Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  декември 2015

Мудро користи го својот јазик

Мудро користи го својот јазик

„Зборовите на мојата уста... нека ти бидат пријатни, о Јехова“ (ПС. 19:14)

ПЕСНИ: 82, 77

1, 2. Зошто Библијата ја споредува нашата способност за говор со оган?

ВО ОКТОМВРИ 1871 год., во североисточниот дел на државата Висконсин, избувнал најсмртоносниот шумски пожар во историјата на САД. Тој брзо се проширил и проголтал околу две милијарди дрвја. Загинале повеќе од 1.200 лица. Причина за пожарот најверојатно биле искрите што ги предизвикале возовите кои поминувале покрај шумата. Ова нѐ потсетува на зборовите запишани во Јаков 3:5: „Мал оган е потребен за да се запали голема шума!“ Зошто овој библиски писател го кажал ова?

2 Одговорот го наоѓаме во стих 6, каде што пишува: „Јазикот е оган“. Јазикот ја претставува нашата способност за говор. Слично на оган, нашите зборови можат да причинат огромна штета. Библијата вели дека „смртта и животот се во власта на јазикот“ (Изр. 18:21). Дали ова значи дека треба да престанеме да зборуваме за да не кажеме нешто лошо? Се разбира дека не. Сигурно не би престанале да палиме оган само затоа што би можеле да се изгориме. Наместо тоа, внимаваме како го користиме. На пример, еден логорски оган може да ја осветли ноќта, а може да ни послужи и да зготвиме храна и да се згрееме. Слично на тоа, ако внимаваме  како го користиме нашиот јазик, ќе можеме да го славиме Бог и да ги изградуваме другите (Пс. 19:14).

3. Кои три работи ќе ни помогнат да ги изградуваме другите со нашите зборови?

3 Јехова ни дал способност да ги споделуваме нашите мисли и чувства со другите, сеедно дали за тоа користиме зборови или правиме знаци со рацете. Како може овој скапоцен дар од Бог да ни послужи да ги изградуваме другите наместо да ги рушиме? (Прочитај Јаков 3:9, 10.) Треба да знаеме кога да зборуваме, што да кажеме и како да го кажеме тоа.

КОГА ДА ЗБОРУВАМЕ

4. Кога треба да молчиме?

4 Иако имаме способност за говор, тоа не значи дека мора да зборуваме без престан. Всушност, Библијата вели дека има „време за молчење“ (Проп. 3:7). На пример, ако молчиме кога зборува некој друг, покажуваме почит (Јов 6:24). Ако не зборуваме со другите за доверливи работи, покажуваме обѕир и проникливост (Изр. 20:19). И, ако не кажеме ништо кога некој ќе нѐ вознемири или изнервира, покажуваме мудрост (Пс. 4:4).

5. Како може да покажеме дека го цениме говорот како дар од Бог?

5 Меѓутоа, Библијата вели дека има и „време за зборување“ (Проп. 3:7). Ако некој пријател ти даде убав подарок, сигурно нема да го скриеш. Напротив, ќе покажеш дека го цениш така што ќе го користиш на исправен начин. Слично на тоа, покажуваме дека го цениме говорот како дар кога мудро го користиме за да го славиме Јехова, да ги храбриме другите, да ги изразуваме своите чувства или да кажеме што ни е потребно (Пс. 51:15). Но, како ќе знаеме кога е најдобро ‚време да зборуваме‘?

6. Како Библијата покажува колку е важно да зборуваме во вистинско време?

6 Зошто е важно да зборуваме во вистинско време? Во Изреки 25:11 пишува: „Зборови кажани во право време се златни јаболка во сребрени садови“. Златните јаболка сами по себе се многу убав украс, но ќе изгледаат уште поубаво ако се стават во сребрени садови. На сличен начин, ако го избереме вистинскиот момент за да му кажеме некому нешто убаво, тогаш нашите зборови уште повеќе ќе му користат.

7, 8. Како нашите браќа во Јапонија го следеле примерот на Исус?

7 Што може да се случи ако не го избереме вистинскиот момент? Другите можеби нема да нѐ разберат или, пак, нема да го прифатат она што им го кажуваме иако тоа навистина им е потребно. (Прочитај Изреки 15:23.) На пример, во март 2011 год., источниот дел на Јапонија беше погоден од разорен земјотрес и од цунами, кои срамнија со земја цели градови. Во оваа катастрофа, животот го загубија повеќе од 15.000 лица. Иако ја доживеаја истата трагедија како и нивните соседи, Јеховините сведоци во таа област ја користеа секоја прилика да ги тешат ужалените лица со помош на Божјата Реч. Меѓутоа, мнозина од тамошните жители се будисти и не знаат многу за библиските учења. Затоа, нашите браќа увидоа дека не е баш најдобро време да зборуваат со нив за надежта во воскресение веднаш по катастрофата. Наместо тоа, се трудеа да ги утешат и да им објаснат на темел на Библијата зошто им се случуваат лоши работи на невини луѓе.

