Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  септември 2015

Како може да му покажеме на Јехова дека го сакаме?

Како може да му покажеме на Јехова дека го сакаме?

„Ние покажуваме љубов, бидејќи прво тој покажа љубов кон нас“ (1. ЈОВ. 4:19)

ПЕСНИ: 56, 138

1, 2. На кој начин Јехова ни покажал како да сакаме?

ЕДЕН татко може најдобро да ги поучи децата со својот пример. Кога им покажува љубов, тој ги учи како да сакаат. Никој друг нема поголема љубов кон нас од нашиот небесен Татко, Јехова. Од неговиот пример и ние учиме како да сакаме. Библијата вели: „Ние покажуваме љубов, бидејќи прво тој покажа љубов кон нас“ (1. Јов. 4:19).

2 На кој начин Јехова ‚прв покажал љубов кон нас‘? Апостол Павле рекол: „Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:8). Со тоа што го дал својот Син како откупнина за да нѐ избави од гревот и од смртта, Јехова покажал што, всушност, значи да се сака. Вистинската љубов е несебична и самопожртвувана. Благодарение на скапоцената жртва што ја дал Бог, ние можеме да бидеме блиски со него и да му возвратиме со љубов (1. Јов. 4:10).

3, 4. Како треба да го сакаме Бог?

3 Љубовта е главна особина на Јехова. Затоа сфаќаме зошто Исус рекол дека најважната заповед е: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и  со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Мар. 12:30). Овие зборови јасно покажуваат дека Јехова очекува да го сакаме ‚со сето срце‘. Ако дозволиме некој друг или нешто друго да ни биде поважно од него, ние ќе му нанесеме болка. Но, нашата љубов кон Бог не е само чувство во срцето. Јехова очекува да го сакаме и со ‚сиот ум, и со сета своја сила‘. Ова значи дека љубовта кон Бог исто така е поврзана со нашиот начин на размислување и со она што го правиме. (Прочитај Михеј 6:8.)

4 Според тоа, ќе покажеме дека навистина го сакаме нашиот небесен Татко ако го ставиме на прво место во животот. Нашата љубов кон него треба да биде безрезервна. Во претходната статија, разгледавме четири начини на кои Јехова покажува неизмерна љубов кон своите деца. Да видиме сега како може да ја продлабочиме нашата љубов кон него и како може да му покажеме дека го сакаме.

БИДИ БЛАГОДАРЕН ЗА ОНА ШТО НИ ГО ДАВА ЈЕХОВА

5. На што сме поттикнати кога размислуваме за сето она што Јехова ни го дал?

5 Кога некој ќе ти даде подарок, сигурно му изразуваш благодарност. Освен тоа, бидејќи подарокот ти значи, веројатно ќе го користиш. Ученикот Јаков напишал: „Секој добар дар и секој совршен подарок е одозгора, зашто слегува од Таткото на небесните светла, а тој не се менува, не е како непостојана сенка“ (Јак. 1:17). Јехова ни дава сѐ што ни е потребно за да живееме и да бидеме среќни. Зарем тоа не нѐ поттикнува да му возвратиме за љубовта што ни ја покажува на таков начин?

6. Што требало да прават Израелците ако сакале Јехова и понатаму да ги благословува?

6 Јехова со векови се грижел за Израелците и обилно ги благословувал, и во материјален и во духовен поглед (5. Мој. 4:7, 8). Тие можеле да му ја покажат својата благодарност така што ќе ги слушале неговите закони. На пример, Јехова им заповедал секогаш да му го принесуваат „најдоброто од првините од својата земја“ (2. Мој. 23:19). Израелците знаеле дека Јехова ќе продолжи да ги благословува само ако му биле послушни и ако му го давале најдоброто. (Прочитај 5. Мојсеева 8:7-11.)

7. Како можеме да го користиме нашиот „имот“ за да му покажеме на Јехова дека го сакаме?

7 А како е со нас? Иако ние не треба да принесуваме дословни жртви, можеме да покажеме дека го сакаме Бог ако му оддаваме чест со нашиот „имот“ (Изр. 3:9). Како може да го правиме тоа? Се разбира, можеме да даваме прилози за да ги покриеме собраниските трошоци и да го поддржиме делото за Царството кое се врши низ целиот свет. Така можеме да му ја покажеме својата љубов на Јехова, сеедно дали имаме многу или малку во материјален поглед (2. Кор. 8:12). Но, има и други начини на кои можеме да му покажеме на Бог дека го сакаме.

8, 9. Како е поврзана нашата доверба во Јеховините ветувања со нашата љубов кон него? Наведи пример.

