Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  ноември 2008

 Тајни на семејната среќа

Приврзаност во бракот

Приврзаност во бракот

Таа: „Од пред некое време забележав дека мојот сопруг, Мајкл, емоционално се оддалечува од мене и се однесува ладно кон децата. * Бидејќи до таа промена дојде кратко откако добивме приклучок на Интернет, се посомневав дека гледа порнографија. Една вечер, откако децата си легнаа, го ставив во тесно и ми призна дека гледа порнографски веб-страници. Бев шокирана. Не можев да верувам дека ми се случува такво нешто. Потполно ја изгубив довербата во него. Што е уште полошо, од неодамна еден колега почна да се интересира за мене“.

Тој: „Пред некое време, жена ми, Мери, ми најде една слика во компјутерот и сакаше да ѝ дадам објаснување. Кога ѝ признав дека редовно гледам порнографски веб-страници, збесна. Почувствував ужасен срам и огромна вина. Си помислив дека тоа е крај за нашиот брак“.

ШТО мислиш, како дошло до тоа Мајкл и Мери да се најдат во ваква ситуација? Можеби си мислиш дека најголемиот проблем на Мајкл бил тоа што гледал порнографија. Но, како што подоцна сфатил и самиот, овој порок бил само симптом на еден многу посериозен проблем — се намалила приврзаноста меѓу него и жена му. * Кога Мајкл и Мери стапиле во брак, секој од нив очекувал живот исполнет со заемна љубов и пријатни заеднички мигови. Но, како што е случај и со многу други двојки, нивната меѓусебна приврзаност ослабнала и тие почнале да се оддалечуваат еден од друг.

Дали имаш чувство дека низ годините ти и твојот брачен другар сте се оддалечиле? Сакаш ли повторно да бидете блиски и приврзани? Тогаш, ќе треба да го дознаеш одговорот на три прашања: Што значи приврзаноста во бракот? Кои работи можат да ја ослабнат таквата приврзаност? И што можеш да направиш за да бидете уште поприврзани еден кон друг?

Што е приврзаноста во бракот?

Како би ја дефинирал приврзаноста во бракот? Многумина ќе речат дека таа произлегува од чувството на должност. На пример, маж и жена може да останат   во брак само заради децата или поради одговорноста што ја чувствуваат пред Бог, Основачот на бракот (1. Мојсеева 2:22-24). Се разбира, таквите мотиви се за пофалба и ќе помогнат бракот да ги преброди тешките моменти. Но, за да бидат среќни, брачните другари треба да чувствуваат нешто повеќе отколку обврска да останат заедно.

Јехова Бог имал намера бракот да биде извор на длабока радост и задоволство. Сакал мажот ‚да се радува со својата жена‘ и жената да го сака својот маж и да чувствува дека и тој ја сака како своето тело (Изреки 5:18; Ефешаните 5:28). За да изградат една таква врска, мажот и жената треба да научат да имаат доверба еден во друг. Подеднакво е важно да изградат и пријателство кое ќе трае до крајот на животот. Кога мажот и жената ќе стекнат доверба еден во друг и работат на тоа да станат најдобри пријатели, ќе се зголеми и нивната меѓусебна приврзаност. Библијата вели дека тие ќе станат толку блиски како да се „едно тело“ (Матеј 19:5).

Според тоа, приврзаноста би можела да се спореди со малтер што ги составува циглите на една цврста куќа. Малтерот е направен од комбинација од состојки, како што се песокот, цементот и водата. И приврзаноста е комбинација од фактори, како што се должноста, довербата и пријателството. Што би можело да ја ослаби таквата врска?

