Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  октомври 2015

Дали ја гледаш Божјата рака во твојот живот?

Дали ја гледаш Божјата рака во твојот живот?

„Раката на Јехова ќе им се покаже на неговите слуги“ (ИСА. 66:14)

ПЕСНИ: 65, 26

1, 2. Што мислат некои луѓе за Бог?

МНОГУМИНА мислат дека на Бог не му е важно што прават. Некои дури сметаат дека тој воопшто не е заинтересиран за она што им се случува на луѓето. Откако силниот тајфун Хајан го погоди централниот дел на Филипините во ноември 2013 год., градоначалникот на еден голем град изјави: „Очигледно, Бог беше на некое друго место“.

2 Други мислат дека Бог не може да види што прават (Иса. 26:10, 11; 3. Јов. 11). И некои луѓе во времето на апостол Павле мислеле така. Бидејќи ‚не сакале да го запознаат Бог‘, тие биле ‚полни со секаква неправда, злоба, лакомост и расипаност‘ (Рим. 1:28, 29).

3. а) Кои прашања треба да си ги поставиме? б) Во Библијата, на што честопати се однесува Јеховината „рака“?

3 А како е со нас? Ние сме свесни дека Бог гледа сѐ што правиме. Но, дали сфаќаме колку тој е заинтересиран за нас? Дали ја гледаме неговата рака во нашиот живот? Дали сме меѓу оние за кои Исус рекол дека „ќе го видат Бог“? (Мат. 5:8). За да разбереме што значи овој израз, ќе разгледаме примери на некои што ја виделе Божјата рака во својот живот и на некои што не сакале да ја видат.  Исто така, ќе дознаеме како верата може да ни помогне јасно да ја гледаме Јеховината рака. Притоа, да имаме на ум дека, кога се спомнува во Библијата, Јеховината „рака“ честопати се однесува на неговата моќ, која тој ја користи за да ги поддржи своите слуги и да ги порази своите противници. (Прочитај 5. Мојсеева 26:8.)

ТИЕ НЕ САКАЛЕ ДА ЈА ВИДАТ БОЖЈАТА РАКА

4. Зошто непријателите на Израел не ја виделе Божјата рака?

4 Во минатото, многу луѓе имале можност да чујат и да видат како Бог им помага на Израелците. Јехова со чуда го избавил својот народ од Египет, и подоцна поразил многу цареви во Ветената земја (Ис. Нав. 9:3, 9, 10). Иако другите цареви чуле и виделе како Јехова го избавил својот народ, сите ‚се здружиле за да тргнат во војна против Исус Навин и Израел‘ (Ис. Нав. 9:1, 2). Дури и откако ја започнале битката со Израелците, тие цареви имале можност да ја видат Божјата рака. На Јеховина заповед, ‚сонцето застанало, а месечината запрела додека народот не им се одмаздил на своите непријатели‘ (Ис. Нав. 10:13). Јехова ‚дозволил да им отврднат срцата [на непријателите] и да му објават војна на Израел‘ (Ис. Нав. 11:20). Бидејќи тие одбиле да признаат дека Бог се бори за својот народ, на крајот биле поразени.

5. Што одбил да признае злобниот цар Ахав?

5 Подоцна, злобниот цар Ахав имал можност во повеќе наврати да ја види Божјата рака. Илија му рекол: „Ќе нема ниту роса ниту дожд, освен по моја наредба“ (1. Цар. 17:1). Иако било очигледно дека Јехова е тој што стоел зад оваа изјава, Ахав одбил да поверува во тоа. Подоцна овој цар со свои очи видел како, по молитвата на Илија, слегол оган од небото и ја изгорел жртвата што ја принел пророкот. Потоа Илија покажал дека Јехова ќе ѝ стави крај на сушата, кога му рекол на Ахав: „Оди долу за да не те фати дождот“ (1. Цар. 18:22-45). Иако Ахав ги видел сите овие чуда, сепак одбил да поверува дека тие се јасен показател за Божјата огромна моќ. Од овие примери во минатото може да извлечеме една важна поука — мора свесно да вложиме труд за да ја видиме Јеховината рака во нашиот живот.

ТИЕ ЈА ВИДЕЛЕ ЈЕХОВИНАТА РАКА

6, 7. Што виделе јасно Гаваонците и Раав?

6 За разлика од овие злобни цареви, некои други ја виделе Божјата рака иако биле во иста ситуација како нив. На пример, Гаваонците не постапиле како повеќето околни народи кои војувале против Израелците во времето на Исус Навин, туку склучиле мир со Божјиот народ. Зошто? Тие рекле: „Твоите слуги [доаѓаат] заради името на Јехова, твојот Бог. Зашто, чувме за неговата слава, за сѐ што направил тој“ (Ис. Нав. 9:3, 9, 10). Гаваонците биле мудри и сфатиле дека вистинскиот Бог се бори за израелскиот народ.

