Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  април 2008

 Поучете ги своите деца

Тимотеј — спремен и желен да служи

Тимотеј — спремен и желен да служи

„СПРЕМЕН ЛИ СИ?“ Дали некој ти го поставил ова прашање? — Тој што те прашал, всушност, сакал да знае дали си подготвен. На пример, можеби сакал да каже: „Си ги носиш ли книгите? Ја научи ли лекцијата?“ Сега ќе видиме дека Тимотеј бил спремен.

Освен тоа, тој бил желен да служи. Дали знаеш што значи тоа? — Кога го повикале да му служи на Бог, тој покажал ист став како еден друг Божји слуга, кој рекол: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Исаија 6:8). Бидејќи бил спремен и бил желен да помогне, Тимотеј имал многу интересен живот. Сакаш ли да дознаеш нешто повеќе за неговиот живот? —

Тимотеј се родил во Листра, град кој е оддалечен стотици километри од Ерусалим. Баба му, Лоида, и мајка му, Евника, добро ги познавале светите списи. Тие почнале да го поучуваат Тимотеј за Божјата реч уште кога тој бил бебе (2. Тимотеј 1:5; 3:15).

Што се случило?

Кога Тимотеј веројатно сѐ уште бил тинејџер, апостол Павле бил на своето прво долго проповедничко патување заедно со Варнава, и така дошол и во Листра. Најверојатно тогаш баба му и мајка му на Тимотеј станале христијанки. Сакаш ли да слушнеш какви неволји доживеале Павле и Варнава? — Луѓето што не ги сакале христијаните почнале да фрлаат камења врз Павле, тој паднал на земја, а потоа го одвлечкале и го оставиле надвор од градот. Мислеле дека е мртов.

Оние што поверувале во она што им го кажал Павле се собрале околу него, и тој станал. Другиот ден Павле и Варнава си заминале, но малку подоцна повторно се вратиле во Листра. Кога се вратиле, Павле одржал говор и им рекол на учениците: „Во Божјето царство ќе влеземе преку многу неволји“ (Дела 14:8-22). Знаеш ли што сакал Павле да каже со ова? — Сакал да каже дека луѓето ќе им прават проблеми на оние што му служат на Бог. Подоцна му напишал на Тимотеј: „Сите што сакаат да живеат оддадено на Бог ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12; Јован 15:20).

 Откако си заминале од Листра, Павле и Варнава се вратиле дома. По неколку месеци Павле го зел со себе Сила, и заедно отишле во сите места каде што Павле бил првиот пат, за да ги охрабрат новите ученици. Кога стигнале во Листра, Тимотеј сигурно многу се радувал што пак го гледа Павле! А уште посреќен бил кога Павле и Сила го викнале да патува со нив. Тимотеј прифатил бидејќи бил спремен и желен да оди со нив (Дела 15:40 — 16:5).

Тројцата патувале заедно и пешки поминале многу километри, а потоа се качиле на брод. Откако стигнале до брегот, повторно оделе пешки до Солун. Таму многумина станале христијани. Но, други луѓе многу се налутиле и собрале толпа против Павле, Сила и Тимотеј. Бидејќи животот им бил во опасност, тие тројца заминале за Верија (Дела 17:1-10).

Но, Павле бил загрижен за новите верници во Солун, па го испратил таму Тимотеј. Знаеш ли зошто? — Подоцна самиот Павле им кажал на христијаните во Солун зошто Тимотеј дошол кај нив: „Да ве зацврсти и да ве утеши за да ја зајакне вашата вера, за да не се поколеба никој“. А знаеш ли од која причина Павле го испратил токму младиот Тимотеј на такво опасно место? — Противниците не го познавале толку добро Тимотеј, а и самиот тој бил желен да оди. Тоа значи дека бил многу храбро момче! Како испаднало на крајот? Кога се вратил, Тимотеј му кажал на Павле дека Солуњаните останале верни и покрај сѐ. Затоа Павле им испратил писмо во кое напишал: „Се утешивме кога чувме за вашата верност“ (1. Солуњаните 3:2-7).

Тимотеј продолжил да му помага на Павле следните десет години. Потоа Павле бил затворен во Рим, а Тимотеј, кој кратко пред тоа излегол од затвор, отишол кај Павле за да биде заедно со него. Од затворот, Павле им испратил писмо на Филипјаните, кое најверојатно му го диктирал на Тимотеј. Во писмото Павле рекол: ‚Се надевам дека ќе ви го испратам Тимотеј, зашто немам никој друг кој е толку верен и кој ќе ви служи подобро од него‘ (Филипјаните 2:19-22; Евреите 13:23).

Колку среќен мора да бил Тимотеј поради овие зборови на Павле! Павле многу го засакал Тимотеј затоа што бил спремен и желен да служи. Се надеваме дека и ти ќе бидеш како него.