Предизвици

За да постои меѓусебна приврзаност, потребно е напорна работа и самопожртвуваност. Треба да бидеш спремен да се откажеш од своите лични желби за да му угодиш на својот сопружник. Меѓутоа, за повеќето луѓе е неприфатлива мислата дека треба да ги исполнуваат желбите и на некој друг, а не само своите — да даваат без да мислат на тоа што ќе добијат самите. За други, пак, таквото очекување е дури и навредливо. Но, прашај се: ‚Колку луѓе што се себични имаат среќен брак?‘ Одговорот веројатно е малкумина, ако не и никој. Зошто? Оној што е себичен веројатно нема да остане приврзан кон сопружникот кога ќе треба да жртвува нешто, особено ако не гледа веднаш каква корист ќе има ако му попушти дури и во некои ситни работи. Без приврзаност, секоја врска ќе ослабне, без разлика колку биле нежни романтичните чувства што ги врзале кога двајцата се вљубиле еден во друг.

Библијата реалистично покажува дека треба да се вложи труд за да се одржи бракот. Во неа пишува дека „оженетиот се грижи за световното, како да ѝ угоди на жената“, и дека „мажената се грижи за световното, како да му угоди на мажот“ (1. Коринќаните 7:33, 34). За жал, дури и брачни партнери кои обично се несебични, не покажуваат секогаш обѕир кон грижите на другиот ниту, пак, ги ценат жртвите што ги прави сопружникот. Кога некои маж и жена не покажуваат ценење еден кон друг, бракот веројатно ќе им предизвика повеќе „телесни неволји“ отколку обично (1. Коринќаните 7:28).

За да ги преживее твојот брак тешките моменти и да се зацврстува во убавите моменти, на вашиот однос треба да гледаш како на трајна врска. Како можеш да стекнеш таков став, и како да му помогнеш на твојот сопружник да остане приврзан кон тебе?

Како да се зајакне меѓусебната приврзаност

Клучен фактор е понизно да ги примениш советите од Божјата реч, Библијата. Тоа ќе биде „за твое добро“ и за доброто на твојот сопружник (Исаија 48:17). Да разгледаме два практични чекора што можеш да ги направиш.

Одвојувај време за својот брачен другар

Дај му приоритет на бракот.

„Да процените што е најважно“, напишал апостол Павле (Филипјаните 1:10). Во Божји очи, многу е важно како се однесуваат мажот и жената еден кон друг. Ако мажот ѝ оддава чест на својата жена, и нему Бог ќе му оддаде чест. А жената што го почитува   својот сопруг ‚е драгоцена во Божји очи‘ (1. Петрово 3:1-4, 7).

Колку ти е важен бракот? Обично, колку поважно ти е нешто толку повеќе време му посветуваш. Прашај се: ‚Колку време во изминатиов месец одвоив за да бидам со мојот сопружник? Што направив за да го уверам дека сѐ уште сме добри пријатели?‘ Ако си вложил малку или воопшто не си вложил време за да го одржиш својот брак, на твојот брачен другар ќе му биде тешко да верува дека си му приврзан.

Дали твојот сопружник мисли дека е приврзан кон тебе? Како можеш да дознаеш?

ПРЕДЛОГ: Напиши ги на лист хартија следниве пет категории: пари, работа, брак, забава и пријатели. Сега подреди ги според она што мислиш дека му е најважно на твојот сопружник. Речи му да го направи истото за тебе. Кога ќе завршите, разменете ги листовите. Ако твојот брачен другар смета дека не вложуваш доволно време и енергија во бракот, разговарајте за промените што ќе треба да ги направите за да ја зајакнете својата брачна врска. Исто така, прашај се: ‚Што да направам за да се заинтересирам повеќе за она што го интересира и мојот сопружник?‘

Неверството започнува во срцето

Немој да го изневеруваш својот брачен другар.

Исус Христос рекол: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28). Кога некој има вонбрачни полови односи, му задава погубен удар на бракот, и тоа толку силен што Библијата вели дека претставува основа за развод (Матеј 5:32). Меѓутоа, Исусовите зборови цитирани погоре покажуваат дека некоја погрешна желба може да постои во срцето долго време пред некој вистински да направи прељуба. И самото негување на таква погрешна желба е еден облик на неверство.

