Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  февруари 2008

 Тајни на семејната среќа

Како да престанеме да се караме?

Како да престанеме да се караме?

Тој вели: „По нашата свадба, јас и Сара * живеевме со моите. Еден ден, девојката на брат ми ме замоли да ја префрлам со колата до дома. Го зедов со себе синчето и отидовме. Кога се вратив, Сара вриеше од лутина. Се спречкавме, и таа, пред цела фамилија, ме нарече женкар. Јас збеснав и ѝ реков некои работи кои уште повеќе ја разлутија“.

Таа вели: „Нашиот син има сериозна болест, а освен тоа, во тој период бевме во финансиска криза. Затоа, кога Фернандо ја зеде колата и замина со девојката на брат му и со детето, имав неколку причини да бидам нервозна. Кога се врати, му кажав како се чувствувам. Се скаравме и се нарековме сѐ и сешто. Потоа се чувствував мизерно“.

АКО двајца што се во брак се караат, дали тоа значи дека повеќе не се сакаат? Не. Фернандо и Сара, кои ги цитиравме, многу се сакаат. Сепак, дури и во најдобрите бракови, понекогаш доаѓа до расправии.

Зошто доаѓа до расправии, и што можеш да сториш за тие да не ти го уништат бракот? Бидејќи Бог го измислил бракот, логично е да видиме што вели по тоа прашање неговата Реч, Библијата (1. Мојсеева 2:21, 22; 2. Тимотеј 3:16, 17).

Што води до проблеми

Повеќето луѓе што се во брак сакаат да бидат љубезни кон својот брачен партнер и да му покажат љубов. Меѓутоа, Библијата реалистично вели дека „сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23). Затоа, кога ќе дојде до несогласување, чувствата можат лесно да излезат од контрола. А ако започне караница, некои со тешки маки се воздржуваат да не се развикаат и да не го навредат другиот (Римјаните 7:21; Ефешаните 4:31). Што друго може да предизвика напнатост?

Најчесто брачните другари на различен начин ги изразуваат чувствата и мислите. „На почетокот од нашиот брак“, вели Мичико, „открив дека јас и маж ми имаме сосема различен пристап кон решавањето проблеми. Јас сакав да зборувам не само за тоа што се случило, туку и зошто и како се случило, а него како да го интересираше само крајниот исход“.

Мичико не е единствената со ваков проблем. Во многу бракови, едниот партнер сака да зборува за несогласувањата на долго и на широко, додека другиот не сака да се спречкаат, па затоа гледа да не зборува за тоа. Понекогаш, колку повеќе едниот објаснува, толку повеќе другиот сака да ја смени темата. Дали ова почнува да се случува и во твојот брак? Дали едниот од вас секогаш е тој што го разглобува проблемот, а другиот тој што го избегнува разговорот?

Треба да се земе предвид и во какво семејство пораснал секој од брачните партнери, бидејќи ова може да влијае врз нивната   претстава за тоа што значи добра комуникација во бракот. Џастин, кој се оженил пред 5 години, вели: „Во моето семејство сите се повлечени, и за мене е тешко да зборувам отворено за своите чувства. Тоа ѝ пречи на мојата сопруга. За разлика од нас, нејзините се многу слободни, и нејзе ѝ е многу лесно да ми каже како се чувствува“.

Зошто да се трудиме да ги решиме проблемите?

Истражувачите откриле дека среќата во бракот не се мери главно по тоа колку често партнерите си кажуваат дека се сакаат. Не е главно ни тоа колку добро сексуално си одговараат, а ни тоа колку се финансиски обезбедени. Успехот во бракот најдобро се мери по тоа колку добро мажот и жената ги расчистуваат недоразбирањата меѓу нив.

Освен тоа, Исус рекол дека, кога двајца стапуваат во брак, Бог е тој што ги составува, а не некој човек (Матеј 19:4-6). Затоа, добриот брак му оддава чест на Бог. Доколку мажот не покажува љубов и обѕирност кон својата жена, Јехова Бог можеби нема да ги слуша неговите молитви (1. Петрово 3:7). Исто и ако жената нема почит кон својот маж, покажува непочитување кон Јехова, кој го поставил мажот за глава на семејството (1. Коринќаните 11:3).

Тајни на успехот — Нека не ти прејде во навика да го навредуваш партнерот

Сеедно на кој начин ги изразуваш своите мисли и чувства и во какво семејство си пораснал, постојат штетни навики кои треба да ги искорениш ако сакаш да ги примениш библиските начела и успешно да ги расчистуваш недоразбирањата. Постави си ги следниве прашања:

,Дали се контролирам за да не вратам со иста мера?‘

„Кога ќе се удри носот, потекува крв, а кога се истура гневот, доаѓа до караница“ (Изреки 30:33). Што значат зборовите од оваа мудра изрека? Еве еден пример: Мажот и жената имаат различно мислење за тоа како да се излезе на крај со платата. Едниот вели: ‚Не треба да купуваме толку многу на рати‘, а другиот го сфаќа тоа како личен напад и на крај почнуваат да се навредуваат (ваков си, таков си). Се разбира, ако твојот брачен другар ‚те удри по носот‘ со некоја навреда, ти доаѓа и ти да му ‚плеснеш‘ нешто. Меѓутоа, враќањето со иста мерка само предизвикува гнев и уште поголеми расправии.

