Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  август 2008

 Тајни на семејната среќа

Комуникација со тинејџери

Комуникација со тинејџери

„Порано ни беше лесно да разговараме со нашиот син, но сега, кога наполни 16 години, тешко ни е да дознаеме што мисли. Се затвора во својата соба и едвај зборува со нас!“ (МИРИЈАМ, МЕКСИКО).

„Порано моите деца многу сакаа да чујат што ќе им кажам. Се претвораа во уво кога им зборував! Но сега се тинејџери и мислат дека јас немам врска со нивниот свет“ (СКОТ, АВСТРАЛИЈА).

АКО и твоето дете е на тинејџерска возраст, сосема веројатно ги разбираш овие родители. Порано можеби и тебе ти било лесно да разговараш со твоето дете. Но, сега ти се чини дека секој твој обид да започнеш разговор наидува на пречка. „Кога син ми беше дете, ме преплавуваше со прашања“, вели Анџела, една мајка од Италија. „Сега јас сум таа што треба да го започне разговорот. Ако не почнам прва, ќе поминат денови без да водиме некој подлабок разговор.“

Како Анџела, можеби и ти согледуваш дека твоето некогаш зборлесто дете станало молчелив тинејџер. Сите обиди да разговараш со него може да водат само до кратки и отсечни одговори. „Како си помина денес?“, го прашуваш син ти. „Добро“, грубо одговара тој. „Што има ново на училиште?“, ја прашуваш ќерка ти. Таа ги поткрева рамениците и ти вели: „Ништо“. Кога ќе речеш: „Кажи ми нешто повеќе“ за да започнеш некаков разговор, твоето дете само немо те гледа.

Се разбира, на некои тинејџери не им е проблем да кажат што мислат. Но, она што ќе го кажат не е она што нивните родители сакаат да го чујат. „Ќерка ми најчесто велеше ‚не можам сега‘ кога ќе ѝ речев да направи нешто“, вели Една, која е мајка од Нигерија. Рамон, од Мексико, забележал дека слично реагира и неговиот 16-годишен син. „Се расправаме речиси секој ден“, вели тој. „Кога и да му речам да заврши некоја работа, почнува да бара изговор.“

Кога родителот се обидува да комуницира со молчеливиот тинејџер, на испит е неговата стрпливост. Библијата вели дека „намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор“ (Изреки 15:22). „Кога не знам за што размислува син ми, толку се нервирам што ми доаѓа да викам“, признава Ана, самохрана мајка од Русија. Зошто младите — и нивните родители — забораваат како се комуницира токму тогаш кога комуникацијата станува толку важна?

Кои се пречките?

Да се комуницира не значи само да се зборува. Исус рекол дека ‚устата го зборува она со кое е полно срцето‘ (Лука 6:45). Значи, кога има добра комуникација, учиме од другите и откриваме работи за себеси. Последново може да им биде тешко на тинејџерите, бидејќи дури и најзборлестото дете може одеднаш да стане молчеливо кога ќе влезе во пубертет. Стручните лица велат дека тинејџерите обично имаат чувство дека постојано  се на сцена пред замислена публика и дека во нив секогаш се вперени силни рефлектори. Наместо да застанат под светлото на рефлекторот, осетливите тинејџери ја „спуштаат завесата“ и се повлекуваат во својот свет во кој родителите не можат лесно да влезат.

Друг фактор што може да биде пречка во комуникацијата е тоа што тинејџерот сака да биде самостоен. Нема бегање од фактот дека детето расте, а дел од тој процес е и одвојувањето од семејството. Тоа не значи дека адолесцентот е спремен да замине од дома за да живее сам. Во многу работи ти си му потребен повеќе од кога и да било порано. Но, процесот на одвојување започнува со години пред некој да стане возрасна личност. Како една фаза од созревањето, многу тинејџери повеќе сакаат прво сами да размислат за некои работи, па дури тогаш да им кажат и на другите што мислат.

Сепак, тинејџерите најчесто не се толку таинствени со своите врсници. Тоа го забележала Џесика, една мајка од Мексико. „Кога ќерка ми беше помала, секогаш доаѓаше кај мене кога имаше некој проблем“, вели таа. „Но сега оди кај другарките.“ Ако го прави тоа и твојот тинејџер, немој да си мислиш дека те „чкртнал“ од улогата на родител. Напротив, истражувањата покажуваат дека, дури и кога тинејџерите го тврдат спротивното, повеќе им значи советот од родителите отколку советот што ќе им го дадат пријателите. Но, што треба да направиш за да има отворена комуникација меѓу тебе и твоето дете?

