Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2015

Внимавај со кого се дружиш во овие последни денови

Внимавај со кого се дружиш во овие последни денови

„Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. КОР. 15:33)

ПЕСНИ: 73, 119

1. Во кој период живееме денес?

ЖИВЕЕМЕ во „особено тешки времиња“. Од 1914 год., започнале да течат „последните денови“. Оттогаш наваму условите се влошиле како никогаш порано (2. Тим. 3:1-5). Но, состојбата во светот ќе станува сѐ потешка затоа што Библијата прорекла дека „злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо“ (2. Тим. 3:13).

2. Како се забавуваат многу луѓе во овој свет? (Види ја сликата погоре.)

2 Многумина денес се забавуваат така што гледаат или прават работи кои се насилни и неморални, или кои се поврзани со спиритизам. Насилството и неморалот честопати се прикажуваат во позитивно светло на Интернет, на телевизија, во филмовите, романите и списанијата. Одредени работи, кои порано биле неприфатливи, денес се озаконети во некои земји. Сепак, тоа не значи дека Бог го одобрува таквото однесување. (Прочитај Римјаните 1:28-32.)

3. Што мислат повеќето луѓе во светот за оние кои живеат според Божјите мерила?

 3 И луѓето во првиот век се забавувале со насилство и неморал. Но, Христовите следбеници живееле според Божјите мерила и ја отфрлале таквата забава. Затоа другите ги оцрнувале и ги прогонувале. Апостол Петар им го напишал следново на христијаните: „Поради тоа што повеќе не трчате со нив во истата таа тиња на распуштеноста, се чудат и зборуваат срамно за вас“ (1. Пет. 4:4). И денес оние што живеат според Божјите мерила им се чудни на луѓето во светот. Всушност, Библијата јасно вели дека „сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“ (2. Тим. 3:12).

„ЛОШОТО ДРУШТВО ГИ РАСИПУВА ДОБРИТЕ НАВИКИ“

4. Зошто не треба да го сакаме светот?

4 Библијата ги советува оние што се решени да ја вршат Божјата волја ‚да не го сакаат светот и она што е во светот‘. (Прочитај 1. Јованово 2:15, 16.) Религиозниот, политичкиот и трговскиот дел од овој свет — како и нивните средства за јавно информирање — се под влијание на „богот на овој свет“, Сатана Ѓаволот (2. Кор. 4:4; 1. Јов. 5:19). Затоа, како христијани, мора да внимаваме со кого се дружиме. Божјата Реч јасно предупредува: „Не залажувајте се! Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Кор. 15:33).

5, 6. Со кого не треба да се дружиме, и зошто?

5 За да не си ги расипеме добрите навики, не смееме да се дружиме со лица кои прават лоши работи. Во нив спаѓаат и оние што тврдат дека му служат на Јехова, но намерно ги кршат неговите закони. Ако таквите лица направат тежок грев и не се каат, ние престануваме да се дружиме со нив (Рим. 16:17, 18).

6 Доколку би се дружеле со оние што не им се послушни на Божјите закони, би се нашле на искушение и ние да постапуваме како нив само за да нѐ прифатат. На пример, ако се дружиме со луѓе кои се неморални, би можеле и самите да направиме неморал. Тоа им се случило на крстени христијани, а некои од нив биле исклучени затоа што не се каеле (1. Кор. 5:11-13). Ако не се вратат кај Јехова, ќе се најдат во ситуацијата што ја опишал Петар. (Прочитај 2. Петрово 2:20-22.)

7. Кои треба да ни бидат блиски пријатели?

7 Иако сакаме да постапуваме љубезно со сите, не треба да бидеме блиски пријатели со оние кои не му се послушни на Бог. Затоа би било погрешно еден Јеховин сведок кој не е во брак да биде во врска со некој што не е крстен Божји слуга и не живее според Божјите високи мерила. Многу поважно е да му останеме верни на Јехова отколку да бидеме во друштво на луѓе што не го сакаат. Наши блиски пријатели треба да бидат само оние што ја вршат неговата волја. Исус рекол: „Секој што ја врши Божјата волја, тој ми е и брат, и сестра, и мајка“ (Мар. 3:35).

8. Како влијаело лошото друштво врз древните Израелци?

