Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  октомври 2015

„Дај ни уште вера!“

„Дај ни уште вера!“

„Помогни ми да имам уште поголема вера“ (МАР. 9:24)

ПЕСНИ: 81, 135

1. Колку е важна верата? (Види ја сликата погоре.)

ДАЛИ некогаш си се прашал: ‚Би сакал ли Јехова да спаси некого како мене во големата неволја?‘ Се разбира, потребни ни се повеќе особини за да ја преживееме големата неволја. Апостол Павле нагласил една од нив, кога рекол: „Без вера не е можно да му се угоди на Бог“ (Евр. 11:6). Иако ова можеби звучи многу едноставно, факт е дека „сите немаат вера“ (2. Сол. 3:2). Овие два стиха ни помагаат да сфатиме колку е важно да стекнеме силна вера.

2, 3. а) Што учиме од Петар за тоа колку е важна верата? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Апостол Петар нагласил колку е важна верата кога рекол дека ‚испитаноста на нашата вера‘ може ‚да ни донесе фалба и слава и чест кога ќе се појави Исус Христос‘. (Прочитај 1. Петрово 1:7.) Бидејќи големата неволја е многу близу, зарем не сакаме да бидеме меѓу „оние што веруваат и си го спасуваат животот“? (Евр. 10:39). Но, за да бидеме наградени кога ќе се појави нашиот Цар, Исус Христос, треба да вложиме труд да си ја зајакнеме верата. Затоа, слично на човекот кој го молел Исус, можеби и ние ќе речеме: „Помогни ми да имам уште поголема вера“ (Мар. 9:24). Или, исто како апостолите, можеби ќе молиме: „Дај ни уште вера!“ (Лука 17:5).

 3 Со оглед на тоа што верата е многу важна, во оваа статија ќе ги разгледаме следниве прашања: Како може да ја развиеме оваа особина? На кој начин може да покажеме дека имаме цврста вера? Зошто може да бидеме сигурни дека Бог ќе нѐ услиши кога ќе го молиме да ни даде уште поголема вера?

БОГ СЕ РАДУВА КОГА СИ ЈА ЗАЈАКНУВАМЕ ВЕРАТА

4. Чии примери можат да нѐ поттикнат да си ја зајакнеме верата?

4 Можеме да учиме од многуте примери на вера во Библијата бидејќи ‚сѐ што било некогаш напишано, напишано е за наша поука‘ (Рим. 15:4). Извештаите за Авраам, Сара, Исак, Јаков, Мојсеј, Раав, Гедеон, Варак и многу други можат да нѐ поттикнат да си ја преиспитаме нашата вера (Евр. 11:32-35). Освен тоа, и во нашево време има браќа и сестри кои покажале извонредна вера. Нивните искуства можат да нѐ мотивираат да дадеме сѐ од себе за да си ја зајакнеме верата. *

5. Како Илија покажал дека има цврста вера во Јехова, и на што нѐ поттикнува неговиот пример?

5 Еден пример од Библијата е пророкот Илија. Забележи како во пет ситуации тој покажал силна доверба во Јехова. 1) Кога го известил цар Ахав дека Јехова ќе предизвика суша, Илија со увереност рекол: „Како што е жив Јехова... ќе нема ниту роса ниту дожд, освен по моја наредба“ (1. Цар. 17:1). 2) Илија бил цврсто уверен дека, за време на сушата, Јехова ќе им го даде нему и на другите сето она што им било потребно (1. Цар. 17:4, 5, 13, 14). 3) Тој верувал дека Јехова може да врати во живот едно мртво дете (1. Цар. 17:21). 4) Воопшто не се сомневал дека Јехова ќе ја изгори со оган жртвата што му ја принел на планината Кармил (1. Цар. 18:24, 37). 5) Кога дошло време Јехова да ѝ стави крај на сушата, иако сѐ уште немало никаков знак дека ќе заврне, Илија му рекол на Ахав: „Оди горе, јади и пиј, зашто се слуша шум што најавува пороен дожд“ (1. Цар. 18:41). Зарем сето ова не нѐ поттикнува да се прашаме: ‚Дали и јас имам исто толку цврста вера како што имал Илија?‘

КАКО МОЖЕ ДА СИ ЈА ЗАЈАКНЕМЕ ВЕРАТА?

6. Што треба да ни даде Јехова за да си ја зајакнеме верата?

6 Колку и да сакаме, ние не можеме да развиеме вера сами од себе. Оваа особина е еден од плодовите на Божјиот свет дух (Гал. 5:22). Затоа е добро да го послушаме Исус, кој нѐ советувал да бараме повеќе свет дух и нѐ уверил дека Таткото ‚ќе им го даде на оние што го молат за тоа‘ (Лука 11:13).

