Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула  |  февруари 2008

Зошто да се молиме во името на Исус?

Зошто да се молиме во името на Исус?

 Зошто да се молиме во името на Исус?

ИСУС често давал поуки за молитвата. Во негово време, еврејските верски водачи се молеле „на големите раскрсници“. Зошто? „За да ги видат луѓето.“ Очигледно сакале другите да се восхитуваат на нивната побожност. Мнозина кажувале долги, едни исти молитви, како да треба да се „користат многу зборови“ за да нѐ чуе Бог (Матеј 6:5-8). Исус отворено рекол дека тоа е бескорисно, и на тој начин им помогнал на искрените луѓе да сфатат што да избегнуваат кога се молат. Меѓутоа, тој ги научил и други работи, а не само како не треба да се молат.

Исус рекол дека во молитвите треба да ја изразиме нашата желба да се посвети Божјето име, да дојде Неговото Царство и да се врши Неговата волја. Исто така, Исус нѐ поучил дека е исправно да го молиме Бог да ни помогне во личните работи (Матеј 6:9-13; Лука 11:2-4). Користејќи сликовити примери, Исус покажал дека, за да нѐ сослуша Бог, треба да бидеме упорни, да имаме вера и да бидеме понизни (Лука 11:5-13; 18:1-14). Исто така, она што го зборувал го поткрепил и со својот пример (Матеј 14:23; Марко 1:35).

Овие поуки сигурно им помогнале на Исусовите ученици да научат да кажуваат уште подлабоки молитви. Сепак, Исус чекал сѐ до својата последна ноќ на Земјата за да им ја даде на своите ученици најважната поука за молитвата.

 „Клучен момент во историјата на молитвата“

Поголемиот дел од својата последна ноќ на Земјата Исус ги охрабрувал своите верни апостоли. И тогаш дошол вистинскиот момент да им каже нешто ново. „Јас сум патот и вистината и животот“, рекол Исус. „Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене.“ Потоа ги охрабрил со ветувањето: „За што и да замолите во мое име, тоа ќе го направам, за да се прослави Таткото во Синот. Ако замолите за нешто во мое име, тоа ќе го направам“. Кон крајот на своето излагање, Исус рекол: „Досега не сте барале ништо во мое име. Барајте, и ќе добиете, за да биде вашата радост потполна!“ (Јован 14:6, 13, 14; 16:24).

Овие зборови биле многу важни. Во еден библиски речник стои дека тие претставуваат „клучен момент во историјата на молитвата“. Исус не сакал да каже дека молитвите треба да му се упатуваат нему наместо на Бог, туку зборувал за еден нов „пат“, односно нов начин да му се пристапи на Јехова Бог.

Како што знаеме, Бог отсекогаш ги слушал молитвите на своите верни слуги (1. Самоилова 1:9-19; Псалм 65:2). Меѓутоа, од времето кога Јехова склучил сојуз со Израелците, оние што сакале Бог да им ги услиши молитвите требало да признаат дека Израел бил Божји избран народ. А подоцна, од времето на Соломон, морале да признаат дека храмот бил местото кое Бог го избрал за да му се принесуваат жртви (5. Мојсеева 9:29; 2. Летописи 6:32, 33). Сепак, овој начин на обожавање на Бог бил само привремен. Како што напишал апостол Павле, Законот што им бил даден на Израелците и жртвите што биле принесувани во храмот биле „само сенка на идните благослови, а не самите благослови“ (Евреите 10:1, 2). Сенката требало да отстапи пред реалноста (Колошаните 2:17). Од 33 год. од н.е., нечиј личен однос со Јехова повеќе не зависел од држењето на Мојсеевиот закон. Наместо тоа, зависел од неговата послушност кон оној на кого укажувал Законот — Исус Христос (Јован 15:14-16; Галатите 3:24, 25).

Име кое е „над секое друго име“

Исус вовел една многу подобра основа за пристап до Јехова. За себе рекол дека е еден моќен пријател, кој го отвора патот за да му пристапиме на Бог. Преку него Бог ќе ги чуе и ќе одговори на нашите молитви. Зошто Исус може да ја врши таа улога во наша корист?

Бидејќи сите сме родени во грев, што и да направиме и какви жртви и да принесеме,   нема да можеме да се очистиме од гревот ниту, пак, да стекнеме право да бидеме блиски со нашиот свет Бог, Јехова (Римјаните 3:20, 24; Евреите 1:3, 4). Меѓутоа, Исус го дал својот совршен човечки живот и платил за гревовите на луѓето за кои имало основа да бидат откупени (Римјаните 5:12, 18, 19). Сите што сакаат, имаат можност да бидат чисти во Јеховини очи и ‚слободно да му зборуваат‘ на Бог — но само ако покажуваат вера во Исусовата жртва и ако се молат во негово име (Ефешаните 3:11, 12).

