Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2015

Поучи го својот тинејџер да му служи на Јехова

Поучи го својот тинејџер да му служи на Јехова

„Исус растеше, напредуваше во мудроста и уживаше сѐ поголема наклоност кај Бог и кај луѓето“ (ЛУКА 2:52)

ПЕСНИ: 41, 89

1, 2. а) За што се загрижени некои родители кои имаат деца на тинејџерска возраст? б) Како можат децата најдобро да ги искористат тинејџерските години?

ЕДЕН од најрадосните моменти за христијанските родители е денот кога нивното дете се крштава. Берника има четири деца, и сите се крстиле пред да наполнат 14 години. Таа вели: „Бевме пресреќни кога децата се крстија. Се разбира, му бевме благодарни на Јехова што тие одлучија да му служат. Сепак, знаевме дека, како тинејџери, ќе се соочат со многу предизвици“. Можеби ја разбираш загриженоста на Берника ако и твоето дете е тинејџер или наскоро ќе дојде на таа возраст.

2 Еден стручњак по детска психологија вели дека тинејџерските години можат да бидат тешки и за родителите и за децата. Сепак, родителите не треба да ги сметаат своите деца за „збеснати“ или „недозреани“. Според овој стручњак, тинејџерите минуваат низ период на силни емоции, креативност и нагласена потреба од друштво. Во тие години, твоите деца можат да развијат подлабок однос со Јехова, како што било случај и со Исус кога бил на таа возраст. (Прочитај Лука 2:52.) Можат да научат да проповедаат на подобар начин и да си постават цели да прават повеќе во службата за Бог. Освен  тоа, можат сами да носат одлуки. На пример, можат да одлучат да му го заветуваат својот живот на Јехова и да му бидат послушни. Каква улога имаш ти како родител во тие важни години од животот на твоето дете? Можеш да научиш многу од начинот на кој Исус ги поучувал своите следбеници така што покажувал љубов, понизност и проникливост.

ПОКАЖИ МУ НА СВОЈОТ ТИНЕЈЏЕР ДЕКА ГО САКАШ

3. Зошто може да се каже дека Исус ги сметал своите апостоли за пријатели?

3 Исус не им бил само Господар на своите апостоли туку им бил добар и верен пријател. (Прочитај Јован 15:15.) Во библиски времиња, не било вообичаено господарот да им кажува на своите робови што мисли и како се чувствува. Но, Исус не постапувал со своите верни апостоли како со робови. Напротив, ги сакал и поминувал време со нив. Тој им ги откривал своите чувства и внимателно ги слушал кога му го излевале своето срце (Мар. 6:30-32). Благодарение на таквата комуникација, апостолите имале близок однос со Исус. Тоа ги подготвило за задачите што требало да ги вршат во иднина.

4. Како можат родителите да им бидат пријатели на своите деца? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

4 Мајкл, кој има две деца, вели: „Иако не сме врсници со нашите деца, можеме да им бидеме пријатели“. Пријателите поминуваат време заедно. Затоа, можеби е добро да скратиш од времето што го трошиш на работа или на други активности за да имаш повеќе време за децата. Треба да се молиш и сериозно да размислиш за ова. Освен тоа, пријателите ги интересираат слични работи. Затоа, дознај што го интересира твојот тинејџер, на пример, каква музика слуша, кои филмови му се допаѓаат или кој спорт му е омилен. Иларија, која живее во Италија, вели: „На моите родители им се допаѓаше музиката што ја слушав. Татко ми ми стана најдобар пријател, и се чувствував слободна да зборувам со него и на осетливи теми“. Ако си им пријател на своите деца, ќе можеш да им помогнеш да бидат блиски со Јехова. Немој да мислиш дека ќе го изгубиш својот авторитет како родител со тоа што ќе им бидеш пријател (Пс. 25:14). Напротив, така им покажуваш дека ги сакаш и дека ги почитуваш, и тие ќе бидат послободни да ти пристапат. Тоа ќе им помогне полесно да ги споделат своите грижи со тебе.

