Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  февруари 2009

 Тајни на семејната среќа

Воспитување на децата

Воспитување на децата

Џон: * Кога бев мал и ќе направев нешто лошо, моите родители се трудеа да ме разберат пред да ме казнат. И јас се трудам така да ги воспитувам моите ќерки. Жена ми, Алисон, растела во поинаква средина. Татко ѝ и мајка ѝ биле поизбувливи. Изгледа дека ги казнувале децата без да ги прашаат како и зошто се случила таа грешка. Понекогаш ми се чини дека и таа го прави истото со нашите деца.

Керол: Татко ми нѐ остави кога имав само 5 години. Воопшто не се интересираше за мене и за моите три сестри. Мајка ми многу работеше за да ни го обезбеди основното за живот, па затоа јас морав да се грижам за помалите сестрички. Тешко ми беше да уживам во детството бидејќи играв улога на родител. И ден-денес сум повеќе сериозна отколку весела. Откако ќе ги искарам децата, не можам да престанам да мислам на нивните грешки. Сакам да знам зошто се случило нешто и што си мислеле пред да го направат тоа. За разлика од мене, маж ми, Марк, не се заморува премногу со она што се случило. Неговиот татко бил нежен, но решителен, и се грижел за мајка му. Маж ми брзо ги решава проблемите со нашите ќерки. Откако ќе испита некоја ситуација, ја расчистува и оди понатаму.

КАКО што покажуваат зборовите на Џон и Керол, воспитувањето што самиот си го добил може многу да влијае врз начинот на кој и ти ќе ги воспитуваш своите деца. Ако растеле во различни семејни средини, мажот и жената најверојатно ќе имаат и сосема различни мислења за тоа како да ги воспитуваат децата. Понекогаш овие разлики водат до проблеми во бракот.

Проблемите можат да станат уште поголеми кога родителите се преморени. За кратко време новите родители сфаќаат дека не е лесно да се воспитуваат деца и дека тоа бара целосна посветеност. Џоен, која со својот сопруг Дарен подигнала две ќерки, вели: „Си ги сакам ќерките, но тие речиси никогаш не одеа в кревет кога ќе им речев. Стануваа во ниедно време. Ме прекинуваа   кога сакав да кажам нешто. Ги оставаа чевлите, алиштата и играчките насекаде и никогаш не го враќаа маргаринот во фрижидер“.

Џек, чија жена имала постпородилна депресија по второто дете, вели: „Кога ќе се вратев од работа, честопати бев мртов уморен, но не можев да се одморам бидејќи по цела ноќ станував заради бебето. Затоа, не ми беше лесно да ја воспитувам поголемата ќерка. Таа беше љубоморна што нашето внимание мораше да го дели со малата сестричка“.

Кога уморните родители имаат различни мислења околу воспитувањето на детето, малите несогласувања можат да прераснат во големи караници. Нерешените несогласувања можат да ги оддалечат сопружниците еден од друг, а тоа му остава простор на детето да ја искористи таквата ситуација и од секого да го добие она што го сака. Кои библиски начела ќе им помогнат на мажот и жената да одржат цврст брак, а во исто време успешно да ги воспитуваат децата?

Одвојте време да бидете заедно

Бракот треба да постои пред да се родат децата, а треба да трае и откако децата ќе заминат од дома. За брачната врска, Библијата вели: „Бог што составил, човек да не разделува“ (Матеј 19:6). А што се однесува до детето, како што покажува друг стих од Библијата, Бог имал намера еден ден тоа да „ги остави татка си и мајка си“ (Матеј 19:5). Всушност, подигањето на децата е само една фаза од бракот, а не неговата суштина. Секако, родителите треба да вложат време во воспитувањето на децата, но треба да имаат на ум и дека најдобриот темел за тоа е цврстиот брак.

Што ќе им помогне на мажот и жената да си го зацврстат бракот дури и во периодот кога се ангажирани околу своите деца? Ако е можно, редовно одвојувајте време за да бидете заедно сами, без децата. Така ќе можете да разговарате за важни семејни работи или едноставно да уживате во меѓусебното друштво. Се разбира, не е лесно да си одвоите време само за вас двајцата. Алисон, мајката што веќе ја спомнавме, вели: „Баш кога маж ми и јас мислиме дека имаме малку време за нас, најмалата ќерка сака да ѝ посветиме внимание или, пак, нашата 6-годишна ќерка има некаков ‚проблем‘, на пример, не може да си ги најде боичките“.

Џоен и Дарен се договориле да ги праќаат ќерките на спиење во точно одредено време за да останат сами. „Девојчињата секогаш требаше да си легнат и да бидат спремни за ‚гасење светло‘ во терминот што им го одредивме“, вели Џоен. „Така Дарен и јас имавме време да се опуштиме и да разговараме.“

Ако им одредат на децата точно време за легнување, мажот и жената не само што одвојуваат време за да бидат заедно туку и го учат детето „да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли“ (Римјаните 12:3). Со текот на времето, децата што се воспитани да си легнуваат во времето што им го одредиле родителите, сфаќаат дека се важни членови на семејството, но не и најважните — па затоа мора да се придржуваат за куќниот ред, наместо да очекуваат куќниот ред да се прави според нивните желби.

