Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  септември 2015

Дали совеста ти дава исправно водство?

Дали совеста ти дава исправно водство?

„Целта на оваа заповед е љубов од чисто срце [и] чиста совест и нелицемерна вера“ (1. ТИМ. 1:5)

ПЕСНИ: 57, 48

1, 2. Кој ни ја дал совеста, и зошто треба да сме благодарни што ја имаме?

ЈЕХОВА БОГ ги создал луѓето со слободна волја, односно им дал слобода на избор. Но, за да донесуваме исправни одлуки, Јехова ни ја дал совеста. Совеста е внатрешно чувство кое ни кажува што е добро, а што лошо. Ако е обликувана според Библијата, таа може да ни помогне да правиме добро и да го отфрлиме злото. Совеста е доказ дека Бог нѐ сака и дека има желба да постапуваме на исправен начин.

2 Денес луѓето сѐ уште го поседуваат тој дар. (Прочитај Римјаните 2:14, 15.) Иако повеќето од нив не ги знаат библиските мерила, некои го прават она што е добро, а го мразат она што е лошо. На многумина совеста не им дозволува да постапуваат злобно. Замисли колку полоши ќе беа условите во светот ако никој немаше совест! Веројатно ќе се случуваа уште пострашни работи од оние за кои слушаме денес. Зарем не сме благодарни што Бог им дал совест на луѓето?

3. Каква корист ќе имаме ако си ја обликуваме совеста според Библијата?

3 За разлика од луѓето општо земено, Јеховините слуги  сакаат да си ја острат совеста. Тие сакаат нивната совест да реагира во склад со мерилата за исправно и погрешно кои се дадени во Божјата Реч. Ако е обликувана според библиските начела, нашата совест може многу да ни користи. Но, за да ја обликуваме и да ја слушаме, не е доволно само да знаеме што пишува во Библијата. Ние мора да ги сакаме Божјите мерила и да бидеме уверени дека тие се добри за нас. Павле напишал: „Целта на оваа заповед е љубов од чисто срце, чиста совест и нелицемерна вера“ (1. Тим. 1:5). Кога си ја остриме совеста и постапуваме како што ни налага таа, нашата љубов кон Јехова се продлабочува и нашата вера се зајакнува. Всушност, нашата совест открива колку сме блиски со Бог и колку сакаме да му угодиме. Таа исто така открива какви сме навистина во срцето.

4. Како можеме да си ја остриме совеста?

4 Но, како можеме да си ја остриме совеста? Така што редовно ќе ја проучуваме Библијата под молитва, длабоко ќе размислуваме за прочитаното и ќе го применуваме она што сме го научиле. Според тоа, не е доволно само да знаеме факти и да учиме правила. Додека ја проучуваме Библијата, ние треба постепено да стекнуваме сѐ појасна слика за Јехова, за неговите особини, и за она што тој го сака и го мрази. Со текот на времето, нашата совест ќе може брзо да препознава што е добро, а што лошо од Божја гледна точка. Колку повеќе ја остриме толку послични ќе бидеме на Јехова.

5. Што ќе разгледаме во оваа статија?

5 Сепак, би можеле да се прашаме: Како може изострената совест да ни помогне кога треба да носиме одлуки? Како може да покажеме почит кон совеста на сохристијаните? И како може нашата совест да нѐ поттикне уште поревносно да правиме добри дела? Да разгледаме три полиња на кои совеста може да ни помогне да донесуваме добри одлуки: 1) при изборот на лекување, 2) при изборот на разонода и рекреација, и 3) во службата.

БИДИ РАЗУМЕН

6. Наведи едно поле на кое треба да донесуваме одлуки.

6 Библијата нѐ поттикнува да избегнуваме работи кои можат да ни наштетат, и да бидеме умерени во навиките како што се, на пример, навиките во јадењето и пиењето (Изр. 23:20; 2. Кор. 7:1). Ако ги применуваме библиските совети, ќе можеме донекаде да си го зачуваме здравјето, иако сѐ уште сме подложни на болести и на старост. Во некои земји се достапни и конвенционални и алтернативни начини на лекување. Во Одборите на подружниците редовно стигнуваат писма од браќа и сестри кои размислуваат какво лекување да изберат. Мнозина од нив прашуваат: „Дали овој начин на лекување е прифатлив за еден Јеховин слуга?“

7. Што ќе ни помогне ако треба да донесеме одлука во врска со некое лекување?

