Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  ноември 2015

Јехова е Бог на љубовта

Јехова е Бог на љубовта

„Бог е љубов“ (1. ЈОВ. 4:8, 16)

ПЕСНИ: 18, 91

1. Која е главната особина на Бог, и што чувствуваш кон него затоа што го знаеш тоа?

ЈЕХОВИНАТА Реч, Библијата, вели дека „Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8). Љубовта не е само една од неговите прекрасни особини. Таа е негова главна и најважна особина. Јехова не само што има љубов — тој е љубов. Всушност, Бог е вистинско олицетворение на љубовта. Колку сме благодарни што знаеме дека Творецот на вселената и на целиот жив свет е Бог на љубовта! Оваа особина го води во сѐ што прави.

2. Во што нѐ уверува Божјата љубов? (Види ја сликата погоре.)

2 Јехова многу ги сака сите свои созданија. Неговата љубов кон нас ни влева доверба дека тој ќе ја исполни својата намера со човештвото на најдобар можен начин. Тоа ќе им донесе вистинска радост и среќа на сите оние што му се послушни. На пример, Јехова од љубов ‚определил ден во кој наумил да му суди на целиот свет според правдата, преку човек кого го одредил за тоа‘, Исус Христос (Дела 17:31). Може да бидеме сигурни дека ова ќе се исполни. Послушните луѓе, кои ќе добијат поволна  пресуда, ги очекува прекрасна и бескрајна иднина.

ШТО ПОТВРДИЛА ИСТОРИЈАТА

3. Каков би бил животот во иднина кога Бог не би ги сакал луѓето?

3 Замисли каков би бил животот во иднина кога Бог не би чувствувал љубов кон луѓето. Доволно е да се потсетиме на ужасните работи кои ги правеле човечките владетели во минатото под водство на својот безмилосен и гневен бог, Сатана Ѓаволот (2. Кор. 4:4; 1. Јов. 5:19; прочитај Откровение 12:9, 12). Иднината навистина би била страшна кога Бог не би нѐ сакал!

4. Зошто Јехова дозволил да дојде до побуна против неговата праведна власт?

4 Кога се побунил против Јеховината праведна власт, Ѓаволот ги навел и првите луѓе да го сторат тоа. Тој го довел во прашање Божјето право да владее над сѐ. Всушност, Сатана тврдел дека тој би владеел подобро од Творецот (1. Мој. 3:1-5). Јехова му дал време да го докаже своето тврдење. Во својата голема мудрост, Бог допуштил да помине доволно долг период за да може јасно да се види дека никој не може да владее подобро од Творецот. Страшните последици од оваа побуна покажуваат дека ниту луѓето ниту Сатана не можат да бидат добри владетели.

5. Што потврдила човечката историја?

5 Денес условите во светот стануваат сѐ полоши. Само во последниве 100 години, над 100 милиони луѓе загинале во војни. Божјата Реч прорекла дека токму тоа ќе се случува во „последните денови“ од овој поредок, кога „злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо“ (2. Тим. 3:1, 13). Низ годините се потврдила вистинитоста на следниве зборови од Библијата: „Добро знам, Јехова, дека патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Ерем. 10:23). Јехова не ги создал луѓето ниту со способност ниту со право да владеат едни над други независно од него.

6. Зошто Бог го допуштил злото?

6 Со тоа што допуштил злото да постои извесно време, Јехова докажал уште нешто — дека само неговото владеење може да биде успешно. Во иднина, Бог ќе ги уништи сите кои се злобни и кои прават зло. После тоа, ако некој повторно го доведе во прашање неговиот праведен начин на владеење, Јехова веднаш ќе дејствува. Тој ќе може да го искористи она што се случувало низ човечката историја како основа за да ги уништи веднаш таквите бунтовници и да не дозволи злото да фати корен никогаш повеќе.

ЈЕХОВА ВЕЌЕ НИ ЈА ПОКАЖАЛ СВОЈАТА ЉУБОВ

7, 8. На кои начини Јехова ја покажал својата голема љубов?