7. Што ќе ни помогне и понатаму да си ја зајакнуваме верата? Наведи споредба.

7 Откако ќе стекнеме вера во Јехова, мора да продолжиме да ја зајакнуваме. Нашата вера може да се спореди со оган. Кога ќе се запали огнот, пламенот може да биде многу голем. Меѓутоа, ако не му се додаваат дрва, тој постепено ќе згасне и од него ќе остане само жар, кој на крајот ќе се претвори во студена пепел. Но, ако редовно му се додаваат дрва, огнот може постојано да гори. Слично на тоа, и верата може да гори во нашето срце ако редовно се храниме од Божјата Реч. Ако длабоко ја проучуваме Библијата, нашата љубов кон неа и кон нејзиниот Автор ќе расте, а тоа уште повеќе ќе ни ја зацврсти верата.

8. Што друго ќе ни помогне да си ја зацврстуваме верата?

 8 Што друго ќе ти помогне да си ја зацврстиш верата? Не се задоволувај само со она што си го научил до моментот кога си се крстил (Евр. 6:1, 2). Проучувај ги исполнетите пророштва од Библијата бидејќи тие можат многу да ти ја зајакнат верата. Освен тоа, можеш да ја користиш Божјата Реч и за да провериш колку е цврста твојата вера. (Прочитај Јаков 1:25; 2:24, 26.)

9, 10. а) Како добрите пријатели можат да ја зајакнат нашата вера? б) Како собраниските состаноци ни помагаат да имаме поцврста вера? в) Како може службата да ни ја зацврсти верата?

9 Апостол Павле ги поттикнал сохристијаните со следниве зборови: „Заемно да се охрабриме, јас со вашата вера, а вие со мојата“ (Рим. 1:12). Кога се дружиме со нашите браќа и сестри, можеме заемно да си ја зајакнуваме верата, особено ако поминуваме време со оние чија вера веќе била докажана (Јак. 1:3, фус.). Лошото друштво ја уништува верата, но добрите пријатели ја зајакнуваат (1. Кор. 15:33). Затоа сме советувани да не ги пропуштаме „нашите состаноци“, туку и понатаму „да се храбриме еден со друг“. (Прочитај Евреите 10:24, 25.) Исто така, во самата програма на состаноците се изнесуваат поуки кои ни ја зацврстуваат верата. Ова е во склад со следната изјава на Павле: „Верата се стекнува од слушање“ (Рим. 10:17). Затоа, добро е да се прашаме: ‚Дали христијанските состаноци се нераздвоен дел од мојот живот?‘

10 Кога учествуваме во службата, ние им помагаме на другите да стекнат вера, но ја зајакнуваме и својата вера. Слично на првите христијани, учиме да покажуваме целосна доверба во Јехова и да зборуваме смело во секоја ситуација (Дела 4:17-20; 13:46).

11. Зошто Халев и Исус Навин имале силна вера, и на кој начин може да бидеме како нив?

11 Нашата вера во Јехова расте кога гледаме како тој ни помага и како одговара на нашите молитви. Тоа било случај со Халев и со Исус Навин. Тие покажале вера во Јехова кога биле испратени да ја извидат Ветената земја. Со текот на времето, нивната вера станувала сѐ поцврста додека гледале како Јехова им помага. Ништо чудно што Исус Навин со увереност им рекол на Израелците: „Не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог“. Тој подоцна додал: „Затоа сега бојте се од Јехова и служете му беспрекорно и верно!.. А јас и мојот дом ќе му служиме на Јехова!“ (Ис. Нав. 23:14; 24:14, 15). И нашата вера расте кога гледаме колку е добар Јехова и како ни помага (Пс. 34:8).

КАКО МОЖЕ ДА ПОКАЖЕМЕ ВЕРА

12. Според ученикот Јаков, како ќе покажеме дека имаме цврста вера?

12 Како покажуваме дека имаме цврста вера? Ученикот Јаков го дал одговорот на ова прашање кога рекол: „Ќе ти ја покажам својата вера преку своите дела“ (Јак. 2:18). Значи, ќе покажеме вистинска вера со нашите постапки. Да видиме како.

Оние кои прават сѐ што можат во службата покажуваат силна вера (Види во пасус 13)

13. Како покажуваме вера кога проповедаме?

13 Службата на проповедање е одличен начин за да ја покажеме нашата вера. Зошто? Затоа што, кога проповедаме, покажуваме увереност дека крајот е близу и дека „нема да задоцни“ (Авак. 2:3). За да провериме каква е нашата вера, треба да размислиме колку сме спремни да се трошиме во службата. Прашај се: ‚Дали правам сѐ што можам за да им ја пренесувам библиската порака на другите? Дали барам начини  да учествувам во уште поголема мера во ова важно дело?‘ (2. Кор. 13:5). Да покажеме дека имаме силна вера во срцето така што ќе ја проповедаме добрата вест со која се спасуваат животи. (Прочитај Римјаните 10:10.)