7 Ниту подружницата ниту старешините во собранијата немаат право да донесуваат одлука кога станува збор за здравјето на некој Јеховин сведок, дури и ако тој го бара тоа од нив (Гал. 6:5). Се разбира, тие можат да му посочат што вели Јехова, и така да му помогнат самиот да донесе мудра одлука. На пример, христијанинот треба да ја има на ум библиската заповед ‚да се воздржуваме од крв‘ (Дела 15:29). Таа му помага јасно да сфати дека не може да прифати лекување во кое е вклучена полна крв или некоја од нејзините четири главни состојки. Ваквите информации можат да влијаат врз неговата совест дури и кога одлучува дали ќе  прими крвна фракција која е добиена од некоја од овие состојки. * Но, кои други библиски совети можат да ни помогнат кога одлучуваме како да се лекуваме?

8. Како може да ни помогне стихот од Филипјаните 4:5 кога станува збор за здравјето?

8 Во Изреки 14:15 пишува: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“. За некои болести можеби сѐ уште не е пронајден лек. Затоа е мудро да бидеме претпазливи кога станува збор за третмани со кои наводно може да се излекува некоја болест но, всушност, нема докази за тоа. Под водство на светиот дух, Павле напишал: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Фил. 4:5). Разумноста нема да ни дозволи да се преокупираме со здравјето до тој степен што ќе ги занемариме духовните активности. Ако грижата за здравјето ни е на прво место во животот, би можеле да почнеме да мислиме само на себе (Фил. 2:4). Ние сме свесни дека духовните работи се најважни, и дека треба да имаме разумни очекувања во поглед на здравјето. (Прочитај Филипјаните 1:10.)

Дали им го наметнуваш своето гледиште на другите? (Види во пасус 9)

9. Како Римјаните 14:13, 19 може да влијае врз одлуките за здравјето, и како нашето единство би можело да биде доведено во опасност?

9 Разумниот христијанин не им го наметнува своето гледиште на другите. Во една земја во Европа, еден брачен пар христијани со воодушевеност им препорачувале на соверниците одредени препарати и режим на исхрана. Тие убедиле некои браќа да ги користат препаратите, но други одлучиле да не го сторат тоа. Кога изостанале очекуваните резултати, многу браќа и сестри биле огорчени. Овој брачен пар имал право да одлучи за себе дали ќе се држи за одреден режим на исхрана и дали ќе зема одредени препарати. Но, дали било разумно да го доведе во опасност единството во собранието за една таква работа како што е грижа за здравјето? И христијаните во древниот Рим имале различно мислење за тоа дали треба да се јаде одредена храна или да се одбележуваат некои денови. Каков совет им дал Павле? Тој рекол: „Некој смета дека едниот ден е поважен од другиот, а друг смета дека сите денови се исти. Секој нека биде сосема уверен во своето мислење“. Најважно од сѐ е да не правиме нешто со кое би ги спрепнале другите. (Прочитај Римјаните 14:5, 13, 15, 19, 20.)

10. Зошто треба да ги почитуваме личните одлуки на другите? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

10 Понекогаш не разбираме зошто некој во собранието донел одредена одлука за некоја лична работа. Што треба да правиме? Не треба брзо да го осудиме или да се обидеме да го присилиме  да се премисли. Можеби совеста на овој соверник сѐ уште е „слаба“ и треба да се остри или, пак, е преосетлива на некои полиња (1. Кор. 8:11, 12). Од друга страна, можеби ние треба да си ја преиспитаме својата совест за уште повеќе да ја ускладиме со Божјите мерила. Секој од нас треба да донесе лична одлука во поглед на здравјето, и да си преземе одговорност за тоа.

УЖИВАЈ ВО РАЗОНОДАТА И РЕКРЕАЦИЈАТА

11, 12. Кој библиски совет треба да го имаме на ум кога избираме како да се забавуваме?

11 Јехова ги создал луѓето за да можат да уживаат во разонодата и рекреацијата, и да извлечат корист од нив. Соломон напишал дека има „време за смеење“ и „време за танцување“ (Проп. 3:4). Сепак, секоја разонода не е корисна, и не ни помага да се опуштиме и да се освежиме. Освен тоа, не е добро да се рекреираме предолго или пречесто. Како може совеста да ни помогне да уживаме во разонодата која ја одобрува Јехова и да извлечеме корист од неа?