8 Исус ги поучил своите следбеници да го бараат најнапред Царството и да не бидат премногу загрижени за тоа што ќе јадат и што ќе облечат. Тој рекол дека Таткото знае што навистина ни е потребно (Мат. 6:31-33). Нашата доверба во ова ветување открива колку многу го сакаме Бог. Всушност, љубовта и довербата се тесно поврзани. Не можеме вистински да сакаме некого ако немаме доверба во него (Пс. 143:8). Затоа е добро да се прашаме: ‚Дали моите цели и начинот на кој го  користам моето време и сила покажуваат дека навистина го сакам Јехова? Дали со моите постапки секојдневно покажувам доверба дека тој ќе се грижи за моите потреби?‘

9 Еден христијанин по име Мајк покажал таква љубов и доверба. Како млад, тој имал силна желба да му служи на Бог во друга земја. Подоцна се оженил и му се родиле две деца, но таа желба никогаш не згаснала. Охрабрен од многуте статии и извештаи за службата на места каде што има поголема потреба од објавители, Мајк и неговото семејство решиле да си го поедностават животот. Ја продале куќата и се преселиле во стан. Тој го намалил и бројот на клиенти на кои им вршела услуги неговата фирма, и научил како да ја води работата преку Интернет. Како резултат на тоа, можел да се пресели со целото семејство во друга земја, каде што уживале во службата. Две години подоцна, Мајк рекол: „Сфативме колку се вистинити зборовите на Исус запишани во Матеј 6:33“.

РАЗМИСЛУВАЈ ЗА ПОУКИТЕ ШТО НИ ГИ ДАВА ЈЕХОВА

10. Слично на цар Давид, зошто е добро да размислуваме за она што го учиме за Јехова?

10 Пред околу 3.000 години, цар Давид напишал: „Небесата ја објавуваат Божјата слава, небесниот свод зборува за делата на неговите раце“. А потоа, трогнат од мудроста на Божјиот закон, изјавил: „Јеховиниот закон е совршен, ја крепи душата. Опомената од Јехова е веродостојна, му дава мудрост на неискусниот“. Давид длабоко размислувал за прекрасните творби на Јехова и за неговите мудри закони. Поради тоа се чувствувал уште поблизок со Бог и бил поттикнат да му ја изрази својата љубов. Тој рекол: „Зборовите на мојата уста и размислувањето на моето срце нека ти бидат пријатни, о Јехова, Карпо моја и Откупителу мој“ (Пс. 19:1, 7, 14).

11. Како можеме да го користиме знаењето што ни го дава Јехова за да ја покажеме нашата љубов кон него? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

11 Денес Јехова ни помага уште подобро да се запознаеме со неговите творечки дела и со неговата намера. Светот ги поттикнува луѓето да стекнат високо образование, но поради тоа мнозина ја изгубиле љубовта кон Бог. Од друга страна, Јехова не само што сака да стекнеме знаење туку нѐ охрабрува и да се здобиеме со мудрост и разбирање. Бог сака да го користиме она што го знаеме за да ни биде добро нам, но и да им помагаме на другите (Изр. 4:5-7). Тој „сака најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4). Ние покажуваме љубов кон Јехова кога со сета душа им ја пренесуваме добрата вест на другите и кога им помагаме да ја разберат Божјата величествена намера со човештвото. (Прочитај Псалм 66:16, 17.)

12. Какво ценење покажала една млада сестра за духовните дарови од Јехова?

12 Дури и децата можат да покажат љубов кон Јехова така што ќе размислуваат со ценење за духовните дарови кои ги добиваат од него. Шенон раскажува дека, кога имала 11 години, заедно со својата 10-годишна сестричка и со родителите, присуствувала на конгресот „Оддаденост на Бог“. За време на програмата, младите биле замолени да седнат во посебен дел. Во почетокот ѝ било малку непријатно. Но, потоа многу се изненадила кога сите млади добиле како подарок една прекрасна книга со наслов Младите прашуваат — делотворни одговори. Како тоа влијаело врз нејзините чувства кон  Јехова Бог? Таа раскажува: „Дури тогаш сфатив дека Јехова е вистинска личност и дека многу ме сака мене лично. Колку сме среќни што нашиот величествен Бог великодушно ни дава такви прекрасни, совршени дарови!“

ПРИФАТИ ГИ СОВЕТИТЕ И УКОРОТ ОД ЈЕХОВА

13, 14. Како треба да реагираме кога Јехова нѐ советува, и зошто?

13 Библијата нѐ потсетува: „Кого Јехова го сака, него и го укорува, како што таткото го укорува синот, кого го сака“ (Изр. 3:12). Кога го прифаќаме укорот од него и дозволуваме Тој да нѐ обликува, учиме да го правиме она што е добро и имаме мир. Се разбира, „ниту едно укорување на почетокот не причинува радост, туку жалост“ (Евр. 12:11). И покрај тоа, како треба да реагираме кога Јехова нѐ укорува? Никогаш не треба да ги игнорираме неговите совети или да бидеме огорчени ако не ни се допаѓа она што ни било кажано. Иако ова понекогаш не е лесно, љубовта кон Јехова ќе ни помогне да го слушаме и да ги направиме потребните промени.