14, 15. а) Како може да покажеме вера во нашиот секојдневен живот? б) Раскажи искуство за тоа како едно семејство покажало вера со своите дела.

14 Можеме да покажеме вера и додека се бориме со проблемите во секојдневниот живот. Сеедно дали се соочуваме со некоја болест, обесхрабрување, депресија, сиромаштија или други тешки проблеми, може да имаме доверба дека Јехова и неговиот Син секогаш ќе ни ја даваат потребната помош (Евр. 4:16). Покажуваме таква доверба кога го молиме Јехова да ги задоволи нашите материјални потреби. Исус рекол дека можеме да го молиме Бог да ни ‚го даде лебот потребен за овој ден‘ (Лука 11:3). Библиските извештаи нѐ уверуваат дека Јехова може да се грижи за нашите потреби. Кога во Израел имало голема суша, тој го снабдувал Илија со храна и со вода. Библијата вели дека, на заповед на Јехова, ‚гавраните му донесувале леб и месо наутро и навечер, а пиел вода од потокот‘ (1. Цар. 17:3-6). Ние имаме вера дека Јехова може да ги води работите за да ни го даде сето она што ни е потребно.

Покажуваме вера додека се бориме со проблемите во секојдневниот живот (Види во пасус 14)

15 Уверени сме дека ќе можеме да се грижиме за потребите на нашето семејство ако ги применуваме библиските начела. Ребека, една мажена сестра од Азија, објаснува како таа и нејзиното семејство ги примениле советите од Матеј 6:33 и Изреки 10:4. Нејзиниот сопруг дал отказ кога сфатил дека неговата работа би можела да ја доведе во опасност духовноста на целото семејство. Но, бидејќи морале да се грижат за своите четири деца, почнале да прават слатки и да ги продаваат. Затоа што трудољубиво работеле, секогаш имале доволно пари за да се грижат за потребите на семејството. Ребека вели: „Чувствувавме дека Јехова никогаш не нѐ напушти. Секогаш имавме доволно за јадење“. Дали и ти си имал слично искуство што ти ја зајакнало верата?

16. Што ќе се случи ако имаме доверба во Бог?

 16 Никогаш не треба да се сомневаме дека Јехова ќе ни помага ако го следиме неговото водство. Осврнувајќи се на зборовите на Авакум, Павле напишал: „Праведникот ќе живее поради верата“ (Гал. 3:11; Авак. 2:4). Затоа, неопходно е да покажуваме доверба во Јехова, кој навистина може да ни помогне. Павле нѐ потсетува дека Бог „може со својата сила, која дејствува во нас, да направи неизмерно повеќе од сѐ што молиме или што ќе... замислиме“ (Еф. 3:20). Иако правиме сѐ што можеме за да ја вршиме Божјата волја, свесни сме дека имаме ограничувања. Затоа сме многу благодарни што Бог е со нас и што го благословува целиот наш труд.

ЈЕХОВА ОДГОВАРА НА МОЛИТВИТЕ ЗА ПОГОЛЕМА ВЕРА

17. а) Како била одговорена молбата на апостолите? б) Зошто може да очекуваме дека Јехова ќе нѐ услиши кога го молиме да ни даде поголема вера?

17 По она што го разгледавме, можеби се чувствуваме како апостолите кои му рекле на Исус: „Дај ни уште вера!“ (Лука 17:5). Нивната молба била одговорена на посебен начин на Педесетница 33 год. од н.е. Тогаш примиле свет дух и поради тоа можеле подобро да ја разберат Божјата намера. Ова ја зајакнало нивната вера. Каков бил резултатот? Тие го започнале најголемото проповедничко дело дотогаш (Кол. 1:23). Дали можеме да очекуваме дека Бог ќе ни одговори кога го молиме да ни даде уште вера? Библијата нѐ уверува дека можеме, затоа што тоа барање е „во склад со неговата волја“ (1. Јов. 5:14).

18. Како Јехова ги благословува оние што имаат цврста вера?

18 Јехова се радува кога покажуваме потполна доверба во него. Тој ќе нѐ услиши ако го молиме да ни даде поголема вера. Нашата вера ќе се зајакне толку многу што ќе ‚бидеме прогласени за достојни за Божјето царство‘ (2. Сол. 1:3, 5).

^ пас. 4 Некои вакви искуства се животните приказни на Лилиен Гобајтис Клоуз (Разбудете се! од 8 ноември 1993 [срп.]), Феликс Борис (Разбудете се! од 8 јуни 1994 [срп.]), и Џозефин Елијас (Разбудете се! од септември 2009).