7 Јехова ни ја покажал својата голема љубов на многу начини. На пример, размисли за нашата величествена вселена. Постојат милијарди галаксии, а во секоја од нив има милијарди ѕвезди и планети. Сонцето е една од ѕвездите во нашата галаксија, Млечниот Пат. Без Сонцето, на Земјата не би постоел живот. Сите овие созданија се доказ дека Јехова е нашиот Творец. Тие ни ги откриваат неговите особини, како што се моќта, мудроста и љубовта. Да, Божјите „невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се  гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Рим. 1:20).

8 Јехова ја создал Земјата за да има живот на неа. Тој направил прекрасна рајска градина за луѓето и им дал совршен ум и тело за да можат да живеат засекогаш. (Прочитај Откровение 4:11.) Освен тоа, Бог „му дава храна на секое создание — зашто неговата милост трае довека“ (Пс. 136:25).

9. Иако Јехова е Бог на љубовта, што мрази тој?

9 Иако е Бог на љубовта, Јехова го мрази она што е лошо. На пример, во врска со него, во Псалм 5:4-6 пишува: „Ти не си Бог кој се радува на злото... ги мразиш сите што прават зло“. А потоа псалмистот додава: „Јехова се гади од човек што пролева крв и мами“.

КРАЈОТ НА ЗЛОТО Е БЛИЗУ

10, 11. а) Што ќе се случи со злите луѓе? б) Како Јехова ќе ги награди послушните луѓе?

10 Во свое време, Јехова ќе го отстрани злото од целата вселена бидејќи тој е Бог на љубовта и го мрази она што е лошо. На тој начин, прашањето за тоа кој има право да биде Врховен Владетел ќе биде одговорено еднаш засекогаш. Божјата Реч ветува: „Оние што прават зло, ќе бидат истребени, а оние што се надеваат на Јехова, ќе ја поседуваат земјата. Уште малку, и злиот ќе го снема... Јеховините непријатели... ќе ги снема, ќе исчезнат во чад“ (Пс. 37:9, 10, 20).

11 Но, Божјата Реч исто така ветува: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Пс. 37:29). Овие праведници „ќе уживаат во изобилен мир“ (Пс. 37:11). Тоа ветување ќе се исполни бидејќи нашиот Бог го прави она што е најдобро за своите верни слуги. Библијата вели: „Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Отк. 21:4). Колку прекрасна иднина им претстои на сите оние што од срце ја ценат љубовта на Јехова и што му се послушни како на свој Владетел!

12. Кои се ‚непорочните‘?

12 Јеховината Реч вели: „Гледај го непорочниот и набљудувај го праведниот, зашто иднината на тој човек ќе биде мирна. А сите престапници ќе бидат истребени, ќе пропадне иднината за злите“ (Пс. 37:37, 38). Откако ги запознаваат Јехова и неговиот Син, ‚непорочните‘ послушно ја вршат Божјата волја. (Прочитај Јован 17:3.) Тие ги земаат присрце следниве зборови запишани во 1. Јованово 2:17: „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“. Бидејќи крајот на овој свет е сѐ поблизу, неопходно е да ‚се надеваме на Јехова и да се држиме за неговиот пат‘ (Пс. 37:34).

НАЈГОЛЕМИОТ ИЗРАЗ НА ЉУБОВ

13. Кој бил најголемиот израз на Јеховината љубов?

13 Иако сме несовршени, ние можеме ‚да се држиме за Јеховиниот пат‘. Освен тоа, може да имаме близок личен однос со Јехова благодарение на откупната жртва на Исус, која е најголемиот израз на Божјата љубов. Јехова ја обезбедил откупнината за да им овозможи на послушните луѓе да бидат ослободени од гревот и од смртта кои ги наследиле од  Адам. (Прочитај Римјаните 5:12; 6:23.) Тој имал целосна доверба во својот единороден Син, кој безброј години му бил верен додека живеел на небото. Како Татко полн со љубов, Бог сигурно чувствувал огромна болка кога гледал како другите го малтретираат неговиот Син на Земјата. Сепак, Исус верно го поддржал Јеховиното право да владее и покажал дека еден совршен човек може да му остане послушен на Бог дури и под најтешки околности.

