Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  август 2009

Дали сите религии се добри?

Дали сите религии се добри?

ВО СВЕТОТ има безброј различни религии. Според едно поново истражување, постојат 19 поголеми и околу 10.000 помали религии. Оваа разноликост им овозможува на луѓето богат избор. Според тоа, дали е важно која религија ќе ја избереш?

Некои луѓе велат дека различните религии се како различни патишта што водат до врвот на некоја планина. За нив не е важно по кој пат ќе тргнеш, бидејќи сите патишта водат до истото место. Велат дека има само еден Семоќен Бог, па затоа е логично сите религии да водат до него.

Дали сите патишта водат до Бог?

Што рекол за тоа Исус Христос, еден од најпочитуваните верски учители во историјата? „Влезете низ тесната врата“, им рекол на своите ученици. Зошто? „Оти широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон живот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14, Превод на МПЦ).

Дали Исус сакал да каже дека некои религии водат „кон пропаст“? Или, пак, поучувал дека само неверниците се на широкиот пат, додека оние што веруваат во Бог — без оглед на нивната религија — се на тесниот пат што води во живот?

Веднаш откако кажал дека има само два пата, Исус рекол: „Пазете се од лажните пророци, кои ви доаѓаат во овча облека, а внатре се грабливи волци“ (Матеј 7:15, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Подоцна рекол: „Не секој што ми вели: ‚Господару, Господару‘, ќе влезе во небесното царство, туку оној што ја врши волјата на мојот Татко, кој е на небесата“ (Матеј 7:21). Ако некој е наречен пророк или тврди дека Исус е неговиот ‚Господар‘, разумно е да се рече дека тој  е религиозна личност, а не неверник. Според тоа, очигледно Исус предупредил дека не се добри сите религии и дека не треба да имаме доверба во сите верски учители.

Може ли да се најде тесниот пат?

Библијата е како веродостојна карта што може да ни помогне да го најдеме патот до вистинската религија

Бидејќи сите патишта не водат до Бог, како можеш меѓу илјадниците патишта да го најдеш тесниот пат што води во живот? Размисли за овој пример: Замисли си дека си се изгубил во некој голем град. Решаваш да побараш помош. Некој со увереност ти кажува да одиш лево. Друг те убедува да тргнеш десно. А трет ти вели сам да си избереш по кој пат ќе одиш. На крајот, еден друг патник вади веродостојна карта и ти го покажува правиот пат. Потоа ти ја дава картата за да се водиш по неа додека патуваш. Зар така не би се чувствувал посигурен дека ќе стигнеш онаму каде што си тргнал?

Слично на тоа, и за да ја избереме вистинската религија како пат што води до Бог, ни треба веродостојна духовна карта. Дали има таква карта? Да, има. Таа карта е Библијата, во која пишува: „Целото Свето Писмо е од Бога вдахновено. Сѐ што пишува во него може да ни користи за да се поучиме, да ни помогне да се поправиме и да ни покаже како праведно да живееме“ (2. Тимотеј 3:16, Радосна Вест).

Без сомнение, на твојот јазик има превод на Библијата што би можел да го користиш како духовна карта. Издавачите на ова списание, Јеховините сведоци, имаат издадено еден добар превод познат како Свето писмо — превод Нов свет. Меѓутоа, ако не си Јеховин сведок, можеби повеќе ќе сакаш да користиш други преводи за да истражиш нешто повеќе за тоа како да се препознае дали некоја религија е добра или не. Затоа, во овие неколку статии се цитирани повеќе библиски преводи што се прифатени од најразлични религии.

Додека ги читаш следните статии, спореди го она што го знаеш со она што го вели Библијата. Мисли на Исусовите зборови во врска со тоа како може да се препознае дали една религија е добра или не. Тој рекол: „Секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови; не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови“ (Матеј 7:17, 18, Превод на МПЦ). Да разгледаме само три од многуте добри плодови според кои, како што вели Библијата, може да се препознае едно „добро дрво“.