8 Исус добро знаел кога да молчи и кога да зборува (Јован 18:33-37; 19:8-11). Во една прилика, тој им рекол на своите ученици: „Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете  да носите“ (Јован 16:12). Браќата во источниот дел на Јапонија го следеа неговиот пример. Две и пол години по катастрофата, тие учествуваа во една меѓународна акција во која се делеше трактатот Вест за Царството бр. 38, со наслов: „Ќе има ли воскресение?“ Тогаш повеќе луѓе беа спремни да ја слушаат утешната порака за воскресението, и мнозина од станарите го зедоа трактатот. Исто како овие браќа, добро е и ние да ги земеме предвид културата и верувањата на луѓето на нашето подрачје за да одредиме кога е вистинското време да им кажеме нешто.

9. Во кои други прилики треба да чекаме да дојде вистинското време за да зборуваме?

9 Во кои други прилики треба да чекаме да дојде вистинското време за да зборуваме? Можеби некој, дури и без да сака, ќе каже нешто со кое ќе нѐ навреди. Би било добро да размислиме дали она што ни го кажал е толку сериозно и дали мора да му возвратиме. Ако сепак има добра причина да зборуваме со него, би било мудро да почекаме да се смириме за да не му кажеме нешто непромислено. (Прочитај Изреки 15:28.) На сличен начин, треба да бидеме проникливи и кога зборуваме за вистината со нашите роднини кои не се Сведоци. Иако сакаме да го запознаат Јехова, мора да бидеме стрпливи со нив. Ако им ги кажеме вистинските зборови во вистинско време, можеби ќе бидат поспремни да слушаат.

ШТО ДА КАЖЕМЕ

10. а) Зошто треба многу да внимаваме што кажуваме? б) Како не треба да зборуваме?

10 Зборовите можат да повредат, но можат и да лекуваат. (Прочитај Изреки 12:18.) Под влијание на забавната индустрија, многу луѓе во светот на Сатана користат зборови остри како стрели и „го острат јазикот како меч“ за да им причинат болка на другите (Пс. 64:3). Христијаните треба да внимаваат да не паднат во оваа опасна замка. Тие не смеат да користат остри и зајадливи зборови со цел да ги понижат или навредат другите — дури ни на шега. Иако не е погрешно да се шегуваме, мора да внимаваме тоа да не премине во сарказам, бидејќи сарказмот е еден вид „навредлив говор“ кој христијаните не треба да го користат. Не е во ред да омаловажуваме или повредуваме некого само за да ги насмееме другите или да им бидеме интересни. Библијата предупредува: „Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само оној што е добар, за да ги изградува другите според потребата и да им биде од корист на оние што го слушаат“ (Еф. 4:29, 31).

11. Што ќе ни помогне да им ги кажеме вистинските зборови на другите?

11 Исус поучувал дека „устата го зборува она со кое е полно срцето“ (Мат. 12:34). Значи, зборовите извираат од срцето и обично покажуваат што навистина чувствуваме кон другите. Ако срцето ни се прелева од љубов и сочувство кон нив, тогаш сигурно ќе ги најдеме вистинските зборови за да ги изградиме и охрабриме.

12. Што друго ќе ни помогне да ги најдеме вистинските зборови?

12 Не е секогаш лесно да се најдат вистинските зборови. Дури и мудриот цар Соломон ‚промислувал и темелно истражувал‘ за „да пронајде пријатни зборови и да ги напише точните зборови на вистината“ (Проп. 12:9, 10). Дали ти е тешко да најдеш „пријатни зборови“? Ако да, тогаш можеби треба да си го збогатиш речникот. На пример, забележи како се изразени мислите во Библијата и во нашите публикации. Потруди се да дознаеш што  значат изразите кои не ти се познати. Но, пред сѐ, научи како да зборуваш на начин кој ќе ги изградува другите. Примерот на Исус може многу да ти помогне во ова. Во врска со него, Библијата вели дека ‚Јехова му дал учен јазик за да знае што да му каже на уморниот‘ (Иса. 50:4). Исто така, важно е да одвоиме време за да размислиме како нашите зборови ќе влијаат врз другите (Јак. 1:19). Добро е да се прашаме: ‚Ако го кажам ова, дали другиот исправно ќе ме разбере? Како ќе се чувствува?‘

13. Зошто треба да зборуваме јасно и разбирливо?