Тајната на успехот — да се отстранат пречките

Замисли си дека возиш по долг, прав автопат. Со километри не го вртиш воланот, туку само по малку го движиш лево-десно за да го задржиш правецот. Одеднаш, доаѓаш до остра кривина. За да не летнеш од патот, мора силно да го свртиш воланот. Слично е и кога твоето дете ќе влезе во пубертет. Со години твојата улога на родител барала да правиш само мали измени во начинот на кој си го воспитувал. Но, сега неговиот живот нагло тргнува во друга насока и мора ‚да влезеш во кривината‘ менувајќи ги своите воспитни методи. Постави си ги следниве прашања:

,Кога син ми или ќерка ми сакаат отворено да зборуваат, дали сум спремен за разговор?‘ Библијата вели: „Зборови кажани во право време се златни јаболка во сребрени садови“ (Изреки 25:11). Како што јасно покажува овој библиски стих, многу е важно да го погодиш вистинскиот момент. Да наведеме еден пример: Земјоделецот не може ниту да забрза ниту да забави да дојде време за жетва. Тој едноставно мора да го искористи времето кога житото ќе узрее. Можеби и твојот тинејџер си има свои моменти кога е повеќе спремен да разговара. Искористи ги тие прилики. „Честопати ќерка ми ќе дојдеше во мојата соба навечер и ќе останеше дури и по еден час“, вели Франческа, самохрана мајка од Австралија. „Обично сакам да си легнам порано, па затоа не ми беше лесно, но во тие доцни часови зборувавме за сѐ и сешто.“

ПРЕДЛОГ: Ако твојот тинејџер не е баш расположен за разговор, правете нешто заедно — прошетајте се, повозете се, играјте некоја игра или сработете нешто дома. Честопати на тинејџерите им е полесно да се отворат во тие опуштени моменти.

,Дали сфаќам што сака да каже со она што го зборува?‘ Во Јов 12:11 стои: „Зарем увото не ги испитува зборовите како што непцето ја вкусува храната?“ Сега, повеќе од кога и да било порано, треба да ги ‚испитуваш‘ зборовите на твојот син или ќерка. Тинејџерите честопати одат во крајности кога ќе кажат нешто. На пример, син ти или ќерка ти можеби ќе рече: „Секогаш се однесуваш со мене како со дете!“, или „Никогаш не ме слушаш!“ Наместо да ситничариш околу техничката неточност на зборовите „секогаш“ и „никогаш“, сфати дека твоето дете веројатно не го мисли тоа буквално. На пример, „Секогаш се однесуваш со мене како со дете“ можеби значи „Имам чувство дека не ми веруваш“, и „Никогаш не ме слушаш“ би можело да значи „Сакам да ти  кажам што мислам“. Потруди се да сфатиш што сака да каже твоето дете со она што го зборува.

ПРЕДЛОГ: Кога твојот тинејџер категорично ќе каже некои работи, би можел да одговориш нешто во оваа смисла: „Гледам дека си вознемирен, и затоа сакам да ми кажеш нешто. Зошто мислиш дека се однесувам со тебе како со дете?“ Потоа слушај без да го прекинуваш.

,Дали несвесно ја отежнувам комуникацијата обидувајќи се со сила да го натерам да зборува?‘ Библијата вели: „Плодот на праведноста се сее во мир и ќе го соберат оние што творат мир“ (Јаков 3:18). Со она што го зборуваш и со она што го правиш, гради „мир“ за да може твојот тинејџер да се чувствува слободен да зборува. Не заборавај, ти си на страната на твоето дете. Затоа, кога разговарате за нешто, обиди се да не личиш на обвинител што сака да го побие сведокот на суд. „Мудриот родител не дава забелешки во стилот: ‚Кога ќе пораснеш?‘ или ‚Колку пати сум ти рекол?‘“, вели еден татко од Кореја. „Откако направив многу грешки, забележав дека моите синови не се лутеа само поради начинот на кој им зборував туку и поради зборовите што ги кажував.“

ПРЕДЛОГ: Ако твојот тинејџер не ти одговара на прашањата, обиди се со друга тактика. На пример, наместо да ја прашаш ќерка ти како си поминала дента, ти раскажи ѝ што ти се случило тој ден и види дали ќе каже нешто и самата. Или, пак, за да откриеш што мисли таа за некоја работа, постави ѝ прашања што не ја ставаат неа во центарот на вниманието. Прашај ја што мисли за нешто некоја нејзина другарка. Потоа прашај ја каков совет би ѝ дала на својата другарка.

Не е невозможно да се комуницира со тинејџерите. Приспособи ги своите воспитни методи на потребите на твоето дете. Разговарај со други родители што успешно комуницираат со своите деца (Изреки 11:14). Кога разговараш со својот син или ќерка, ‚биди брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев‘ (Јаков 1:19). Пред сѐ, не престанувај да го воспитуваш својот тинејџер „со стега од Јехова“ (Ефешаните 6:4).

ПРАШАЈ СЕ...

  • Кои промени сум ги забележал кај моето дете откако влезе во пубертет?

  • Што да направам за да имаме подобра комуникација?