8 Израелците ги почувствувале на своја кожа катастрофалните последици од лошото друштво. Откако ги избавил од египетското ропство и ги довел до Ветената земја, Јехова им го дал следново предупредување во врска со нејзините жители: „Немој да им се клањаш на нивните богови, немој да им служиш и не прави ништо слично на она што го прават тие, туку урни ги и разбиј ги нивните обредни столбови.  Служете му на Јехова, својот Бог“ (2. Мој. 23:24, 25). На крајот, повеќето Израелци не ги послушале Божјите заповеди (Пс. 106:35-39). Затоа што му биле неверни на Јехова, Исус подоцна им рекол: „Еве, вашиот дом се напушта и ви се остава вам“ (Мат. 23:38). Бог го отфрлил Израел, и го избрал за свој народ новооснованото христијанско собрание (Дела 2:1-4).

ВНИМАВАЈ ШТО ЧИТАШ И ШТО ГЛЕДАШ

9. Зошто она што го прикажува забавната индустрија може да биде опасно?

9 Повеќето од она што го прикажува забавната индустрија, како што се разни ТВ-емисии, интернет-страници или книги, може да го наруши нашиот однос со Бог. Таквите содржини не се наменети да ни ја изградат верата во Јехова и во неговите ветувања. Напротив, тие ги одразуваат вредностите и целите на злобниот свет на Сатана. Затоа, треба многу да внимаваме да не се изложуваме на материјали кои кај нас можат да разгорат ‚световни желби‘ (Тит 2:12).

10. Што ќе се случи со забавната индустрија на овој свет?

10 Наскоро, светот на Сатана и штетната забавна индустрија ќе бидат уништени. Библијата вели: „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јов. 2:17). Слично на тоа, псалмистот рекол: „Оние што прават зло, ќе бидат истребени, а оние што се надеваат на Јехова, ќе ја поседуваат земјата... Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“. Колку долго? Библијата вели: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Пс. 37:9, 11, 29).

11. Како Бог обезбедува квалитетна духовна храна за својот народ?

11 За разлика од она што го нуди светот на Сатана, она што ни го дава Јеховината организација во овие последни денови нѐ поттикнува да постапуваме на начин што ќе нѐ води во вечен живот. Во молитва до Јехова, Исус рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Преку својата организација, нашиот небесен Татко ни обезбедува изобилство од квалитетна духовна храна. Колку сме среќни што имаме најразлични списанија, брошури, книги, видеоматеријали и интернет-страници кои нѐ охрабруваат да му служиме! Божјата организација исто така обезбедува програма за редовните состаноци кои се одржуваат во повеќе од 110.000 собранија низ целиот свет. На тие состаноци, како и на собирите и конгресите, разгледуваме библиски поуки кои ни ја градат верата во Бог и во неговите ветувања (Евр. 10:24, 25).

СТАПУВАЈТЕ ВО БРАК „САМО ВО ГОСПОДАРОТ“

12. Што значи заповедта да стапуваме во брак „само во Господарот“?

12 Христијаните кои сакаат да стапат во брак треба особено да внимаваат со кого се дружат. Божјата Реч го дава следниов јасен совет: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници. Зашто, што им е заедничко на праведноста и на беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината?“ (2. Кор. 6:14). Значи, Библијата ги советува Божјите слуги да стапат во брак „само во Господарот“, односно да се омажат или оженат само за крстен слуга на Јехова кој живее во склад со библиските учења  (1. Кор. 7:39). Така ќе имаат брачен другар кој го сака Бог и кој ќе им помогне да му останат верни.

13. Која заповед за бракот им ја дал Бог на Израелците?

13 Јехова знае што е најдобро за неговите слуги, и тој не го променил својот став за бракот. Забележи ја следнава едноставна и јасна заповед што им ја дал на Израелците преку Мојсеј. Во врска со другите народи кои ги опкружувале и кои не му служеле, Јехова рекол: „Не склучувај бракови со нив. Својата ќерка не давај му ја на нивниот син и нивната ќерка не земај ја за својот син. Зашто, ќе го одвратат твојот син од мене, па ќе им служи на други богови. И Јехова ќе пламне од гнев против вас и тој брзо ќе те истреби“ (5. Мој. 7:3, 4).

14, 15. Што му се случило на Соломон затоа што не ја послушал Јеховината заповед?

14 Кратко откако станал цар на Израел, Соломон се молел за мудрост и Бог ја услишил неговата молитва. Така овој цар станал познат како мудар владетел на една богата земја. Всушност, кога го посетила Соломон, царицата од Сава восхитено рекла: „Не поверував во тоа што се зборуваше додека не дојдов и не видов со свои очи. И ете, ни половина не ми беше кажано! Со својата мудрост и со благосостојбата ти го надминуваш она што го чув за тебе“ (1. Цар. 10:7). Но, примерот на Соломон покажува и што може да се случи кога нема да ја послушаме Божјата заповед да не стапуваме во брак со некој што не му служи на Јехова (Проп. 4:13).