ПРЕДЛОГ: Одредете точно време кога детето треба да си легне, и не отстапувајте од него. Ако детето побара да остане подолго, на пример, за да се напие чаша вода, и ако му го исполните тоа барање, не дозволувајте му бескрајно да одложува да оди в кревет изнесувајќи ви секогаш некоја нова желба. Ако ве моли да остане уште пет минути и вие му го дозволите тоа, навијте го часовникот да ѕвони по пет минути. Кога ќе заѕвони, детето нека си легне без одложување. Вашето ‚„да“, нека значи „да“, а кога ќе речете: „Не“, тоа нека значи „не“‘ (Матеј 5:37).

Дејствувајте усогласено

„Слушај ја, сине мој, поуката на татко ти и не оставај ги упатствата на мајка ти“,  гласи една мудра поговорка (Изреки 1:8). Овој библиски стих покажува дека и таткото и мајката имаат авторитет над децата. Меѓутоа, дури и кога мажот и жената растеле во слични семејни средини, може да имаат различни мислења за тоа како да го воспитуваат и да го караат детето и кои семејни правила да ги применат во дадена ситуација. Како можат родителите да се справат со овој предизвик?

Џон вели: „Мислам дека е важно родителите да не се расправаат пред децата“. Меѓутоа, признава дека не е толку лесно да се дејствува усогласено. „Децата се многу остроумни“, вели Џон. „Дури и кога не кажуваме дека не се согласуваме во нешто, нашата ќерка сфаќа што се случува.“

Што прават Џон и Алисон во ваква ситуација? Алисон вели: „Ако не се согласувам со начинот на кој маж ми ја воспитува нашата ќерка, чекам таа да излезе, и дури тогаш му кажувам што мислам. Не сакам ќерка ни да си мисли дека може ‚да подели, па да владее‘ со тоа што ќе ги искористи нашите различни гледишта. Ако сфати дека не се согласуваме во нешто, ѝ кажувам дека секој во семејството мора да постапи онака како што очекува Јехова, и дека јас спремно се подложувам на поглаварството на нејзиниот татко, исто како што и таа треба да се подложи на нашиот авторитет како родители“ (1. Коринќаните 11:3; Ефешаните 6:1-3). Џон вели: „Кога сме сите заедно, обично јас сум тој што ќе ги искара ќерките ако е потребно. Но, ако Алисон е повеќе во тек со ситуацијата, оставам таа да почне, а јас ја поддржувам. Ако не се согласувам за нешто со неа, подоцна ѝ го кажувам тоа“.

Како можеш да спречиш различните ставови во врска со воспитувањето на децата да прераснат во караници помеѓу тебе и твојот сопружник — а со тоа и да ја поткопаат почитта на децата кон вас?

ПРЕДЛОГ: Одвојте време секоја седмица да разговарате во врска со воспитувањето на вашите децата и отворено да си ги изнесете различните гледишта што можеби ги имате. Потруди се да сфатиш како гледа на работите твојот сопружник и имај на ум дека тој си има свој однос со детето.

Зближете се додека ги воспитувате децата

Се разбира дека не е лесно да се воспитуваат децата. Понекогаш ти се чини дека тоа ти ги одзема сите сили. Но, порано или подоцна, децата ќе заминат од дома, а ти и твојот сопружник повторно ќе останете сами како брачна двојка. Дали тогаш, по сѐ што сте поминале додека сте ги подигале децата, вашиот брак ќе биде зајакнат или ослабен? Одговорот ќе зависи од тоа колку добро сте го применувале начелото од Проповедник 4:9, 10: „Подобро им е на двајца отколку на еден, зашто имаат добра плата за својот труд. Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го подигне другарот свој“.

Кога родителите работат како тим, резултатите можат да бидат многу добри. Еве што вели Керол: „Знаев дека маж ми има многу убави особини, но додека децата беа мали, тој ми откри една сосема нова страна кај себе. Мојата почит и љубов кон него растеа додека гледав како со љубов се грижи за нашите ќерки“. А еве што вели Џон за Алисон: „Додека ја гледав жена ми во улога на грижлива мајка, се продлабочи мојата љубов и ценење за неа“.

Ако му посветуваш време и на својот сопружник и ако соработувате како тим во подигањето на децата, вашиот брак ќе станува поцврст додека децата растат. Зар можете да им дадете подобар пример на своите деца?

^ пас. 3 Имињата се сменети.

ПРАШАЈ СЕ...

  • Колку време во седмицата минувам насамо со мојот сопружник?

  • Како го поддржувам мојот сопружник кога треба да ги искара децата?