Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  август 2009

Добрата религија учи на високи морални мерила

Добрата религија учи на високи морални мерила

ДОБРАТА религија нѐ учи да размислуваме за доблесни работи и ни покажува како да се подобруваме. Ни дава сила додека се бориме да го правиме она што е исправно и да покажуваме убави особини. Од каде знаеме дека добрата религија го прави тоа?

Забележи што им напишал апостол Павле на христијаните во првиот век што живееле во Коринт (Грција). Тој древен град бил на лош глас по неморалот. Павле опоменал: „Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни полово изопачените, ни хомосексуалците, ни крадците, ни алчните, ни пијаниците, ни клеветниците, ни измамниците нема да бидат меѓу наследниците на Божјото царство!“ Потоа додал: „И некои од вас бевте такви, но сега сте исчистени, станавте свети и оправдани пред Бог преку делото на Господ Исус Христос и Духот на нашиот Бог“ (1. Коринќаните 6:9-11, Радосна Вест). Замисли — добрата религија им помогнала на некои што порано имале низок морал да станат чисти и праведни слуги на Бог!

Но, Библијата опоменува: „Ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат правилното учење. Напротив, за да си најдат оправдување за своите грешни страсти, ќе си повикаат многубројни учители што ќе им го кажуваат она што сакаат да го слушнат“ (2. Тимотеј 4:3, Радосна Вест).

Како стојат во овој поглед религиите што ги знаеш? Дали се држат за високите морални мерила што се изнесени во Библијата? Или ги разводнуваат јасните совети што се наоѓаат во Божјата реч, кажувајќи им го на луѓето само „она што сакаат да го слушнат“?

За да процениш дали некоја религија дава добри плодови, одвој време да одговориш на следниве прашања.

ТЕМА: Брак.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА:

„Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло — чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“ (Евреите 13:4, Превод на МПЦ).

ПРАШАЊЕ:

Дали оваа религија бара да бидат законски регистрирани двојките што живеат заедно?

ТЕМА: Развод.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА:

Кога го прашале дали има некаква основа за развод, Исус рекол: „Оној што ќе ја остави својата жена, освен поради прељуба, и се ожени со друга, тој прави прељуба; и оној, што ќе се ожени со напуштена, прељубодејствува“ (Матеј 19:9, Превод на МПЦ).

ПРАШАЊЕ:

Дали оваа религија го почитува тоа што го рекол Исус и дозволува развод и повторно стапување во брак — но само во случај на прељуба?

ТЕМА: Сексуален морал.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА:

„Бегајте од блудство! Секој грев, што човекот го прави, е надвор од телото; а блудникот греши против своето сопствено тело“ (1. Коринќаните 6:18, ДХК).

„Жените... природните потреби ги заменија со противприродни; и мажите исто така; оставајќи го природното зближување со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни  работи мажи со мажи, добивајќи отплата каква што одговараше на нивната заблуда“ (Римјаните 1:26, 27, Превод на МПЦ).

ПРАШАЊЕ:

Дали оваа религија учи дека сексуалниот неморал меѓу маж и жена или меѓу двајца припадници од истиот пол е грев?

ТЕМА: Нејзините членови смело се држат за библиските мерила.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА:

„Да се држите настрана од... луѓето што се нарекуваат христијани, а сепак прават блуд, или се алчни, или им се поклонуваат на идоли, или ги навредуваат другите, или се опиваат или мамат. Со такви немојте дури заедно ни да јадете!“ (1. Коринќаните 5:10, 11, Радосна Вест). Што ќе се случи со оние што тврдат дека се христијани, но и понатаму грешат без да се покаат? „Отстранете го злиот од својата средина“, пишува во Божјата реч (1. Коринќаните 5:13, ДХК).

ПРАШАЊЕ:

Дали оваа религија ги отстранува од своите редови оние што непокајнички ги игнорираат библиските мерила?

Која религија е позната по тоа што се држи за високите библиски морални мерила?