5. Како можеле учениците на Исус да водат среќен и исполнет живот во Јеховината служба?

5 Исус знаел дека неговите ученици ќе бидат вистински среќни ако со радост му служат на Јехова и ревносно им ја пренесуваат добрата вест на другите. Затоа ги охрабрил да проповедаат со сета душа и да ги поучуваат луѓето за вистината. Освен тоа, им ветил и дека ќе им помага (Мат. 28:19, 20).

6, 7. Како покажуваш љубов кон своите деца кога им помагаш да стекнат навика редовно да учествуваат во духовните активности?

6 Без сомнение, ти сакаш твоите деца да останат блиски со Бог. Библијата ги поттикнува родителите да ги ‚воспитуваат децата со стега од Јехова и да им помагаат да го усвојат неговиот начин на размислување‘ (Еф. 6:4). Затоа, користи ја оваа одговорност што ти ја дал Бог за редовно да ги поучуваш своите деца. Размисли за следново: Како родител, сигурно се трудиш да им го обезбедиш потребното школување на децата затоа што си свесен дека образованието е важно и затоа што сакаш тие да стекнат љубов кон учењето. Слично на тоа, грижливите родители се трудат нивните деца да извлечат корист од Божјите поуки кои ги добиваме на собраниските состаноци, на собирите и на Семејната вечер. Бидејќи таквите поуки се животоважни, ти даваш сѐ од себе за да им всадиш љубов кон духовните работи и да им помогнеш  да сфатат дека така ќе станат вистински мудри (Изр. 24:14). Исто така, се трудиш да ги поучиш своите тинејџери редовно да одат во служба. По примерот на Исус, продолжи и понатаму да им помагаш да најдат радост додека ги поучуваат другите за Божјата Реч.

7 Како редовното учество во духовните активности може да им помогне на тинејџерите? Ерин, која живее во Јужноафриканската Република, признава: „Кога бевме деца, честопати се жалевме и се буневме кога требаше да ја проучуваме Библијата, да одиме на состанок или во служба. Понекогаш намерно го прекинувавме семејното проучување за да не мора да останеме до крај. Но, нашите родители не се предаваа“. Таа е благодарна што, на тој начин, татко ѝ и мајка ѝ ѝ помогнале да сфати колку се важни духовните работи. Денес, ако од некоја причина ѝ се случи да пропушти состанок или да не отиде во служба, Ерин едвај чека повторно да се врати на своите редовни духовни активности. Таа е свесна дека најверојатно немало да биде така ако нејзините родители не биле упорни.

БИДИ ПОНИЗЕН

8. а) Како Исус покажал дека е понизен? б) Како понизноста на Исус влијаела врз неговите ученици?

8 Иако бил совршен, Исус понизно ги признавал своите ограничувања и се потпирал на Јехова. (Прочитај Јован 5:19.) Дали тоа што бил понизен ја намалило почитта која учениците ја чувствувале кон него? Воопшто не. Всушност, колку повеќе се потпирал на Јехова толку повеќе тие имале доверба во него. Подоцна и самите го следеле неговиот пример на понизност (Дела 3:12, 13, 16).

9. Како може да влијае врз твоите деца тоа што понизно ќе се извинуваш и ќе си ги признаеш ограничувањата?

9 За разлика од Исус, ние сме несовршени и грешиме. Затоа, треба да бидеме свесни за своите ограничувања и понизно да признаеме кога ќе направиме грешка (1. Јов. 1:8). Впрочем, кого ќе почитуваш повеќе — шеф кој си признава дека греши или шеф кој никогаш не се извинува? Кога твојот тинејџер ќе види дека се извинуваш за своите грешки, веројатно уште повеќе ќе те почитува. Освен тоа, можеби ќе научи и самиот да признае кога ќе згреши. „Ние признававме кога ќе направевме грешка“, вели Роузмери, која има три возрасни деца. „Тоа ги поттикна децата отворено да зборуваат со нас кога имаа некаков проблем. Бидејќи бевме свесни за нашите ограничувања, ги поучивме каде можат да најдат најдобро решение за своите проблеми. Кога им требаше помош, секогаш ги советувавме да истражуваат во нашите библиски публикации и се молевме заедно“.