Јаков, еден од писателите на Библијата, предупредил: „Ете, мал оган е потребен за да се запали голема шума! Јазикот е оган“ (Јаков 3:5, 6). Ако брачните партнери не внимаваат што зборуваат, од мало недоразбирање може брзо да дојде до голема расправија. И ако често се случува да пламнат и меѓусебно да се бомбардираат со остри зборови, во бракот ќе нема каде да расте љубовта.

Можеш ли, наместо да враќаш мило за драго, да се угледаш на Исус кој, кога го навредувале, ‚не враќал со навреди‘? (1. Петрово 2:23). Најбрзиот начин да ја смириш караницата е да се обидеш да го разбереш својот брачен другар и да се извиниш што си придонел да дојде до расправија.

ПРЕДЛОГ: Следниот пат кога ќе се спречкате, прашај се: ‚Што ќе ме кошта да покажам разбирање кон мојот брачен другар? Со што придонесов јас расправијата да дојде до овој степен? Зошто да не се извинам за своите грешки?‘

,Дали ги потценувам чувствата на мојот партнер?‘

„Сите бидете со еднакви мисли, сочувствителни“, ни заповеда Божјата реч (1. Петрово 3:8). Размисли за најмалку две причини што можат да те спречат да го примениш овој совет. Прво, можеби не разбираш доволно како размислува, односно што чувствува партнерот. На пример, ако твојот партнер е позагрижен за нешто отколку ти, можеби ти се случува да кажеш: „Не претерувај!“ Со тоа можеби само сакаш да му помогнеш да го гледа проблемот пореално. Но, нема многу луѓе што ќе се смират по таков коментар. И жените и мажите сакаат да видат дека човекот што го сакаат ги разбира и сочувствува со нив.

 Преголемата гордост, исто така, може да биде причина некој да ги потценува чувствата на својот партнер. Човек што е горд се обидува да се возвиши себеси газејќи ги другите. Може да го нарекува другиот со погрдни имиња или, пак, на нефер начин да го споредува со некого. Земи ги за пример фарисеите и книжниците од времето на Исус. Кога некој — дури и да бил фарисеј — ќе покажел дека има поинакво мислење од нив, тие горделивци веднаш му наоѓале некое погрдно име или го навредувале на друг начин (Јован 7:45-52). Исус не бил како нив. Тој се соживувал со другите кога ќе му кажеле како се чувствуваат (Матеј 20:29-34; Марко 5:25-34).

Размисли како реагираш ти кога твојот партнер ќе ти каже што го загрижува. Дали твоите зборови, тонот на гласот и изразот на лицето покажуваат дека се соживуваш со него или, пак, гледаш што побрзо да завршите со дискусијата?

ПРЕДЛОГ: Следните неколку седмици, забележи како зборуваш со својот брачен другар. Ако ги потцениш неговите чувства или го навредиш, извини му се веднаш.

,Дали често претпоставувам дека мојот партнер прави нешто од себични мотиви?‘

„Зарем Јов залудно се бои од Бог? Зарем ти не ги огради и него и неговата куќа и сѐ што има секаде наоколу?“ (Јов 1:9, 10). Со овие зборови Сатана ги довел во прашање мотивите на верниот Јов.

Ако брачните другари не внимаваат, и ним може да почне да им се случува истото. На пример, ако твојот сопружник направи нешто убаво за тебе, дали веднаш си помислуваш дека мора нешто да му треба или дека сака да скрие нешто од тебе? Ако направи грешка, дали ја гледаш како потврда дека е себичен и нечувствителен? Дали веднаш ти се враќаат во умот сите други грешки од минатото и со оваа само го ‚збогатуваш‘ списокот?

ПРЕДЛОГ: Направи список со добрите работи што ги направил за тебе твојот брачен другар и до секоја од нив напиши од кој добар мотив можеби го сторил тоа.

Апостол Павле напишал: „Љубовта... не го памти злото“ (1. Коринќаните 13:4, 5). Вистинската љубов не е слепа, но и не води евиденција за секоја грешка. Павле, исто така, рекол дека љубовта „сѐ верува“ (1. Коринќаните 13:7). Ова не значи дека љубовта е лековерна, туку дека е спремна да покаже доверба. Таа не е ниту цинична, ниту сомничава. Љубовта за која учиме од Библијата е спремна да прости и да поверува дека другиот постапува со добри намери (Псалм 86:5; Ефешаните 4:32). Ако покажуваат ваква љубов еден кон друг, сопружниците ќе имаат среќен брак.

ПРАШАЈ СЕ . . .

  • Какви грешки направиле мажот и жената што се цитирани на почетокот од оваа статија?
  • Што да сторам јас за да не ги направам истите грешки во мојот брак?
  • Кои совети што беа дадени во статијата треба во најскоро време да ги применам?

^ пас. 3 Имињата се сменети.

 

Нешто повеќе

ТВОЕТО СЕМЕЈСТВО МОЖЕ ДА БИДЕ СРЕЌНО

Како да ги решавате проблемите

Од исправниот пристап може многу да зависи дали бракот ќе биде стабилен и среќен или нестабилен и несреќен.