривот, а на гласниците на царот им рекла: „Точно, тие луѓе дојдоа кај мене... Си отидоа на стемнување кога ги затвораа градските порти“. Потоа им рекла: „Тргнете во потера по нив“.

Што мислиш, зошто Раав ги заштитила извидниците?— Таа објаснила зошто, велејќи им: „Знам дека Јехова сигурно ќе ви ја даде оваа земја... Зашто, чувме како Јехова ги исушил водите на Црвеното Море пред вас, кога сте излегувале од Египет“. Исто така, чула и за други  победи што ги извојувал Бог против непријателите на Израелците.

Јехова сигурно бил задоволен што Раав ги заштитила извидувачите, како што ни кажува Библијата во Евреите 11:31. Исто така, бил задоволен и кога ги замолила: ‚Јас бев добра со вас, па затоа, ве молам, ветете ми дека, кога ќе го освоите Ерихон, ќе ги спасите татко ми и мајка ми и моите браќа и сестри‘. Извидувачите ветиле дека ќе го сторат тоа ако Раав направи така како што ќе ѝ речат. Знаеш ли што требало да направи?—

‚Земи ја оваа црвена врвца и врзи ја на твојот прозорец‘, ѝ рекле извидувачите, ‚и собери ги кај тебе сите твои роднини. Само ако направиш така, ќе се спасат сите.‘ Раав направила токму така како што ѝ рекле. Знаеш ли што се случило тогаш?—

Израелците дошле пред ѕидовите на Ерихон. Шест дена оделе околу градот по еднаш на ден без да проговорат ниту збор. На седмиот ден го обиколиле градот седум пати и гласно извикнале. Ѕидовите се срушиле — освен на оној дел каде што висела црвена врвца од прозорецот! Раав и нејзината фамилија биле спасени (Исус Навин 2:1-24; 6:1-5, 14, 15, 20-25).

Што можеме да научиме од постапката на Раав?— Таа не само што слушала кога се раскажувало за сѐ што правел Бог за да го заштити својот народ туку и им помогнала на Израелците кога имала прилика. Да, Раав избрала да му служи на Јехова заедно со неговиот народ! Ќе го направиш ли и ти истото?— Се молиме да биде така.

^ пас. 3 Ако читаш со деца, долгата црта значи дека треба да запреш и да ги пуштиш децата да одговорат на прашањето.