Од љубов, Бог го испратил својот Син, кој спремно дошол на Земјата (Види во пасус 13)

14, 15. Што се постигнало со смртта на Исус?

14 Дури и под најтешки испити, Исус останал беспрекорен и го поддржал Јеховиното право да владее, останувајќи му верен на својот Татко сѐ до својата смрт. Колку треба да сме благодарни што на тој начин Исус ја платил и откупнината која била потребна за да можат луѓето да живеат во Божјиот ветен нов свет! Апостол Павле ја опишал љубовта која ја покажале Јехова и Исус со откупната жртва, кога рекол: „Навистина, уште кога бевме слаби, Христос умре за безбожниците во времето што беше одредено за тоа... Тешко дека некој ќе умре за праведен, но за добар човек можеби некој и би се осмелил да умре. А Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:6-8). Апостол Јован напишал:  „Божјата љубов се покажа на нас во ова: Бог го испрати својот единороден Син во светот, за да добиеме живот преку него. Љубовта се состои во ова: не го сакавме ние Бог, туку тој нѐ сакаше нас и го испрати својот Син како жртва помирница за нашите гревови“ (1. Јов. 4:9, 10).

15 Во врска со Божјата љубов кон човештвото, Исус рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Бог има толку голема љубов кон луѓето што не им скратува ништо добро без оглед на цената што треба да ја плати. Освен тоа, неговата љубов е вечна. Павле напишал: „Уверен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни ова што е сега, ни она што ќе дојде, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту кое и да е друго создание не може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господар“ (Рим. 8:38, 39).

БОЖЈЕТО ЦАРСТВО ВЛАДЕЕ

16. Што е месијанското Царство, и кого Јехова го поставил за владетел на ова Царство?

16 Месијанското Царство — влада која ја воспоставил Бог — исто така е доказ за Божјата љубов. Јехова веќе го поставил Исус Христос како Владетел кој го сака човештвото и кој ги исполнува сите услови да владее (Изр. 8:31). Бог избрал и 144.000 луѓе за да владеат заедно со Христос на небото. Откако ќе бидат воскреснати, тие сѐ уште ќе се сеќаваат на она што го доживеале додека биле луѓе на Земјата (Отк. 14:1). Божјето Царство било главната тема за која проповедал Исус, а тој ги поучил и своите ученици да се молат: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Мат. 6:9, 10). Исполнувањето на таквите молитви ќе им донесе огромни благослови на послушните луѓе!

17. Како владеењето на Исус се разликува од владеењето на грешните луѓе?

17 Има огромна разлика меѓу начинот на кој владее Исус и начинот на кој владееле луѓето. Низ вековите, човечките владетели предизвикувале војни во кои загинале милиони луѓе. Но, Исус вистински се грижи за своите поданици и ги покажува Божјите прекрасни особини, пред сѐ, љубовта (Отк. 7:10, 16, 17). Тој рекол: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души! Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Мат. 11:28-30). Колку утешно ветување!

18. а) Што се случува од 1914 год., кога било воспоставено Божјето Царство? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Библиските пророштва покажуваат дека Божјето небесно Царство било воспоставено во 1914 год., кога започнала Христовата присутност. Оттогаш наваму, се собираат преостанатите помазаници кои ќе владеат со Исус на небото, како и „големото мноштво“ луѓе кои ќе го преживеат крајот на овој поредок и ќе влезат во новиот свет (Отк. 7:9, 13, 14). Колку брои големото мноштво денес? Што очекува Бог од оние кои ја сочинуваат оваа група? Овие прашања ќе ги разгледаме во следната статија.