За да останеш приврзан кон својот сопружник, донеси сериозна одлука да не гледаш порнографија. И покрај она што го велат многумина, порнографијата е отров за бракот. Види што вели една жена за нејзиниот маж кој гледа порнографија: „Маж ми вели дека порнографијата е само зачин за нашиот љубовен живот. Но, јас едноставно се чувствувам безвредно, дека не сум му доволна само јас. Кога гледа такво нешто, заспивам со плачење“. Дали би рекол дека овој човек го зајакнува својот брак или, пак, го поткопува? Дали мислиш  дека ѝ олеснува на својата сопруга да му остане приврзана? Дали постапува со неа како со свој најблизок пријател?

Верниот Јов покажал колку бил приврзан кон својата жена и кон својот Бог со тоа што ‚склучил сојуз со своите очи‘. Бил решен да не ‚гледа по девица‘ (Јов 31:1). Како можеш и ти да бидеш како Јов?

Освен што нема да гледаш порнографија, треба да внимаваш во срцето да не негуваш несоодветни симпатии кон некој припадник на спротивниот пол. Точно, многумина сметаат дека флертувањето со припадници на спротивниот пол не му наштетува на бракот. Но, Божјата реч нѐ опоменува: „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ. Кој може да проникне во него?“ (Еремија 17:9). Дали твоето срце некогаш те измамило? Прашај се: ‚Кон кого покажувам поголемо внимание — кон мојот сопружник или кон некој друг припадник на спротивниот пол? На кого најпрво му кажувам некоја добра вест — на мојот сопружник или на некој друг? Ако мојот сопружник побара од мене да ги ограничам моите контакти со некој познајник од спротивниот пол, како ќе реагирам? Ќе се налутам или веднаш ќе го направам тоа што го бара од мене?‘

ПРЕДЛОГ: Ако почне да те привлекува некој друг освен твојот сопружник, одржувај со него само неопходни контакти и комуницирај само службено. Не размислувај за работите во кои таа личност е подобра од твојот брачен другар. Наместо тоа, сосредоточи се на позитивните особини на твојот сопружник (Изреки 31:29). Сети се кои работи те навеле да се вљубиш во него. Прашај се: ‚Дали мојот сопружник навистина повеќе ги нема овие особини или, пак, проблемот е во тоа што јас повеќе не ги гледам?‘

Преземи иницијатива

Мајкл и Мери, кои ги спомнавме во почетокот, одлучиле да побараат совет за да ги решат своите проблеми. Се разбира, да се побара совет е само првиот чекор. Но, со тоа што биле спремни да се соочат со своите проблеми и да побараат помош, и Мајкл и Мери јасно покажале дека сакаат да останат приврзани еден кон друг и дека се спремни да направат сѐ за нивниот брак да успее.

Сеедно дали твојот брак е стабилен или е во криза, твојот сопружник треба да знае дека сакаш да му останеш приврзан. Направи ги сите неопходни чекори за да го увериш во тоа. Дали сакаш да постапиш така?

^ пас. 3 Имињата се сменети.

^ пас. 5 Иако овде е наведен пример кога мажот гледал порнографија, може да се случи и жената да го прави истото, што покажува дека не е доволно приврзана кон својот сопруг.

ПРАШАЈ СЕ . . .

  • Кои активности би можел да ги намалам за да имам повеќе време за мојот брачен другар?

  • Што би можел да направам за да го уверам мојот сопружник дека сум приврзан кон него?

 

Нешто повеќе

ТВОЕТО СЕМЕЈСТВО МОЖЕ ДА БИДЕ СРЕЌНО

Бидете верни еден на друг

Дали верноста во бракот вклучува повеќе отколку само да не се направи прељуба?

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Како да имаш среќен семеен живот?

Јехова, среќниот Бог, сака семејствата да бидат среќни. Дознај какви совети им дава Библијата на сопрузите, сопругите, родителите и децата.