7 И Раав ја видела Божјата рака во настаните што се случувале во нејзино време. Откако дознала како Јехова го избавил својот народ, таа им рекла на двајцата израелски извидници кои дошле кај неа: „Знам дека Јехова сигурно ќе ви ја даде оваа земја“. Иако било многу опасно да заземе таков став, таа покажала вера дека Јехова може да ја избави неа и нејзиното семејство (Ис. Нав. 2:9-13; 4:23, 24).

8. Во која смисла некои Израелци ја виделе Божјата рака?

8 За разлика од злобниот цар Ахав, некои Израелци сфатиле дека Јехова бил Тој што пуштил оган од небото за да ја изгори жртвата. Кога виделе како Бог одговорил на молитвата на Илија, тие извикале: „Јехова е вистинскиот  Бог!“ (1. Цар. 18:39). За нив тоа чудо било јасен доказ за Божјата моќ. Тие навистина ја виделе Јеховината рака!

9. Како можеме да го гледаме Јехова и неговата рака денес?

9 И добрите и лошите примери кои ги разгледавме ни помагаат да разбереме што значи да го гледаме Бог или да ја гледаме неговата рака. Колку подобро ги запознаваме неговите особини и патишта толку појасно ја гледаме неговата рака со ‚очите на нашето срце‘ (Еф. 1:18). Тоа нѐ поттикнува да го следиме примерот на верните поединци од минатото и од нашево време, кои виделе како Јехова му помага на својот народ. Сепак, дали имаме конкретни докази дека денес Бог навистина влијае врз животот на луѓето?

ДОКАЗИ ДЕКА БОГ НИ ПОМАГА ДЕНЕС

10. Што докажува дека Јехова им помага на луѓето во нашево време? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

10 Имаме многу причини да веруваме дека Јехова и понатаму им помага на луѓето. Честопати слушаме како некој го молел Бог за помош и добил одговор на својата молитва (Пс. 53:2). На пример, додека проповедал на едно островче на Филипините, Алан сретнал една жена која почнала да плаче. Тој вели: „Токму тоа утро, таа го молела Јехова да ѝ ги испрати своите Сведоци. Во своите тинејџерски години, ја проучувала Библијата со Јеховините сведоци, но изгубила контакт со нив кога се омажила и се преселила на тој остров. Таа беше видливо трогната затоа што Бог ѝ одговорил толку брзо на молитвата!“ За неполна година, оваа жена му го заветувала својот живот на Јехова.

Дали јасно гледаш како Јехова им помага на своите слуги денес? (Види во пасуси 11-13)

11, 12. а) На кои начини Јехова им помага на своите слуги? б) Објасни како Јехова ѝ помогнал на една сестра.

11 Многумина почувствувале како Јехова им помогнал да се одвикнат од разни зависности, како што се пушењето, злоупотребата на дрога и гледањето порнографија. Некои Божји слуги велат дека, пред да ја запознаат вистината, не успеале да го сторат тоа со сопствена сила иако упорно се обидувале. Но, кога побарале помош од Јехова, тој им дал „сила, која ја надминува нормалната“, и на крајот прекинале со лошите навики (2. Кор. 4:7; Пс. 37:23, 24).

12 Јехова им помага на многу свои слуги да се справат со лични слабости и тешкотии. На пример, Ејми се соочила со некои предизвици кога добила задача да помага во изградбата на една сала за состаноци и мисионерски дом на еден мал остров во Тихиот Океан. Таа вели: „Бевме сместени во едно хотелче, и секој ден моравме да пешачиме до градилиштето по улици кои беа поплавени со вода“. Освен тоа, морала да се навикне и на локалните обичаи, а често немало ни струја ни вода. Ејми додава: „Згора на сѐ, во една прилика ѝ се развикав на сестрата со која работев. Кога се вратив дома, се чувствував бедно. Тогаш, во мрачната хотелска соба, му го излеав своето срце на Јехова и го преколнував да ми помогне“. Кога дошла струја, Ејми зела да чита една Стражарска кула. Во неа имало статија со програмата од дипломирањето на Гилеад, во која се зборувало токму за тешкотиите со кои и самата се соочувала — нова култура, носталгија, нови соработници. Ејми вели: „Таа ноќ имав чувство како Јехова да ми зборува. Тоа многу ме охрабри да продолжам да ја извршувам својата задача“ (Пс. 44:25, 26; Иса. 41:10, 13).

13. Што докажува дека Јехова му помага на својот народ „во одбраната и законското потврдување“ на добрата вест?

13 Друг доказ дека Јехова нѐ поддржува со својата моќна рака е тоа што ни помага „во одбраната и во законското потврдување“ на добрата вест  (Фил. 1:7). Кога некои влади се обидуваат целосно да го забранат нашето проповедничко дело, ние се браниме на суд. Досега имаме добиено најмалку 268 судски случаи низ целиот свет. Дваесет и четири од нив беа добиени на Европскиот суд за човекови права од 2000 год. наваму. Зарем ова не е силен доказ дека никој не може да го спречи Бог да ни помогне? (Иса. 54:17; прочитај Исаија 59:1).