10. Како Исус покажал понизност кога им давал некоја заповед на своите следбеници?

10 Исус имал право да им заповеда на своите следбеници. Сепак, тој честопати понизно им објаснувал зошто им дава одредена заповед. На пример, не им рекол едноставно да го бараат најнапред Царството и Божјата праведност, туку им ветил: „Сето ова ќе ви се додаде“. Или, откако им кажал: „Не судете“, им објаснил и од која причина не треба да го прават тоа: „За да не бидете судени. Зашто, со каков суд судите, со таков ќе ви се суди“ (Мат. 6:31 — 7:2).

11. Зошто е мудро да му објасниш на својот тинејџер која е причината за некое правило или одлука што си ја донел?

11 Одбери го вистинскиот момент за да му објасниш на својот тинејџер која е причината за некое правило или одлука што си ја донел. Ако сфати како размислуваш за некоја работа, поголема е веројатноста да те послуша спремно и од срце. Бери, кој има четири деца, вели: „Тинејџерите имаат поголема доверба во тебе кога им ги објаснуваш причините за некоја работа“. Тие ќе видат дека не поставуваш  правила и не донесуваш одлуки само затоа што имаш такво право, туку затоа што постои добра причина за тоа. Исто така, имај на ум дека тинејџерите веќе не се мали деца. Тие учат да размислуваат со своја глава и сакаат самите да донесуваат одлуки (Рим. 12:1). Бери објаснува: „Тинејџерите треба да научат да носат одлуки кои се темелат на разумот, а не на чувствата“ (Пс. 119:34). Затоа, биди понизен и објасни му на твојот тинејџер зошто си донел одредена одлука. Така ќе му помогнеш да научи да одлучува. Освен тоа, тој ќе може да види дека го почитуваш и дека не се однесуваш со него како со мало дете.

БИДИ ПРОНИКЛИВ

12. Бидејќи Исус бил прониклив, како му помогнал на Петар?

12 Исус бил прониклив и знаел каква помош им треба на учениците. На пример, во една прилика тој им кажал дека ќе биде погубен. Со добра намера, Петар му рекол да биде милостив кон себеси. Но, од тие зборови Исус сфатил дека Петар размислува на погрешен начин. За да му помогне и нему и на другите, тој дал директен совет, објаснил кои ќе бидат последиците ако не се самопожртвувани и какви ќе бидат благословите ако се несебични (Мат. 16:21-27). Петар си ја научил лекцијата (1. Пет. 2:20, 21).

13, 14. а) Што може да биде показател дека верата на твојот тинејџер ослабнува? б) Како можеш да откриеш каква помош навистина им е потребна на твојот син или ќерка?

13 Моли го Јехова да бидеш прониклив за да сфатиш каква помош му е потребна на твојот тинејџер (Пс. 32:8). На пример, што може да биде показател дека верата на твоето дете ослабнува? Можеби гледаш дека ја губи радоста, дека зборува негативно за соверниците или дека нешто крие. Немој веднаш да заклучиш дека сигурно води двоен живот и дека прави некој тежок грев. * Но, немој ни да го игнорираш проблемот или да се надеваш дека ќе се реши сам од себе.