13 Во минатото, во Израел биле користени труби. Со нив се огласувал повик да се собере народот или да се тргне во битка. Затоа Библијата соодветно го споредува повикот на трубата со лесно разбирливи зборови. Ако трубата давала нејасен повик, тоа ќе било погубно за војската, која немало да биде подготвена за битка. На сличен начин, ако зборуваме нејасно или одоколу, оној со кого разговараме може да се збуни или да дојде до погрешен заклучок. Се разбира, иако нашите зборови треба да бидат јасни и недвосмислени, не треба да бидат груби и непромислени. (Прочитај 1. Коринќаните 14:8, 9.)

14. Кој пример покажува дека Исус зборувал јасно и разбирливо?

14 Исус ни дал одличен пример како да користиме јасни и разбирливи зборови. Во Проповедта на гората, која е запишана во Матеј поглавја 5 до 7, тој не се обидел да ги восхити луѓето со високопарни зборови или накитен говор. Но, не користел ни груби зборови со кои би ги повредил другите. Наместо тоа, за да допре до срцето на оние што го слушале, поучувал на јасен и едноставен начин. На пример, за да ги увери учениците дека нема потреба претерано да се грижат што ќе јадат и што ќе пијат, тој објаснил како Јехова се грижи за небесните птици. А потоа ги прашал: „Зарем вие не вредите повеќе од нив?“ (Мат. 6:26). Со овие едноставни зборови, Исус ги охрабрил и им помогнал да извлечат важна поука.

КАКО ДА ЗБОРУВАМЕ

15. Зошто треба да зборуваме љубезно со другите?

15 Многу е важно и како зборуваме со другите. Луѓето кои го слушале Исус во синагогата во Назарет ‚се восхитувале на привлечните зборови што излегувале од неговата уста‘ (Лука 4:22). Пријатните зборови допираат до срцето. Ако зборуваме љубезно, луѓето ќе бидат поспремни да нѐ слушаат и да го прифатат она што им го кажуваме (Изр. 25:15). Ќе можеме да зборуваме како Исус ако ги почитуваме другите и ако ни се важни нивните чувства. Кога видел колкав труд вложиле луѓето за да дојдат кај него и да го слушаат, тој се сожалил на нив ‚и почнал да ги поучува за многу работи‘ (Мар. 6:34). Дури и кога го навредувале, Исус не враќал со навреди (1. Пет. 2:23).

16, 17. а) На кој начин може да постапуваме како Исус кога зборуваме со членовите на семејството и со блиските пријатели во собранието? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Каков може да биде резултатот ако зборуваме благо и љубезно? Наведи пример.

16 Не е секогаш лесно да зборуваме благо и љубезно со оние што ни се блиски. Можеби се чувствуваме слободни да им кажеме сѐ отворено и без заобиколување. Ова може да биде случај со членовите на нашето семејство или со некој близок пријател во собранието. Дали Исус сметал дека, затоа што е близок со учениците, има право да зборува грубо со нив? Во никој  случај! Кога некои од апостолите продолжиле да се расправаат за тоа кој од нив е поголем, Исус љубезно ги советувал и, земајќи кај себе едно дете, ги поучил дека треба да го исправат своето размислување (Мар. 9:33-37). Старешините можат да постапуваат како него со тоа што ќе ги советуваат другите „во дух на благост“ (Гал. 6:1).

17 Дури и ако некој каже нешто што ќе нѐ вознемири, мудро е да одговориме на благ начин бидејќи тоа може да вроди со добар плод (Изр. 15:1). На пример, синот на една самохрана мајка, кој бил во тинејџерски години, водел двоен живот. Една добронамерна сестра ѝ рекла: „Штета што не успеа да го воспиташ како што треба“. Пред да одговори, мајката кратко размислила, а потоа рекла: „Точно е дека во моментов не ни оди баш најдобро, ама неговото воспитување сѐ уште не е завршено. Ќе разговараме после Армагедон — тогаш ќе знаеме за сигурно“. Бидејќи мајката останала смирена и одговорила на благ начин, тие останале во добри односи. Но, и синот, кој го наслушнал разговорот, многу се охрабрил. Тој сфатил дека мајка му сѐ уште не кренала раце од него. Тоа го поттикнало да расчисти со лошото друштво. Со текот на времето се крстил и подоцна служел во Бетел. Без разлика дали разговараме со нашите браќа, со членовите на семејството или со непознати луѓе, нашите зборови треба секогаш ‚да бидат пријатни, зачинети со сол‘ (Кол. 4:6).

18. Како можеме да го следиме примерот на Исус кога зборуваме со другите?

18 Јехова ни дал способност да ги изразиме нашите мисли и чувства со зборови — тоа е навистина прекрасен дар! Ако го следиме примерот на Исус, ќе се трудиме да зборуваме во вистинско време, да ги најдеме вистинските зборови и да го правиме тоа на љубезен начин. Тогаш нашиот јазик ќе биде лек за оние што нѐ слушаат, и со нашиот говор ќе го радуваме Јехова, кој ни го дал тој бесценет дар.