Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  октомври 2015

„Лековерниот верува на секој збор“

„Лековерниот верува на секој збор“

„Оној што никогаш не чита весници е глупав, но уште поглупав е оној што верува во сѐ што пишува во нив“ (Аугуст фон Шлецер, германски историчар и новинар [1735-1809])

АКО човек не можел да верува во сѐ што пишувало во весниците пред повеќе од 200 години, зарем истото не може да се каже и за голем дел од она што го пишува на Интернет во овој 21 век? Благодарение на современата технологија, денес ни се достапни огромен број информации — точни и неточни, корисни и безвредни, безопасни и штетни. Затоа, мора многу да внимаваме што читаме. Особено оние што почнале да користат Интернет од неодамна можат лесно да поверуваат во некоја вест — дури и да е чудна или неверојатна — само затоа што ја пишува таму или, пак, некој пријател им ја испратил преку имејл. Библијата со добра причина предупредува: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изр. 14:15).

Ако сме паметни, ќе бидеме претпазливи и ќе веруваме само во она што е вистинито. Нема да дозволиме да бидеме измамени и да поверуваме во некоја лажна прикаска само затоа што кружи на Интернет. Што ќе ни помогне во тоа? Како прво, прашај се: ‚Дали веста е објавена на некоја веродостојна интернет-страница или, пак, е од непознат извор? Дали ја прочитав на некој блог, каде што секој може да си напише што мисли? Дали некоја друга проверена страница веќе разоткрила дека таа информација не е точна?‘ * А потоа добро размисли (Изр. 7:7). Ако некоја вест ти се чини неверојатна, тогаш можеби навистина не треба да ѝ се верува. Освен тоа, ако со неа некој се прикажува во лошо светло, размисли кој би имал корист ако се рашири и зошто би сакал да се случи такво нешто.

ДАЛИ ИМАШ НАВИКА ДА ПРЕПРАЌАШ ИМЕЈЛОВИ?

Некои луѓе — кои најчесто бараат внимание — сакаат да бидат првите кои ќе рашират некоја вест. Од таа причина, веднаш ја препраќаат на сите од нивниот список на контакти без да проверат дали е точна и без да размислуваат  за последиците (2. Сам. 13:28-33). Но, ‚паметниот‘ ќе размисли за штетата која би можел да ја предизвика со тоа. На пример, на таков начин би можел да се наруши угледот на некоја личност или организација.

Оној што ја испраќа веста можеби нема да провери дали е точна бидејќи за тоа треба време и труд. Тој можеби си мисли дека оние што ќе ја добијат можат сами да го сторат тоа. Но, колку време ќе им треба ним? И нивното време е скапоцено (Еф. 5:15, 16). Затоа, кога не сме сигурни дали некои информации што ни биле испратени се точни, добро е да ги избришеме и да не ги препраќаме на други.

Прашај се: ‚Дали имам навика да препраќам имејлови? Дали некогаш сум морал да се извинувам затоа што сум препратил информации кои биле неточни, па дури и чисти лаги? Дали некој веќе ми рекол да престанам да препраќам имејлови?‘ Твоите пријатели на списокот на контакти исто така имаат Интернет и не им треба помош за да истражат нешто што ги интересира. Нема потреба да бидат преплавени со смешни приказни, видеоклипови или слики. Освен тоа, не е мудро да се препраќаат снимки или детални белешки од библиски предавања. * И, имај на ум дека браќата ќе извлечат поголема корист ако самите истражуваат и ги бараат библиските стихови, и ако си подготвуваат свои коментари за состаноците наместо ти да им ги испраќаш ваквите информации.

Дали треба да го препратам овој интересен имејл на некој друг?

А што треба да правиш ако на Интернет наидеш на клевети за Јеховината организација? Веднаш отфрли ги таквите лаги! Некои сметаат дека мора да чујат што мислат другите за тоа, но на таков начин само уште повеќе ги шират штетните информации. Ако сме вознемирени од нешто што сме го прочитале на Интернет, треба да го молиме Јехова за мудрост и да зборуваме со некои зрели браќа во врска со тоа (Јак. 1:5, 6; Јуда 22, 23). Исус, кој и самиот бил лажно обвинет, ги предупредил своите следбеници дека непријателите ќе ги прогонуваат и ‚лажно ќе им припишуваат секакви зла‘ (Мат. 5:11; 11:19; Јован 10:19-21). Ако користиме „способност за расудување“ и ‚проникливост‘, ќе ги препознаеме  оние ‚што кажуваат изопачени работи‘ и „чии патеки се расипани“ (Изр. 2:10-16).

ПОЧИТУВАЈ ГИ ПРАВАТА НА ДРУГИТЕ

Треба да внимаваме и кога споделуваме со другите новости за нашите браќа или некои искуства што сме ги слушнале. Дури и ако нешто е вистина, не мора да значи дека треба да се рашири. Понекогаш не е ниту исправно ниту обѕирно да пренесуваме некои информации дури и да се точни (Мат. 7:12). На пример, не е љубезно ниту, пак, охрабрувачки, да шириме негативни работи за другите, бидејќи тоа е рамно на озборување (2. Сол. 3:11; 1. Тим. 5:13). Можеби некои новости се доверливи. Затоа е добро да го почитуваме правото на другите да ги откријат кога тие ќе одлучат да го сторат тоа и на начин што самите ќе го изберат. Всушност, ако избрзаме и ги рашириме таквите информации предвреме, може да направиме голема штета.

Денес вестите можат да се рашират многу брзо, сеедно дали се точни или неточни, корисни или безвредни, безопасни или штетни. Мора да сфатиш дека, дури и да му испратиш порака само на едно лице, тоа може за неколку секунди да им ја препрати на многу луѓе низ целиот свет. Затоа, да не подлегнуваме на искушението брзоплето да препраќаме информации на сите што ги знаеме. Иако љубовта ‚верува во сѐ‘ и не е сомничава, не треба да бидеме наивни и да веруваме во секоја сензационална вест. Љубовта никогаш нема да поверува во злобните и препредени лаги за Јеховината организација или за нашите браќа кои ги шират луѓето што му се робови на ‚таткото на лагата‘, Сатана Ѓаволот (Јован 8:44; 1. Кор. 13:7). Способноста за расудување и проникливоста ќе ни помогнат да внимаваме како го користиме огромниот број информации кои ни се на располагање. Библијата вели: „Лековерните наследуваат глупавост, а главата на остроумните ја краси знаењето“ (Изр. 14:18).

^ пас. 4 Понекогаш некоја вест може повторно да биде објавена иако пред тоа се открило дека е неточна. Можеби ќе излезе во изменет облик за да звучи вистинито.

^ пас. 8 Види во Нашата служба за Царството од април 2010, рубрика „Прашања“.