14 Во времето на Малахија, многу Евреи не го слушале Јехова. Иако знаеле што заповедал Законот за жртвите кои требало да ги принесуваат, тоа воопшто не им било важно. Затоа Јехова им дал строг совет. (Прочитај Малахија 1:12, 13.) Во колку опасна ситуација се наоѓале? Самиот Бог им рекол: „Ќе ви испратам проклетство и ќе ги проколнам вашите благослови. Да, веќе ги проколнав затоа што не ја земате присрце [мојата] заповед“ (Мал. 2:1, 2). Јасно е дека, ако упорно ги игнорираме Јеховините совети или мислиме дека тие не се важни, ќе го изгубиме неговото пријателство.

Следи ги Божјите совети, а не мерилата на овој свет (Види во пасус 15)

15. Од кој став треба да се чуваме?

15 Светот на Сатана ги поттикнува луѓето да бидат горделиви и себични. Многумина не сакаат некој да ги исправа или да им кажува што треба да прават. Дури и оние што навидум ги прифаќаат советите или укорот, го прават тоа затоа што мораат. Но,  ние сме советувани да ‚не дозволиме и понатаму да нѐ обликува овој свет‘. Треба да утврдиме која е совршената Божја волја и да постапуваме во склад со неа (Рим. 12:2). Преку својата организација, Јехова ни дава навремени совети на многу полиња од животот — како да се однесуваме со спротивниот пол, со кого да се дружиме и каква разонода да избереме. Ако спремно го прифаќаме и применуваме ваквото водство, ќе покажеме дека сме благодарни и дека навистина го сакаме Јехова со сета душа (Јован 14:31; Рим. 6:17).

ИМАЈ ДОВЕРБА ДЕКА ЈЕХОВА ЌЕ ТИ ПОМАГА И ЌЕ ТЕ ШТИТИ

16, 17. а) Зошто треба да дознаеме што мисли Јехова пред да донесеме некоја одлука? б) Наместо да покажат доверба во Јехова, што направиле Израелците?

16 Кога чувствуваат некаква опасност, малите деца веднаш трчаат кај своите родители. Како што растат, тие почнуваат сами да размислуваат и да одлучуваат. Сепак, оние што се блиски со родителите се чувствуваат слободни да бараат совет од нив пред да донесат одлука. На сличен начин, нашиот Татко, Јехова, ни дозволува самите да носиме одлуки. Но, затоа што имаме доверба во него и го сакаме, секогаш го молиме за помош и се трудиме да дознаеме што мисли тој за одредена работа пред да одлучиме што да правиме. Ако се потпираме на Бог, тој ќе ни го дава својот свет дух за да ни помогне исправно да постапуваме (Фил. 2:13).

17 Во времето на Самоил, Израелците претрпеле тежок пораз во една битка против Филистејците. На Божјиот народ очајно му била потребна помош и заштита. Но, наместо да го прашаат Јехова што да прават, тие рекле: „Да го земеме од Сило ковчегот на Јеховиниот сојуз за да биде меѓу нас и да нѐ избави од рацете на нашите непријатели“. Какви биле последиците од нивната одлука? Библијата вели: „Колежот беше многу голем, и паднаа триесет илјади пешаци од Израел. Ковчегот беше запленет“ (1. Сам. 4:2-4, 10, 11). Кога Израелците го зеле ковчегот со нив, можеби изгледало дека се потпираат на Јехова за помош. Но, всушност, тие не барале водство од него туку постапиле по свое, а последиците биле катастрофални. (Прочитај Изреки 14:12.)

18. Што учиш од Библијата во врска со довербата во Јехова?

18 Еден псалмист кој многу го сакал Јехова и имал доверба во него рекол: „Чекај го Бог, зашто јас и понатаму ќе го фалам како свој голем спасител. Боже мој, мојата душа е очајна во мене. Затоа се сеќавам на тебе“ (Пс. 42:5, 6). Дали и кај тебе гори таква љубов кон нашиот небесен Татко? Дали се чувствуваш близок со Јехова и дали имаш силна доверба во него? Дури и ако твојот одговор е потврден, можеш да научиш уште повеќе да се потпираш на Бог. Библијата нѐ поттикнува: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изр. 3:5, 6).

19. Како и понатаму ќе му покажуваш на Јехова дека го сакаш?

19 Со тоа што прв покажал љубов кон нас, Јехова нѐ поучил како да го сакаме. Никогаш да не заборавиме колку е голема неговата љубов и колку многу тој направил за нас. Да бидеме решени да му покажеме дека навистина го сакаме „со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“! (Мар. 12:30).