15 И покрај сето она што Бог го направил за него, Соломон не ја послушал јасната заповед да не зема за жени туѓинки од околните народи, кои не му служеле на Јехова. Соломон ‚сакал многу жени туѓинки‘, и на крајот имал 700 жени и 300 наложници. Кој бил резултатот? Кога остарел, неговите жени паганки ‚му го навеле срцето да се сврти кон други богови и Соломон почнал да го прави она што е зло во Јеховини очи‘ (1. Цар. 11:1-6). Поради лошото друштво, овој цар престанал да постапува мудро и на крајот отстапил од вистинскиот Бог. Ако вакво нешто му се случило на Соломон, може да му се случи на секого. Затоа, не треба ни да помислуваме да стапиме во брак со некој што не го сака Јехова!

16. Кој библиски совет важи за Божјите слуги кои се во брак со некој што не му служи на Јехова?

16 Но, можеби некој стапил во брак уште пред да стане Јеховин слуга. Што треба да прави ако неговиот сопружник не ја прифаќа вистината? Библијата вели: „Вие, жени, бидете им подложни на своите мажи, за да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч“ (1. Пет. 3:1). Иако овие зборови им се упатени на христијанките, тие подеднакво важат и за сопрузите кои веќе биле во брак кога станале Јеховини сведоци. Библискиот совет е јасен: Биди добар сопружник и живеј во склад со високите мерила за бракот кои ги поставил Бог. Многумина ја прифатиле вистината кога виделе дека нивниот брачен другар се променил на подобро откако почнал да ги исполнува Божјите барања.

ДРУЖИ СЕ СО ОНИЕ ШТО ГО САКААТ ЈЕХОВА

17, 18. Зошто Ное и христијаните во првиот век го преживеале крајот на поредокот во кој живееле?

17 Исто како што лошото друштво ги расипува корисните навики, доброто друштво може да ти помогне да  му бидеш верен на Јехова. Ное е добар пример за нас. Тој живеел во зол свет, кога ‚лошотијата на човекот на земјата била голема‘ и ‚сите мисли на неговото срце секогаш биле насочени само кон зло‘ (1. Мој. 6:5). Затоа Бог решил да го уништи тој свет со потоп. Меѓутоа, ‚Ное бил праведен човек. Бил непорочен меѓу своите современици. Ное одел со вистинскиот Бог‘ (1. Мој. 6:7-9).

18 Тој сигурно не се дружел со безбожните луѓе. Заедно со седумте члена на своето семејство, бил зафатен со работата што му ја дал Бог, имено, со градењето на арката. Во исто време, Ное бил и ‚проповедник на праведноста‘ (2. Пет. 2:5). Додека проповедал, и додека ја градел арката и поминувал време со семејството, тој бил зафатен со добри работи кои го радувале Бог. Како резултат на тоа, Ное и неговата жена, како и неговите три сина и три снаи, го преживеале Потопот. Сите ние денес сме нивни потомци, и треба да им бидеме благодарни затоа што му биле послушни и верни на Јехова. На сличен начин, верните и послушни христијани во првиот век не се дружеле со безбожниците, и го преживеале уништувањето на Ерусалим и на еврејскиот поредок во 70 год. од н.е. (Лука 21:20-22).

Кога се дружиме со оние што го сакаат Јехова, можеме да почувствуваме како ќе биде во новиот свет (Види во пасус 19)

19. Што ќе ни помогне да му останеме верни на Бог?

19 Ние треба да го следиме примерот на Ное и на неговото семејство, како и на послушните христијани во првиот век. Мора да бидеме одвоени од овој злобен свет и да се дружиме само со оние што го сакаат Јехова. Имаме милиони верни браќа и сестри кои можат да ни бидат пријатели. Ако сме блиски со оние што ги води Божјата мудрост, ќе можеме да останеме „непоколебливи во верата“ во овие тешки времиња (1. Кор. 16:13; Изр. 13:20). Помисли само каква прекрасна иднина нѐ очекува! Ако внимаваме со кого се дружиме во овие последни денови, ќе можеме да го преживееме крајот на овој поредок и да влеземе во Јеховиниот нов свет кој сега е толку близу!