Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2015

 ОД НАШАТА АРХИВА

,Ништо живо не треба да ве запре!‘

,Ништо живо не треба да ве запре!‘

ВО ПРОЛЕТТА 1931 год., голем број делегати од 23 земји почнале да пристигнуваат во познатата концертна сала „Плејел“ во Париз. Од големите такси-возила излегувале убаво облечени луѓе, и за кратко време главниот аудиториум се наполнил. Дошле речиси 3.000 лица, но не на концерт, туку да го слушаат Џозеф Ратерфорд, кој во тоа време го предводел нашето проповедничко дело. Со продорен глас, кој одекнувал во салата, тој одржал неколку впечатливи говори. Тие биле толкувани на германски, полски и француски јазик.

Овој конгрес во Париз бил пресвртница за проповедничкото дело во Франција. Брат Ратерфорд им упатил повик на сите присутни — а особено на младите христијани — да служат како колпортери во оваа земја. Еден делегат од Англија по име Џон Кук, кој тогаш бил тинејџер, никогаш не ги заборавил следниве охрабрувачки зборови: „Ништо живо не треба да ве спречи вас младите да станете колпортери!“ *

Освен Џон Кук, кој подоцна станал мисионер, и многу други се одѕвале на овој повик (Дела 16:9, 10). Всушност, бројот на колпортери во Франција пораснал од 27 во 1930 год. на 104 во 1931 год. Ова бил навистина извонреден пораст за толку кратко време! Со оглед на тоа што повеќето од овие први пионери не зборувале француски, како успеале да се справат со јазикот, со тешките услови и со осаменоста?

ПРОБЛЕМИ СО ЈАЗИКОТ

Колпортерите од другите земји користеле картички за сведочење за да ја пренесуваат пораката за Царството. Еден брат од Германија, кој смело проповедал во Париз, се сеќава: „Знаевме дека Јехова е моќен Бог. Сепак, срцето ни беше во петици додека проповедавме, но не поради страв од човек туку затоа што се плашевме да не ја заборавиме кратката реченица: ‚Voulez-vous lire cette carte, s’il vous plaît? [Ве молиме, прочитајте ја оваа картичка.]‘ Бевме уверени дека она што го правиме е многу важно“.

Првите колпортери користеле велосипеди и мотори за да ја шират добрата вест во Франција

Кога колпортерите проповедале во згради, чуварите честопати ги бркале. Еден ден, две сестри од Англија кои знаеле многу малку француски наишле на еден гневен домар. Тој ги прашал кого бараат. Додека се обидувале да го смират, едната сестра забележала дека на вратата до нив пишува: „Tournez le bouton [Заѕвони]“. Мислејќи дека тоа е името на станарот, таа весело рекла: „Ја бараме госпоѓа ‚Tournez le bouton‘“. Смислата за хумор навистина многу им помагала на овие ревносни колпортери!

 ТЕШКИТЕ УСЛОВИ И ОСАМЕНОСТА НЕ ИМ БИЛЕ ПРЕЧКА

Во 1930-тите, повеќето луѓе во Франција живееле во тешки услови, а истото било случај и со колпортерите што дошле да служат таму од другите земји. Една сестра по име Мона Брзоска која зборува англиски, раскажала што доживеале таа и нејзината соработничка во колпортерската служба: „Најдовме многу едноставно сместување. Еден од најголемите проблеми беше тоа што зимно време не можевме да ја згрееме собата. Честопати внатре беше камен ладно, а наутро најпрво требаше да го скршиме мразот во садот со вода за да можеме да се измиеме“. Дали првите пионери се обесхрабриле бидејќи немале никакви удобности? Во никој случај! Еден од нив ги опишал нивните чувства со следните зборови: „Иако немавме ништо, ништо не ни фалеше“ (Мат. 6:33).

Пионери од Англија на конгресот во Париз (1931)

Овие бестрашни колпортери морале да се справат и со чувства на осаменост. Во почетокот на 1930-тите, во Франција имало речиси 700 објавители, а повеќето биле расеани низ целата земја. Што им помогнало на колпортерите да останат среќни и во такви околности? Мона и нејзината соработничка се соочиле со ваков предизвик. Таа вели: „Се боревме со осаменоста така што заедно ги проучувавме нашите библиски публикации. Бидејќи во тие години [не се правеа повторни посети и не проучувавме со луѓето], навечер имавме време да им пишуваме писма на семејствата и на другите пионери. Така споделувавме искуства од службата и се храбревме“ (1. Сол. 5:11).

Овие самопожртвувани колпортери останале позитивни и покрај тешкотиите. Ова може да се види од писмата што ги праќале до подружницата, понекогаш и со децении откако служеле како пионери во Франција. Во врска со тие години, Ени Криџин, една помазана сестра која заедно со својот сопруг ја пропатувала цела Франција од 1931 до 1935 год., напишала: „Животот ни беше среќен и исполнет! Сите пионери бевме блиски и тесно соработувавме. Како што рекол апостол Павле: ‚Јас посадив, Аполо залеа, но Бог даде да расте‘. Ова многу ни значеше на сите што служевме таму во тој период“ (1. Кор. 3:6).

Првите пионери во Франција оставиле одличен пример на истрајност и ревност кој може многу да ги охрабри оние што сакаат да служат во зголемена мера. Денес во оваа земја има околу 14.000 општи пионери. Многу од нив служат во групи или собранија на други јазици. * Исто како нивните претходници, тие не дозволуваат ништо живо да ги спречи во тоа! (Од нашата архива во Франција.)

^ пас. 4 Повеќе информации за тоа како им се проповедало на полските доселеници во Франција има во статијата „Јехова ве доведе во Франција за да ја дознаете вистината“, која излезе во Стражарска кула од 15 август 2015.

^ пас. 13 Во 2014 год., подружницата во Франција надгледуваше повеќе од 900 собранија и групи кои проповедаат на 70 странски јазици.