Помогни му на твојот тинејџер да си најде добри пријатели во собранието (Види во пасус 14)

14 Слично како Исус, поставувај прашања љубезно и со почит. Замисли си дека црпиш вода од бунар. Ако ја повлечеш кофата брзо и нестрпливо, дел од водата сигурно ќе се истури. Слично на тоа, ако нестрпливо му поставуваш прашања на твојот тинејџер или го  присилуваш да зборува со тебе, можеби нема да дознаеш што мисли и што чувствува. (Прочитај Изреки 20:5.) Иларија, која беше цитирана погоре, вели дека, кога била тинејџерка, сакала да поминува повеќе време со соучениците иако знаела дека тоа е погрешно. Нејзините родители забележале дека нешто ја мачи. Таа вели: „Една вечер, едноставно спомнаа дека гледаат оти сум некако нерасположена, и ме прашаа во што е проблемот. Почнав да плачам, и низ солзи им објаснив како се чувствувам и дека ми треба помош. Тие ме гушнаа, ми рекоа дека ме разбираат и ветија дека ќе ми помогнат“. Родителите веднаш презеле чекори за таа да може да си најде добри пријатели во собранието.

15. На кој друг начин Исус покажал проникливост?

15 Исус покажал проникливост со тоа што ги забележувал не само слабите туку и добрите страни на своите ученици. На пример, кога слушнал дека Исус е од Назарет, еден човек по име Натанаел рекол: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ (Јован 1:46). Да си ја слушнал таа забелешка, што ќе си помислел за Натанаел? Дека е негативен? Дека има предрасуди? Дека нема вера? Исус бил прониклив и го видел доброто кај Натанаел. Всушност, за него рекол дека е „вистински Израелец, во кого нема измама“ (Јован 1:47). Исус можел да ги чита срцата, и ја употребил таа способност за да го види доброто кај другите.

16. Како можеш да му помогнеш на твојот тинејџер да развие убави особини?

16 Иако не можеш да ги читаш срцата како Исус, Бог може да ти помогне да бидеш прониклив. Дали ќе ја искористиш таа способност за да го видиш доброто кај твојот тинејџер? Дури и ако понекогаш те разочара, немој да го обвинуваш дека само ти прави проблеми. Никогаш немој да го нарекуваш твојот син или ќерка „бунтовник“ или „проблематично дете“. Немој ни да мислиш така за него. Наместо тоа, кажи му дека си свесен за неговите убави особини, и дека си уверен оти сака искрено да го прави она што е добро. Труди се да забележиш во кои работи се подобрува, и пофали го за тоа. Помогни му уште повеќе да ги развие своите убави особини така што, секогаш кога е можно, ќе му даваш додатни одговорности. Исус го правел токму тоа со учениците. Околу година и пол по првата средба со Натанаел (наречен и Вартоломеј), Исус го избрал за апостол, и тој верно ја вршел задачата што му ја доверил (Лука 6:13, 14; Дела 1:13, 14). Затоа, наместо да го наведеш својот тинејџер да мисли дека никогаш не може да го исполни она што го очекуваш од него, дај му ги потребното охрабрување и пофалба. Така ќе му помогнеш да сфати дека може да го радува Јехова и да ги користи своите способности за да му служи.

ПОУЧУВАЊЕТО НА ДЕЦАТА НОСИ НЕОПИСЛИВА РАДОСТ

17, 18. Каков може да биде резултатот ако продолжиш неуморно да го поучуваш твојот тинејџер да му служи на Јехова?

17 Додека ги воспитуваш децата, можеби понекогаш ќе се чувствуваш како апостол Павле, кој им бил духовен татко на мнозина. Тој чувствувал „грижа и мака во срцето“ бидејќи имал ‚голема љубов‘ кон своите духовни деца во Коринт (2. Кор. 2:4; 1. Кор. 4:15). Виктор, кој има два сина и една ќерка, вели: „Тинејџерските години не беа лесни. Но, имаше повеќе убави работи отколку проблеми. Со Јеховина помош, успеавме да изградиме близок однос со нашите деца“.

18 Родители, продолжете и понатаму неуморно да ги поучувате децата да му служат на Јехова. Покажувајте им дека многу ги сакате, и не кревајте раце од нив. Размислувајте за неописливата радост што ќе ја чувствувате кога тие ќе одлучат да му служат на Јехова и да „живеат според вистината“ (3. Јов. 4).

^ пас. 13 Родителите можат да најдат повеќе информации во Младите прашуваат делотворни одговори, том 1, стр. 317 и том 2, стр. 136-141.