Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Стражарска кула — издание за проучување  |  август 2015

 ОД НАШАТА АРХИВА

„Јехова ве доведе во Франција за да ја дознаете вистината“

„Јехова ве доведе во Франција за да ја дознаете вистината“

КАКО млад, Антоан Скалецки постојано бил во придружба на едно коњче. Со него се пробивал низ слабо осветлените тунели, пренесувајќи јаглен од еден рудник кој бил 500 метри под земја. Бидејќи татко му бил повреден при една рударска несреќа, семејството немало друг избор освен да го испрати младиот Антоан макотрпно да работи во рудниците по девет часа на ден. Во една прилика, тој за малку ќе загинел при еден одрон.

Алатки кои ги користеле јагленокопачите од Полска, и рудникот Деши во близина на Син ле Нобл, каде што работел Антоан Скалецки

Антоан бил едно од многуте деца кои им се родиле на полските доселеници во Франција во 1920-тите и 1930-тите години. Зошто многу Полјаци се преселиле во оваа земја? Откако повторно станала независна по Првата светска војна, Полска се соочила со еден голем проблем — пренаселеност. Од друга страна, пак, во оваа војна загинале повеќе од милион француски војници и имало очајна потреба од јагленокопачи. Затоа, во септември 1919 год., француската и полската влада потпишале спогодба за имиграција. До 1931 год., бројот на Полјаци во Франција пораснал на 507.800, а многу од нив се населиле во рударските области на север.

Трудољубивите полски доселеници ја донеле со себе својата култура, како и своето големо ценење за Библијата. Антоан, кој сега има 90 години, вели: „Мојот дедо, Јосиф, зборуваше за Светото писмо со длабока почит, која му ја всадил неговиот татко“. Секоја недела, семејствата на полските рудари се дотерувале во најубавата облека и оделе на црква, исто како што правеле и во својот роден крај. Со тоа го навлекле презирот на некои од мештаните кои не биле религиозни.

Многу Полјаци за првпат стапиле во контакт со Истражувачите на Библијата во областа Нор Па д’Кале, каде што ревносно се проповедало уште од 1904 год. Во 1915 год., списанието Стражарска кула почнало да излегува еднаш месечно на полски, а списанието Златен век (денес Разбудете се!) почнало да се печати на овој јазик во 1925 год. На многу семејства им се допаѓале библиските поуки од овие списанија, како и од книгата Божја харфа, која исто така излегла на полски.

Семејството на Антоан дознало за Истражувачите на Библијата од неговиот вујко, кој за  првпат бил на состанок во 1924 год. Истата година, во Брије ен Артоа, Истражувачите го одржале својот прв собир на полски. За неполн месец, Џозеф Ратерфорд го посетил тоа гратче како претставник на главното седиште. Тогаш повторно бил одржан собир на кој присуствувале 2.000 лица. Кога видел дека дошле толку многу луѓе, од кои најголемиот дел биле Полјаци, брат Ратерфорд рекол: „Јехова ве доведе во Франција за да ја дознаете вистината. Сега вие и вашите деца мора да им помогнете на Французите! Треба да им се проповеда на уште многу луѓе, а Јехова сигурно ќе најде работници кои ќе го извршат ова дело“.

Јехова го сторил токму тоа! Овие христијани проповедале исто толку трудољубиво како што работеле во рудниците. Некои од нив дури и се вратиле назад во Полска за да ги споделат со другите скапоцените вистини што ги дознале. Теофил Пјасковски, Шчепан Косјак и Јан Забуда биле меѓу оние кои заминале од Франција за да ја проповедаат добрата вест низ цела Полска.

Но, многу браќа и сестри решиле да не се враќаат во родниот крај, и продолжиле ревносно да проповедаат со соверниците од Франција. На собирот кој се одржал во Син ле Нобл во 1926 год., имало 1.000 присутни во полскиот сектор, а 300 во францускиот. Во Годишникот за 1929 пишувало: „Оваа година беа крстени 332 браќа и сестри од Полска“. Пред да избувне Втората светска војна, 32 од вкупно 84 собранија во Франција биле на полски јазик.

Браќа и сестри со полско потекло одат на конгрес во Франција. На автобусот пишува: „Јеховини сведоци“

Во 1947 год., многу Јеховини сведоци ја прифатиле поканата од полската влада да се вратат во својата земја. Но, дури и откако си заминале, трудот што го вложиле заедно со своите браќа од Франција продолжил да раѓа плод. Таа година имало 10 отсто пораст во бројот на објавители на Царството. А од 1948 до 1950 год. имало пораст од 20, 23, па дури и од 40 отсто! Во 1948 год., подружницата во Франција ги именувала првите покраински надгледници за да ги обучат овие нови објавители. Од вкупно пет, четворица биле Полјаци, а еден од нив бил и Антоан Скалецки.

Многу Јеховини сведоци во Франција сѐ уште ги носат полските презимиња на своите предци, кои трудољубиво работеле и во рудниците и во службата. И денес голем број доселеници ја дознаваат вистината во Франција. Без разлика дали подоцна се враќаат во својот роден крај или не, Сведоците кои се преселиле во друга земја го следат примерот на објавителите кои ревносно проповедале, исто како првите полски доселеници во Франција. (Од нашата архива во Франција.)