14. Кои други докази потврдуваат дека Бог е со својот народ?

14 Тоа што добрата вест се проповеда низ целиот свет исто така е доказ дека Божјата рака е со нас (Мат. 24:14; Дела 1:8). А кога размислуваме за нашето меѓународно братство во кое владее единство кое го нема на ниедно друго место, сфаќаме зошто дури и оние кои не му служат на Јехова признаваат: „Навистина, Бог е меѓу вас!“ (1. Кор. 14:25). Според тоа, како Божји народ, ние имаме многу докази дека Јехова се грижи за нас. (Прочитај Исаија 66:14.) Но, како е со тебе лично? Дали јасно ја гледаш Јеховината рака во твојот живот?

ДАЛИ ЈА ГЛЕДАШ ЈЕХОВИНАТА РАКА ВО ТВОЈОТ ЖИВОТ?

15. Зошто понекогаш не ја гледаме јасно Божјата рака во нашиот живот?

15 Од кои причини понекогаш не ја гледаме јасно Божјата рака во нашиот живот? Кога ќе нѐ притиснат проблеми, можеби забораваме дека Јехова веќе ни помагал многупати порано. Ова му се случило на Илија. Кога царицата Језавела му се заканила дека ќе го убие, дури и тој за момент заборавил како Бог го поддржувал дотогаш. Во врска со Илија, Библијата вели: „[Тој] почна да се моли да умре“ (1. Цар. 19:1-4). Кое било решението за неговиот проблем? Илија требало да бара охрабрување и утеха од Јехова (1. Цар. 19:14-18).

16. Како може да го видиме Бог кога ќе нѐ притиснат проблеми?

16 Јов бил толку преокупиран со своите неволји што престанал да ги гледа работите од Јеховина гледна точка (Јов  42:3-6). Слично на него, можеби и ние треба да вложиме поголем напор да го видиме Бог. Како? Така што ќе дозволиме, во симболична смисла, Библијата да фрли светлина врз она што ни се случува. Тоа ќе ни помогне да разбереме како гледа Јехова на нашиот проблем и како нѐ поддржува. На тој начин, Бог ќе ни стане уште пореален. Тогаш ќе можеме да го кажеме истото што го рекол и Јов: „Досега те знаев од слушање, но сега моето око те гледа“.

Дали Јехова те користи за да им помагаш на другите да го видат? (Види во пасуси 17-18)

17, 18. а) Што ќе ни помогне да ја видиме Божјата рака во својот живот? б) Раскажи едно искуство кое покажува како Бог ни помага денес.

17 Дали и ти си ја видел Божјата рака во својот живот? Па, размисли за следниве прашања: Дали си цврсто уверен дека Јехова ги водел работите за да ја запознаеш вистината? Дали на некој христијански состанок си слушал некој говор и си помислил: „Токму ова ми требаше“? Дали си почувствувал како ти била одговорена некоја конкретна молитва? Дали си решил да ја зголемиш својата служба и си бил восхитен кога си видел како Јехова ти помогнал да ја оствариш таа цел? Дали можеби си морал да дадеш отказ од работа затоа што таа ги попречувала твоите духовни активности, а потоа си видел како Јехова го исполнува своето ветување: „Никогаш нема да те напуштам“? (Евр. 13:5). Ако сме блиски со Бог, лесно ќе можеме да видиме како тој ни помага на многу начини.

18 Сара од Кенија го раскажа следново искуство: „Се молев во врска со една интересентка со која проучував бидејќи си мислев дека не ѝ значи многу тоа што го учеше од Библијата. Го замолив Јехова да ми помогне да сфатам дали да прекинеме со проучувањето. Веднаш штом кажав ‚амин‘, ми заѕвони телефонот. Интересентката се јави за да праша дали може да дојде на состанок со мене! Останав без зборови!“ Ако се трудиме да размислуваме за она што Бог го прави за нас, ќе видиме колку многу тој ни помага во животот. Рона, една сестра која живее во Азија, вели дека треба време за да сфатиме како Јехова ни помага. Таа додава: „Но, штом еднаш ќе сфатиш, ќе се зачудиш колку многу тој се грижи за тебе!“

19. Што друго мора да правиме за да бидеме меѓу оние кои „ќе го видат Бог“?

19 Исус рекол: „Среќни се оние што имаат чисто срце, зашто ќе го видат Бог“ (Мат. 5:8). Како може да имаме „чисто срце“? Така што ќе имаме чисти мисли и ќе престанеме да постапуваме погрешно. (Прочитај 2. Коринќаните 4:2.) Во оваа статија, видовме дека ќе можеме да го гледаме Бог само ако станеме уште поблиски со него и ако постапуваме исправно. Во следната статија ќе разгледаме како верата може да ни помогне уште појасно да ја гледаме Јеховината рака во нашиот живот.