Кога се молиме во името на Исус, покажуваме вера најмалку во три аспекти од неговата улога во извршувањето на Божјата намера: 1) Тој е „Божјето Јагне“, чија жртва дава основа за простување на гревовите. 2) Јехова го воскреснал Исус и сега тој дејствува како „првосвештеник“ кој им помага на луѓето да извлечат корист од откупнината. 3) Само тој е „патот“, односно само преку него можеме да му пристапиме на Јехова во молитва (Јован 1:29; 14:6; Евреите 4:14, 15).

Кога се молиме во името на Исус, покажуваме почит кон него. Таквата почит е сосема на место, бидејќи Јеховина волја е „во Исусово име да се свитка секое колено... и секој јазик јавно да го признае Исус Христос за Господар, на слава на Бог, Таткото“ (Филипјаните 2:10, 11). Но, што е уште поважно, кога се молиме во името на Исус, ние го прославуваме Јехова, оној што го дал својот Син за нас (Јован 3:16).

За да сфатиме колку висока положба има Исус, Библијата користи различни титули и имиња за него. Тоа ни помага да станеме свесни колку многу ни користи она што Исус го направил во минатото, она што го прави сега и она што ќе го направи во иднина за нас. (Види ја рамката „Клучната улога на Исус“ на 14. страница.) Всушност, на Исус му е дадено „име кое е над секое друго име“. * Сета власт на небото и на Земјата му се дадени нему (Филипјаните 2:9; Матеј 28:18).

Не само од навика

Значи, за да ги чуе Јехова нашите молитви, мора да се молиме во името на Исус  (Јован 14:13, 14). Но, не треба да ја повторуваме фразата „во името на Исус“ само од навика. Зошто?

Да спомнеме еден пример. Кога ќе добиеш писмо од некој бизнисмен, можеби на крајот ќе го прочиташ вообичаениот поздрав „Со почит“. Мислиш ли дека тоа е искрен израз на чувствата на тој бизнисмен или, пак, тој само се придржува кон вообичаениот начин на пишување писма? Кога го користиме Исусовото име во нашите молитви, тоа треба да има поголемо значење, а не да биде само како учтиво завршување на некое деловно писмо. Иако треба ‚да се молиме непрестајно‘, ние треба да се молиме „од сѐ срце“, а не механички (1. Солуњаните 5:17; Псалм 119:145).

Како да избегнеш да ја користиш фразата „во името на Исус“ само затоа што така треба? За таа цел би можел да размислиш за убавите особини што ги има Исус. Помисли на она што веќе го направил и на она што сака да го направи за тебе. Во молитва заблагодари му се на Јехова и фали го за прекрасната улога што му ја дал на својот Син. Така ќе се увериш уште повеќе во Исусовото ветување: „Што и да побарате од Таткото, ќе ви даде во мое име“ (Јован 16:23).

[Фуснота]

^ пас. 14 Според Толковниот речник на зборови од Новиот завет (Expository Dictionary of New Testament Words) од В. Е. Вајн, грчкиот збор што е преведен со „име“ може да се однесува на „сѐ што вклучува едно име — нечија власт, карактер, положба, величество, моќ, [и] доблести“.

[Истакната мисла на страница 13]

Треба да се молиме „од сѐ срце“, а не механички

[Рамка/слика на страница 14]

КЛУЧНАТА УЛОГА НА ИСУС

За потполно да сфатиш каква улога има Исус, разгледај некои од титулите и имињата што му се дадени.

Амин (2. Коринќаните 1:19, 20; Откровение 3:14).

Апостол (Евреите 3:1).

Архангел Михаел (1. Солуњаните 4:16; Јуда 9).

Божје Јагне (Јован 1:29).

Божји Син (Јован 1:34).

Верен сведок (Откровение 1:5).

Вечен Татко (Исаија 9:6).

Водач (Матеј 23:10).

Глава на собранието (Ефешаните 5:23).

Главен Застапник на животот (Дела 3:15).

Господар (Јован 13:13).

Добар пастир (Јован 10:11).

Емануел (Матеј 1:23).

Кнез на Мирот (Исаија 9:6).

Моќен Бог (Исаија 9:6).

Последниот Адам (1. Коринќаните 15:45).

Посредник (1. Тимотеј 2:5).

Првосвештеник (Евреите 4:14, 15).

Прекрасен Советник (Исаија 9:6).

Реч (Јован 1:1).

Син човечки (Матеј 8:20).

Спасител (Лука 2:11).

Судија (Дела 10:42).

Учител (Јован 13:13).

Христос/Месија (Матеј 16:16; Јован 1:41).

Цар (Откровение 17:14).

 

Нешто повеќе

ШТО НАВИСТИНА УЧИ БИБЛИЈАТА?

Зближи се со Бог преку молитва

Дали Бог слуша кога му се молиш? За да го дознаеш одговорот на ова прашање, треба да знаеш што кажува Библијата за молитвата.