12 Библијата нѐ предупредува да се чуваме од „делата на телото“. Во нив спаѓаат „блуд, нечистотија, бесрамност, идолопоклонство, гатање, непријателства, караници, љубомора, изливи на гнев, судири, поделби, секти, завист, пијанки, разуздани гозби и други слични работи“. Павле напишал дека „оние што прават такво нешто нема да го наследат Божјето царство“ (Гал. 5:19-21). Затоа е добро да се прашаме: ‚Дали совеста ме поттикнува да избегнувам агресивни и насилни спортови или спортови што кај мене можат да разгорат натпреварувачки дух или националистички чувства? Дали ми помага да се спротивставам на искушението да гледам некој филм во кој има порнографски сцени или во кој се прикажува неморал, пијанчење или спиритизам?‘

13. Како советите од 1. Тимотеј 4:8 и Изреки 13:20 можат да ни помогнат во поглед на рекреацијата?

13 Библијата содржи начела што ни помагаат да ја обликуваме нашата совест во поглед на рекреацијата. Едно од нив е дека телесното вежбање ни користи во одредена мера (1. Тим. 4:8). Мнозина заклучиле дека редовното и умерено вежбање е корисно за здравјето, и дека влијае позитивно и врз телото и врз умот. Но, ако сакаме да вежбаме во друштво, дали е важно со кого го правиме тоа? Во Изреки 13:20 пишува: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“. Ова јасно покажува дека и во изборот на рекреација треба да ја слушаме својата совест која е обликувана според Библијата.

14. Како можат младите да постапат во склад со Римјаните 14:2-4?

14 Кристијан и Даниела имаат две ќерки кои се на тинејџерска возраст. Кристијан вели: „На Семејната вечер разговаравме за рекреацијата. Заклучивме дека некои видови разонода се прифатливи, но други не се. Зборувавме и за тоа кого може да го сметаме за добро друштво. Едната ќерка се жалеше дека на одморот меѓу часовите, некои млади Јеховини сведоци не се однесуваат како што треба, и дека таа е под притисок да постапува слично како нив. Ѝ помогнавме да разбере дека секој од нас треба да ја слуша својата совест кога избира што прави и со кого“. (Прочитај Римјаните 14:2-4.)

Твојата совест, која е обликувана според Библијата, може да ти помогне да избегнеш разни опасности (Види во пасус 14)

15. Како може советот од Матеј 6:33 да ни помогне кога одредуваме кое е погодно време за рекреација?

15 Друго прашање е: Кое е погодно  време за рекреација? Дали најпрво одвојуваш време за духовните активности, како што се состаноците, службата и проучувањето на Библијата, или се обидуваш да ги вметнеш меѓу периодите на рекреација? Што ти е најважно? Исус рекол: „Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (Мат. 6:33). Дали совеста те потсетува на овој совет кога планираш како ќе го трошиш времето?

РЕВНОСНО ПРАВИ ДОБРИ ДЕЛА

16. На што нѐ поттикнува совеста?

16 Освен што нѐ предупредува да не правиме нешто лошо, исправно обликуваната совест нѐ поттикнува и на добри дела. Едно од нив е да проповедаме од куќа до куќа и да сведочиме неформално. Совеста го поттикнувала апостол Павле да постапува така. Тој напишал: „Тоа ми е должност. Навистина, тешко мене ако не ја објавувам добрата вест!“ (1. Кор. 9:16). Кога го следиме примерот на Павле, имаме чиста совест која нѐ уверува дека го правиме она што е исправно. Освен тоа, кога ја проповедаме добрата вест, се обидуваме да ја разбудиме и совеста на оние со кои разговараме. Павле рекол: „Објавувајќи ја вистината, ѝ даваме добар пример пред Бог на секоја човечка совест“ (2. Кор. 4:2).

17. Како една млада сестра постапила во склад со својата совест?

17 Кога Жаклина имала 16 години, на час по биологија се разгледувала теоријата на еволуција. Таа вели: „Совеста не ми дозволуваше слободно да учествувам во дискусиите на часот, како што правев обично. Не можев да кажам дека се согласувам со таа теорија. Затоа појдов кај професорот и му го објаснив мојот став. На мое изненадување, тој реагираше многу добро и ми даде можност да зборувам за создавањето пред целиот клас“. Жаклина била многу среќна затоа што ја послушала својата совест која била обликувана според Библијата. Дали и твојата совест те поттикнува да го правиш она што е добро?

18. Зошто треба да се трудиме да имаме остра совест?

18 Ние сакаме да живееме според Јеховините начела и мерила, а совеста може да ни помогне да ја постигнеме таа цел. Кога редовно ја проучуваме Божјата Реч, и кога размислуваме за неа и го применуваме она што го учиме, ние си ја остриме совеста. На тој начин, овој прекрасен дар од Јехова може да ни даде исправно водство во животот!

^ пас. 7 Види ја статијата „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 јуни 2004, стр. 29-31.